Големо спознание но малку промени
„И покрај најновите успеси во науката, луѓето не промениле многу во последниве две илјади години; затоа сѐ уште мораме да се обидуваме да учиме од историјата“. (Кенет Кларк, Civilisation — A Personal View [Цивилизација — лично гледиште]).
СЕКАКО дека низ вековите имало некои извонредни достигнувања во науката. Списанието Time вели дека тие „им дале на милиони луѓе највисок животен стандард во историјата“. Некои од најголемите достигнувања се на полето на медицината. Во средниот век „медицината била примитивна и брутална“, вели историчарката Зои Олденбург. „Докторот можел да убие исто толку лесно колку што можел и да излекува.“
Не секогаш спремни да учат
Луѓето не биле отсекогаш спремни да учат. Кон крајот на 19 век, на пример, многу доктори ги игнорирале убедливите докази дека тие самите на некој начин пренесуваат болести меѓу своите пациенти. Затоа упорно се држеле за опасни практики и одбивале да ги мијат рацете пред да појдат од еден кај друг пациент.
Сепак, науката и технологијата продолжиле да напредуваат. Тогаш, логично е што од минатите искуства луѓето требало да научат како да го направат светот посреќно, побезбедно место. Но, работите не испаднале така.
Размислете за Европа во 17 век. Тој период е опишан како ера на просветленост и разум. Сепак, останува фактот дека „со сето изобилство на гении во уметноста и науката“, како што вели Кенет Кларк, „сѐ уште имало неразумни прогонства и брутални војни што се воделе со невидена суровост“.
Во нашево време луѓето сѐ уште се колебаат да учат од минатото за да ги избегнат неговите грешки. Поради тоа, се чини дека е во опасност и самото наше постоење на оваа планета. Писателот Џозеф Нидам заклучил дека ситуацијата станала толку опасна што ‚сѐ што можеме да сториме сега е да се надеваме и да се молиме манијаците да не ги ослободат врз човештвото силите што би можеле да го уништат целиот живот на Земјата‘.
Зошто и покрај сета генијалност и знаење на човекот, сѐ уште сме заглавени во свет исполнет со насилство и бруталност? Дали тоа некогаш ќе се промени? Во следните две статии ќе бидат разгледани овие прашања.
[Извори на слики на страница 3]
НАСЛОВНА СТРАНИЦА: топови од I светска војна: фотографија на U.S. National Archive; жртви на холокаустот од II светска војна: Robert A. Schmuhl, со љубезна дозвола на USHMM Photo Archives
Страници 2 и 3: бомбардер B-17: фотографија на USAF; жена: Instituto Municipal de Historia, Barcelona; бегалци: ФОТОГРАФИЈА НА ОН 186797/ J. Isaac; експлозија од 23 килотони: фотографија на U.S. Department of Energy