Еволуцијата и ти
ВО ТЕКОТ на XIX век, делото Потекло на видовите увери една цела маса луѓе дека човекот преживеал без божествена интервенција и дека така и ќе продолжи. Пленети од научниот напредок, многумина мислеа дека Бог повеќе не е потребен и дека науката може да го спаси човечкиот род. Книгата Age of Progress (Ера на напредок) забележала дека XIX век „бил покренат од една убеденост дека човечките напори кои на разумен начин биле применети можат да го преобразат светот“.
Меѓутоа, кон крајот на тој век, дури и Чарлс Дарвин се поколебал во својот оптимизам. Според еден историчар, Дарвин се плашел што еволуционата теорија „го убила Бог и што последиците за иднината на човештвото се непроценливи“. Алфред Расел Волас, помлад современик на Дарвин, се сеќава: „За време на мојот последен разговор со Дарвин [кратко пред Дарвиновата смрт], тој изрази многу мрачно гледиште за иднината на човештвото“.
Што произвеле човечките напори
Оттогаш па наваму, историјата на XX век открила дека навистина следеле мрачни времиња. Технолошките достигнувања од времето на Дарвин само го прикриле она што во голема мера се покажало како најтемната, најнасилната ера во целата човечка историја. Живееме среде она што историчарот Х. Џ. Велс го опишал како „вистинско деморализирање“.
Откако Велс ја дал оваа изјава (пред околу 75 години), светот и понатаму доживувал уште поголемо деморализирање. Обидите на научниците, економистите, социјалните установи, човечките влади или религиите на овој свет не успеале да ја залечат ситуацијата или барем да го спречат бранот. Условите продолжуваат да се влошуваат.
Всушност, од таа причина мора да се постави прашањето: Што постигнале човечките напори? Дали науката и технологијата донеле подобар свет? „Кога ќе го отвориме дневниот весник и ќе погледнеме што се случува“, рекла биологот Рут Хабард, „проблемите не се од научна природа. Тоа се проблеми на социјална организираност, проблеми кои станале преголеми и поради тоа што луѓето одат по профит и ги запоставуваат човековите потреби“. Хабард додала: „Јас навистина не верувам дека со разумна распределба на ресурсите, науката ќе реши некои или повеќето проблеми кои најмногу ги вознемируваат луѓето во светот“.
Навистина, од каква корист е тоа што човекот може да патува до месечината, а не може да ги реши основните проблеми на човечката фамилија? Дали пронаоѓањето на сѐ поразорното оружје, како што е атомската бомба, стави крај на војните и на етничкото насилство? Дали научните достигнувања значително го намалиле криминалот, распаѓањето на семејството, сексуално преносливите болести, неморалноста, незаконските деца, корупцијата на оние кои се на високи положби, сиромаштијата, гладот, бездомништвото, злоупотребата на дрога и загаденоста? Не, ако направила нешто, тогаш тоа е влошување на некои од тие работи. Напуштајќи го Бог и заменувајќи го со еволуција и наука, човечката фамилија не ја подобрила својата ситуација, туку уште повеќе ја влошила.
Не е чудно што многумина повторно размислуваат за теоријата дека човекот еволуирал од мајмунолики суштества, спротивно на тоа дека Бог ги создал првите луѓе. Една Галупова анкета во Соединетите Држави открила дека само 9 отсто Американци се држат за верувањето дека човекот еволуирал без божествена интервенција; 47 отсто ја прифаќаат идејата дека Бог го создал човекот во неговиот сегашен облик.
Што предвидела Библијата
Додека книгата Потекло на видовите предвидела дека човекот ќе напредува до совршенство, Библијата прорекла дека светот ќе биде разнишан од морална криза (Матеј 24:3-12; 2. Тимотеј 3:1-5). Библијата исто така прорекла дека оваа криза ќе достигне кулминација, а после тоа верното човештво ќе наследи рај, ослободен од сите денешни проблеми (Псалм 36:10, 11, 29; Исаија 11:6-9; 35:1-7; Откровение 21:4, 5).
Оваа надеж предизвикала многумина да ја испитаат Библијата со горлив интерес. Можно ли е смислата на животот да значи повеќе од само борба за опстанок? Дали е можно Библијата да го содржи клучот не само за човековото минато, туку и за неговата иднина, вклучувајќи ја и вашата? Ќе извлечете голема корист ако испитате што навистина учи Библијата за Бог и за неговата намера со оваа Земја и со луѓето на неа. Доколку сакате повеќе информации, Јеховините сведоци со задоволство ќе ви помогнат.
[Рамка на страница 9]
На милиони луѓе им е помогнато повторно да ги испитаат доказите за Богот на создавањето, користејќи ја книгата Животот — како настанал? Со еволуција или со создавање?a До денес отпечатени се околу 30 милиони примероци на 27 јазици. Исто така, списанието Разбудете се! и понатаму издава информации во врска со тоа што покажуваат фактите на вистинската наука во врска со веродостојноста на еволуционата теорија.
[Фуснота]
a Издадена од Библиското и трактатно Друштво Стражарска кула, Њујорк, Инк.
[Слика на страници 8 и 9]
За разлика од еволуционата теорија, Библијата ја прорекла денешната морална криза и нејзиното решение — рај ослободен од проблеми
[Извор на слика на страница 8]
Фотографија на американска крајбрежна стража
[Извор на слика на страница 8]
Изгладнето дете: Фотографија на WHO од P. Almasy
[Извор на слика на страница 8]
Десно: Фотографија на U.S. National Archives