Последици од еволуционата теорија
ВО ПОЧЕТОКОТ на XIX век, религијата и науката уживале еден доста пријателски однос. Само две години пред издавањето на делото Потекло на видовите, Луис Агазис, биолог и професор на Харвардскиот универзитет, напишал дека живиот свет покажува „способност на планирање, мудрост, благородност“ и дека главна цел на историјата на природата била да се анализираат „мислите на Творецот на Универзумот“.
Гледиштето на Агазис не било невообичаено. Многу луѓе на науката и на религијата гледале како на нешто спојливо. Научните откритија често пати се сметале како доказ за постоење на Величествен Творец. Но, помеѓу религијата и науката се развивал едвај забележлив јаз.
Скептицизмот почнува да фаќа корен
Делото Principles of Geology (Начела на геологијата) од Чарлс Лаел, чиј прв том се појавил во 1830, фрлило сомневање врз библискиот извештај за создавањето. Лаел тврдел дека не е можно создавањето да траело шест дословни дена. Физичарот Фред Хојл напишал: „Лаеловите книги во голема мера биле одговорни за тоа што светот во целина станал убеден дека Библијата би можела да биде погрешна, барем во некои аспекти, што дотогаш било незамисливо нешто“.a
На тој начин била поставена основа за скептицизам. Во мислите на многу луѓе, науката и Библијата повеќе не можеле да бидат хармонични. Кога биле соочени со избор, многумина се одлучиле за науката. „Делото на Лаел фрлило сомневање врз првите поглавја на Стариот завет“, напишал Фред Хојл, „а Дарвиновата книга го заменила“.
Делото Потекло на видовите се појавило во вистинско време за оние кои не сакале да ја прифатат Библијата како Божја Реч. Помеѓу човекот и науката веќе се развила романса. Научните ветувања и достигнувања им се додворувале на веќе фасцинираните луѓе. Како учтив додворувач, науката обилно го обдарила човекот со иновации како — телескопот, микроскопот и парната машина, а подоцна и со електричната енергија, телефонот и автомобилот. Технологијата веќе ја поттикнала индустриската револуција која на обичниот човек му дала невидени материјални предности.
За разлика од тоа, на религијата почнало да се гледа како на препрека на патот до прогресот. Некои мислеле дека ги држи луѓето во опиеност, и дека поради тоа не можат да држат чекор со брзиот напредок на науката. Атеистите почнале гласно и смело да ги изјавуваат своите гледишта. Точно е она што го напишал Ричард Докинс: „Дарвин овозможи човекот да биде интелектуално исполнет атеист“. Науката станувала новата надеж за спасение на човештвото.
Религиозните водачи на почетокот се спротивставувале на теоријата на еволуција. Но, со текот на децениите, свештенството општо попуштило пред популарното мислење, прифаќајќи една мешавина од еволуција и создавање. Еден новински наслов во New York Times од 1938, известил: „Извештајот на Англиканската црква ја поддржува еволуционата идеја за создавањето“. Извештајот од еден одбор на надбискупот од Јорк, навел: „Од двата извештаи за создавањето запишани во 1. Мојсеева I и II, не може да се извлече некаков приговор за теоријата на еволуција, затоа што меѓу образованите христијани општо постои согласност дека овие извештаи се митолошки по потекло и дека нивната вредност за нас е повеќе симболична отколку историска“. Одборот на надбискупот заклучил: „Можете да размислувате како сакате и пак да бидете христијанин“.
За многу луѓе, обидите Библијата да се усклади со еволуцијата само ја разводниле нејзината веродостојност. Тоа довело до надалеку раширено сомневање во Библијата, што постои и ден-денес дури и меѓу некои религиозни водачи. Типични се коментарите на еден епископален бискуп во Канада кој тврдел дека Библијата била напишана во некоја преднаучна ера и затоа одразува предрасуди и незнаење. Тој рекол дека Библијата содржи „историски грешки“ и „бесрамни претерувања“ во врска со Исусовото раѓање и воскресение.
Затоа, многумина, вклучувајќи ги и членовите на свештенството, брзо ја дискредитирале Библијата. Но до што довел тој скептицизам? Каква друга надеж била понудена? Со ослабната вера во Библијата, некои побарале поддршка од филозофијата и од политиката.
Влијание врз филозофијата и политиката
Книгата Потекло на видовите понудила еден свеж поглед на човечкото однесување. Зошто една нација успева да совлада друга нација? Зошто една раса победува друга раса? Со својот нагласок на природната селекција и преживување на најспособните, делото Потекло на видовите дало објаснувања кои ги побудиле водечките филозофи од XIX век.
Фридрих Ниче (1844-1900) и Карл Маркс (1818-1883) биле филозофи кои извршиле големо влијание врз политиката. И двајцата биле фасцинирани од еволуцијата. „Дарвиновата книга е важна“, рекол Маркс, „и ми служи како природна научна основа за класната борба во историјата.“ Историчарот Вил Дјурант го нарекол Ниче „Дарвиново дете“. Книгата Philosophy—An Outline-History (Филозофија — Историја во кратки црти) накратко опишала едно од верувањата на Ниче: „Јаките, храбрите, доминантните и гордите, најдобро одговараат на идното општество“.
Дарвин верувал — дури и во едно писмо му напишал на еден пријател — дека во иднина „низ целиот свет поцивилизираните раси ќе елиминираат бесконечен број пониски раси“. Како пример од минатото го употребил европското освојување на другите народи, припишувајќи го тоа на „борбата за опстанок“.
Моќните брзо ги употребиле овие изјави во своја корист. Во своето дело The Outline of History, Х. Џ. Велс напишал: „Кон крајот на деветнаесеттиот век, силните народи верувале дека ја имале власта врз основа на борбата за опстанок, во која јаките и лукавите ги победуваат слабите и доверливите. Понатаму, тие верувале дека мора да бидат јаки, енергични, безмилосни, ‚практични‘ и егоистични“.
Според тоа, „преживувањето на најспособните“ попримило филозофски, општествен и политички призвук, честопати до апсурден степен. „За некои војната стана ‚биолошка неопходност‘“, изјавила книгата Milestones of History (Пресвртници во историјата). Оваа книга навела дека во текот на следниот век, „Дарвиновите идеи формирале еден неделив дел од Хитлеровата доктрина за расна надмоќност“.
Се разбира, ниту Дарвин, ниту Маркс, ниту Ниче не доживеале да видат дали нивните идеи ќе бидат прифатени или не. Всушност, тие очекувале борбата за опстанок да го подобри човековиот живот. Во Потекло на видовите, Дарвин напишал дека „сите телесни и умствени дарови ќе имаат тенденција да напредуваат до совршенство“. Пјер Тајар де Шардин, свештеник и биолог од XX век, се согласил со тоа, теоретизирајќи дека на крајот ќе дојде до ‚еволуција на разумот на целиот човечки род; сите ќе работат хармонично кон една цел‘.
Деградација, а не подобрување
Дали гледате такво подобрување? Книгата Clinging to a Myth (Држење за мит) коментирала за оптимизмот на Де Шардин: „Де Шардин мора да бил прилично несвесен за човечката историја на крвопролевање и за расистичките системи како што е апартхејдот во Јужна Африка. Тој звучи као човек кој не живее во овој свет“. Наместо да напредува до единство, човештвото во овој век доживеало расна и национална поделеност во невидени размери.
Надежта понудена во книгата Потекло на видовите, дека човекот ќе напредува до совршенство, или барем до извесно подобрување, во голема мера е неисполнета. Таа надеж се повлекува со текот на времето, затоа што поради општото прифаќање на еволуцијата, човечката фамилија честопати се спуштила до варварство. Размислете за следново: Преку 100 милиони луѓе биле убиени во војните од овој век, од кои околу 50 милиони само во Втората светска војна. Размислете, исто така, за поновиот етнички колеж, како на пример во Руанда и во поранешна Југославија.
Дали ова значи дека во изминатите векови немало војни и бруталности? Секако дека имало. Но, прифаќањето на теоријата на еволуција, на таквото одлично прифаќање на идејата за брутална борба за опстанок, на идејата за опстанување на најспособните, не послужиле да се подобри човековата судбина. Според тоа, иако еволуцијата не може да се обвини за сите човекови неволји, сепак таа помогнала да се турне човечката фамилија во уште поголема омраза, криминал, насилство, неморалност и деградација. Со оглед на тоа што нашироко е прифатено дека луѓето потекнуваат од животни, не е чудно што сѐ повеќе луѓе постапуваат како животни.
[Фуснота]
a Всушност, Библијата не учи дека Земјата била создадена за шест дословни дена (144 часови). За повеќе информации во врска со ова погрешно сфаќање, видете во книгата Животот — како настанал? Со еволуција или со создавање?, страници 25-37, издадено од Библиското и трактатно Друштво Стражарска кула, Њујорк, Инк.
[Истакната мисла на страница 6]
‚Дарвиновата книга ми служи како научна основа за класната борба во историјата‘ (Карл Маркс)
[Истакната мисла на страница 6]
‚Поцивилизираните раси ќе ги елиминираат пониските раси‘ (Чарлс Дарвин)
[Извор на слика на страница 6]
Фотографија од U.S. National Archives
[Извор на слика на страница 6]
Copyright British Museum