Младите прашуваат . . .
Дали да одам на естетска операција?
„Пред да направам операција на носот, многу страдав затоа што ме задеваа. Не сакав да имам којзнае каков нос, туку само нос што ми стои добро. Многу сум задоволна од резултатите и повторно би го сторила истото“ (Елени).a
„Зошто да се подложувам на стандардните идеи за тоа што значи добар изглед? Ако ги променам деловите на телото по хируршки пат, би се чувствувал како фалсификувани пари. Не се оригинални“ (Матијас).
„Секој мора да донесе лична одлука. Многу е тешко некој друг да суди“ (Мануела).
„СЕКОЈ што е поубав од мене сигурно има ставено шминка.“ Во Германија, оваа хумористична изрека долго време служела како еден вид одбрана за луѓето што се загрижени дека не изгледаат совршено. Но, во некои земји денес, оваа изрека би можела да се искаже со посовремени термини: „Секој што е поубав од мене мора да бил под нож“. Навистина, естетската хирургија денес станува вообичаена работа.
„Поминаа деновите кога естетската хирургија беше само за богатите“, известува швајцарскиот весник Neue Zürcher Zeitung, додавајќи: „Се појавија два тренда: Сѐ повеќе мажи се обраќаат кај естетските хирурзи . . . а пациентките стануваат помлади од кога и да било порано“. Според едно истражување во Германија, речиси 20 проценти од оние што биле анкетирани на возраст од 14 до 29 години веќе биле на естетска хирургија, планираат да го сторат тоа или, пак, барем помислиле на тоа.b Можеби некој од твоите пријатели, соученици или роднини му го довериле својот изглед на некој хирург.
Што е со тебе? Дали некогаш си помислил да го подобриш својот изглед со операција? Дали сметаш дека ушите ти штрчат, дека градите ти се преголеми или премали, дека стомачето или бедрата ти се надуени или дека не ти е убав носот? Ако да, тогаш не си единствениот што има такви чувства. Една група средношколки напишала статија во еден германски весник, наведувајќи: „Тешко дека има девојка на наша возраст што не поминала низ периоди кога била незадоволна од сопственото тело“. Нормално е да имаш желба да бидеш атрактивен и да те сакаат. Но, дали решението лежи во хирургијата?
Решение за твоите проблеми?
Размисли за младите што ги познаваш. Дали ќе се изненадиш кога ќе дознаеш дека многу од нив — можеби дури и некои што ти изгледаат добро — се несреќни поради својот изглед? Но, сосема веројатно тоа е случај. Прашањето е: ‚Дали мислиш дека сите тие треба да се подложат на естетска операција? Или, пак, мислиш дека за повеќето ќе биде подобро да научат да бидат посреќни со позитивните аспекти на нивниот изглед? Дали истото начело може да се примени и во твојот случај?
Како што покажува коментарот на Елени, естетската операција во некои случаи може да спречи исмевање и задевање. Од друга страна, пак, естетската операција не е лек за сѐ. Сигурно дека не е замена за здравиот начин на живот, кој многу придонесува за нечиј личен изглед. И, додека еден хирург можеби е способен да го промени твојот надворешен изглед, тој не може да ја промени твојата личност ниту, пак, да ги отстрани сите твои грижи или да ја зголеми твојата самопочит.
Исто така, имај на ум дека некои клиники или лекари ветуваат нешто што не можат да го исполнат. Всушност, тие навидум ти ветуваат среќа. Но, реалноста е дека повеќе се заинтересирани за твоите пари отколку за твојата среќа. За жал, има и некои бескрупулозни хирурзи што ќе се согласат да извршат операција што не е потребна, што има мали шанси за успех или, пак, е ризична — сѐ додека некој ја плаќа сметката.
Исто така, треба да се размисли и за некои долгорочни работи. На пример, она што ти изгледа ужасно на 16 години можеби ќе ти изгледа сосема поинаку кога ќе имаш 21 година. Естетскиот хирург д-р Урс Бош вели: „Како општо правило, кај тинејџери не треба да се применува естетска хирургија. Обликот на телото на тинејџерот и неговата свесност за сопственото тело се менуваат со неговата возраст“. Освен тоа, сосема веројатно на младите ќе им требаат и натамошни операции. И, како што ти расте телото, можат да растат и лузните од некоја операција.
Пресметај го трошокот
Библијата нѐ советува да го пресметаме трошокот пред да започнеме некој важен проект (Лука 14:28). За повеќето млади луѓе, естетската хирургија не доаѓа предвид заради финансиските трошоци што се вклучени. А во цената можеби не се пресметани и прегледите што ќе следат — или поправките што можеби ќе бидат потребни.
Има некои луѓе што платиле за операција не само со пари туку и со своето здравје. Според Американското здружение за Естетска пластична хирургија, здравствените ризици вклучуваат привремени отоци, трајни лузни, губење на сетилата и способноста за доење, па дури и голема загуба на крв. На пример, Ана за малку ќе умрела за време на липосукцијата. Таа се жали: „Сега имам ужасни лузни и вдлабнатина во стомакот“. Во врска со операциите на липосукција, еден германски весник забележува: „Сѐ побројни се извештаите за сериозни компликации, па дури и за смртни случаи“. Не заборавај: „Хирургијата си останува хирургија, со сите свои ризици“, како што вели билтенот Apotheken Umschau. Затоа, внимателно одмери ги ризиците пред да се одлучиш за операција — особено операција што не е медицински неопходна.
Исто така, би можел да се запрашаш: ‚Што зборува тоа за мене? Дека главен приоритет ми е физичкиот изглед? Како ќе влијае мојот избор врз врсниците и врз моите помлади браќа или сестри?‘c
Твоите мотиви
И твоите мотиви заслужуваат сериозно размислување. Можеби нема да биде лесно да си ги откриеш. На пример, можеби би било добро да се запрашаш: ‚Дали сакам да ставам крај на постојаното исмевање за некоја непривлечна црта? Или се работи само за суета? Дали врз мојата желба да си го сменам изгледот влијае притисокот од врсниците, примамливите огласи или некоја ѕвезда од областа на забавата? Дали се обидувам да го достигнам најголемиот идеал на убавина што толку многу го унапредуваат денешните медиуми?‘
Некои мислат дека подобрувањето на физичкиот изглед можеби ќе ги подобри нивните шанси да најдат брачен партнер или добра работа. Но, искрено речено, дали секој што го познаваш и е во брак е физички атрактивен? А секоја личност што има вработување? Не, таквите постигнувања не зависат само од личниот изглед. Освен тоа, дали некој потенцијален сопружник или работодавач што става поголем нагласок врз твојот изглед отколку врз твоите внатрешни квалитети навистина е вреден да се подложиш на ризикот на операција?
Додека внимателно ги анализираш своите мотиви, дискутирај за своите чувства со твоите родители или со некој зрел пријател. Ако мислиш дека некој дел од твоето тело навистина е проблематичен, замоли ги да ти го кажат своето искрено мислење. Немој едноставно да му веруваш на огледалото. Во врска со начинот на кој гледаме на нашите физички недостатоци, Нана вели: „Ги сфаќаш посериозно од другите затоа што едноставно се гледаш себеси со поинакви очи“. Истражувачите на универзитетот Ландау (Германија), објасниле дека во многу случаи некое лице размислува за естетска операција „не затоа што некој дел од телото навистина му е деформиран туку затоа што му се чини деформиран на оној за кој се работи“.
Не донесувај одлука избрзано туку внимателно одмери ги сите фактори. Секоја операција сметај ја за неповратна. Во секој случај, извесно време веројатно ќе мора да живееш со резултатите.
Твојата најважна убавина
Среќата не доаѓа од твојот изглед. Иако изгледот може или да ја зголеми или да ја намали твојата самопочит, она што навистина вреди е твојата личност и твојот став. По искуството кога животот ѝ бил во опасност, Ана заклучила: „Сфатив дека убавината нема никаква врска со надворешниот изглед“.
Иако зборува позитивно за физичката убавина, Библијата покажува дека таа има второстепена важност во споредба со духовната убавина: „Миловидноста е лажлива, убавината е суетна: жена со страв од Господа, заслужува пофалба“ (Пословици 31:30; 1. Самоил 16:7). Прифаќањето на ваквото гледиште може да ти помогне да најдеш внатрешен мир и покрај некои телесни одлики што не ти се допаѓаат.
Што и да одлучиш, не заборавај дека засега едноставно не може да се постигне совршен изглед и совршена среќа. Сите се несовршени во еден или во друг поглед (Римјаните 3:23). Не можеш да го промениш тоа. Она што можеш да го промениш е личноста што си однатре — она што Библијата го нарекува „тајната личност на срцето“ (1. Петрово 3:3, 4). Подобри ја својата личност изградувајќи особини што се убави во Божји очи. Нема ниту ризик ниту финансиски трошок, а наградите се неизмерни!
[Фусноти]
a Некои имиња се променети.
b Естетската хирургија се извршува врз здрави делови на телото за да се подобри нивниот изглед. Реконструктивната хирургија има за цел да им го врати првобитниот изглед на деловите на телото што се деформирани поради повреди, болести или вродени деформитети. И едната и другата се еден вид пластична хирургија.
c Види го и поглавјето „Колку е важен изгледот?“ во книгата Младите прашуваат — делотворни одговори, издадена од Јеховините сведоци.
[Истакната мисла на страница 17]
Дали твојата „проблематична“ црта навистина е проблем или само треба да го промениш начинот на кој гледаш на себеси ?