Како читаат од усните
ОД ДОПИСНИКОТ НА РАЗБУДЕТЕ СЕ! ВО БРИТАНИЈА
ДВАЈЦА сомнителни терористи што разговарале во еден јавен парк биле снимени на видеокасета. Никој не можел да чуе што зборуваат — сепак, полицијата ги уапсила, а потоа биле осудени на многу години затвор. Нивниот снимен разговор го прочитала една личност што чита од усни, овластена како стручен сведок во Британија и опишана како „моќно тајно оружје“ на британската полиција.
За да дознаам нешто повеќе за уметноста на читање од усни, отидов кај Мајк и Кристина. Кристина е глува уште од тригодишна возраст. Подоцна одела на училиште за глуви, каде што научила да чита од усни. Мајк сам научил да чита од усни, способност што ја развил откако стапил во брак со Кристина.
Колку е тешко да се чита од усни? „Морате да се сосредоточите на обликот и на мрдањето на усните, јазикот и долната вилица“, вели Мајк. Кристина додава: „Морате внимателно да гледате во лицето што Ви зборува, и додека станувате сѐ повешти во читањето од усни, ги забележувате и изразите на лицето и говорот со движења“.
Научив дека една од најголемите грешки е лицето што зборува да вика или претерано да ги мрда усните. Таквите искривувања можат да збунат и да ја промашат целта. Штом се совлада вештината на читање од усни, оној што чита може да распознае локални акценти. Но, се разбира, сето тоа не е лесно! Сојузот за слух, организација што е специјализирана да ги учи луѓето да читаат од усни, сосема отворено вели: „Читањето од усни бара вежбање, вежбање и уште повеќе вежбање“.
Кристина признава дека понекогаш се засрамува кога ќе се фати себеси како несвесно „прислушкува“ разговор во некој автобус или воз. Сѐ што може да стори е веднаш да го сврти погледот. Но, нејзината способност може да биде и заштита. Кристина повеќе не гледа фудбал на телевизија затоа што многу често ја лути она што гледа дека го велат некои играчи.
Малкумина некогаш ќе ги стекнат вештините на „тајното оружје“ на британската полиција. Но, дури и едноставното читање од усни може да претставува скапоцена уметност што ќе се развие по некое сериозно губење на слухот.
[Слика на страница 31]
Кристина
[Слика на страница 31]
Мајк