ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • g03 8/3 стр. 25-30
  • Љубов на дело — маратонска акција за помош

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Љубов на дело — маратонска акција за помош
  • Разбудете се! 2003
  • Поднаслови
  • Сличен материјал
  • Невидена поплава
  • Поплава од доброволци
  • Мувлата против доброволците
  • Еден главен и седум помошни центри
  • План и база на податоци
  • Трогнати и благодарни
  • Брзи оброци
  • Задачата е извршена!
  • Љубов посилна од ураган!
    Разбудете се! 2008
  • Тие му служат на христијанското братство на меѓународно ниво
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2003
  • Помагање на соверниците — света служба во чест на Јехова
    Божјето Царство владее!
  • Изградба на Сали на Царството — важен аспект од светата служба
    Нашата служба за Царството 2006
Повеќе
Разбудете се! 2003
g03 8/3 стр. 25-30

Љубов на дело — маратонска акција за помош

РИЧАРД ВАРА, искусен уредник на Houston Chronicle, не е човек што лесно се импресионира, но минатата година сепак беше импресиониран. „Никогаш не сум видел вакво нешто!“, извикна тој. „Не ми се верува.“ Како него мислеше и Ли П. Браун, градоначалник на Хјустон (Тексас, САД). Тој рече: „Би сакал сите во Хјустон да можеа да видат што направивте. Навистина сум импресиониран“. На што се однесуваа нивните коментари? Уредникот и градоначалникот коментираа за акцијата за помош што ја извршија Јеховините сведоци во Хјустон. Што вклучуваше оваа акција? Зошто беше потребна? Зошто беше толку впечатлива? За да дознаеме, да почнеме од почеток.

Невидена поплава

Во почетокот на јуни 2001, една жестока тропска бура, наречена Алисон, го погоди рамнинскиот предел на југоисточен Тексас. На крајот, во петок на 8 јуни, во текот на 24 часа, Алисон истури пороен дожд во висина од еден метар врз Хјустон — четврт по големина град во државата.a За кратко време, водата што надоаѓаше навлезе во продавниците, канцелариите и во десетици илјади домови. Автопатите околу градот се претворија во разбеснети реки, кои ги преплавија насуканите автомобили и високите камиони. Поради високата вода беше невозможно пожарникарските и другите возила за спасување да се пробијат низ некои од преплавените патишта. За да им се помогне на луѓето, беа повикани хеликоптери и тешки воени возила.

Конечно, кога небото се разведри во понеделникот, 11 јуни, стана очигледно дека Алисон зела висок данок во жртви и материјална штета. Животот го загубија 22 лица, вклучувајќи и двајца Јеховини сведоци: Џефри Грин, христијански старешина, и сестрата на жена му, Фрида Вилис.b Освен тоа, беа оштетени околу 70.000 домови, со што оваа поплава стана една од најстрашните природни катастрофи што некогаш погодила некоја метропола. Всушност, предизвикувајќи материјална штета од приближно 5 милијарди долари, Алисон стана најскапа тропска бура во историјата на САД.

Поплава од доброволци

Луѓето беа шокирани. Еден од оние што помагаа во акцијата рече: „Креветите им беа мокри. Теписонот беше мокар. Сликите од детството веќе ги немаше“. Голем број од преку 16.000 Јеховини сведоци во подрачјето на Хјустон претрпеа загуба. Беа оштетени осум Сали на Царството и стотици домови на Сведоци. Некои од овие домови беа поплавени со вода во висина од неколку сантиметри; во други имаше вода до кровот. Сѐ на сѐ, беа погодени повеќе од 80 собранија на Јеховините сведоци. Сепак, овие жртви не беа препуштени сами на себе. За неколку дена, пристигна на помош една друга поплава — но овој пат, тоа беше поплава од доброволци. Како дојде до ова?

Уште пред да почне да се повлекува водата од поплавата, христијанските старешини од собранијата на Јеховините сведоци во Хјустон веднаш се фатија за работа. „Им се јавивме и ги посетивме браќата и сестрите“, раскажуваше еден старешина. „Потоа ја проценивме штетата, и до понеделник, 11 јуни, составивме комплетен список со имињата на настраданите, со бројот на оштетените куќи и степенот на штетата. Тој беше испратен до главното седиште на Јеховините сведоци во Бруклин, Њујорк.“ По неколку дена, канцеларијата на подружницата на Јеховините сведоци на САД, оформи одбор за помош што се состоеше од осум христијански старешини од Хјустон, и обезбеди фондови за помош. Каква задача имаше овој одбор? Да им се помогне на настраданите да закрепнат емоционално и да се поправат оштетените домови на Сведоците — вкупно, повеќе од 700!

‚Како можеме да се справиме со оваа џиновска задача?‘, се прашуваа членовите на новоформираниот Хјустонски одбор за помош на Јеховините сведоци — 2001. До доцните часови тие изготвуваа почетен план и ги повикаа на помош повеќе од 160-те собранија на Сведоците во подрачјето на Хјустон. „Одѕивот беше огромен“, раскажуваше претседавачот на одборот. „Се пријавија преку 11.000 Сведоци, нудејќи ги бесплатно своето време, труд и вештини.“

Мувлата против доброволците

Неколку дена по поплавата, доброволци отидоа да работат во домовите на настраданите, извлекувајќи ги накиснатите теписони, оштетените подови, преградните ѕидови, мокрите ормани, искривените врати и сѐ друго што беше извалкано од водите на поплавата загадени од канализацијата. „Не бевме загрижени само да ги поправиме куќите на нашите браќа“, раскажуваше еден доброволец, „туку и да го зачуваме нивното здравје.“ Бидејќи отровната мувла брзо ќе почнеше да се појавува зад ѕидовите и во орманите, најнапред беше потребно куќите темелно да се дезинфицираат.

За да научат безбедно да ја извршуваат таа работа, неколку Сведоци побараа обука од Федералната управна агенција за помош, владина агенција специјализирана за справување со катастрофи. Потоа секој Сведок што доби обука од оваа агенција земаше со себе 10 доброволци во некоја оштетена куќа, каде што ги учеше како исправно да ја дезинфицираат. Следниот ден, секој од новообучените доброволци земаше со себе други десет доброволци. „За неколку дена“, раскажуваше еден доброволец, „бројот на оние што знаеја како да ја извршат оваа работа порасна на неколку стотини.“ Мувлата што се ширеше едноставно не можеше да држи чекор со сѐ поголемиот број доброволци! Пензионери и тинејџери што беа на распуст работеа во текот на денот. Ноќе работата ја преземаа други доброволци и продолжуваа понатаму. За шест седмици, сите контаминирани куќи на Сведоците беа чисти и безбедни.

Еден главен и седум помошни центри

Во меѓувреме, одборот за помош купи големо количество гипсени табли и повеќе тони друг градежен материјал. Но, каде да се складираат? „Кога раководителот на една компанија разбра за нашите потреби“, раскажуваше претставникот на одборот за помош, „понуди да се користи едно складиште — со подна површина од 5.000 квадратни метри — и тоа бесплатно!“ Освен тоа што во него беа складирани градежни материјали, во складиштето имаше простор и за канцеларии. Наскоро тоа стана административен центар на акцијата за помош, каде што 200 до 300 доброволци работеа дење, ноќе и за време на викендите.

Бидејќи оштетените куќи се наоѓаа на пошироко подрачје, во седум Сали на Царството беа отворени помошни, односно регионални центри за помош. На викендите секој од овие центри вриеше од доброволци. (Видете ја рамката „Помошен центар на активност“.) Многу од нив веќе работеле заедно на градба на Сали на Царството во тој регион. Всушност, помагаа и доброволци со градежни вештини од 11 различни Регионални одбори за градба од Арканзас, Луизијана, Оклахома и Тексас.c Во секој помошен центар, столари, молери, водоводџии, и други мајстори предводеа во работата и ги обучуваа другите. (Види ја рамката „Програми за обука“.)

План и база на податоци

Доброволците следеа еден градежен план во седум етапи. Градежните материјали беа доставувани во домовите во четири пратки, и беше испланирано поправките на секој дом да се завршат за три викенди. На тој начин, целата акција за помош требаше да биде готова за околу 6 месеци.

За да се оствари планот, одборот формираше 22 одделенија, вклучувајќи и служба за планирање, потоа купување, сместување и транспорт. На сите одделенија им помогнаа информациите што ги содржеше една опсежна база на податоци изготвена од доброволците. Пред да започнат поправките, доброволците внесуваа информации во текот на 10 дена. „Тоа беше маратонско внесување податоци“, забележа еден новински извештај. Меѓутоа, на крајот на тој „маратон“ беше достапна ризница од корисни факти. Со кликнување на глувчето, базата на податоци покажуваше кога ќе стои на располагање секој од тие 11.000 доброволци, какви вештини има и како да се стапи во контакт со него. Со повторно кликнување, можеше да се види до каде се поправките, кои градежни дозволи се потребни и други детали за оштетените домови. Базата на податоци стана позната како „срце на акцијата за помош“.

Трогнати и благодарни

Доброволци обучени за градба на куќи отидоа во домовите каде што немаше мувла и што беа суви за да одредат што ќе биде потребно за да се поправи штетата. „Овие доброволци пресметуваа колку материјал е потребен дури до последната шајка“, коментираше претставникот. „Не сакавме непотребно да се потрошат никакви средства ниту донирани материјали.“ Во исто време, други доброволци ги набавија потребните градежни дозволи од градските власти.

Потоа, настраданите семејства беа повикани во складиштето за да одберат од ограничениот избор на теписони, ормани, винилски подови и други артикли со кои би го замениле она што го изгубија. Настраданите во поплавата беа трогнати и честопати плачеа кога ќе видеа што сѐ беше обезбедено за нив. Тие исто така добија совети од доброволци што беа стручњаци од областа на осигурувањето и владините процедури. Потоа беше направен распоред за поправка на домовите, и токму на денот кога на екипите за поправка им требаа градежните материјали, камионџиите доброволци ги доставуваа. Еден човек што не е Сведок, на чија оштетена куќа се извршуваа поправки, ѝ рекол на својата сопруга која е Сведок: „Твоите браќа се чудо. Една екипа заминува, а друга веднаш доаѓа. Работат како мравки!“

Беа потребни околу три викенди за да се завршат главните поправки на секоја куќа. „Но, понекогаш, беа потребни пет па дури и осум седмици“, рече претседавачот на одборот. Кога беа отстранувани преградните ѕидови во постарите куќи, доброволците честопати забележуваа некои поранешни оштетувања и не сакаа да стават нови ѕидови додека претходно не се решат овие стари проблеми. Еден доброволец, мајстор, рече: „Понекогаш ќе видевме дека гредите ги нападнале термити, па затоа преземавме мерки да ги уништиме. Извршивме многу конструкциски преправки. Домовите ги оставивме во добра состојба“. Еден од настраданите во поплавата ги изразил чувствата на многу од тие сопственици на куќи, кога со благодарност му рекол на еден посетител: „Мојата куќа е поубава сега отколку кога ја купив!“

Брзи оброци

За да се обезбеди храна за многуте доброволци, група Сведоци претвори едно складиште зад една Сала на Царството во центар за подготовка и разнесување на храна. Сведоците од целата земја приложија фрижидери, замрзнувачи, машини за миење садови, шпорети и друга кујнска опрема. Секоја сабота и недела, 11 главни готвачи и околу 200 други доброволци подготвуваа илјадници оброци во овој центар. Доброволецот што ја надгледуваше кујната рече: „Веќе 19 години подготвуваме оброци при проектите за градба на Сали на Царството, но овој проект е поголем отколку што можевме да си замислиме“.

Оброците се пакуваа во 120 огромни пластични кутии. Потоа ги товараа во 60 подготвени возила, со кои се доставуваа до сите помошни центри и до административниот центар. Во меѓувреме, секоја екипа што работеше на некоја куќа испраќаше по еден доброволец до својот помошен центар за да ги подигне оброците за целата екипа. Доброволците јадеа во куќите и веднаш продолжуваа со работа.

Задачата е извршена!

Конечно, во април 2002, сите 11.700 доброволци завршија со една од најдолгите акции за помош што некогаш ја презеле Јеховините сведоци. Доброволците поминаа 1.000.000 часови во поправање или повторна изградба на вкупно 8 Сали на Царството и 723 куќи. Еден настрадан во поплавата зборуваше во името на многу други кога со солзи на благодарност рече: „Му благодарам на Јехова и на доброволците за сета помош што ја дадоа. Голема утеха е да се припаѓа на едно братство полно со љубов!“

[Фусноти]

a Њујорк, Лос Анџелес и Чикаго имаат повеќе жители. Метрополата Хјустон има околу 3.500.000 жители и е поголема од Либан, земја на Блискиот Исток.

b На погребниот говор беа присутни 1.300 пријатели на Џефри и Фрида. Ваквата поддршка многу ја утеши Абигејл — сопругата на Џефри и сестра на Фрида.

c Регионалните одбори за градба обично раководат со изградбата на објекти за состаноци на Јеховините сведоци.

[Рамка/слика на страница 27]

ПОМОШЕН ЦЕНТАР НА АКТИВНОСТ

Сабота е, 7.00 часот, во помошниот центар бр. 4, североисточен Хјустон. Во Салата на Царството се собрани доброволци, кои си разговараат, се смеат, пијат кафе и јадат крофни. Некои од нив патувале стотици километри од своите места за да дојдат тука. Но, во 7.30 живите разговори стивнуваат и надгледникот на центарот води дискусија за еден библиски стих. Исто така, дава известување дека студијата на Стражарска кула ќе се одржи в недела, во 7.30 часот, пред доброволците да се разотидат на своите работни места, и ги охрабрува сите да учествуваат во студијата коментирајќи на англиски или на шпански јазик. Тој им пренесува порака од светското седиште на Јеховините сведоци, која е примена со аплауз.

Потоа надгледникот на центарот дава најнов извештај во врска со акцијата за помош и срдечно им се заблагодарува на доброволците за нивниот спремен дух. Потоа прашува: „Дали некој од вас не знае што да работи или каде да оди денес?“ Никој не крева рака. „Колку оброци ќе ни требаат?“ Сите раце се креваат за миг и се разлева смеа. На крајот се кажува молитва, а потоа сите 250 доброволци — мажи, жени, млади и стари — тргнуваат подготвени за уште еден долг ден напорна работа.

Истото се случува и во другите шест помошни центри и во складиштето. Во меѓувреме, други доброволци што работат во главната кујна веќе се зафатени со тенџерињата — а како и не би биле, денес до пладне преку 2.000 гладни доброволци од целиот Хјустон ќе чекаат на топол оброк.

[Рамка/слика на страница 28]

ПРОГРАМИ ЗА ОБУКА

За време на акцијата за помош, мајстори доброволци одржуваа часови за да ги обучат неискусните доброволци за конкретни задачи. Некои беа обучени да дезинфицираат домови. Други научија како да ставаат преградни ѕидови и ормани. А трети, пак, научија да малтерисуваат и да варосуваат. Овие Семинари за обука на работници се снимаа на видеокасети, кои потоа се користеа во помошните центри за обука на други доброволци. „Со овие семинари“, забележа еден член од одборот за помош, „обезбедивме поправки со висок квалитет.“

[Слика]

Мајстори држат часови

[Рамка на страница 30]

„ВИСТИНСКО БОЖЈЕ ДЕЛО“

„Осигурителните друштва ги нарекуваат природните катастрофи Божје дело“, забележа еден член на одборот за помош. „Меѓутоа“, додаде тој, „доброволците што работеа овде сиве овие месеци се вистинско Божје дело. Нашето братство е вистинско чудо!“ Во текот на оваа акција за помош, 2.500, па и повеќе доброволци, доаѓаа да работат за време на викендите. Претседавачот на одборот рече: „Овие неплатени доброволци откажаа планирани годишни одмори, ги сменија своите семејни планови и одложија други лични работи за да помогнат во една од најголемите акции за помош што некогаш ја презеле Јеховините сведоци“.

Долгата акција за помош бараше жртви. Еден доброволец што од почеток до крај ја даде својата поддршка во работата, имаше световна работа со 50 работни часа седмично. Сепак, секоја седмица тој минуваше по 40 часа во делото на помагање. „Јехова ми даваше сила“, рече тој. „Познајниците ме прашуваат: ‚Дали те плаќаат?‘ Јас им велам: ‚Ова не би го правел за ниедни пари‘.“ За време на викендите, по цела недела световна работа, едно семејство од Луизијана патуваше 800 километри во двата правца за да помага во акцијата. Мнозина работеа од изгрејсонце до зајдисонце, а потоа се враќаа дома. Една група од 30 обучени доброволци, кои патуваа седум до десет часа во еден правец, рече: „Вредеше, и тоа како“. Друга сестра, исто така доброволец, излегуваше од работа во 15.30 и потоа работеше во административниот центар сѐ до 22.00 часот. Помагаше и за време на викендите. „Тоа причинува вистинско задоволство“, изјави таа.

Всушност, овие и сите други доброволци беа спремни да помогнат затоа што имаат братска љубов — знак за препознавање на вистинските христијани (Јован 13:35). Откако го посетил административниот центар на акцијата за помош, градоначалникот на Хјустон бил поттикнат да ѝ рече на една група Сведоци: „Верувате дека треба да правите како што вели Бог. Вие ги спроведувате своите верувања на дело“.

[Слика на страници 26 и 27]

Поплавениот Хјустон, 9 јуни 2001

[Извор на слика]

© Houston Chronicle

[Слика на страница 27]

Автопатите се претворија во реки

[Слика на страница 27]

Водата навлезе во домовите

[Слика на страница 29]

Некои од илјадниците Сведоци што служеа како доброволци

[Слика на страница 30]

Екипата во кујната подготви преку четврт милион оброци!

[Извор на слика на страница 25]

NOAA

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели