Верата ставена на испит во Словачка
РАСКАЖАЛ ЈАН БАЛИ
РОДЕН СУМ на 24 декември 1910, во Захор, село што сега се наоѓа во источна Словачка. Во тоа време нашето село беше дел од Австро-унгарското Царство. Во 1913, мајка ми ме одведе во Соединетите Држави за да му се придружиме на татко ми, кој пред тоа беше заминал од Захор. Две години откако со мајка ми пристигнавме во Гери (Индијана) се роди сестра ми, Ана. Потоа, во 1917, татко ми се разболе и умре.
Имав голема желба да учам, а особено ме интересираше религијата. Во калвинистичката црква, каде што одев во неделното училиште, учителот го забележа мојот интерес за духовни работи. За да го задоволи мојот глад, ми даде Холманово издание на Библијата, кое содржеше околу 4.000 прашања и одговори. Така мојот 11-годишен ум имаше доста материјал за размислување.
‚Ова е вистината‘
Во тие рани години, некои словачки имигранти во местото каде што живеевме станаа Библиски студенти, како што тогаш беа познати Јеховините сведоци. Еден од нив беше и чичко ми, Михал Бали, кој ни ги пренесе библиските вистини. Меѓутоа, во 1922, сестра ми и јас се вративме заедно со мајка ми во Захор, кој дотогаш станал дел од источна Чехословачка.
Кратко потоа, чичко Михал ми испрати комплет од Studies in the Scriptures (Студии на Писмото) од Чарлс Тејз Расел, како и повторно отпечатени изданија на списанието Стражарска кула уште од првиот број, 1 јули 1879. Ги прочитав, а некои делови и по неколку пати и се уверив дека ја најдов библиската вистина што ја барав.
Отприлика во тоа време некои Библиски студенти со словачко потекло се вратија од Соединетите Држави во татковината. Во Чехословачка, тие ги формираа првите групи на Библиски студенти на словачки јазик. Мајка ми и јас одевме на овие рани состаноци во нашето село Захор и во други соседни места.
Тие личеа на христијанските состаноци што се одржувале во првиот век. Обично се состанувавме во домот на некој Библиски студент, каде што седевме на една маса на која светеше газиена ламба. Како најмлад, седев малку поназад и слушав во мракот. Меѓутоа, понекогаш ме повикуваа да учествувам. Кога другите не беа сосема сигурни за значењето на словачкиот текст, ќе ми речеа: „Ајде, Јан, што вели англискиот текст?“ Едвај чекав да дојдам поблиску до ламбата и да го преведам на словачки она што го пишуваше во англиската публикација.
Меѓу оние што станаа Библиски студенти во Соединетите Држави и се вратија во тогашна Чехословачка, беше и Михал Шалата. Тој се врати во соседното село Сечовце, каде што живеел претходно, и помогна да се организира проповедничкото дело во Чехословачка. Брат Шалата ме земаше со себе на проповеднички патувања. Потоа, во 1924, кога имав 13 години, го замолив да ме крсти. Иако мајка ми сметаше дека сум многу млад за еден таков сериозен чекор, ја убедив дека тоа е моја цврста одлука. Затоа, тој јули, за време на еднодневниот конгрес што се одржа во близина на реката Ондава, го симболизирав моето предание на Јехова така што се крстив во неа.
Ценети предности во службата
Кога имав 17 години, чув дека ќе се одржи погреб на неколку километри од селото каде што проповедав. Тоа беше прв погреб што требаше да го извршат Библиските студенти во тој крај. Кога пристигнав, се пробив низ љубопитните селани за да стигнам до говорникот. Штом дојдов до него, тој се сврте кон мене и рече: „Прво ќе зборувам јас, па ти ќе продолжиш“.
Го изнесов мојот говор на темел на стихот од 1. Петрово 4:7, кој гласи: „Крајот на сите работи се приближи“. На темел на Писмото покажав дека е близу дури и крајот на страдањето и смртта, и ја објаснив надежта во воскресение (Јован 5:28, 29; Дела 24:15). И покрај тоа што изгледав помлад отколку што бев — или можеби благодарение на тоа — сите присутни внимателно слушаа.
Една возбудлива вест добивме во Стражарска кула од 15 септември 1931, каде што беше објаснето дека повеќе не сакаме да бидеме познати како Библиски студенти или по некое друго такво име, туку дека сакаме да бидеме познати како Јеховини сведоци. Откако ги прочитаа овие информации, Библиските студенти во нашиот крај направија подготовки за еден специјален состанок. Околу 100 Библиски студенти се состанаа во селото Поздишовце. Таму имав предност да одржам говор со наслов „Новото име“, кој се темелеше на претходно спомнатата статија од Стражарска кула.
Сите присутни со голема радост ги кренаа рацете кога беа замолени да ја прифатат истата резолуција што ја усвоија соверниците во другите делови од светот. Потоа испративме телеграма до светското седиште на Јеховините сведоци во Бруклин, Њујорк, која гласеше: „Ние, Јеховините сведоци собрани денес во Поздишовце, се согласуваме со објаснувањето во Стражарска кула во врска со новото име, и го прифаќаме ова ново име, Јеховини сведоци“.
Големата област на Словачка и Транскарпатија, која пред II светска војна беше дел од Чехословачка, стана плодно тло за нашата христијанска служба. Ова големо подрачје го обработивме пеш, со воз, со автобус и со велосипед. Во тоа време, во многу градови беше прикажана „Фото-драмата за создавањето“, филм и дијапозитиви проследени со синхронизиран звук. По секоја презентација се собираа адреси од заинтересираните. Јас добив многу од тие адреси и бев замолен да организирам заинтересираните да бидат посетени од Сведоци. Во некои градови најмувавме сали каде што одржував специјален дополнителен говор.
Во 1930-те, имав предност да бидам делегат на поголеми конгреси во главниот град Прага. Во 1932 беше подготвен првиот меѓународен конгрес во Чехословачка. Се собравме во театарот Вариете. Темата на јавното предавање, „Европа пред уништување“, го плени вниманието на луѓето, и имаше околу 1.500 присутни. Во Прага се одржа уште еден меѓународен конгрес во 1937, и јас имав предност да одржам едно предавање. Беа присутни делегати од многу европски земји, и сите го добивме охрабрувањето што ни беше потребно за да ги поднесеме испитите што дојдоа наскоро во текот на II светска војна.
Брак, па тешки испити
Откако се вративме во Чехословачка, мајка ми и јас тесно соработувавме во проповедничкото дело со другите Библиски студенти во блиското Поздишовце. Таму забележав една привлечна девојка по име Ана Рохалова. Кога станавме малку постари, сфативме дека нашите чувства не се само обична христијанска наклоност меѓу брат и сестра. Се венчавме во 1937. Оттогаш Ана ме поддржуваше дури и во ‚тешкото време‘ што претстоеше (2. Тимотеј 4:2).
Кратко по нашата свадба стана јасно дека Европа се подготвува за II светска војна. До ноември 1938, јужните делови на Транскарпатија и Словачка беа присоединети кон Унгарија, која соработуваше со нацистичка Германија. Унгарската полиција ги забрани нашите состаноци, и ние редовно моравме да се пријавуваме во полициската станица.
Откако започна II светска војна, во септември 1939, некои од нас од Захор, и мажи и жени, беа ставени во притвор и префрлени во еден стар замок во близина на Мукачево, сега во Украина. Таму најдовме и многу други Сведоци од собранијата во Транскарпатија. Откако нѐ испрашуваа три или четири месеци и честопати нѐ тепаа, нѐ изведоа пред специјален воен суд. На сите ни поставија само едно прашање: „Дали сте спремни да се борите за Унгарија против СССР?“ Бидејќи одбивме, бевме осудени и потоа испратени во еден затвор во Будимпешта (Унгарија), на Булевар Маргит 85.
Сите затвореници беа подложени на гладување. Наскоро се раширија болести и затворениците почнаа да умираат. Колкава само радост почувствував во срцето кога мојата сопруга допатува од Захор за да ме види! Иако можевме да зборуваме само околу пет минути низ железните решетки, му бев благодарен на Јехова за таквата верна придружничка.a
Од затвор — во работнички логор
Од затворот бев одведен директно во Јасберењ (Унгарија) каде што беа одведени уште 160-тина Сведоци. Додека бевме таму, еден унгарски офицер ни ја изнесе последната понуда на унгарската влада: „Ако сте спремни да служите во војска, истапете напред“. Никој не истапи. Офицерот рече: „Иако не се согласувам со она што го правите, ѝ се восхитувам на вашата решеност да ја задржите својата вера“.
По неколку дена, се качивме на брод на реката Дунав и тргнавме во работничкиот логор во близина на југословенскиот град Бор. Додека бевме на бродот, војниците и командантот постојано се обидуваа да нѐ натераат да направиме компромис во верата. Командантот им нареди на војниците да нѐ тепаат со пушките, да нѐ клоцаат со чизмите и да користат други методи на малтретирање.
Кога му бевме предадени на потполковникот Андраш Болог, командант на работничкиот логор во Бор, тој ни рече: „Ако е точно она што го чув за вас, наскоро ќе умрете“. Но, откако го прочита соопштението од владините службеници, кое беше затворено со печат, се однесуваше кон нас со почит. Болог ни даде релативна слобода на движење па дури и ни дозволи да си изградиме своја барака. Иако имаше многу малку храна, ние имавме наша кујна и затоа храната се разделуваше праведно.
Во март 1944, Германија започна со окупација на Унгарија. Во тоа време, еден нацистички ориентиран командант по име Еде Морањи го замени Болог. Тој наметна строга дисциплина, многу слично како во концентрационен логор. Но, наскоро се приближија руските војски и логорот во Бор беше евакуиран. Подоцна, за време на нашиот марш бевме очевидци на масакрот на Евреите во Червенка. Изгледаше како вистинско чудо тоа што ние бевме поштедени.
Кога стигнавме на границата помеѓу Унгарија и Австрија, добивме наредба да копаме лежишта за митралези. Објаснивме дека бевме затворени токму затоа што одбивме да се вклучиме во воени активности. Бидејќи јас бев на чело на групата, еден унгарски офицер ме зграпчи и почна да ме тепа. „Ќе те убијам!“, викаше тој. „Ако не работиш, другите ќе го следат твојот лош пример!“ Животот ми го спаси само храбрата интервенција на Андраш Барта, еден постар Сведок кој претходно предводеше во нашето проповедничко дело.b
По неколку седмици војната заврши и ние си тргнавме дома. Некои други затвореници, кои претходно беа ослободени од Бор, известиле дека сите оние што биле одведени во Червенка се убиени. Така, околу шест месеци мојата сопруга мислела дека е вдовица. Колку само се изненади кога еден ден ме виде на прагот! Ни течеа солзи радосници кога се прегрнавме по многу години разделба.
Реорганизација на делото
По II светска војна, Словачка и Чешка повторно беа соединети и станаа Чехословачка. Меѓутоа, Транскарпатија, чиј голем дел припаѓаше на Чехословачка пред војната, стана дел од Украина во Советскиот Сојуз. Во 1945, Михал Москал и јас појдовме во Братислава, сега главен град на Словачка, каде што се сретнавме со браќата што беа одговорни за реорганизирање на проповедничкото дело. Иако бевме исцрпени, и физички и емоционално, едвај чекавме да продолжиме да го исполнуваме нашиот налог да ја проповедаме добрата вест за Божјето Царство (Матеј 24:14; 28:18—20).
По војната, конгресите му дадоа голем замав на нашето дело. Во септември 1946, во градот Брно беше одржан првиот конгрес за целата земја. Имав предност да одржам еден говор на тема „Жетвата — крајот на светот“.
Во 1947, во Брно беше одржан уште еден државен конгрес. На него држеа охрабрувачки говори Натан Х. Нор, Милтон Г. Хеншел и Хејден К. Кавингтон, кои беа дојдени од светското седиште на Јеховините сведоци во Бруклин, Њујорк. Јас имав предност да служам како преведувач на нивните излагања. Иако во Чехословачка тогаш имаше околу 1.400 објавители на Царството, на јавното предавање имаше околу 2.300 присутни.
Прогонство под комунизмот
Во 1948, власта во земјата ја презедоа комунистите, и наскоро врз нашето проповедничко дело беше ставена забрана што траеше 40 години. Во 1952, многу од оние што власта ги сметаше за водачи беа ставени в затвор, вклучувајќи ме и мене. Повеќето беа обвинети за преврат, но неколку од нас беа обвинети за велепредавство. Ме ставија в затвор и ме испрашуваа 18 месеци. Кога прашав зошто сум предавник, судијата рече: „Си зборувал за Царството на Бог. Велиш дека тоа ќе преземе власт над светот. Тоа ја вклучува и Чехословачка“.
„Во тој случај“, одговорив јас, „ќе мора да ги осудите како предавници сите што ја кажуваат Оченаш и молат ‚да дојде Божјето Царство‘ “. Сепак, бев осуден на пет и пол години и ме испратија во озлогласениот комунистички затвор во Јахимоф (Чехословачка).
Откако го одлежав поголемиот дел од затворската казна, ме пуштија. Мојата сопруга, Ана, верно ме поддржуваше со писма и посети, како и со грижата за нашата ќерка, Марија. Конечно, повторно бевме обединети како семејство и продолживме со христијанските активности, кои ги извршувавме во тајност.
Богат живот во Јеховината служба
Во текот на изминатите 70 и повеќе години, Јеховините сведоци во нашиот крај служеа во различни услови, најмногу под комунистичка влада. Точно, остарев и физички сум слаб, но сѐ уште можам да служам како христијански старешина во Захор, заедно со верни поединци како што е Јан Корпа-Ондо, кој сѐ уште е жив и има 98 години.c Мојата драга сопруга, вистински дар за мене од Јехова, умре во 1996.
Сѐ уште во мислите ми е жива сликата на една замислена сцена опишана на страници 228 до 231 од книгата The Way to Paradise (Патот до рајот), издадена во 1924. Читателот беше замолен да си замисли како во Рајот го слуша разговорот помеѓу двајца луѓе што биле воскреснати. Тие се прашуваат каде се. Тогаш еден човек што го преживеал Армагедон има предност да им објасни дека се воскреснати во рај (Лука 23:43). Ако го преживеам Армагедон, би сакал да им го објаснам тоа на мојата сопруга, на мајка ми и на другите мои сакани кога ќе воскреснат. Но, ако умрам пред Армагедон, го очекувам времето кога некој во новиот свет ќе ми раскаже за настаните што се случиле по мојата смрт.
Сега и понатаму ја ценам единствената и навистина извонредна предност да зборувам со Суверениот Господ на Универзумот и ценам што можам да му се приближам. Решен сум да продолжам да живеам во склад со зборовите на апостол Павле во Римјаните 14:8: „И да живееме, живееме за Јехова, и да умираме, умираме за Јехова. Затоа, и да живееме и да умираме, на Јехова му припаѓаме“.
[Фусноти]
a Види ја приказната на Андреј Ханак во Разбудете се! од 8 август 2002, страници 19—24. Таму се опишани условите во овој затвор како и настаните во Червенка, спомната подоцна во оваа статија.
b За повеќе информации во врска со Андраш Барта, видете Стражарска кула 15 јули 1993, страница 11.
c Видете ја неговата животна приказна во изданието на Стражарска кула од 1 септември 1998, страници 24—28.
[Слика на страница 21]
Со Ана, една година откако се венчавме
[Слики на страница 22]
Со Натан Х. Нор на конгресот во Брно, во 1947