Животна приказна
Цврсто застанавме на страната на Божјето владетелство
РАСКАЖАЛ МИХАЛ ЖОБРАК
Откако поминав еден месец во самица, ме одвлечкаа кај еден иследник.
По кратко време, тој целиот поцрвене и извика: „Шпиони! Американски шпиони!“ Зошто се разлути толку? Ме праша од која религија сум и
јас му реков: „Јас сум Јеховин сведок“.
ОВА се случи пред повеќе од половина век. Во тоа време, земјата во којашто живеев беше под комунистичка власт. Меѓутоа, долго пред тоа, веќе имавме доживеано жестоко противење на нашето христијанско образовно дело.
Ги чувствуваме жестоките болки од војната
Кога во 1914 изби Првата светска војна, јас имав осум години. Во тоа време, моето село, Залужице, беше под власта на Австро-унгарското царство. Војната не само што ја вознемири светската сцена туку и неочекувано го прекина моето детство. Татко ми, кој беше војник, загина уште првата година од војната. Поради тоа, јас, мајка ми и моите две помали сестри, паднавме во крајна сиромаштија. Како најстаро машко во куќата, набрзо презедов на себе многу одговорности околу нашата мала фарма и околу куќата. Уште од мал бев многу религиозен. Пасторот во нашата Реформаторска (Калвинистичка) црква дури и ме замоли да го заменувам и да ги поучувам моите соученици кога тој ќе е отсутен.
Во 1918 заврши Големата војна и здивнавме со олеснување. Австро-унгарското царство беше срушено, а ние станавме граѓани на Република Чехословачка. Наскоро, мнозина од нашата област што имигрираа во Соединетите Држави се вратија дома. Меѓу нив беше и Михал Петрик, кој дојде во нашето село во 1922. Кога посети едно семејство во нашето соседство, бевме поканети и јас и мајка ми.
Божјето владетелство ни станува реално
Михал беше Библиски студент, како што тогаш беа познати Јеховините сведоци, и зборуваше за важни библиски прашања што многу ме интересираа. Најистакнато меѓу нив беше претстојното Јеховино Царство (Даниел 2:44). Кога рече дека наредната недела ќе има христијански состанок во селото Захор, бев решен да одам. Станав во 4 часот и пешачев околу 8 километри до кај еден мој роднина за да позајмам велосипед. Откако ја поправив дупнатата гума, продолжив уште 24 километри до Захор. Не знаев каде ќе се одржи состанокот, па затоа возев бавно по една улица. Тогаш слушнав песна од една куќа и препознав дека тоа е песна за Царството. Срцето ми потскокна од радост. Влегов во куќата и објаснив зошто сум тука. Семејството ме покани на појадок, и потоа ме однесе на состанокот. Иако за да се вратам дома морав да возам и да пешачам уште 32 километри, воопшто не се чувствував уморен (Исаија 40:31).
Бев воодушевен од јасните објаснувања темелени на Библијата за коишто поучуваа Јеховините сведоци. Изгледот да имам исполнет и задоволувачки живот под Божјето владетелство ме погоди в срце (Псалм 104:28). И јас и мајка ми решивме да испратиме писмо за испис од нашата црква. Ова предизвика големи расправии во нашето село. Некои луѓе дури и не зборуваа со нас некое време, но сепак убаво се дружевме со многуте Сведоци во нашата област (Матеј 5:11, 12). Кратко потоа, се крстив во реката Ух.
Службата ни станува живот
Ја користевме секоја прилика да проповедаме за Јеховиното Царство (Матеј 24:14). Особено се концентриравме на добро организираните проповеднички кампањи во неделите. Како правило, луѓето во тоа време стануваа рано, па така можевме да почнеме со проповедање доста рано. Подоцна во денот, се организираше состанок за јавност. Поучувачите на Библијата најчесто зборуваа импровизирано. Ги земаа предвид бројот на заинтересираните лица, нивната верска заднина и темите што ги интересираа.
Библиските вистини за коишто проповедавме им ги отворија очите на голем број луѓе со искрени срца. Кратко откако се крстив, проповедав во селото Трховиште. Во една куќа разговарав со една многу љубезна и пријатна жена, г-ѓа Зузана Москал. Таа и нејзиното семејство беа калвинисти, како што порано бев и јас. И покрај тоа што ја познаваше Библијата, имаше многу библиски прашања што и стоеја неодговорени. Разговаравме еден час и ѝ ја дадов книгата The Harp of God (Божја харфа).a
Во своите редовни периоди на читање на Библијата, семејството Москал веднаш го вклучи и читањето на книгата Харфа. Повеќе семејства од тоа село покажаа интерес и почнаа да доаѓаат на нашите состаноци. Нивниот калвинистички пастор остро ги опомена против нас и нашата литература. Тогаш некои заинтересирани лица му предложија на пасторот да дојде на еден наш состанок за да ги побие нашите учења во една јавна дебата.
Пасторот дојде, но не знаеше да изнесе ниту еден аргумент од Библијата со кој би ги поткрепил своите учења. За да се одбрани, рече: „Не можеме да веруваме на сѐ што е во Библијата. Таа била напишана од луѓе, и религиозните прашања можат да се објаснат на различни начини“. Ова беше пресвртница за мнозина. Некои му рекоа на пасторот дека ако тој не верува во Библијата, тие повеќе нема да одат и да ги слушаат неговите проповеди. Така, ги прекинаа своите врски со Калвинистичката црква, и околу 30 луѓе од тоа село зазедоа цврст став за библиската вистина.
Проповедањето на добрата вест за Царството ни стана живот и, нормално, си барав придружник од духовно јако семејство. Еден од моите соработници во службата беше Јан Петрушка, кој ја дознал вистината во Соединетите Држави. Неговата ќерка Марија ми остави впечаток со својата спремност да посведочи на секого, исто како што правеше и татко ѝ. Се венчавме во 1936, и сѐ до нејзината смрт во 1986, 50 години Марија ми беше верен придружник. Во 1938 се роди нашиот единствен син, Едуард. Но, во тоа време се чинеше дека е неизбежна уште една војна во Европа. Како ќе влијае тоа врз нашето дело?
Нашата христијанска неутралност е ставена на испит
Кога почна Втората светска војна, Словачка, која стана посебна земја, беше под нацистичка власт. Сепак, од страна на владата не беше преземена никаква конкретна постапка против Јеховините сведоци како организација. Се разбира, моравме да работиме тајно, а нашата литература беше цензурирана. И покрај тоа, претпазливо продолживме со нашите активности (Матеј 10:16).
Како што војната сѐ повеќе земаше замав, бев регрутиран за во војска, иако имав над 35 години. Поради мојата христијанска неутралност, одбив да учествувам во војната (Исаија 2:2—4). За среќа, пред властите да решат што ќе прават со мене, бевме ослободени сите што бевме на слична возраст.
Сфативме дека на нашите браќа во градовите им е потешко да се погрижат за основните потреби отколку што ни беше на нас што живеевме на село. Сакавме да го делиме она што го имавме (2. Коринќаните 8:14). Затоа, ќе земевме онолку прехранбени производи колку што најмногу можевме да носиме и патувавме повеќе од 500 километри низ земјата до Братислава. Врските на христијанско пријателство и љубов што ги создадовме за време на тие воени години нѐ крепеа во тешките години што следеа.
Го добиваме охрабрувањето што ни треба
По Втората светска војна, Словачка повторно стана дел од Чехословачка. Од 1946 до 1948 националните конгреси на Јеховините сведоци се одржуваа или во Брно или во Прага. Ние што бевме од источна Словачка патувавме со посебни возови организирани за конгресните делегати. Овие возови може слободно да се наречат распеани возови, зашто цел пат пеевме (Дела 16:25).
Особено се сеќавам на конгресот во Брно во 1947, каде што беа присутни тројца христијански надгледници од светското седиште, меѓу кои беше и брат Натан Х. Нор. За да го најавиме јавното предање, голем број од нас одевме низ градот со плакати на кои беше напишана темата на предавањето. Нашиот син, Едуард, кој тогаш имаше само девет години, беше многу тажен што и тој не доби плакат. Затоа браќата направија помали плакати, и тоа не само за него туку и за многу други деца. Оваа млада група заврши одлична работа во најавувањето на говорот!
Во февруари 1948, на власт дојдоа комунистите. Знаевме дека е само прашање на време кога владата ќе преземе чекори за да ја спречи нашата служба. Во септември 1948, во Прага се одржа обласен конгрес на кој нѐ обзедоа силни чувства бидејќи претчувствувавме дека нашите јавни собири повторно ќе бидат забранети, по само три години слободно собирање. Пред да си одиме од конгресот, усвоивме резолуција, во која делумно се велеше: „Ние, Јеховините сведоци, што сме овде собрани . . . решени сме уште повеќе да ја зголемиме оваа служба што нѐ радува и, со Божја милост, да истраеме во неа во време на испит, и да го објавуваме евангелието за Божјето царство со уште поголема ревност“.
„Државни непријатели“
Само два месеца по конгресот во Прага, тајната полиција насилно влезе во бетелскиот дом во близина на Прага. Го присвои имотот, ја конфискува литературата што можеше да ја најде и ги уапси сите Бетелци и некои други браќа. Но, тоа не беше сѐ.
Во текот на ноќта помеѓу 3 и 4 февруари 1952, силите за безбедност ја прочешлаа земјата и уапсија повеќе од 100 браќа. И јас бев еден од нив. Отприлика во три часот наутро, полицијата го разбуди целото мое семејство. Без никакво објаснување, ми рекоа да одам со нив. Ми ги врзаа рацете и очите и со уште неколкумина други ме фрлија во еден камион. Завршив во самица.
Помина цел месец, а никој не разговараше со мене. Единствениот човек што го гледав беше чуварот што ќе ми пикнеше скуден оброк низ еден отвор на вратата. Потоа ме повика иследникот што го спомнав на почетокот. Откако ме нарече шпион, продолжи: „Религијата е неукост. Нема Бог! Не можеме да ти дозволиме да ја лажеш нашата работничка класа. Или крвник ќе ти го бутне столчето од под нозете или ќе скапеш в затвор. А ако твојот Бог дојде овде, ќе го убиеме и него!“
Бидејќи знаеја дека нема конкретен закон што ги забранува нашите христијански активности, властите сакаа да ги редефинираат нашите активности за да можат, според постоечките закони, да нѐ претстават како „државни непријатели“ и како странски шпиони. За да го направат тоа, требаше да ни ја скршат волјата и да нѐ натераат да „признаеме“ лажни обвиненија. По испитувањето таа вечер, не ми беше дозволено да спијам. За неколку часа, пак ме испитуваа. Овојпат иследникот сакаше да потпишам изјава која гласеше: „Јас, како непријател на народот на Демократска Чехословачка, не се приклучив во [колективната фарма] затоа што ги чекав Американците“. Кога одбив да потпишам таква лага, бев испратен во казнена ќелија.
Ми беше забрането да спијам, да лежам, па дури и да седам. Можев само да стојам и да одам. Кога бев исцрпен, легнав на бетонскиот под. Тогаш чуварите повторно ме однесоа во канцеларијата на иследникот. „Ќе потпишеш ли сега?“ ме праша иследникот. Кога пак одбив, ме удри по лицето. Почнав да крвавам. Потоа им с’ржа на чуварите: „Сака да се самоубие. Набљудувајте го постојано да не го стори тоа!“ Повторно бев ставен во самица. Во текот на шест месеци овие тактики на испитување беа повторени безброј пати. Никаво идеолошко убедување ниту обидите да ме натераат да признаам дека сум државен непријател не ја ослабнаа мојата решеност да му останам верен на Јехова.
Еден месец пред да одам на судење, од Прага дојде еден обвинител и нѐ испита сите што бевме во групата од 12 браќа. Тој ме праша: „Што ќе направиш ако Западните империјалисти ја нападнат нашата земја?“ „Истото она што го направив кога оваа земја заедно со Хитлер го нападна СССР. Не се борев тогаш, а нема да се борам ни сега зашто сум христијанин и неутрален сум.“ Тогаш ми рече: „Не можеме да ги толерираме Јеховините сведоци. Ни требаат војници во случај Западните империјалисти да нѐ нападнат, и ни требаат војници за да ја ослободиме нашата работничка класа на Запад“.
На 24 јули 1953, бевме внесени во судницата. Еден по еден, ние дванаесеттемина, бевме повикувани пред судиите. Ја искористивме приликата да дадеме сведоштво за нашата вера. Откако одговоривме на лажните обвиненија со кои бевме нападнати, еден адвокат стана и рече: „Многупати сум бил во оваа судница. Обично има многу признанија, каење, па дури и солзи. Но, овие мажи ќе излезат одовде посилни отколку кога влегоа“. Потоа, сите дванаесетмина бевме прогласени за виновни за заговор против државата. Јас бев осуден на три години затвор и државата ми го одзеде целиот имот.
Староста не ме сопре
Откако се вратив дома, тајната полиција сѐ уште ме набљудуваше. И покрај тоа, продолжив со теократските активности и ми беше доверено духовното надгледување на нашето собрание. Иако ни беше дозволено да живееме во нашата конфискувана куќа, законски ни беше вратена дури 40 години подоцна, по падот на комунизмот.
Јас не бев последниот од моето семејство што беше в затвор. Дома бев само три години кога Едуард беше регрутиран за во војска. Поради неговата библиски школувана совест, одби да оди во војска и беше затворен. Со години подоцна, дури и внук ми Петар го доживеа истото, и покрај лошото здравје.
Во 1989, падна комунистичкиот режим во Чехословачка. Колку бев среќен што, по четири децении забрана, можев слободно да проповедам од куќа до куќа! (Дела 20:20). Колку што ми дозволуваше здравјето, учествував во овој вид на служба. Сега, кога имам 98 години, здравјето не ми е како порано, но се радувам што сѐ уште можам да им сведочам на луѓето за Јеховините прекрасни ветувања за иднината.
Можам да набројам 12 челници на пет различни земји што владееја со моето родно место. Меѓу нив имаше диктатори, претседатели и еден цар. Никој од нив не најде трајно решение за неволјите што ги измачуваа луѓето над кои владееја (Псалм 146:3, 4). Благодарен сум му на Јехова што ми дозволи да го запознаам рано во животот. На тој начин, можев да го сфатам неговото решение преку Месијанското Царство и да избегнам празен живот без Бог. Повеќе од 75 години активно ја проповедав најдобрата вест, и тоа ми даде цел во животот, задоволство и светла надеж за вечен живот на Земјата. Што повеќе би посакал?b
[Фусноти]
a Издадена од Јеховините сведоци, но повеќе не се печати.
b За жал, брат Михал Жобрак конечно ја изгуби силата. Умре верен, со доверба во надежта за воскресение, додека оваа статија се подготвуваше за печатење.
[Слика на страница 26]
Кратко по нашата свадба
[Слика на страница 26]
Со Едуард во почеткот на 1940-те
[Слика на страница 27]
Го најавуваме конгресот во Брно, 1947