Гледиште на Библијата
Постои ли непростлив грев?
ИМА ЛИ полоша казна од смртта? Да, смрт без надеж за воскресение затоа што бил направен непростлив грев. Исус рекол дека има грев што „нема да се прости“ (Матеј 12:31).
Меѓутоа, Библијата вели дека Бог простува. Иако луѓето можат да бидат склони да држат лутина и да не простуваат, Бог ‚го умножува опростувањето‘ (Исаија 55:7—9). Всушност, по голема лична цена, Бог го испратил на земјата својот драг Син за да биде помирбена жртва, која има толкава вредност што може да ги избрише нашите гревови (Јован 3:16, 17; Дела 3:19; 1. Јованово 2:1, 2).
Во одредено време, Бог ќе воскресне многу луѓе што биле виновни за тешки гревови но повеќе нема да одговараат за своите постапки во минатото (Дела 24:15; Римјаните 6:23). Всушност, Исус рекол дека со исклучок на непростливиот грев, ‚секој вид грев и хула ќе се прости‘ (Матеј 12:31). Затоа, можеби ќе се запрашате: ‚Што би можело да биде толку страшно што Бог не може да го прости?‘
Кога повеќе нема простување
Опомената на Исус се однесувала на намерна и промислена ‚хула против духот‘. Од ваков грев нема ослободување. „Не, ниту во овој систем на работи ниту во оној што треба да дојде“, додал тој (Матеј 12:31, 32). Оние што се виновни за ваков грев нема да воскреснат.
Што е хула против духот? Таа доаѓа од срцето и открива злобен став и намера. Намерното спротивставување на Божјиот свет дух ја зголемува сериозноста на овој грев. Да илустрираме: Во некои делови од светот, законот прави разлика помеѓу убиство од прв степен и убиство од втор степен врз основа на намерата и начинот на кој е извршено, и ја ограничува смртната казна само на намерно убиство, односно убиство со умисла.
Апостол Павле во минатото бил хулител, но рекол: „Ми беше укажано милосрдие, зашто бев во незнаење и постапував без вера“ (1. Тимотеј 1:13). Да се греши против светиот дух, значи човек намерно да му се спротивставува. Тоа вклучува злобна состојба на срцето која повеќе не може да се поправи.
Изгледа дека Павле мислел на ваков грев кога напишал: „Невозможно е оние кои еднаш засекогаш биле просветлени и кои го вкусиле небесниот бесплатен дар, и кои станале учесници на светиот дух, и кои ја вкусиле добрата Божја реч и силите на системот на работи кој доаѓа, но отпаднале, да се доведат пак до покајание“ (Евреите 6:4—6). Истиот апостол понатаму рекол: „Ако намерно практикуваме грев откако сме го примиле точното спознание на вистината, повеќе не преостанува никаква жртва за гревови“ (Евреите 10:26).
Однесувањето на некои верски водачи од времето на Исус било тоа што го навело да опомене на непростливиот грев. Но, тие не ја послушале оваа опомена. Всушност, дале Исус да биде убиен. Подоцна, чуле непобитен доказ дека светиот дух направил нешто чудесно. Слушнале дека Исус бил подигнат од мртвите! Било толку јасно дека Исус бил Христос! Сепак, постапиле злобно против светиот дух на тој начин што им платиле на римските војници да лажат во врска со Исусовото воскресение (Матеј 28:11—15).
Опомена за вистинските христијани
Зошто вистинските христијани ја земаат при срце опомената во врска со непростливиот грев? Затоа што кај нас може да се развие злобно срце иако имаме точно спознание за Бог и за дејствувањето на неговиот дух (Евреите 3:12). Треба да внимаваме да не си мислиме дека тоа никогаш не може да ни се случи нам. Да размислиме за Јуда Искариот. Едно време тој бил верен следбеник на Исус. Бил избран како еден од 12-те апостоли, што значи дека мора да имал добри особини. Но, во извесен момент дозволил кај него да се развијат злобни мисли и желби, кои на крајот го победиле. Во исто време додека бил очевидец на Исусовите неверојатни чуда, тој крадел пари. Потоа, за пари, намерно го предал Божјиот Син.
Некои луѓе што некогаш биле верни христијани, намерно се оддалечиле од Бог, можеби поради огорченост, гордост или алчност, и сега се отпадници што се борат против Божјиот дух. Намерно се спротивставуваат на она што јасно го извршува духот. Дали овие поединци направиле непростлив грев? Јехова е конечниот Судија (Римјаните 14:12).
Наместо да ги судиме другите, ќе биде добро ние лично да внимаваме да не правиме тајни гревови што би можеле постепено да ги стврднат нашите срца (Ефешаните 4:30). Исто така, нѐ теши тоа што, доколку се каеме, Јехова ќе ни прости во голема мера, а ќе ни ги прости дури и тешките гревови што сме ги направиле (Исаија 1:18, 19).
[Слика на страници 28 и 29]
Некои фарисеи направиле непростлив грев