Променети вредности — дали ја чувствувате загубата?
„КОЈ е најважниот проблем со кој се соочува оваа земја?“ Кога им било поставено ова прашање, повеќето анкетирани во Соединетите Држави ги ставиле семејниот и моралниот распад на врвот или речиси на врвот на списокот на нивните грижи. Тие не се единствените.
На пример, парискиот дневен весник International Herald Tribune забележал: „Особено кај младите има еден очигледен копнеж по некаква обединувачка идеја, по некој збир од признати идеали кои ќе им помогнат да се справат и да ги контролираат силите на алчноста, себичноста и загубата на заедништво, кои изгледа го освојуваат светот . . . Со оваа сѐ пораширена дебата за потребата од глобална етика се признава дека нешто недостига“.
Дали сметате дека владите и светските водачи, вклучувајќи ги и водечките личности во бизнисот, ги имаат вредностите што се потребни за да нѐ поведат во една посреќна, побезбедна и посигурна иднина? Кога гледате како вредностите околу Вас се менуваат, дали чувствувате дека нешто губите?
Една работа што предизвикува длабока загриженост би можела да биде Вашата лична безбедност. Дали живеете во место каде што е безбедно да ја оставите отклучена вратата на својот дом? Дали слободно би се шетале ноќе по улиците во Вашата околина? Ако имате среќа да живеете во место каде што не се води отворена војна, каде што нема етнички судири или смртоносна борба меѓу банди, можеби сѐ уште се плашите да не станете жртва на физички напад, уличен грабеж, провала во Вашиот дом или кражба. Се разбира, сето ова може да предизвика немир и чувство на загуба.
Освен ова, можеби сте го изгубиле — барем донекаде — и чувството на доверба во другите што сте го имале некогаш. Од лично искуство, на работа и во приватниот живот, можеби сте увиделе дека луѓето стануваат сѐ посклони да им наштетат на другите, ако тоа им е од интерес, па дури и тој интерес да е сосема мал.
Потребно е владата да даде пример
Познато е дека низ историјата постоела тесна врска помеѓу личните вредности што ги има секој член на општество и вредностите што ги има неговата влада. Келвин Кулиџ, кој подоцна станал претседател на Соединетите Држави, рекол: „Луѓето зборуваат за природни права, но нека ми докаже некој каде во природата постоеле или биле признати некои права без пред тоа да биде утврдена збирка од соодветни закони со кои тие права ќе се декларираат и ќе се штитат“.
На крајот на краиштата, владата што е на власт — без оглед на тоа како дошла на власт — може да ги унапредува или да ги гуши граѓанските права, како што се слободата на печат, слободата на собирање, слободата на вероисповед и слободата да се зборува пред јавноста, да се биде заштитен од незаконско апсење или малтретирање, и да се добие праведно судење.
Абрахам Линколн, кој подоцна станал претседател на Соединетите Држави, во една прилика рекол: „Законска цел на владата е да го прави за една заедница од луѓе сето она што тие треба да го направат, но со своја сопствена сила како поединци или не можат воопшто да го направат или, пак, не можат да го направат толку добро“. Кога владите работат на тоа да ги задоволат таквите возвишени цели, луѓето се склони да имаат доверба во оние што се на власт.
Меѓутоа, изгледа дека денес таквата доверба е заменета со цинизам и претпазливост. Едно неодамнешно истражување во Соединетите Држави покажало дека 68 проценти од анкетираните ја процениле етичката пракса на државните службеници како просечна, па дури и лоша. Во многу земји, мнението на јавноста за владините службеници е разнишано поради скандалите со мито и корупција на највисоко државно ниво. Се разбира, поради тоа сѐ поголем број луѓе имаат чувство на загуба.
Добриот пример на цар Соломон
Еден древен пример илустрира колкаво влијание можат да имаат вредностите на оние што се на власт. Цар Соломон владеел над 12 племиња на Израел од 1037 до 998 пр.н.е. Татко му, цар Давид, бил еден од познатите цареви на Израел. Библијата го опишува Давид како човек што ја сакал вистината и праведноста и, над сѐ, како човек со безрезервна доверба во својот Бог, Јехова. Давид го поучил Соломон на истите вредности.
Семоќниот Бог му се појавил на Соломон на сон и му рекол: „Барај што да ти дадам“ (2. Летописи 1:7). Наместо да побара големо богатство, слава или политички победи, Соломон ги открил вредностите што ги ценел на тој начин што побарал мудро, разумно и послушно срце за да може добро да владее со нацијата Израел.
Како влијаело врз луѓето владеењето на Соломон? Бог го благословувал со мудрост, слава и богатство — сѐ додека се држел за духовните вредности на нацијата. Археолошките откритија сведочат за материјалната благосостојба за време на владеењето на Соломон. Во книгата The Archaeology of the Land of Israel (Археологијата на Израел) стои: „Богатството што доаѓало во царскиот двор од сите правци, и напредната трговија . . . донеле брза и забележителна револуција во секој аспект од материјалната култура“.
Да, добрата влада на Соломон им донела мир, сигурност и среќа на неговите поданици. „Јуда и сиот Израел живееја без страв, секој под својата лоза и под својата смоква, од Дан до Вирсавеа, во текот на сиот Соломонов век“ (1. Цареви 4:20, 25).
Лошиот пример на цар Соломон
Но, за жал, како што е случај со вредностите на многу водачи денес, со текот на времето вредностите на Соломон се промениле. Библискиот извештај вели: „Имаше седум стотини кнежевски жени и три стотини соложници. Неговите жени го заведуваа неговото срце. И кога Соломон остаре, неговите жени му го свртија срцето кон други богови, и неговото срце веќе не Му припаѓаше потполно на Господа како што Му припаѓаше срцето на неговиот татко Давид“ (1. Цареви 11:3, 4).
Како влијаеле врз народот променетите вредности на цар Соломон? И покрај тоа што бил многу способен и мудар, во последниот дел од своето владеење Соломон станал угнетувачки владетел. Високите трошоци на неговата влада довеле до преголем товар врз економијата во нацијата. Работниците станале незадоволни. Политичките ривали му се противеле на царот и се обиделе да му ја преземат власта. Нацијата изгубила голем дел од своето чувство на единство. Колкава само иронија е што самиот Соломон напишал: „Народот се радува кога се умножуваат праведниците, а народот воздивнува, кога ќе завладеат нечесните“ (Пословици 29:2).
Кратко по смртта на Соломон, политичките немири и недовербата воделе до поделба на нацијата, а потоа следел период на проблеми, неединство и влошување на ситуацијата. Израелците имале огромно чувство на загуба. Нивната влада ги променила своите вредности, заборавајќи што е од најголем интерес за народот. Основна грешка било тоа што водачите го игнорирале Јехова и неговите закони. Затоа страдала целата нација.
Раширен недостиг на доверба денес
Во државните, деловните и религиозните кругови денес, многу луѓе не обрнуваат големо внимание на тоа да задржат високи вредности. Тоа, пак, создава чувство на загуба во мислите и срцата на населението воопшто. Владите и другите водачи се сѐ понеспособни да ги решат основните проблеми на своите земји.
На пример, тие не можат да стават крај на војните или да ги намалат сѐ поголемите трошоци за здравствена грижа или лошите последици од недозволената трговија со дрога. Исто така, има неуспех и во образовниот систем. Некои влади го финансираат дури и организираното коцкање. И многу бизнисмени и верски водачи се покажале како шокантно разочарување поради нивните корумпирани и неморални постапки. Не зачудува тоа што е раширен недостигот на доверба во интегритетот на оние од кои луѓето очекуваат водство.
Можно ли е некоја влада да ги штити основните човекови права и вредности, па дури и да предводи во нивното поддржување? Да, можно е. Нашата завршна статија ќе објасни како.
[Истакната мисла на страница 7]
‚Изгледа дека алчноста, себичноста и загубата на заедништво го освојуваат светот‘ (INTERNATIONAL HERALD TRIBUNE).
[Слики на страница 8]
Кога цар Соломон бил послушен на Божјите закони, тој им пренел високи вредности на своите поданици