Пловење според водата, небото и ветрот
ДАЛИ се плашите дека ќе паднете од работ на земјата? Веројатно не. Меѓутоа, изгледа дека во минатото некои морнари се плашеле токму од тоа. Многу од нив пловеле само во близина на копното. Но, други смели морепловци се ослободиле од својот страв и запловиле на отворено море.
Пред околу 3.000 години, феникиските морепловци тргнале од своите домашни пристаништа на источниот брег на Медитеранот за да тргуваат во Европа и Северна Африка. Во четвртиот век пр.н.е., еден грчки истражувач по име Питиј ја обиколил со брод цела Британија и можеби отишол дури до Исланд. А долго пред европските бродови да запловат во Индискиот Океан, низ него веќе пловеле арапските и кинеските морнари од Исток. Всушност, првиот Европеец што отпловил до Индија, Васко де Гама, безбедно пристигнал таму со помош на еден арапски капетан, Ибн Маџид, кој ги водел бродовите на де Гама во текот на 23-дневната пловидба по Индискиот Океан. На кој начин тие древни морепловци се снаоѓале на море?
Приближното одредување на положбата им го сочувало животот
Првите морепловци морале да зависат од приближното одредување на положбата. За тоа било потребно навигаторот да знае три работи, кои се прикажани на долната илустрација: 1) појдовната точка на бродот, 2) неговата брзина, и 3) неговиот курс (правец на движење). Лесно било да се знае појдовната точка. Но, како можел да се одреди курсот?
За да го одреди курсот, во 1492 Кристифор Колумбо користел компас. Но, во Европа имало компаси дури од 12 век. Без компаси, бродските капетани пловеле според сонцето и ѕвездите. Кога облаците ќе им го скриеле видикот, морнарите се ориентирале според долгите, редовни бранувања на океанот што ги предизвикувале постојаните ветрови. Тие правеле белешки во кој правец се движеле океанските бранови во однос на изгревањето и заоѓањето на сонцето и ѕвездите.
Како ја пресметувале брзината? Еден начин бил да измерат колку време му требало на бродот да помине крај некој предмет што го фрлале во водата од клунот на бродот. Подоцна, една попрецизна метода вклучувала да се фрли од палубата парче дрво прицврстено за јаже подврзано во јазли на правилни растојанија. Како што бродот се движел напред, дрвото што пловело го повлекувало јажето надвор од водата. По одредено време, јажето се извлекувало и се броеле излезените јазли. На ваков начин се одредувала брзината на бродот изразена во јазли — наутички милји на час — мерна единица што се користи до ден-денес. Кога ја знаел брзината, навигаторот можел да го пресмета растојанието што го поминал неговиот брод за еден ден. Потоа, на една карта, односно мапа на морето, повлекувал линија за да се види како бродот се движи во избраниот правец.
Се разбира, морските струи и страничните ветрови можеле да го сменат курсот на бродот. Затоа, навигаторот повремено пресметувал и запишувал колку треба да се мрдне кормилото за бродот да го следи исправниот курс. Секој ден продолжувал онаму каде што застанал претходниот пат — мерел, пресметувал и цртал. Кога бродот конечно ќе пристигнел, забелешките што секој ден ги правел навигаторот на својата мапа сочинувале траен запис за тоа како пристигнал бродот на своето одредиште. Со помош на приближното одредување на положбата, пред повеќе од 500 години Колумбо го поминал патот од Шпанија до Северна Америка и назад. Неговите внимателно нацртани мапи им овозможуваат на денешните морнари да го повторат неговото извонредно патување.
Пловење според небото
На кој начин морепловците од старо време ги користеле небесните тела за да управуваат со своите бродови? Изгревот и залезот на сонцето го покажувале исток и запад. Во мугрите, морнарите можеле да забележат колку се поместило сонцето споредувајќи ја неговата положба со положбата на ѕвездите што гаснеле. Ноќе можеле да ја одредат положбата според ѕвездата Северница, која се појавува речиси директно над Северниот пол откако ќе падне мрак. На југ, едно светло соѕвездие познато како Јужен крст им помагало да одредат каде е Јужниот пол. Така, при јасна ноќ, морнарите што пловеле на кое и да било море во светот можеле да го проверат својот курс ориентирајќи се барем според едно небесно тело.
Но, овие ѕвезди не биле единствените патокази. На пример, Полинежаните и другите морепловци од Пацификот можеле да го читаат ноќното небо како некоја автокарта. Една од нивните техники била да следат некоја ѕвезда што знаеле дека се крева или се спушта на хоризонтот во правец на нивната цел. За да проверат дали се на исправен курс, во текот на ноќта овие морепловци ја проверувале положбата и на други ѕвезди. Ако имале отстапено од курсот, небото им покажувало како да го исправат.
Колку бил сигурен овој систем? Изгледа дека во времето кога европските морнари често пловеле во близина на брегот од страв дека ќе паднат од работ на рамната Земја, морнарите на Пацификот оделе на долги средноокеански пловидби помеѓу релативно мали островчиња. На пример, пред повеќе од 1.500 години, Полинежаните тргнале од Маркиските Острови и се упатиле на север, преку огромниот Тихи Океан. До пристигнувањето на брегот на Хаваите, тие поминале пат од 3.700 километри! Народните кажувања на овој остров велат дека во старо време Полинежаните често патувале помеѓу Хаваи и Тахити. Некои историчари велат дека овие извештаи се само легенди. Меѓутоа, денешните морепловци го повториле тоа патување, пловејќи според ѕвездите, според океанските бранови и според другите природни појави — и тоа без инструменти.
Носени од ветрот
Бродовите што пловеле биле препуштени на милоста на ветровите. Некое ветре што дувало одзади лесно го движело бродот, но ветрот што дувал однапред прилично го забавувал бродот. Ако немало ветар, како што често се случува во еден појас околу екваторот, тоа значело дека бродот нема да се движи напред. Со текот на времето, морнарите ги откриле океанските ветрови што дувале најчесто и што им помогнале да ги утврдат главните патишта по кои бродовите можеле да пловат на отворено море. Морепловците добро ги користеле овие ветрови.
Се разбира, ако ветровите биле неповолни, можеле да предизвикаат катастрофа и смрт. На пример, кога во 1497 де Гама тргнал на пловидба од Португалија до прочуениот индиски Малабарски Брег, ветровите што преовладувале го однеле во Јужниот Атлантик и потоа го носеле назад на југоисток и околу африканскиот ’Рт Добра Надеж. Но, во Индискиот Океан го пресретнале монсуните — ветрови што ја менуваат насоката во зависност од годишното време. Во почетокот на летото летниот монсун почнува да дува во југозападниот дел од Индискиот Океан и со месеци ги носи кон Азија сите бродови што пловат натаму. Кон крајот на есента доаѓа на ред зимскиот монсун. Завивајќи од североисток, тој дува назад кон Африка. Но, де Гама заминал од Индија во август и наскоро го пресретнале неповолни ветрови. Наместо 23 дена што биле потребни за да отплови на исток, му требале речиси три месеци за да се врати назад. Поради ваквото доцнење снемало свежа храна и многу луѓе од екипажот умреле од скорбут.
Досетливите морнари што пловеле по Индискиот Океан научиле дека треба да погледнуваат и во календарот и во компасот. Бродовите што оделе на исток и минувале покрај ’Ртот Добра Надеж морале да тргнат за Индија во почетокот на летото или да ризикуваат да чекаат со месеци за да почнат да дуваат поволни ветрови. Од друга страна, за да ги избегнат летните монсуни, капетаните на бродовите тргнувале од Индија и се упатувале кон Европа кон крајот на есента. Така, патот по Индискиот Океан бил како наизменична еднонасочна улица — бродскиот сообраќај помеѓу Европа и индискиот Малабарски Брег честопати се одвивал само во една насока во дадено време.
Морепловството плови напред
Поминало време и морепловството тргнало по нов курс. Механичките инструменти почнале да ја намалуваат зависноста од голото око и од нагаѓањето. Астролабот и подоцна попрецизниот секстант — направи со кои се одредува колку се кренале над хоризонтот сонцето или некоја ѕвезда — им овозможиле на навигаторите да ја одредат географската ширина северно или јужно од екваторот. Поморскиот хронометар — сигурен часовник што е погоден за море — им овозможил да ја одредат географската должина, нивната положба на исток или на запад. Овие инструменти биле далеку попрецизни од приближното одредување на положбата.
Денес, жирокомпасите покажуваат каде е север без помош на магнетна игла. Системот за глобално позиционирање може да ја покаже точната локација само со притискање на неколку копчиња. Електронските монитори честопати ги заменуваат книжните мапи. Да, морепловството станало егзактна наука. Но, целиот овој напредок само ја зголемува нашата почит кон храброста и вештината на древните морепловци што пловеле со своите бродови по широките и отворени мориња само со своето знаење за водата, небото и ветрот.
[Графикон/слики на страници 12 и 13]
(Види во публикацијата)
Приближно одредување на положбата
Приближното одредување на положбата било внимателно бележено за идните пловидби
1 Појдовна точка
↓
2 Брзина Утврдена со помош на парче дрво, јаже со јазли
врзани на правилни растојанија и часовник
↓
3 Курс Утврден со набљудување на морските струи,
ѕвездите, сонцето и ветрот
[Слики]
Компас
Секстант
[Слики на страница 14]
Поради современите инструменти денешното пловење е егзактна наука
[Извор на слика]
Kværner Masa-Yards