ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • w09 1/1 стр. 20-23
  • До каде на исток отишле мисионерите?

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • До каде на исток отишле мисионерите?
  • Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2009
  • Поднаслови
  • Сличен материјал
  • Што оставил Александар зад себе
  • Морски патишта до Александрија и до Рим
  • Западњаци во Индија
  • Подалеку од Индија?
  • Верата на едно семејство во време на неволја
    Разбудете се! 2004
  • „Во опасност по море“
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1999
  • Пловење според водата, небото и ветрот
    Разбудете се! 2003
  • Да знаеш што е исправно и да го правиш тоа
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2006
Повеќе
Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2009
w09 1/1 стр. 20-23

До каде на исток отишле мисионерите?

ПОМАЛКУ од 30 години по смртта на Исус, апостол Павле напишал дека добрата вест се проповеда „меѓу сите суштества“ под небото (Колошаните 1:23). Неговите зборови не треба да ги сфатиме буквално, односно дека добрата вест ја чул секој жив човек во тоа време. Сепак, јасно е што сакал да каже — христијанските мисионери проповедале насекаде во тогаш познатиот свет.

Но, до каде можеби стигнале? Светото писмо ни кажува дека, благодарение на трговските бродови, Павле можел да ја прошири својата проповедничка активност на запад до Италија. Овој бестрашен мисионер сакал да проповеда дури и во Шпанија (Дела 27:1; 28:30, 31; Римјаните 15:28).

А до каде на исток отишле христијанските проповедници? Не можеме да кажеме со сигурност, бидејќи Библијата не ни открива ништо во врска со ова. Меѓутоа, можеби ќе се изненадиш кога ќе дознаеш до каде оделе трговските патишта помеѓу Средоземјето и Ориентот во првиот век. Ако не друго, самото постоење на тие патишта покажува дека имало добри можности да се патува на исток.

Што оставил Александар зад себе

Со своите освојувања, Александар Македонски навлегол на исток преку Вавилонија и Персија дури до Пенџап, во северна Индија. Тие походи им овозможиле на Грците да се запознаат со крајбрежните области што се протегале од устието на реката Еуфрат, во Персискиот Залив, до устието на реката Инд, во Арабиското Море.

Наскоро, во земјите каде што се раширила грчката култура почнале да се увезуваат зачини и темјан, кои се пренесувале со бродови преку Индискиот Океан и Црвеното Море. Оваа трговија најнапред се одвивала под контрола на индиските и арапските трговци. Но, кога Птолемитите од Египет ги откриле тајните на монсунските ветрови, и тие се вклучиле во трговијата што се одвивала преку Индискиот Океан.

На овој океан, во периодот од мај до септември ветровите постојано дуваат од југозапад, што им овозможува на бродовите да пловат од Црвеното Море по должината на јужниот брег на Арабискиот Полуостров или, пак, директно кон јужна Индија. Од ноември до март, ветровите дуваат во спротивен правец и така го олеснуваат патот назад. Арапските и индиските морепловци стотици години ги користеле овие сознанија за ветровите, кои им овозможиле да патуваат од Индија до Црвеното Море и назад, со бродови натоварени со касија, цимет, нард и бибер.

Морски патишта до Александрија и до Рим

Кога Римјаните ги освоиле земјите со кои владееле наследниците на Александар, Рим станал главен трговски центар за скапоцени стоки од Исток — слонова коска од Африка, темјан и смирна од Арабија, зачини и скапоцени камења од Индија, па дури и свила од Кина. Бродовите што носеле вакви стоки се упатувале кон две главни пристаништа на египетскиот брег на Црвеното Море — Беренис и Миос Ормос. И од двата града караваните можеле да стигнат до Коптос, на реката Нил.

Од Коптос, стоката патувала по Нил, главната артерија на Египет, и стигнувала до Александрија, каде што се товарела на бродови што пловеле за Италија и за други земји. Друг пат што водел до Александрија бил еден канал што ги поврзувал горниот дел од Црвеното Море — во близина на денешен Суец — и реката Нил. Се разбира, релативно близу до местата во кои проповедал Исус биле Египет и неговите морски пристаништа, па затоа лесно можело да се дојде до нив.

Според Страбон, грчки географ од првиот век, во негово време секоја година 120 александриски бродови поаѓале од Миос Ормос за да тргуваат со Индија. До ден-денес постои еден прирачник од првиот век за морепловството во овие предели. Веројатно го напишал некој египетски трговец што зборувал грчки јазик за да им олесни на своите колеги. Што може да научиме од оваа древна книга?

Тој прирачник, обично познат по своето латинско име, Патување по Еритрејското Море (Periplus Maris Erythraei) ги опишува поморските патишта кои се протегале илјадници километри јужно од Египет, дури до Занзибар. Во правец на исток, авторот спомнува растојанија, места за укотвување, трговски центри, стоки со кои се тргувало, па дури и наравот на мештаните во местата кои лежеле на јужното крајбрежје на Арабија, западниот брег на Индија и Шри Ланка, и нагоре по источниот брег на Индија сѐ до реката Ганг. Точните и сликовити описи во книгата наведуваат на заклучокот дека авторот лично бил во местата што ги опишал.

Западњаци во Индија

Во Индија, трговците од Запад биле познати како Јаванци. Според книгата Патување по Еритрејското Море, едно од нивните редовни одредишта во првиот век бил градот Музирис, кој се наоѓал во близина на јужниот врв на Индија.a Во тамилските поеми, кои датираат од почетокот на нашата ера, постојано се спомнуваат овие трговци. „Прекрасните бродови на Јаванците доаѓаат натоварени со злато и се враќаат натоварени со бибер, а улиците на Музирис одѕвонуваат од врева“, вели една поема. Во една друга поема е опишано како на еден принц од јужна Индија му е понудено да пие ароматично вино што го донеле Јаванците. Меѓу другите стоки од Запад што добро се продавале на пазарот во Индија имало стаклени и метални производи, корали и текстил.

Археолозите откриле многу докази дека во Индија се увезувале стоки од Запад. На пример, во селото Арикамеду, на југоисточниот брег на Индија, откриени се парчиња од римски ќупови за вино и чинии на кои се врежани жиговите на грнчарите што ги произвеле во Арецо, во средна Италија. „Фантазијата на денешниот истражувач уште повеќе се разгорува кога од наносите на Бенгалскиот Залив ќе се извадат искршени керамички предмети на кои се испишани имињата на занаетчиите чии печки за печење керамика се наоѓаат во околината на Арецо“, вели еден писател. И многубројните купишта златни и сребрени римски монети, кои се пронајдени во јужна Индија, потврдуваат дека постоеле трговски врски помеѓу средоземноморските земји и Индија. Повеќето од тие монети датираат од првиот век и ги носат ликовите на римските императори Август, Тибериј и Нерон.

Врз основа на доказите што ги дава една древна мапа, чија копија од средниот век постои и денес, се смета дека римските граѓани основале трајни трговски колонии во јужна Индија. На оваа мапа, позната како Појтингерова карта — за која се вели дека го прикажува римскиот свет каков што бил во првиот век — е означен храмот на Август во Музирис. „Таква градба би подигнале само поданиците на Римската Империја, и тоа оние што живееле во Музирис или, пак, се задржале таму подолго време“, стои во книгата Тргувањето на Рим со Истокот: Меѓународната трговија и државната политика од 31 пр.н.е. до 305 од н.е. (Rome’s Eastern Trade: International Commerce and Imperial Policy, 31 BC–AD 305).

Во римските записи се спомнуваат посетите на најмалку три индиски делегации во Рим додека владеел Август, од 27 год. пр.н.е. до 14 год. од н.е. „Овие делегации имале сериозна дипломатска цел“, вели едно истражување на оваа тема — да се договорат каде да се одвива трговијата помеѓу луѓето од различни земји, каде да се воведат даноци, каде да живеат странците итн.

Значи, во првиот век од н.е., патувањата меѓу средоземноморскиот регион и Индија не биле ниту некаква реткост ниту нешто необично. Еден христијански мисионер на северниот брег од Црвеното Море лесно можел да се качи на брод за Индија.

Подалеку од Индија?

Тешко е да се утврди до каде на исток отишле трговците и другите патници од средоземноморскиот регион — и кога се случило тоа. Меѓутоа, се смета дека до првиот век, некои луѓе од Запад стигнале дури до Тајланд, Камбоџа, Суматра и Јава.

Во делото Аналите на подоцнежната династија Хан (Hou Han-Shou), кое го опфаќа периодот од 23 год. од н.е. до 220 год. од н.е., се наведува времето на едно такво патување. Во 166 год. од н.е., една делегација испратена од царот Дејчин, по име Ан-тун, пристигнала на кинескиот двор носејќи дар за императорот Хван-ди. Дејчин бил кинески назив за Римското Царство, додека Ан-тун изгледа е кинески превод на Антониј, семејното име на Марко Аврелиј, римскиот император во тоа време. Историчарите се сомневаат дека тоа не била официјална делегација туку само обид од страна на здружените трговци од Запад да набават свила директно од Кина наместо преку препродавачи.

Да се вратиме на нашето прашање: До каде ги одвеле древните бродови христијанските мисионери од првиот век? До Индија и подалеку? Можеби. Христијанската порака сигурно се раширила толку далеку што апостол Павле можел да рече дека „донесува плод и расте... во целиот свет“ — односно до најдалечните краеви на тогаш познатиот свет (Колошаните 1:6).

[Фуснота]

a Иако не се знае каде точно се наоѓал Музирис, изучувачите сметаат дека неговата местоположба била во близина на устието на реката Перијар, во државата Керала.

[Рамка/слика на страница 22]

Поплаката на еден император

Во 22 год. од н.е., римскиот император Тибериј се пожалил на неограничените трошоци што ги правеле жителите на неговата земја. Поради нивната неконтролирана жед за луксуз и нескромните желби на римските угледни жени за скапоцени камења, богатството на неговата империја се слевало во рацете на „туѓи или непријателски народи“. И римскиот историчар Плиниј Постариот (23-79 н.е.) се жалел на слични издатоци. „И со најниските пресметки“, напишал тој, „во Индија, Кина и Арабискиот Полуостров секоја година одат по сто милиони сестерци од нашата империја — толку скапо плаќаме за нашиот луксуз и за нашите жени“.b

[Фуснота]

b Аналитичарите пресметуваат дека 100 милиони сестерци изнесувале околу 2 отсто од вкупната економија на Римското Царство.

[Извор на слика]

Museo della Civiltà Romana, Roma; Todd Bolen/Bible Places.com

[Рамка/слика на страница 23]

Каде ја набавувале стоката трговците

Исус спомнал еден „трговец што патува барајќи убави бисери“ (Матеј 13:45). И во книгата Откровение се спомнуваат ‚трговци‘ чија стока вклучувала скапоцени камења, свила, миризливо дрво, слонова коска, цимет, темјан и индиски зачини (Откровение 18:11-13). Овие стоки потекнувале од места кои се наоѓале покрај трговските патишта источно од Палестина. Ароматичните дрвја, какво што било сандаловото дрво, потекнувале од Индија. Скапоцени бисери можеле да се најдат во Персискиот Залив, Црвеното Море и, според авторот на книгата Патување низ Еритрејското Море, во близината на Музирис и Шри Ланка. Бисерите од Индискиот Океан веројатно биле со најдобар квалитет и најскапи.

[Карта на страници 20 и 21]

(Види во публикацијата)

Некои од трговските патишта меѓу Рим и Азија во првиот век

Арецо

Рим

СРЕДОЗЕМНО МОРЕ

Александрија

ЕГИПЕТ

Коптос

АФРИКА

Нил

Еуфрат

Ерусалим

Миос Ормос

Беренис

АРАБИЈА

Црвено Море

Занзибар

ВАВИЛОНИЈА

Персиски Залив

ПЕРСИЈА

↓ Североисточен монсун

↑ Југозападен монсун

Инд

ПЕНЏАП

Ганг

Бенгалски Залив

ИНДИЈА

Арикамеду

Музирис

ШРИ ЛАНКА

ИНДИСКИ ОКЕАН (ЕРИТРЕЈСКО МОРЕ)

КИНА

ИМПЕРИЈА ХАН

ТАЈЛАНД

КАМБОЏА

ВИЕТНАМ

Суматра

Јава

[Слика на страница 21]

Макета на римски товарен брод

[Извор на слика]

Брод: Pictorial Archive (Near Eastern History) Est.

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели