Верата на едно семејство во време на неволја
ЗА ИНДИЈА, симпатично 9-годишно девојче од Висконсин (САД), болеста не е ништо ново. Всушност, таа веќе имала три поголеми операции и безброј помали интервенции. „Изминативе шест години“, вели мајка ѝ, Лори, „секојдневие во животот на Индија се одделите за итни случаи, престоите во болниците и лекарските прегледи“.
Сѐ започнало кога Индија имала 18 месеци. Кај неа се појавиле необични симптоми, меѓу кои и хронична дијареја, високи температури, отечен желудник и неконтролирано слабеење. Имала и болки во стомакот. Секоја ноќ, цели две години, малата Индија постојано се будела со кенкање, офкање, а понекогаш дури и со пискање од болка.
Додека лекарите се обидувале да откријат во што е проблемот, Индија и понатаму имала страшни болки. „Нашето бебе во суштина умираше од глад“, вели Лори. „Повеќе од една година“, додава Марк, татко ѝ на Индија, „гледавме како нашата ќеркичка сѐ повеќе слабее а не знаевме како да ѝ помогнеме. Се сеќавам на една ноќ кога се чувствував сосема беспомошен додека Лори и јас разговаравме за погребот на Индија. Во тие моменти мислевме дека тоа ќе биде неизбежно“.
Со текот на времето било утврдено дека Индија имала улцерозен колит — болест што ја напаѓа слузокожата на дебелото црево. Таа имала и почетен стадиум на склерозантен холангит, што ги напаѓа жолчните канали во црниот дроб. Овие болести можеле да се излекуваат. Меѓутоа, ќе била потребна операција, а за улцерозниот колит ќе требало да се примаат лекарства. И за едната и за другата болест имало потреба од постојан лекарски надзор и грижа за време на закрепнувањето.
Поминале повеќе од седум години откако Индија првпат се разболела. Благодарение на грижата на совесните лекари, таа брзо закрепнува. Како Јеховини сведоци, Марк и Лори сметаат дека нивната вера во Божјата реч — особено во она што го вели таа за болестите, смртта и надежта во идно воскресение — им помогнале да истраат. Истото било случај и со Индија. „Индија отсекогаш зборуваше отворено за надежта во воскресение што е опишана во Библијата“, вели Лори. „Таа надеж ѝ е многу реална.“
Во една прилика, кога Индија била во просторијата за играње на болницата, се запознала со некое девојче чија сестричка имала леукемија. Лори раскажува што се случило понатаму: „Девојчето ѝ рекло на Индија дека се плаши да не умре сестра ѝ. Тогаш Индија ѝ објаснила што вели Библијата за смртта и дека не се плаши да умре. Следниот ден, мајката на девојчето дојде кај мене и ми постави некои прашања. Беше зачудена што Индија можела да зборува толку отворено и без страв во врска со тие работи“.
Марк и Лори утврдиле дека многу им помогнале молитвите на соверниците. „Во минатото“, вели Марк, „кога им велев на луѓето дека ќе бидат во моите молитви или кога се молев со нив, секогаш посакував да можам да сторам нешто повеќе. Сега сфаќам колку е важно да се молиме со и за другите. Молитвата беше најважното нешто што другите можеа да го направат за нас во тие тешки моменти. Колку само нѐ сака нашето братство!“
Исто така, Марк смета дека болеста на Индија им помогнала да ги преиспитаат своите приоритети. „Нашиот став кон материјалните работи сосема се промени“, вели тој. „Колку само изгледаат безвредни ако имате болно дете! Она што вредело во нашиот живот — и што сѐ уште вреди — е односот со Јехова Бог и братството што многу нѐ сака“.
Марк, Лори, Индија, брат ѝ и сестра ѝ со радост го очекуваат времето што го претскажал пророк Исаија, кога „ниеден жител нема да рече: ‚Болен сум‘ “ (Исаија 33:24; Откровение 21:4).
[Слика на страница 22]
Индија Ериксон
[Слика на страница 23]
Детската болница во Сан Диего
[Слика на страница 23]
Индија и нејзиното семејство