Како вдовица ја најдов вистинската утеха
Раскажува Лили Артур
Еден млад објавител на Јеховините сведоци одел од куќа до куќа во еден дел на Утакамунд, Индија. По обичај жените не му отвораат врата на таков странец. После неколку часа, уморен и малку обесхрабрен, тргнал да си оди дома. Но застанал, се чувствувал некако присилен да наврати на следната врата. Замисли си што се случило, како што опишува жената која му ја отворила вратата
СО МОЈАТА ќерка од два месеци в раце и со синот од 22 месеци покрај мене, веднаш ја отворив вратата и пред мене стоеше еден непознат човек. Претходната вечер бев многу ожалостена. Барајќи утеха, се молев: ”Татко небесен, те молам утеши ме преку твојата Реч.“ Сега, на мое изненадување, непознатиот објасни: ”Ви носам порака на утеха и надеж од Божјата Реч.“ Си помислив дека мора е пророк испратен од Бог. Но, кои околности ја предизвикаа мојата молитва за помош?
Спознавање на библиските вистини
Родена сум 1922. во селото Гудалур во убавиот брдовит предел Нилгири во јужна Индија. Мајка ми умре кога имав три години. Подоцна, татко ми, кој беше протестански свештеник, повторно се ожени. Штом можевме да зборуваме, татко ми ги научи моите браќа и сестри и мене да се молиме. На возраст од четири години, додека татко ми секојдневно седеше на маса и ја читаше Библијата, јас на подот ја читав својата Библија.
Кога пораснав, станав учителка. А потоа, кога наполнив 21 година, татко ми го договори мојот брак. Мојот сопруг и јас бевме благословени со синот Сандер, и подоцна со ќерката Ратна. Меѓутоа, кога се роди Ратна, маж ми тешко се разболе и набргу потоа умре. На 24 години, оддеднаш бев вдовица, одговорна за две мали деца.
После ова го преколнував Бог да ме утеши со својата Реч, и токму следниот ден кај мене дојде објавителот на Јеховините сведоци. Го поканив внатре и ја зедов книгата Нека Бог биде вистинит. Таа ноќ додека ја читав, постојано го гледав името Јехова, кое за мене беше некако чудно. Подоцна објавителот се врати и ми покажа во Библијата дека тоа е Божјето име.
Набргу исто така научив дека учењата како што се Тројството или пеколниот оган, не се темелат на Библијата. Се исполнив со утеха и надеж кога дознав дека под Божјето Царство, Земјата ќе стане рај и нашите драги умрени ќе се вратат во воскресението. А како најважно, почнав да го запознавам и да го сакам вистинскиот Бог, Јехова, кој ја слушна мојата молитва и ми дојде напомош.
Споделување на новооткриеното спознание
Почнав да се прашувам како сум можела да ги пропуштам овие Библиски стихови со Божјето име. И зошто, додека сама ја читав Библијата, не сум ја видела јасната надеж за вечен живот на рајската Земја? Предавав во едно училиште кое го водеа протестански мисионери, и ѝ ги покажав библиските стихови на управничката на училиштето (2. Мојсеева 6:3; Псалми 37:29; 83:18; Исаија 11:6-9; Откровение 21:3, 4). Спомнав дека некако сме ги испуштиле. Но на мое изненадување, таа не изгледаше задоволна.
Потоа ѝ напишав на директорката на училиштето која беше во друг град, цитирајќи ги овие библиски стихови. Барав прилика да разговарам со неа. Ми одговори дека татко ѝ, добро познат свештеник од Англија, би разговарал за тоа со мене. Братот на директорката беше угледен бискуп.
Ги подготвив сите точки и стихови и ја зедов книгата Нека Бог биде вистинит, и со децата отидов во соседниот град. Со воодушевување им објаснив кој е Јехова, дека не постои Тројство, и други работи што ги бев научила. Некое време слушаа, но не рекоа ниту збор. Тогаш свештеникот од Англија рече: ”Ќе се молам за тебе.“ Потоа се молеше над мене и ме испрати дома.
Сведочење на улица
Еден ден објавителот на Јеховините сведоци ме покани да сведочиме на улица со списанијата Стражарска кула и Пробуди се! Му реков дека тоа никогаш не би можела да го правам. Знаете, во Индија луѓето би го помислиле најлошото за жена која стои на улица или оди од куќа до куќа. Би нанело срам на нејзиниот углед па дури и на угледот на нејзиното семејство. Бидејќи длабоко го љубев и почитував татко ми, не сакав да му нанесам срам.
Но објавителот ми покажа еден библиски стих кој гласи: ”Сине мој, биди мудар и израдувај го моето срце, за да имам што да му одговорам на оној кој ме клевети.“ (Пословици 27:11) Ми рече: ”Го радуваш Јеховиното срце со тоа што јавно покажуваш дека си за него и неговото Царство.“ Бидејќи повеќе од сѐ сакав да го израдувам Јеховиното срце, ја зедов торбата со списанија и тргнав со него да сведочиме на улица. Дури ни сега не можам да си замислам како го сторив тоа. Тоа беше 1946-та, околу четири месеци од првата посета.
Охрабрена да го пребродам стравот
Во 1947, прифатив учителска работа на периферијата од Мадрас, на источниот брег на Индија, и се преселив таму со децата. Мала група од околу осум Јеховини сведоци редовно се состануваше во градот. За да присуствуваме на овие состаноци, моравме да патуваме 26 километри. Во тоа време во Индија не беше обичај жените да патуваат сами. Во тој поглед беа зависни од мажите. Не знаев како да се качам на автобус, како да извадам карта, како да слезам од автобус, и така натаму. Чувствував дека морав да му служам на Јехова, но како? Затоа се молев: ”Јехова Боже, не можам да живеам без да ти служам. Но навистина ми е невозможно како Индијка да одам од куќа до куќа.“
Се надевав дека Јехова ќе ме пушти да умрам за да ме ослободи од тој внатрешен конфликт. Меѓутоа, решив да прочитам нешто од Библијата. Се погоди да отворам кај Еремија, каде пишува: ”Не вели: — млад сум; — зашто до сите, до кои ќе те испратам, ќе одиш, и сѐ, што ќе ти заповедам, ќе кажеш. Не се плаши од нив; зашто Јас сум со тебе, за да те избавам“ (Еремија 1:7, 8, СПМ).
Почувствував дека Јехова навистина зборува со мене. И така собрав храброст и веднаш на машината за шиење си сошив торба за носење на списанија. После срдечна молитва, сама отидов од куќа до куќа, ја дадов сета своја литература, и дури започнав една библиска студија тој ден. Одлучив на Јехова да му дадам прво место во својот живот, и ставив целосна доверба во него. Делото на јавно проповедање стана редовен дел од мојот живот и покрај срамотењето со зборови. И покрај противењето, мојата активност остави силен впечаток на некои.
Пример за тоа беше кога ќерка ми и јас одевме од куќа до куќа во Мадрас после многу години. Еден Хиндус, судија на Врховниот суд, погрешно проценувајќи ги моите години, ми рече: ”Ги знам овие списанија уште пред ти да се родиш! Пред триесет години една жена редовно стоеше на Маунт Роуд и ги нудеше.“ Тој побара да се претплати.
Во една друга куќа, еден индуски браманец, чиновник во пензија, нѐ покани внатре и рече: ”Пред многу, многу години, една жена нудеше Стражарска кула на Маунт Роуд. Од почит спрема неа ќе го земам ова што ми го нудите.“ Морав да се насмеам зашто знаев дека јас бев таа жена за која двајцата зборуваа.
Зајакната и благословена
Во октомври 1947. го симболизирав своето предание на Јехова со крштевање во вода. Во тоа време бев единствената жена Сведок во целата држава која зборуваше тамилски, но сега таму има стотици Тамилки кои се верни, делотворни Сведоци за Јехова.
Откако се крстив, доаѓаа противења од сите страни. Мојот брат ми пиша: ”Си преминала секакво културно однесување и пристојност.“ Исто така ми се спротивставија во училиштето каде што работев и во средината. Но јас се држев уште поблиску до Јехова преку постојана и сесрдна молитва. Кога ќе се разбудев среде ноќ, веднаш ќе ја запалев газиената лампа и ќе проучував.
Бидејќи бев зајакната, бев во подобра положба да ги утешам и DA им помагам на другите. Една постара Хиндуистка со која проучував, зазеде цврст став за Јеховиното обожавање. Кога умре, една друга жена од тоа домаќинство рече: ”Она што најмногу нѐ радуваше беше нејзината лојалност спрема Богот кого одбра да го обожава до самиот крај.“
Една друга жена со која проучував никогаш не се смееше. Нејзиното лице секогаш беше загрижено и тажно. Но откако ја подучив за Јехова, ја охрабрив да му се моли, бидејќи тој ги знае нашите неволји и се грижи за нас. Следната недела лицето ѝ блескаше. За првпат ја видов нејзината насмевка. ”Му се молев на Јехова“, објасни таа, ”и имам мир во мислите и срцето.“ Таа го предаде својот живот на Јехова и остана верна и покрај многуте тешкотии.
Урамнотежување на одговорностите
Со две мали деца за кои морав да се грижам, мислев дека спроведувањето на мојата желба да му служам на Јехова полновремено како пионер беше невозможна. Но тогаш ми се отвори една нова гранка во службата кога се јави потребата некој да преведува библиска литература на тамилски јазик. Со Јеховина помош можев да ја извршувам таа задача и истовремено да работам светска работа како учителка, да се грижам за децата, да ги извршувам домашните работи, да присуствувам на сите состаноци и да учествувам во службата. Конечно, кога децата ми пораснаа, станав специјален пионер, предност што ја уживав последните 33 години.
Уште кога Сандер и Ратна беа многу малечки, се трудев да ја всадам во нив љубовта кон Јехова и желбата секогаш неговите интереси да ги ставаат на прво место во сите аспекти од животот. Знаеја дека првиот со кого требаше да разговараат штом ќе се разбудеа беше Јехова, и дека Тој беше последниот со кого требаше да разговараат пред да одат на спиење. И знаеја дека не треба да се занемарува подготвувањето за христијанските состаноци или службата заради домашната работа од училиште. Ги охрабрував да го дадат најдоброто во училиштето, но никогаш не инсистирав да добиваат високи оценки, од страв тоа да не им стане најважно во животот.
Откако се крстија, ги користеа школските одмори за да бидат пионери. Ја охрабрував Ратна да биде смела, а не плашлива и срамежлива како што бев јас. Откако заврши гимназија и средно економско училиште, почна со пионерска служба, а подоцна стана специјален пионер. Со време, се омажи за еден патувачки надгледник, Ричард Габриел, кој сега служи како координатор во одборот на подружницата на Друштвото Стражарска кула во Индија. Тие и нивната ќерка, Абигајла, се полновремени работници во подружницата во Индија, а нивниот мал син, Ендрју, е објавител на добрата вест.
Меѓутоа, на 18-годишна возраст Сандер ми го скрши срцето кога престана да се дружи со Јеховините сведоци. Следните години беа болни за мене. Постојано го молев Јехова да ми прости ако нешто сум погрешила додека го одгледував, и да му помогне на Сандер да се освести и да се врати. Но со тек на време, изгубив секаква надеж. Еден ден, после 13 години, дојде и ми рече: ”Мамо, не грижи се, сѐ ќе биде во ред“.
Набргу потоа, Сандер особено се трудеше да стане духовно зрел. Напредна до тој степен што му беше доверено да надгледува едно собрание на Јеховините сведоци. Подоцна ја напушти добро платената работа за да стане пионер. Сега тој и неговата жена, Естера, заедно служат во ова дело во Бангалоре во јужниот дел на Индија.
Доживотна утеха
Често му се заблагодарувам на Јехова што дозволи во текот на сите овие години да поднесувам страдања и тешкотии. Без таквите искуства не би ја имала скапоцената предност до толкава мера да ја вкусам Јеховината доброта, неговата милост и неговите изрази на нежна грижа и сочувство (Јаков 5:11). Трогателно е да се прочита во Библијата за Јеховината грижа и заинтересираност ”за момчето без татко и за вдовицата“ (5. Мојсеева 24:19-21). Но тоа ништо не е во споредба со утехата и радоста вистински да се доживее неговата грижа и заинтересираност.
Научив безрезервно да му верувам и да му се доверувам на Јехова, не ослонувајќи се на сопственото знаење, туку на сите патишта да го имам на ум (Псалми 43:5; Пословици 3:5, 6). Како млада вдовица, му се молев на Бог за утеха од неговата Реч. Сега, на 68-годишна возраст, навистина можам да речам дека сум нашла неизмерна утеха во разбирањето на Библијата и спроведувањето на нејзините совети.
[Слика на страница 26]
Лили Артур со членовите на семејството