Ние сме од оние кои имаат вера
Изградување на верата во Индија преку библиски студии
ОД ВЕЛИЧЕСТВЕНИТЕ, прекриени со снег Хималаи на север па сѐ до замаглените од пареа брегови на Индискиот Океан на југ, Индија е земја на разновидност, и во географски и во религиозен поглед. Од нејзиното население кое брои над една милијарда жители, околу 83 проценти се хиндуси, 11 проценти муслимани, а остатокот е составен првенствено од номинални христијани, сики, будисти и џаини. Сите уживаат слобода на обожавање. „Религијата игра битна улога во начинот на живот на Индијците“, вели The World Book Encyclopedia.
Живеење во склад со својата христијанска вера е добар опис на Јеховините сведоци чиј број во Индија изнесува над 21.200. Како и нивните духовни придружници во другите делови од светот, Сведоците во Индија сметаат дека е предност да им помагаат на своите ближни да изградат силна вера во Божјата реч, Светото писмо (2. Тимотеј 3:16, 17). Разгледај како едно семејство во Чени, на југот од Индија, дошло до спознание на библиската вистина.
Пред да стапи во контакт со Јеховините сведоци, ова семејство било активно вклучено во католички харизматски движења, тврдејќи дека гледа визии, зборува јазици и ги лекува болните. Се истакнувало во црквата и во средината, дури на членовите на тоа семејство луѓето им се обраќале со „свами“, што значи „учител“. Потоа, еден ден, некој Сведок го посетил тоа семејство и им покажал од Библијата дека Исус е Син Божји, а не Семоќен Бог како што обично се верува. Сведокот им покажал и дека Божјето име е Јехова и дека Јеховината намера за Земјата е да ја претвори во прекрасен рај (Осија 12:5; Лука 23:43, NW; Јован 3:16).
Бидејќи ја почитувале Божјата реч и им се допаднало она што го чуле, членовите на ова семејство се сложиле на редовна библиска студија со Јеховините сведоци. Ова им донело исмејување од страна на познаниците од нивната црква. Сепак, семејството останало одлучно да продолжи со својата библиска студија. Како што нивното спознание и вера растеле, прекинале со практиките на лажната религија. Денес, три члена на ова семејство се ревни, крстени Сведоци, а мајката секогаш кога е можно служи како помошен пионер.
Вера која ги совладува хендикепите
На Сундер Лал, младич кој живее во едно село во Пенџаб, му била потребна голема вера и храброст за да ја споделува добрата вест за Божјето Царство со другите (Матеј 24:14). Како прво, тоа било затоа што ги напуштил политеистичките верувања на своето семејство и селото за да го обожава вистинскиот Бог, Јехова. Како второ, Сундер Лал нема нозе.
Сѐ до 1992 животот на Сундер Лал бил сосема вообичаен. Работел како помошник на еден лекар и го придружувал своето семејство во обожавањето на различни божества под водство на нивниот избран гуру. Потоа, една ноќ, паднал додека преминувал некоја железничка пруга. Го прегазил воз и му ги отсекол обете нозе во пределот на бедрата. Иако останал жив, неговиот свет бил срушен. Разбирливо, Сундер Лал паднал во длабока депресија, па дури размислувал и за самоубиство. Семејството го поддржувало, но за него иднината изгледала безнадежна.
Тогаш еден Јеховин сведок го посетил Сундер Лал и му покажал од Библијата дека Бог ветил Земјата да ја претвори во прекрасен рај и да им даде совршено здравје на сите кои го љубат и се плашат од него. Сундер Лал се сложил на библиска студија, и една година марливо проучувал. Бил поканет да присуствува на христијанските состаноци и конечно пошол на багажникот од велосипедот на еден пријател. Иако возењето за него било болно, наградата била голема. Она што го имал научено на својата лична библиска студија си дошло на свое место кога запознал и други кои вистински верувале во ветувањата на Божјата реч и живееле во склад со библиските учења.
Сундер Лал почнал да ја споделува добрата вест со своите ближни, и во 1995 се крстил. Во почетокот, учествувал во службата во своето село на тој начин што се влечел од врата до врата, што било негов нормален начин на движење. Но, сега тој има подарок од своите духовни браќа — трицикл кој е специјално опремен за да може да се управува рачно. Благодарение на својот трицикл, сега тој е посамостоен и може самиот да патува по 12 километри за да присуствува на собраниските состаноци. Понекогаш се тркала сам низ поројни монсуни; а некогаш, пак, температурата достигнува над 43 Целзиусови степени.
Освен што присуствува на состаноците, Сундер Лал води многу библиски студии со другите кои сакаат помош за да изградат силна вера во вистинскиот Бог Јехова. Всушност, седум од неговите поранешни библиски студенти сега се крстени, како и тројца други со кои тој стапил во контакт, но други Сведоци ја проучувале Библијата со нив.
„Не сите“, според Библијата, „имаат вера“ (2. Солуњаните 3:2). Но, кај оние кои се „исправно наклонети за вечен живот“ (NW), редовното проучување на Божјата реч може да изгради силна вера (Дела 13:48). Од таквото проучување очите блескаат со надеж за прекрасната иднина — нешто во кое сѐ поголем број луѓе во Индија покажуваат вера.
[Карта на страница 30]
(Види во публикацијата)
АВГАНИСТАН
ПАКИСТАН
НЕПАЛ
БУТАН
КИНА
БАНГЛАДЕШ
МЈАНМАР
ЛАОС
ТАЈЛАНД
ВИЕТНАМ
КАМБОЏА
ШРИ ЛАНКА
ИНДИЈА
[Извор на слика]
Mountain High Maps® Copyright © 1997 Digital Wisdom, Inc.