Објавителите на Царството известуваат
Индија — „единство среде разноликост“
„ЕДИНСТВО среде разноликост“ е една популарна парола што се користи за да се опише националната интеграција во Индија. Да се постигне единство во оваа огромна земја на голема разноликост во културата, јазикот, религијата, етничките корени, облекувањето и исхраната не е баш мала задача. Меѓутоа, такво единство се гледа во административната канцеларија на Јеховините сведоци во Индија, иако доброволците кои живеат и работат таму доаѓаат од многу држави и сојузни територии, и зборуваат неколку јазици.
• Запознај ја Рајрани — млада жена од Пенџаб, на крајниот северозападен дел на Индија. Кога одела на училиште, една од нејзините соученички почнала да ја проучува Библијата со Јеховините сведоци. Оваа млада девојка се обидела да ја заинтересира Рајрани за Библијата. Со оглед на тоа што нејзината соученичка малку знаела англиски, а во тоа време Стражарска кула не била достапна на пенџапски, таа побарала Рајрани да ѝ помогне во преводот на содржината на списанието. Она што Рајрани го прочитала во Стражарска кула почнало толку длабоко да влијае врз неа што и покрај противењето од родителите напредувала до тој степен што му го предала својот живот на Јехова Бог. Денес, додека служи во Бетел во Индија, таа го прави токму она што ѝ ги отворило очите за вистината. Ги преведува христијанските публикации на пенџапски.
• Размисли и за Бижо, кој доаѓа од еден друг дел на Индија — југозападната држава Керала. Бижо бил истеран од средното училиште заради неутралниот став што го зазел за време на националистичките церемонии. После еден продолжен судски случај, кој завршил со победа — пресвртница за чистото обожавање, Бижо се вратил на училиште.a Исто така, продолжил и на колеџ. Меѓутоа, неморалната клима таму му сметала на совеста, па затоа прекинал уште во првиот семестар. Сега, по десет години поминати во Бетел, смета дека поголема корист извлекол од тоа што е член на разноликата, но обединета бетелска фамилија отколку што би извлекол стремејќи се по повисоко образование.
• Норма и Лили имаат по повеќе од 70 години и веќе долги години се вдовици. Секоја од нив поминала по повеќе од 40 години во полновремената служба. Лили околу 20 години работи во подружницата како преведувач на тамилски јазик. Норма дошла во Бетел пред 13 години, кога го изгубила својот сопруг. Освен што се прекрасни примери на трудољубиви и совесни работнички, тие имаат обединувачко влијание врз целата бетелска фамилија. Сакаат да ги угостат посетителите, и уживаат во друштвото на помладите членови на фамилијата, споделувајќи ги со нив радостите од долгите години христијански живот. А младите им возвраќаат на тој начин што ги покануваат во своите соби за да се дружат со нив и да им помогнат кога им е потребно. Навистина прекрасни примери!
Надминувајќи ги разликите кои предизвикуваат раздор и неслога на многу места, овие доброволци среќно работат заедно за да им служат на другите како членови на обединетата бетелска фамилија во Индија (Псалм 133:1).
[Фуснота]
a Види го англиското издание на Стражарска кула од 1 ноември 1987, страница 21.
[Извор на слика на страница 8]
Заднина: Mountain High Maps® Copyright © 1997 Digital Wisdom, Inc.