Приближи му се на Бог
Судија што секогаш постапува праведно
ПРАВДА. Чесност. Непристрасност. Зар не те привлекуваат овие благородни особини? Луѓето имаат вродена потреба да се постапува праведно со нив. За жал, во денешниов свет правдата е реткост. Меѓутоа, има еден Судија што ја заслужува нашата доверба, а тоа е Јехова Бог. Тој секогаш го прави она што е праведно. Ова јасно се гледа од разговорот помеѓу Јехова и Авраам, запишан во 1. Мојсеева 18:22-32.a
Кога Јехова му кажал на Авраам дека решил да испита каква е состојбата во Содом и Гомор, Авраам се уплашил за безбедноста на праведниците што живееле таму, вклучувајќи го и неговиот внук Лот. Авраам го преколнувал Јехова: „Дали навистина ќе го погубиш праведниот заедно со злиот? Да речеме дека во градот има педесет праведници. Дали навистина... нема да му простиш на тоа место заради педесетте праведници што се во него?“ (стихови 23, 24). Бог рекол дека ќе ги поштеди тие градови ако во нив има само 50 праведници. Авраам го молел Јехова уште пет пати, при што малку по малку го намалувал бројот сѐ додека не дошол до 10. Секојпат Бог рекол дека нема да ги уништи тие два града ако во нив имало толку праведници колку што спомнал Авраам.
Дали Авраам се препирал со Бог? Се разбира дека не! Тоа би било многу дрско од негова страна. Со тонот на гласот, Авраам покажал должна почит и понизност. За себе рекол дека е само „прав и пепел“. Четири пати со почит рекол „те молам“ (стихови 27, 30-32). Освен тоа, од неговите зборови се гледа дека имал доверба дека Јехова е справедлив. Авраам двапати рекол дека Бог „никогаш“ не би го уништил праведникот заедно со злиот. Овој верен човек ја изразил својата увереност дека „Судијата на целата земја“ ќе го „прави она што е праведно“ (стих 25).
Дали Авраам бил во право? И да и не. Згрешил што си мислел дека имало најмалку десет праведни луѓе во Содом и Гомор. Но, сосема бил во право кога рекол дека Бог никогаш „не би го погубил праведникот заедно со злиот“. Кога Бог подоцна ги уништил тие злобни градови, праведниот Лот и неговите две ќерки побегнале со помош на ангелите (2. Петрово 2:7-9).
Што учиме за Јехова од овој извештај? Кога му кажал на Авраам дека има намера да ја испита состојбата во двата града, Јехова, всушност, започнал еден разговор. Потоа стрпливо слушал додека Авраам кажувал што го загрижува (Исаија 41:8). Колку убаво нѐ учи ова дека Јехова е понизен Бог, кој не ги понижува туку ги почитува своите слуги на Земјата! Јасно е дека имаме многу причини да покажеме целосна доверба во Јехова — Судијата кој секогаш го прави она што е праведно.
[Фуснота]
a Во таа прилика Јехова го застапувал ангел што зборувал во Негово име. (Уште еден таков пример можеш да прочиташ во 1. Мојсеева 16:7-11, 13.)
[Слика на страница 24]
Авраам го преколнувал Јехова да ги поштеди градовите Содом и Гомор