Кој бил Авраам?
РЕТКО кој друг човек извршил поголемо влијание врз светските религии. Почитуван и од Евреите, и од муслиманите, и од христијаните, Авраамa е опишан како „духовен џин во Светото писмо“ и како „истакнат пример на вера“. Во Библијата за него пишува дека е „татко на сите што веруваат“ (Римјаните 4:11).
Зошто Авраам е толку почитувана личност? Една работа по која се издвојува од другите е тоа што е единствениот за кого Библијата вели дека е Божји пријател — и тоа дури три пати! (2. Летописи 20:7, фуснота; Исаија 41:8; Јаков 2:23).
Меѓутоа, Авраам бил обичен човек како нас. Се борел со многу од проблемите што ги имаме и ние денес и успешно ги совладал. Како? Да видиме што ни открива Библијата за овој извонреден човек.
Неговото потекло
Авраам се родил во 2018 год. пр.н.е. и пораснал во Ур, голем и богат град во кој се обожавале многу идоли (1. Мојсеева 11:27-31). Тара, татко му на Авраам, можеби бил меѓу луѓето што обожавале различни идоли (Исус Навин 24:2). Сепак, Авраам одлучил да му служи само на Јеховаb‚ а не да се поклонува пред безживотните идоли на другите богови.
Што го поттикнало Авраам да донесе таква одлука? Тој се родил 150 години пред да умре Сем, синот на Ное. Што мислиш, како влијаело врз Авраам дружењето со тој човек, кој бил многу постар од него? Сигурно можел од прва рака да чуе од Сем како било за време на Потопот. Тоа му помогнало да сфати колку е важно да му служи на Јехова, Богот што ги спасил Сем и неговото семејство додека траел Потопот.
Без разлика дали преку Сем или, пак, на некој друг начин, Авраам со сето срце го прифатил она што го дознал за вистинскиот Бог. Бидејќи Јехова е Бог што „ги испитува срцата“, сигурно видел нешто добро во Авраам и му помогнал да стане уште подобар човек (Изреки 17:3; 2. Летописи 16:9).
Неговиот живот
Авраам имал исполнет и возбудлив живот, кој му донел многу предизвици, но никогаш не бил бесцелен. Да разгледаме некои работи што ги доживеал.
▪ Додека живеел во Ур, Бог му рекол да го напушти своето родно место и да отиде во земјата што ќе му ја покаже. Иако Авраам и Сара не ги знаеле сите детали — каде ќе одат или зошто Бог барал од нив да заминат — тие послушале. Отишле во земјата Ханаан и како туѓинци живееле во шатори до крајот на животот (Дела 7:2, 3; Евреите 11:8, 9, 13).
▪ Уште кога Авраам и Сара немале деца, Јехова му ветил на Авраам дека од него ќе направи голем народ. Му рекол дека сите народи на Земјата ќе бидат благословени преку него (1. Мојсеева 11:30; 12:1-3). Подоцна, Јехова уште еднаш му потврдил дека има намера да го исполни тоа ветување. Му рекол дека неговото потомство ќе биде многубројно како ѕвездите на небото (1. Мојсеева 15:5, 6).
▪ Кога Авраам имал 99 години, а Сара околу 90, Јехова им ветил дека ќе имаат син. Од човечка гледна точка тоа изгледало невозможно, но Авраам и Сара набргу сфатиле дека ништо не е „невозможно за Јехова“ (1. Мојсеева 18:14). Една година подоцна, кога имал 100 години, на Авраам му се родил син на кого му го дал името Исак (1. Мојсеева 17:21; 21:1-5). Бог ветил дека преку Исак целото човештво ќе добие големи благослови.
▪ Неколку години подоцна, Јехова побарал од Авраам нешто многу необично: Да го жртвува својот сакан син, и покрај тоа што младиот Исак сѐ уште не бил женет и немал деца.c Иако мислата дека ќе го изгуби својот син мора да му предизвикала голема болка, Авраам бил спремен да послуша и да го принесе Исак како жртва. Имал силна вера дека, ако било потребно, Бог можел да го воскресне Исак за да ги исполни своите ветувања (Евреите 11:19). Во мигот кога Авраам бил решен да го жртвува својот син, Бог се вмешал и му го зачувал животот на Исак. Јехова го пофалил Авраам за неговата голема послушност. Потоа, пак му ги повторил сите ветувања што му ги дал претходно (1. Мојсеева 22:1-18).
▪ На 175 години, Авраам починал. Библијата вели дека умрел „во длабока старост, стар и задоволен“ (1. Мојсеева 25:7, 8). Така го дочекал исполнувањето на уште едно ветување што му го дал Бог — дека ќе живее долго пред да почине во мир (1. Мојсеева 15:15).
Каков пример ни дал
Авраам не е само религиозен или историски лик од далечното минато. До ден-денес, сѐ уште се зборува за неговиот живот, со кој ни оставил убав пример што треба да го следиме (Евреите 11:8-10, 17-19). Да разгледаме четири впечатливи особини што ги покажувал Авраам. Ќе почнеме со онаа по која веројатно е најпознат — верата.
[Фусноти]
a Првобитното име на Авраам било Аврам, а името на неговата жена било Сараја. Подоцна, Бог му го сменил името во Авраам, што значи „татко на мноштво“, а на Сараја ѝ го сменил името во Сара, што значи „кнегиња“ (1. Мојсеева 17:5, 15). За да биде поедноставно, во овие статии ќе ги користиме имињата Авраам и Сара.
b Јехова е името на Бог, кое го дознаваме од Библијата.
c Види ја статијата „Читателите прашуваат... Зошто Бог побарал од Авраам да го жртвува својот син?“ на 23. страница од ова списание.
[Рамка на страница 4]
Важен лик од библиската историја
Во првите десет поглавја од библиската книга 1. Мојсеева се зборува за животот на неколку верни луѓе, меѓу кои биле Авел, Енох и Ное. Сепак, поголемиот дел од следните 15 поглавја е посветен на животот на само еден човек — Авраам.
Освен тоа, некои од најважните концепти во Библијата за првпат се спомнуваат во поврзаност со Авраам. На пример, во делот кој го опфаќа животот на Авраам...
▪ Бог за првпат е наречен штит, односно Заштитник на своите слуги (1. Мојсеева 15:1; види и 5. Мојсеева 33:29; Псалм 115:9 и Изреки 30:5).
▪ За првпат се спомнува дека некој поверувал во Бог (1. Мојсеева 15:6).
▪ За првпат се спомнува зборот пророк (1. Мојсеева 20:7).
▪ За првпат се спомнува родителската љубов (1. Мојсеева 22:2).