Гледиште на Библијата
Алтернативни животни стилови — дали Бог ги одобрува?
„КОГА ќе знам какви се моите сексуални склоности?“ Така напишало едно 13-годишно девојче во една рубрика за совети на тинејџерите. Нејзиното прашање го одразува ставот на многумина што сметаат дека луѓето имаат слобода да водат сексуален живот по сопствен избор.
Можеби некои луѓе се навистина збунети од нивните сексуални чувства. Други отворено прифаќаат алтернативни животни стилови како што е хомосексуалноста. Трети, пак, смело се однесуваат и се облекуваат како да се лица од спротивен пол. Некои го менуваат полот по оперативен пат. Има дури и такви што аргументираат дека на возрасните треба да им се дозволи да имаат сексуални односи со деца.
Дали сексуалните практики и полот се навистина работа на личен избор? Што има да каже Божјата реч за овие работи?
„Ги создаде машко и женско“
Според библиската книга Битие, самиот Бог ги создал разликите помеѓу мажите и жените. Извештајот вели: „Бог го создаде човекот во Својот лик . . . ги создаде машко и женско. И Бог ги благослови и им рече Бог: ,Плодете се и множете се и наполнете ја земјата, и потчинете ја!‘ “ (Битие 1:27, 28).
Бог ги создал луѓето со слободна волја и им дал прилика да уживаат во својата слобода (Псалм 115:16). Бидејќи му била доверена одговорноста да се грижи за сите други живи суштества на земјата, на човекот му било дозволено дури и да избере соодветни имиња за нив (Битие 2:19). Меѓутоа, кога станувало збор за сексуалноста, Бог дал конкретни упатства (Битие 2:24).
Поради непослушноста на Адам, сите сме наследиле несовршеност. Затоа мораме да се бориме со телесните слабости и силните желби што не се во склад со Божјата првобитна намера. Така, во законите што биле дадени преку Мојсеј, Бог конкретно ги навел сексуалните практики што му биле одвратни — а тоа се прељуба, инцест, хомосексуалност и бестијалност (Левит 18:6—23). Исто така, Бог конкретно забранил некој да се претставува како припадник на спротивниот пол со неморални намери (Второзаконие 22:5). Библијата доследно поучува дека единствените сексуални односи што ги одобрува Бог се односи со припадник на спротивниот пол во рамките на брачното уредување (Битие 20:1—5, 14; 39:7—9; Пословици 5:15—19; Евреите 13:4). Дали таквите мерила се разумни?
Кој избира?
Библијата ја споредува положбата на човекот во однос на својот Творец со глина во рацете на грнчар. Таа вели: „О човеку, кој си, всушност, ти па да му возвраќаш на Бог? Зарем обликуваното ќе му рече на оној кој го обликувал: ,Зошто ме направи вакво?‘ “ (Римјаните 9:20). Од начинот на кој Бог ги создал мажот и жената очигледно е дека е природно да чувствуваат сексуална привлечност еден кон друг. Според тоа, сексуалната привлечност кон припадник на истиот пол, кон животно или кон дете е нешто неприродно (Римјаните 1:26, 27, 32).
Од таа причина, луѓето што ги задоволуваат таквите неприродни сексуални склоности му се спротивставуваат на Бог. Библијата го содржи ова предупредување: „Тешко му на оној кој се расправа со својот Творец, а е сад меѓу глинени садови? Дали му вели глината на грнчарот: ,Што правиш?‘ “ (Исаија 45:9). Сигурно дека е разумно Творецот на луѓето да даде упатства во врска со сексот. Исто така, зарем не е разумно луѓето да ги следат тие упатства?
Да се завладее со својот сопствен сад
Библискиот писател Павле употребил една слична илустрација кога им дал водство на христијаните во врска со нивното однесување поврзано со сексот. Тој рекол: „Секој од вас да знае како да завладее со својот сопствен сад во осветување и чест, а не во лакома сексуална страст“ (1. Солуњаните 4:4, 5). Телото на една личност Павле го споредува со сад. Да се завладее со тој сад значи да се доведат мислите и желбите во склад со Божјите морални закони.
Мора да се признае, можеби ова нема да биде лесно. Разбирливо е дека е можно да има проблеми оној што бил злоупотребуван во детството, што имал родители или други старатели кои му дале искривен пример за мажественоста и женственоста или, пак, што бил изложен на порнографија уште на рана возраст. Исто така, во искривувањето на сексуалните чувства можат да играат улога генетички, хормонални и психолошки фактори. Меѓутоа, утешно е да се знае дека нашиот Творец може да им даде помош и поддршка на оние на кои им се потребни (Псалм 33:20; Евреите 4:16).
Дозволете му на Големиот Грнчар да Ве обликува
Парче глина мора да се стави на средината на грнчарското тркало пред грнчарот да може да почне да го обликува. Потоа, како што се врти тркалото, грнчарот вешто и нежно врши притисок со прстите за да ѝ го даде на глината саканиот облик. Пред да можеме да бидеме обликувани во личност што е пожелна во Божји очи, треба да го сосредоточиме нашиот живот на непроменливите Божји начела и закони. Штом почнеме да вложуваме напор, Бог со љубов врши нежен притисок преку Библијата, преку неговиот свет дух и преку христијанското братство. Така човек почнува да ја чувствува Божјата лична грижа во својот живот.
Се разбира, мораме да стекнеме доверба во мудроста на Творецот, и да веруваме дека тој знае што е најдобро за нас. Оваа доверба се стекнува преку молитва и преку горливо проучување на Библијата. Човек што со таков умствен став пристапува кон проблемот со неисправните сексуални чувства може лесно да биде обликуван од рецете на Творецот. Прво Петрово 5:6, 7 вели: „Понизете се под моќната Божја рака за да ве возвиши во вистинско време; додека сета своја тегобна грижа ја фрлате на него, зашто тој се грижи за вас“.
Ако редовно ја читаме Библијата, ќе се запознаеме со многу верни Божји слуги што се бореле со телесните желби и никогаш не се откажале. Колку само се охрабрувачки овие примери! Можеме да ја почувствуваме фрустрацијата што ја чувствувал апостол Павле кога извикнал: „Беден човек сум јас! Кој ќе ме спаси од телото кое е подложно на оваа смрт?“ Сепак, тој нѐ упатил и кон главниот извор на помош кога дал одговор на своето прашање: „Му благодарам на Бог преку Исус Христос, нашиот Господ!“ (Римјаните 7:24, 25).
Сила што помага да се направат промени
И ние можеме да го искористиме Божјиот свет дух. Тој е моќна сила што помага да се направат промени. Светиот дух ни помага ,да ја соблечеме старата личност‘ и ,да ја облечеме новата личност која е создадена по Божја волја во вистинска праведност и лојалност‘ (Ефешаните 4:22—24). Нашиот небесен Татко полн со љубов никогаш не пропушта да одговори кога некој искрено го моли за свет дух што ќе му помогне да ги направи тие промени. Исус нѐ уверува дека Таткото „ќе им даде свет дух на оние кои го молат“ (Лука 11:13). Но, неопходно е да се биде упорен во молитвата, како што покажал со зборовите: „Постојано молете, и ќе ви се даде“ (Матеј 7:7). Ова би било случај особено тогаш кога треба да се контролираат силните сексуални желби.
Бог ни помага и преку вистинското христијанско братство, кое е составено од луѓе што доаѓаат од најразлични средини. Некои христијани во коринтското собрание во првиот век претходно спаѓале во категоријата на „мажи кои се држат за неприродни намени“ и „мажи кои лежат со мажи“. Сепак, тие се промениле. Крвта на Христос ги очистила и тие станале прифатливи во Божји очи (1. Коринќаните 6:9—11). И денес некои треба да направат слични промени. Тие можат да добијат поддршка од христијанското собрание во нивната борба против неисправните желби.
Дали тоа значи дека со тоа што некој ќе стане христијанин автоматски ќе се излекува од сите изопачени желби или збунетост во врска со полот? Не мора да значи. Постојаното применување на библиските начела им овозможило на некои да живеат нормален живот. Па сепак, тие христијани често морале да водат секојдневна борба со неисправните желби. Значи, тие му служат на Бог и покрај тоа што имаат симболичен „трн во телото“ (2. Коринќаните 12:7). Сѐ додека продолжуваат да се борат со неисправните склоности и да задржуваат исправно однесување, Бог ги смета за верни слуги и тие се чисти во негови очи. Тие можат со радост да го очекуваат времето во иднина кога целото човештво ,ќе биде ослободено од ропството на распадливоста и ќе ја има славната слобода на Божјите деца‘ (Римјаните 8:21).
Во меѓувреме, сите оние што сакаат да му угодат на Бог мораат да се придржуваат за неговите праведни мерила. Вистинските христијани избираат да му служат на Бог — а не да ги следат своите себични склоности. Оние што понизно се подложуваат на Божјата волја на сите подрачја од животот ќе бидат наградени со вечна радост и среќа (Псалм 128:1; Јован 17:3).
[Истакната мисла на страница 15]
Кога станувало збор за сексуалноста, Бог дал конкретни упатства
[Истакната мисла на страница 16]
Некои христијани во коринтското собрание во првиот век претходно биле „мажи кои се држат за неприродни намени“ и „мажи кои лежат со мажи“. Сепак, тие се промениле
[Слика на страница 17]
Проучувањето на Библијата помага човек да стекне високи морални мерила