Јеховиното име на Пацификот
ОД ДОПИСНИКОТ НА РАЗБУДЕТЕ СЕ! НА ФИЏИ
МНОШТВОТО било запрепастено. Новодојденците на нивниот пацифички остров ги наведнале главите за да се помолат пред да се послужат од гозбата што им ја подготвиле. „Што правите?“, прашале островјаните.
„Му благодариме на Бог за Неговите дарови“, гласел одговорот.
„Каде живее вашиот Бог?“, сакале да знаат островјаните.
„На небото“, им рекле.
„Како се вика?“
„Јехова.“
„Дали вашиот Бог јаде?“, прашале островјаните.
„Бог е Дух“, одговориле новодојденците. „Тој не е како нас; Тој живее вечно. Тој ги создал земјата, небото, морето и сѐ друго. Тој нѐ создал нас.“
Островјаните биле зачудени од овие едноставни вистини и ги прашале туѓинците зошто дошле на нивниот остров. Одговорот бил едноставен: „Дојдовме да ви го објавиме вистинскиот Бог, Јехова, и Неговиот Син Исус, нашиот Спасител“ (From Darkness to Light in Polynesia — Од темнина до светлина на Полинезија).
Кои биле тие туѓинци? Денешни Јеховини сведоци? Не. Тие биле двајца учители, евангелизатори од Тахити, кои на 15 јуни 1824 пристигнале на островот Мангаја (на јужните Кукови Острови). Зошто го користеле името Јехова? Дали тоа било само во оваа прилика? Одговорот на овие прашања објаснува зошто Јеховиното име сѐ уште е многу важно во многу култури на пацифичките острови.
Божјето име многу се користи
Многу мисионери од Англија и Америка што во 19 век дошле на Пацификот го користеле името Јехова во секојдневниот говор и во своите ракописи. Всушност, еден историчар дури и погрешно тврдел дека тие рани мисионери „биле следбеници на Јехова а не ученици на Христос“.
Приватните писма на тие мисионери честопати започнувале со некоја ваква фраза: „Нека те спаси Бог, нашиот Господ Јехова, и Исус Христос, царот на мирот“. Затоа, не изненадува тоа што еден прочуен лингвист, Алберт Џ. Шуц, вели дека еден буквар што бил издаден на Фиџи во 1825 содржел само еден збор позајмен од англискиот јазик. Тој збор бил името Јехова.
Тоа што раните мисионери го користеле името Јехова имало длабоко влијание врз жителите на пацифичките острови. Потоа, некои од новите ученици биле испраќани како мисионери, односно учители, за да ја однесат пораката на другите острови. Коментирајќи за пристигнувањето на двајцата мисионери од Тахити на островот Мангаја, како што спомнавме во почетокот, книгата The Covenant Makers—Islander Missionaries in the Pacific го вели следново: „За учителите од Тахити, Јехова бил единствениот вистински Бог. Тој го создал целиот свет и човекот бил дел од Божјето творештво . . . [Тие] тврделе дека Јехова е единствениот Бог и дека Неговиот Син, Исус Христос, е Спасител на човештвото“.
Додека ја пренесувале библиската порака на различни острови, некои од раните мисионери наидувале на неверојатни опасности, бидејќи жителите понекогаш биле насилни. Кога ги опишува тешкотиите со кои се соочувале мисионерите, книгата Mission, Church, and Sect in Oceania (Мисијата, црквата и сектата во Океанија) наведува: „Силната вера во Јехова честопати го победувала стравот и очајот“.
Еден истакнат пример на таква вера во Јехова бил покажан во 1823, кога библиската порака за првпат била однесена на островот Раротонга, на Куковите Острови. Таму пристигнал еден мисионер, морнарот Џон Вилијамс, и на брегот испратил две брачни двојки за да ги поучат жителите на Раротонга. Меѓутоа, по едно несогласување со пијаниот цар, овие мисионери биле претепани. Им било украдено сѐ што имале и едвај успеале да избегаат и да си го спасат животот.
Кога се вратиле на бродот, мисионерите ги опишале жителите на Раротонга како најголеми дивјаци што ги виделе во својот живот. Плашејќи се од најлошото, Вилијамс одлучил да го напушти островот, барем за извесно време. Тогаш, еден млад учител што се викал Папеиха доброволно се пријавил да се обиде сам да го проповеда евангелието на тој остров. „Сеедно дали дивјаците ќе ми го поштедат животот или ќе ме убијат“, рекол тој, „јас ќе појдам кај нив.“
Зборовите на Папеиха често се цитирани во извештаите за активноста на првите мисионери. Тој рекол: „Ko Jehova toku tiaki! Tei roto au i tona rima! (Јехова е мој пастир! Јас сум во негови раце!)“ Потоа, облечен само во лесна облека и со книга што содржела библиски стихови на тахитски јазик, тој скокнал од палубата и допливал до копното. Кога пристигнал на островот, тој не само што преживал туку и увидел дека многу луѓе го прифатиле она што го поучувал.
Еден од жителите на Раротонга, кој подоцна и самиот станал мисионер, бил Море Таунга. Во 1842 тој станал првиот мисионер што основал седиште на островот Нова Каледонија. Во врска со еден локален жител на кого му посветил посебно внимание и го научил да чита и пишува, во својот дневник Таунга напишал: „Тој бавно учеше. По кратко време ми рече: ,Сакам да се молам‘. Но, јас го советував да не брза. Подоцна повторно ме праша: ,Може ли да се молам?‘ Потоа ме праша зошто не му одобрувам да се моли, па затоа му реков: ,Најнапред мораш да се откажеш од своите идоли, а потоа ќе можеш да му се молиш на Јехова. Само тој може да те чуе‘. Тогаш ми ја донесе својата кошница со богови, велејќи: ,Запали ги. Сега Јехова ќе биде мој Бог‘. Човекот добро научи како да се моли“.
Жителите на пацифичките острови го прифаќаат Јехова
Со оглед на тоа што мисионерите многу го користеле Божјето име, не изненадува што оние на кои им проповедале почнале да го прифаќаат Јехова како свој Бог. Книгата Missionary Adventures in the South Pacific (Авантурите на мисионерите на јужниот Пацифик) опишува еден голем состанок одржан на еден северен пацифички остров по пристигнувањето на мисионерскиот брод Morning Star. Во книгата стоело дека островјаните „гласале со кревање рака — повеќето од нив ги кревале и двете раце и ги држеле подигнати долго време за да го нагласат својот став, дека ќе го напуштат идолопоклонството и ќе го обожаваат Јехова. Освен тоа, сакале да им обезбедат сѐ што им било потребно на учителите. Одвоиле едно парче земја кое било посветено на Јехова за да се направи црква, како и куќа во која ќе живеел проповедникот“.
Опишувајќи го преобраќањето на Малиетоа, еден поглавар од Самоа, книгата Wiliamu—Mariner-Missionary—The Story of John Williams вели: „Малиетоа одржа долг говор пред својот народ, јавно ветувајќи дека ќе стане обожавател на Јехова и дека ќе подигне црква каде што ќе се обожава Јехова. Издаде наредба сите луѓе што останале дома да почнат да учат за Јехова и за Исус Христос“.
Сета оваа активност извршила трајно влијание врз животот во многу населени места на пацифичките острови. Дури и денес, во земји како што се Фиџи и Самоа, не е невообичаено да се чуе како се спомнува Јеховиното име на радио или да се види во локалните весници.
Но, тоа не е сѐ. Во својата книга Treasure Islands (Островите со богатство), која за првпат била издадена во 1977, Перл Бајндер опишува колку им било важно Јеховиното име на Банабанците. Овој народ првобитно живеел на Кирибати, но подоцна луѓето се преселиле на островот Рамби, на Фиџи. Бајндер пишува: „Мисионерите што пристигнале на Банаба не биле свесни дека им дале на Банабанците нешто многу повеќе отколку што си мислеле . . . Нивното верување во Јехова било во средиштето на нивниот живот и ги одржувало заедно како што не можело да ги држи ништо друго во текот на седумдесет години сѐ потешки страдања, а и денес сѐ уште ги одржува живи во духот. Без Јехова, со кого ги запознал белиот човек (а денес самиот бел човек сѐ повеќе го занемарува), Банабанците ќе беа изгубени“.
Божјето име во библиските преводи
Една од главните цели на првите мисионери била да направат разбирливи преводи на Библијата на јазиците што се зборувале на пацифичките острови. Поради нивните трудољубиви напори, Библијата станала достапна на многу јазици што се зборуваат на Пацификот. За тие преведувачи било сосема логично дека треба да го транслитерираат името Јехова (односно, да го препишат само користејќи ги буквите од тамошното писмо), исто како што ги транслитерирале и сите други имиња во Библијата.
За искрениот библиски студент е интересно тоа што овие рани преведувачи го користеле Јеховиното име не само во своите преводи на Хебрејските списи туку и во христијанските Грчки списи, таканаречениот Нов завет. Една анализа на седум јазици што се зборуваат на пацифичките острови открива дека името Јехова е употребено во 72 стиха во Христијанските грчки списи. Тоа не биле само преводи од 19 век. Вклучен е и еден современ превод на јазикот ротуман, објавен во 1999. Во оваа Библија името Јехова се користи во 48 стихови во Христијанските грчки списи.
На крајот на 19 век, Вилијам Вајт Џил, долгогодишен мисионер на Пацификот, го напишал следново во врска со еден од раните преводи: „Бидејќи четириесет и две години ја користам Библијата на јазикот раротонга, си дозволувам да речам дека, според мене, таа е еден прекрасен превод на оригиналот . . . Исто како и во сите други верзии на Пацификот и на Нова Гвинеја, светото име ,Јехова‘ е транслитерирано и никогаш не е преведено, а тоа бескрајно ја зголемува очигледната разлика помеѓу вечниот Бог и предметите што ги обожавале незнабошците“.
Зошто го користеле Божјето име
Зошто овие мисионери, преведувачите на Библијата и учителите толку многу го користеле Божјето лично име, Јехова? Посебна причина била тоа што сметале дека е потребно да направат разлика помеѓу Јехова, единствениот вистински Бог, и многуте лажни богови што ги обожавале жителите на пацифичките острови (Јован 17:3; 1. Коринќаните 8:5, 6). Секој од овие богови имал име, и било сосема логично нивните обожаватели да прашаат: „Кој е вашиот Бог? Како се вика?“ Ако го користеле локалниот термин за „бог“, ќе ги збунеле оние што прашувале или можеби едноставно тие ќе си мислеле дека Семоќниот е само уште еден бог од нивното мноштво богови. Затоа, не би требало да се чудиме што тие рани мисионери многу го користеле Јеховиното име.
Дали ова значи дека сите што го користат името Јехова навистина разбираат кој е тој? Не. Хајрам Бингам, мисионер и преведувач, син на прочуениот хавајски мисионер што го носи истото име, бил очевидец кога жителите на Абајанг (на Кирибати) извикнувале „има само еден Бог — Јехова“ додека го уништувале својот идол. Но, во врска со овој настан, во делото Авантурите на мисионерите на јужниот Пацифик стои:
„Меѓутоа, Бингам знаел дека уништувањето на тој идол не значело дека луѓето навистина го прифатиле христијанството — барем сѐ уште не. Тие не сфатиле голем дел од вистинското значење на пораката од евангелието туку тоа било само почеток“. Очигледно, потребно е нешто повеќе отколку само да се знае името Јехова. Вистинските христијани треба да го запознаат Јехова како личност и да му бидат послушни во сѐ (Римјаните 10:13—17).
Дури и верниот Мојсеј, човек што го познавал Јеховиното име и го користел, чувствувал потреба да знае повеќе. Тој се молел: „Затоа, ако ја уживам Твојата благонаклонетост, покажи ми ги Своите патишта, за да Те сфатам и за да ја уживам и натаму Твојата благонаклоност“ (Излез 33:13). Да, на Мојсеј не му било доволно само да знае дека Бог се вика Јехова. Тој сакал да знае какви особини има Јехова и како да му угоди. Бидејќи го барал ова, на Мојсеј му била дадена прекрасна предност да види една манифестација поврзана со значењето на Јеховиното име (Излез 33:19; 34:5—7).
И денес, илјадници Јеховини сведоци на Пацификот ги користат Библиите што во почетокот ги превеле првите мисионери за да им помогнат на луѓето со искрени срца да го разберат не само значењето на Јеховиното име туку и што бара тој од оние што сакаат да го обожаваат „со дух и со вистина“ (Јован 4:23, 24). Да, Јеховиното име се прославува на „морските острови“. Затоа, илјадници ја полагаат својата надеж во неговото величествено име (Исаија 24:15; 42:12; 51:5; Пословици 18:10).
[Слика на страница 12]
Жителите на пацифичките острови што го научиле Божјето име од првите мисионери на христијанскиот свет, им го објавувале и на другите
[Извор на слика]
Палма и фотографијата лево: Од книгата Gems From the Coral Islands
[Слика на страница 13]
Џон Вилијамс
[Извор на слика]
Culver Pictures
[Слика на страница 13]
Папеиха
[Извор на слика]
Со љубезна дозвола на Institute of Pacific Studies, од Mission Life in the Islands of the Pacific (Мисионерскиот живот на пацифичките острови), од Aaron Buzacott
[Слика на страница 15]
Јеховините сведоци го објавуваат Божјето име во целиот свет