Заборавените робови од Јужните Мориња
ОД ДОПИСНИКОТ НА РАЗБУДЕТЕ СЕ! НА ФИЏИ
ТОЛПАТА возбудено гледала како два брода полека впловуваат во лагуната на еден далечен пацифички остров. Неколку години пред тоа, еден бродоломник му разделил на секое семејство од островот по неколку страници од својата Библија. Овие понизни луѓе ги читале тие страници со голем интерес, и оттогаш желно очекувале да дојде некој христијански проповедник.
Морнарите што сега дошле на островот им ветиле дека ќе ги одведат на едно место каде што ќе можат да научат повеќе за Бог. Со целосна доверба, околу 250 мажи и жени, од кои повеќето цврсто ги држеле своите драгоцени страници од Библијата, се качиле на бродовите.
Тие станале жртви на лукава измама. Откако се нашле на бродот, биле врзани, фрлени под палубата и однесени на едно долго патување до јужноамериканското пристаниште Калјао. Многумина од нив не го преживеале патувањето поради нехигиенските услови на бродот. Освен тоа, имало и чести случаи на сексуална злоупотреба. Оние што преживеале биле продадени како робови кои завршиле на плантажите, во рудниците или како куќни слуги, и никогаш повеќе не се вратиле на својот остров.
Развојот на трговијата со робови во Јужен Пацифик
Во текот на 19 и почетокот на 20 век, ваквите грабнувања биле редовна појава. Во почетокот на 1860-тите години, трговијата со луѓе донела илјадници островјани во Јужна Америка. Во наредната деценија, биле носени главно на запад, во Австралија. Во 1867 год., Рос Луин, поранешен припадник на Британската воена морнарица, им ги нудел на одгледувачите на шеќерна трска и памук „најдобрите и најуслужливи домородци што можат да се најдат на островите за 7 фунти од глава“.
Напорите на Британската колонијална канцеларија да се спречи ваквата трговија биле осудени на неуспех. Како прво, било тешко британскиот закон да се примени на странски државјани. Како второ, истиот закон не го дефинирал во детали терминот „ропство“. Затоа, трговците со робови успевале да се извлечат тврдејќи дека, иако островјаните биле измамени и земени сосила, тие не се робови, туку најмени работници кои ќе добијат исплата и, по некое време, ќе бидат вратени дома. Некои отишле дотаму што тврделе дека на овие поранешни пагани им прават услуга подложувајќи ги на британскиот закон и учејќи ги да работат! Ова создало услови за расцут на трговијата со робови — барем за извесно време.
Позитивна промена
Бидејќи совесните граѓани се изјаснувале против ваквото ропство, биле направени извесни промени. Било можно некои островјани да ја прифатат доброволно слугинската работа, но присилното заробеништво било забрането. Не се толерирало камшикување, жигосување или друг вид малтретирање, како ни нечовечните услови во кои живееле и работеле некои од работниците.
Биле преземени уште поостри мерки откако англиканскиот бискуп Џ. К. Патесон, кој ревносно се залагал за укинување на трговијата со робови, бил убиен, и тоа од страна на островјаните кои сакал да ги заштити. Трговците со робови, служејќи се со измама што била испробана многу пати, дошле на еден остров пред да пристигне Патесон со брод кој, не случајно, личел на неговиот. Тогаш, ги повикале мештаните да се качат на бродот за да се сретнат со бискупот. Се разбира, од оние што се качиле, подоцна немало ни трага ни глас. Кога пристигнал вистинскиот Патесон, мноштвото, кое со право било изреволтирано и кое барало одмазда, по грешка го убило него. Овој настан, како и сѐ почестите реакции на јавноста, дале повод во Пацификот да се стационираат британски и француски воени бродови со наредба да им стават крај на ваквите измами.
Австралиските влади на Нов Јужен Велс и на Квинсленд ги здружиле силите со Колонијалната канцеларија и вовеле нови закони за спречување на ваквата злоупотреба и за регулирање на трговијата со најмени работници. Биле назначени инспектори, а на секој брод кој најмувал работници биле поставени владини претставници. Овие ревносни напори дале и плод, бидејќи престапниците сега можеле да бидат осудени за киднапирање и убиство, наместо неуспешно да бидат гонети за незаконска трговија со робови. Во последната деценија од 19 век, состојбата во Јужните Мориња значајно се променила. Трговијата со робови била зауздана во голема мера и, до почетокот на 20 век, драстично опаднал и бројот на „доброволни“ работници.
Во 1901 год., новиот државен парламент, Комонвелтот на Австралија, добил власт да ја контролира имиграцијата низ целата земја. Неговото работење било одраз на ставот на јавноста, која била против приливот на работна сила од странство бидејќи се плашела дека тоа ќе ја загрози можноста за вработување на локалното население. Сеедно дали биле најмени работници или не, островјаните од Јужните Мориња повеќе не биле добредојдени. Илјадници од нив биле присилно вратени на нивните острови, што водело до уште поголема трагедија бидејќи со тоа биле одвоени од своите најблиски.
Во спомен на заборавените робови
Во септември 2000 год., Владата на австралиската држава Квинсленд состави изјава која е дел од една постојана изложба. Во неа Владата им оддава признание на островјаните од Јужните Мориња за нивната улога во економскиот, културниот и регионалниот развој на Квинсленд, а воедно изразува и жалење поради лошиот начин на кој се постапувало со нив.
Многу луѓе низ историјата се богателе на сметка на животот и слободата на другите. Библијата ветува дека такви неправди ќе нема под власта на Божјето Царство. Всушност, секој од поданиците на оваа небесна влада „ќе седи под својата лоза и под својата смоква и никој нема да го плаши“ (Михеј 4:4).
[Графикон/карта на страници 24 и 25]
(Види во публикацијата)
Робовите завршувале во Австралија и во Јужна Америка
ПАЦИФИК
МИКРОНЕЗИЈА
МАРШАЛСКИ ОСТРОВИ
Нова Гвинеја
СОЛОМОНОВИ ОСТРОВИ
ТУВАЛУ
АВСТРАЛИЈА КИРИБАТИ
КВИНСЛЕНД ВАНУАТУ
НОВ ЈУЖЕН ВЕЛС НОВА КАЛЕДОНИЈА ЈУЖНА АМЕРИКА
Сиднеј ← ФИЏИ → Калјао
САМОА
ТОНГА
КУКОВИ ОСТРОВИ
ФРАНЦУСКА ПОЛИНЕЗИЈА
Велигденски О.
[Извор на слика на страница 24]
National Library of Australia, nla.pic-an11279871