Борба со поплавите на Кавказ
ОД ДОПИСНИКОТ НА РАЗБУДЕТЕ СЕ! ВО РУСИЈА
ВО СЕВЕРНИОТ кавкаски регион во Русија, количеството дожд што нормално паѓа во период од три месеци, минатата година падна за само два дена. Десетици реки се излеаја од своите корита. Дури и малите потоци се претворија во разбеснети реки, носејќи сѐ што ќе им се најдеше на патот. Попуштија брани и се урнаа куќи и други објекти. Одеднаш, илјадници жители останаа без дом. Животот го изгубија многу луѓе што не можеа да избегаат доволно брзо од своите домови. Други стоеја беспомошно додека гледаа како нивните сакани ги носи разбеснетата вода.
Во градот Невиномиск, едно семејство се обиде да избега со својот трактор. Меѓутоа, еден огромен бран го преврте тракторот и целото семејство загина. Некои умреа обидувајќи се да ги спасат другите. Според официјалните проценки, последиците од поплавите ги почувствуваа 335.000 луѓе. Животот го изгубија повеќе од 200 од нив, а многу се водеа за исчезнати.
Беа поплавени десетици илјади домови. Беа уништени водоводни цевки и системот за канализација. Разбеснетите води ги изнесоа на површината дури и погребаните тела, вклучувајќи ги и телата на животни што умреле од антракс. Според проценките, штетата што ја предизвика поплавата изнесуваше околу 16 милијарди рубли, односно околу 500 милиони американски долари.
Оваа прекрасна и плодна земја, која често е опеана во песните и во поезијата, стана глетка што го кине срцето! Сепак, оваа катастрофа не ја уништи вистинската љубов меѓу ближните.
Брзо се дава помош
Во почетокот немаше чиста вода, струја, бензин и телефонски врски. Луѓето не можеа да контактираат. Во погоденото подрачје живеат преку 3.000 Јеховини сведоци, а повеќе од 700 во Невиномиск или во околината. Затоа, штом чуја за поплавата, Сведоците формираа специјални одбори за помош кои требаше да се погрижат за оние што беа погодени. Овие одбори стапија во акција уште пред да пристигнат спасувачите што ги испрати владата.
Во малото гратче Орбелјановка, околу 60 километри југоисточно од Невиномиск, водата брзо се креваше. Осум луѓе, вклучувајќи и две жени кои беа Сведоци, побараа засолниште на врвот на едно мало ритче. Но, тоа го сторија и некои мали животни и многу змии. Затоа, во текот на долгата ноќ, тие осум души мораа да се бранат од змиите.
Следното утро, локалните Сведоци веќе бараа начин да дојдат до своите две беспомошни христијански сестри. Конечно, рано попладнето успеаја да најдат еден мал гумен чамец. Но, пред да ги спасат сестрите, Сведоците со чамецот пренесоа на безбедно еден постар парализиран човек. Потоа, додека ги пренесуваа на безбедно и сестрите, дојде хеликоптер и ги зеде и другите луѓе што беа на ритчето.
Подоцна истиот ден Сведоците во чамецот спасија и други луѓе. Кога Сведоците прашале: „Знаете ли кои сме ние?“, луѓето одговориле: „Се разбира, вие сте од Министерството за итни случаи“. Биле изненадени кога дознале дека не е така.
Сведоците во Невиномиск купија една подвижна кујна и подготвија топли оброци за оние на кои им беше потребно. Тие не делеа само храна туку и вода, облека и лекови. Исто така, екипи од Сведоци што се пријавија како доброволци ги чистеа куќите и го расчистуваа шутот од дворовите.
Една брачна двојка Сведоци од Зеленокумск, кои имаат свој бизнис, го употребија своето возило за да пренесат вода, храна и облека, кои ги купиле на кванташки пазар. Кога познаниците ја прашале жената за кого го купила сето тоа, таа објаснила дека тоа е за соверниците што биле погодени од катастрофата. Поттикнати од нејзиниот грижлив став, и тие сакале да помогнат. Една сопственичка на дуќан понудила вреќа тестенини, друга дала голем пакет сапун, а трети дале вреќи шеќер.
Помош од далечни места
Бидејќи многу Сведоци во Русија сакаа да знаат како можат да им помогнат на жртвите од поплавата, беше основан посебен фонд за да им се испрати помош на оние што настрадаа. Помагаа дури и доброволци од Административниот центар на Јеховините сведоци во Русија, кој се наоѓа во близина на Санкт Петербург. Некои купија сосема нови артикли за жртвите од поплавата. Една од тие доброволци објасни: „Ги дадов најдобрите работи што ги имав затоа што јас барем имам нешто, а нашите браќа и сестри немаат ништо“.
Исто така, Административниот центар им испрати писма на околу 150 собранија на Јеховините сведоци во Санкт Петербург и Москва, објаснувајќи на кој начин браќата можат да донираат пари, храна и облека. Иако економската ситуација во Русија воопшто не е завидна и повеќето Сведоци немаат многу во материјален поглед, нивните донации беа великодушни. Нивното давање потсетуваше на приликата кога христијаните во Македонија, иако и самите биле во оскудица, давале за своите сиромашни браќа и сестри во Јудеја (2. Коринќаните 8:1—4).
Откако донираните артикли беа сортирани во главните собирни пунктови, беа натоварени на камиони и однесени на подрачјето што беше погодено од катастрофата. Освен овие донирани артикли, Административниот центар купи и десет тони храна, 500 комплети постелнина и хигиенски средства, како и алатки и работна облека за расчистување по катастрофата. Сѐ на сѐ, шест камиони со носивост од 50 тони однесоа артикли за помош во северниот кавкаски регион.
Великодушноста даде сведоштво
Работата што ја извршија Јеховините сведоци додека се расчистуваше регионот каде што се случи катастрофата не помина незабележано. Размислете за она што се случи во прекрасниот туристички град Кисловодск, каде што има преку 300 Сведоци. Тие ѝ ја понудија својата помош на градската администрација и добија подрачје што требаше да го расчистат.
На 28 јуни во 8 часот наутро, околу 150 Сведоци, вклучувајќи и цели семејства, донесоа алатки и се собраа за да почнат со работа. Некои зедоа неплатен одмор од работа за да учествуваат во расчистувањето. По кратко време пристигнал еден автомобил и од него излегол главниот заменик на градоначалникот. „Кои се овие луѓе?“, прашал тој.
„Јеховини сведоци“, му одговориле. „Дојдоа да го расчистат градот по катастрофата.“
Изненаден што гледа толку многу луѓе, заменикот на градоначалникот рекол: „Алал да им е! Ви благодарам! Ова е просто неверојатно!“
Подоцна, кратко пред ручек, пристигнала уште една службеничка од градската управа. Таа го запрела автомобилот, излегла и им пристапила на Сведоците. „Ве гледаме како работите и едноставно сме воодушевени“, рекла таа. „Никогаш не сме виделе луѓе што работат како вас. Веќе толку многу сработивте!“
Отприлика во исто време, една постара жена што минувала оттаму застанала и прашала: „Зошто овие луѓе толку работат?“ Кога ѝ рекле дека Јеховините сведоци му помагаат на градот, очите ѝ се наполниле со солзи. „Вие сте вистински верници“, рекла таа. „Кога ќе се случат катастрофи, луѓето се покажуваат во вистинско светло.“ Друга жена рекла: „Колку прекрасно! Вакво нешто не сум видела долго време“.
Следниот ден, локалниот весник Na Vodakh ги пофали Јеховините сведоци, велејќи дека отстраниле од градот повеќе од 100 тони тиња. Градските службеници од Кисловодск им пишале на Сведоците писмо со благодарност, во кое стоело: „Вашиот скапоцен придонес му ја врати на градот неговата поранешна убавина . . . Без сомнение, благодарноста што ја изразија многубројните посетители на нашиот град ќе ви биде најголема награда“.
Иако природната катастрофа што го погоди северниот кавкаски регион предизвика големи загуби и метеж, Јеховините сведоци беа среќни што можеа да покажат љубов кон своите соверници и кон своите ближни. Особено беа радосни што знаеја дека таквите примери на љубов го слават Јехова, нашиот Творец.
[Карти на страница 16]
(Види во публикацијата)
Црно Море
КАВКАЗ
Невиномиск
Орбелјановка
Зеленокумск
Кисловодск
Касписко Езеро
[Извор на слика]
Земјина топка: Mountain High Maps® Copyright © 1997 Digital Wisdom, Inc.
[Слика на страница 17]
Сведоците ја купија оваа подвижна кујна и подготвија оброци за оние на кои им беше потребно
[Слика на страница 17]
Оваа жена Сведок го употреби семејното возило за да разнесе храна и други артикли
[Слика на страница 18]
Службениците во Кисловодск ги пофалија Сведоците што помогнаа да се обнови нивниот град