Нуклеарна војна — дали сѐ уште се заканува?
Од дописникот на Разбудете се! во Јапонија
„Секој разумен човек се плаши од нуклеарна војна, а секоја технолошки развиена држава ја планира. Секој знае дека тоа е лудост, но секоја нација има некаков изговор“ (Карл Саган, астроном).
НА 6 АВГУСТ 1945, еден американски воен авион фрли атомска бомба врз Хирошима (Јапонија), и за еден миг однесе голем број човечки животи и нанесе огромна материјална штета. Тоа беше првата атомска бомба што се употреби во војна. Експлозијата потполно опустоши 13 квадратни километри од градот, во кој живееја 343.000 жители. Имаше најмалку 70.000 мртви и 69.000 ранети, а повеќе од две третини од објектите во градот беа уништени. По три дена беше фрлена втората атомска бомба, овој пат во Нагасаки; загинаа 39.000, а беа повредени 25.000 лица. Околу половина од објектите во тој град беа уништени или оштетени. Никогаш порано во историјата на човештвото не било употребено толку моќно оружје. Светот се промени. Влезе во една нуклеарна ера. За неколку години, Соединетите Држави, поранешниот Советски Сојуз, Велика Британија, Франција и Кина ја направија и многу поразорната хидрогенска бомба.
Студената војна — соперништвото помеѓу комунистичките и некомунистичките земји — го поттикна развојот на уште помоќно нуклеарно оружје и преносни системи. Светот го обзеде страв кога беа направени интерконтиненталните балистички проектили што само за неколку минути, а не за неколку часа, можеа да извршат нуклеарен напад на цели во земји оддалечени преку 5.600 километри. Подморниците беа опремени со доволно нуклеарни проектили за да можат да кренат во воздух 192 одделни цели. Според една проценка, во еден период во арсеналите на нуклеарно оружје имало скоро 50.000 боеви глави! Во текот на Студената војна, човештвото беше на работ на она што некои луѓе го нарекоа нуклеарен Армагедон — војна без победници.
Крајот на Студената војна
Во текот на 1970-тите, напнатоста до која доведе Студената војна попушти „како што беше изнесено во Преговорите за ограничување на стратегиското оружје [SALT 1 и SALT 2]“, објаснува The Encyclopædia Britannica, „со што двете суперсили поставија ограничувања на своите антибалистички проектили и стратегиски проектили што можат да носат нуклеарно оружје“. Потоа, кон крајот на 1980-тите, мразот на Студената војна малку попушти и конечно ѝ дојде крајот.
„Со крајот на Студената војна се роди надеж дека трката во нуклеарно вооружување и судирот помеѓу Соединетите Држави и Русија се при крај“, вели еден извештај на Карнегиевата фондација за меѓународен мир. Како резултат на напорите што се презедоа во правец на нуклеарно разоружување, во изминативе години беа отстранети стотици арсенали на нуклеарно оружје. Во 1991, Советскиот Сојуз и Соединетите Држави го потпишаа Договорот за намалување и ограничување на стратегиското офанзивно оружје кој, за првпат во историјата, ги обврза овие две нуклеарни суперсили не само да ги ограничат своите стратегиски боеви глави спремни за дејствија, туку и секоја од нив да ги намали на 6.000. На крајот на 2001, двете страни изјавија дека се држат за договорот со тоа што ги намалиле стратегиските нуклеарни боеви глави, како што се договориле. Потоа, во 2002 беше прифатен Московскиот договор, кој налага во следните десет години да се отстранат уште 1.700 до 2.200 боеви глави.
Меѓутоа, и покрај ваквиот развој на настаните „нема место за спокојство кога станува збор за закана од нуклеарна војна“, рекол генералниот секретар на ОН, Кофи Анан. Тој додал: „Во почетокот на 21 век, нуклеарниот конфликт и понатаму останува многу реална и многу застрашувачка можност“. За жал, во нашево време сѐ уште се заканува нуклеарна катастрофа — многу полоша од она што се случило во Хирошима и Нагасаки. Кој се заканува? И што е уште поважно, може ли да се избегне?