Младите прашуваат . . .
Зошто Бог допушта да страдаме?
„Бог е горе на небото каде што сѐ е убаво, а ние сме овде долу и страдаме“ (Мери).a
МЛАДИТЕ денес се раѓаат во еден суров свет. Се чини дека трагичните земјотреси и природните катастрофи што одземаат илјадници животи станале секојдневие. Војните и терористичките напади се главна тема на вестите. Болестите, криминалот и сообраќајните несреќи ни ги одземаат најмилите. Мери, цитирана погоре, била лично погодена од една трагедија. Тие горчливи зборови ги кажала по смртта на татко ѝ.
Кога ние лично сме погодени од некоја трагедија, сосема е нормално да чувствуваме фрустрација, загуба, па дури и гнев. ‚Зошто мораше да се случи ова?‘, можеби се прашуваш. ‚Зошто баш мене?‘ или ‚Зошто баш сега?‘ Овие прашања заслужуваат задоволувачки одговор. Но, за да го добиеме вистинскиот одговор, мораме да се обратиме на вистинското место. Точно е она што го рекол младиот Тарел — луѓето понекогаш „чувствуваат толку голема болка што не можат јасно да размислуваат“. Затоа можеби ќе треба некако да ги смириш своите емоции за да можеш да размислуваш — јасно и трезвено.
Како да се соочиш со непријатната реалност
Можеби не е баш пријатно да се размислува за тоа, но факт е дека смртта и страдањето се неизбежен дел од животот. Ова добро го опишал Јов кога рекол: „Човек кого жена го родила е кусовечен и полн со неволји“ (Јов 14:1).
Библијата ветува еден нов свет во кој „ќе престојува праведност“ (2. Петрово 3:13; Откровение 21:3, 4). Меѓутоа, пред да настапат тие идеални услови, човештвото мора да помине низ еден период на невидена злоба. „Ова знај го“, вели Библијата, „дека во последните денови ќе настанат критични времиња со кои тешко ќе се излегува на крај“ (2. Тимотеј 3:1).
Колку долго ќе траат тие тешки времиња? Учениците на Исус му го поставиле речиси истото прашање. Но, Исус не им кажал некој конкретен ден или час за тоа кога ќе дојде крајот на овој систем на работи што е исполнет со страдања. Наместо тоа, Исус рекол: „Кој ќе истрае до крај, тој ќе биде спасен“ (Матеј 24:3, 13). Овие зборови нѐ охрабруваат да гледаме на работите малку подалеку. Мораме да бидеме спремни да поднесеме многу непријатни ситуации пред конечно да дојде крајот.
Дали е виновен Бог?
Според тоа, дали има смисла да му се лутиме на Бог затоа што го допушта страдањето? Не, посебно кога ќе се земе предвид дека тој ветил дека ќе му стави крај на сето страдање. А не е разумно ни да веруваме во тоа дека Бог предизвикува да се случуваат лоши работи. Многу трагични настани едноставно се резултат на случајноста. Замисли, на пример, дека ветрот турнал некое дрво и при тоа бил повреден некој човек. Луѓето можеби ќе речат дека тоа е Божја волја. Но, Бог не го турнал тоа дрво. Библијата ни помага да сфатиме дека таквите работи едноставно се жална последица на „времето и непредвидените настани“ (Проповедник 9:11, NW).
Страдањето може да биде последица и од лошото просудување. Замисли си како една група млади кои се под дејство на алкохол решаваат малку да се повозат со автомобил. Ако се случи тешка сообраќајна несреќа, тогаш кој е виновен? Бог? Не, тие само ги пожнеале последиците од своето лошо просудување (Галатите 6:7).
‚Но, зар Бог не е доволно моќен да му стави крај на страдањето уште сега?‘, можеби ќе прашаш. Некои верни луѓе од библиски времиња си го поставувале истото прашање. Пророкот Хабакук го прашал Бог: „Зошто ги гледаш вероломците, молчиш кога злочинецот го голтнува поправедниот од себе?“ Меѓутоа, Хабакук не донел избрзан заклучок. Тој рекол: „Ќе внимавам да видам, што ќе ми рече Тој“. Подоцна, Бог го уверил дека во „определеното време“ ќе му стави крај на страдањето (Хабакук 1:13; 2:1—3). Значи, мораме да бидеме стрпливи и да чекаме Бог да ѝ стави крај на злобата во време што тој го определил.
Немој избрзано да донесуваш заклучок дека Бог на некој начин сака да страдаме или дека тој лично нѐ става на испит. Точно е дека, кога страдаме, можат да дојдат до израз нашите најдобри особини. Исто така, Библијата вели дека испитите што ги допушта Бог можат да ја прочистат нашата вера (Евреите 5:8; 1. Петрово 1:7). И навистина, многу луѓе што доживеале тешки и трауматски искуства станале пострпливи и посочувствителни. Но, не треба да заклучиме дека Бог е одговорен за нивното страдање. Оној што размислува така не ја зема предвид Божјата љубов и неговата мудрост. Библијата јасно вели: „Никој, кога е во искушение, нека не вели: ‚Бог ме искушува‘. Зашто Бог не може да се искушува со зли работи ниту, пак, самиот тој некого искушува“. Напротив, од Бог доаѓа „секој добар дар и секој совршен подарок!“ (Јаков 1:13, 17).
Зошто Бог го допушта злото
Тогаш, од каде потекнува злото? Сети се дека Бог има противници — главен противник е оној „кој се вика Ѓавол и Сатана, кој ја заведува целата населена земја“ (Откровение 12:9). Бог ги сместил нашите прародители, Адам и Ева, во свет без проблеми. Меѓутоа, Сатана ја убедил Ева дека ќе ѝ биде подобро без Божјето владетелство (Битие 3:1—5). За жал, Ева поверувала во лагите на Сатана и покажала непослушност кон Бог. Адам ѝ се придружил во таа побуна. Каков бил резултатот? „Смртта се прошири на сите луѓе“, вели Библијата (Римјаните 5:12).
Наместо веднаш да ја задуши побуната со тоа што ќе ги уништел Сатана и неговите следбеници, Бог сметал дека е подобро да дозволи да помине извесно време. Што ќе се постигнело со тоа? Како прво, Сатана ќе бил разоткриен како лажливец! Исто така, ќе можеле да се соберат докази дека независноста од Бог носи само штета. Зарем не се случило токму тоа? „Целиот свет лежи во власта на злобниот“ (1. Јованово 5:19). Освен тоа, „човек владее над човек за негова несреќа“ (Проповедник 8:9). Религиите на човештвото се како некој лавиринт од контрадикторни учења. Моралот паднал на најниско можно ниво. Човечките влади ги испробале сите можни облици на владеење. Потпишуваат спогодби и донесуваат закони, но потребите на обичниот човек и понатаму остануваат незадоволени. Војните ја влошуваат веќе и така бедната состојба на човештвото.
Јасно е дека ни е потребно Бог да интервенира и да му стави крај на злото! Но, тоа ќе се случи во време што тој го определил. Дотогаш, имаме чест да го поддржуваме Божјето владетелство со тоа што ќе бидеме послушни на неговите закони и начела што се наоѓаат во Библијата. Кога ќе се случат лоши работи, можеме да се тешиме со сигурната надеж за живот во свет без проблеми.
Не си сам
Сепак, кога ние лично страдаме, можеби се прашуваме: ‚Зошто баш јас?‘ Меѓутоа, апостол Павле нѐ потсетува дека не страдаме само ние. Павле вели дека „целото создание заедно воздивнува и заедно е во болка сѐ досега“ (Римјаните 8:22). Ваквото сознание може да ти помогне да се справиш со страдањето. На пример, по терористичките напади на 11 септември 2001 во Њујорк Сити и Вашингтон (Д.К.), Никол имала емоционални трауми. „Чувствував страв и ужас“, признава таа. Но, кога ги прочитала извештаите за тоа како нејзините сохристијани се справиле со истата трагедија, почнала да размислува поинаку.b „Сфатив дека воопшто не сум сама. Полека почнав да закрепнувам, а болката и тагата постепено исчезнаа.“
Понекогаш ќе биде мудро да разговараш со некој на кого можеш да му се довериш — родител, зрел пријател или христијански старешина. Ако ги излееш своите чувства пред некого во кого имаш доверба, ќе можеш да добиеш ‚добар збор‘ на охрабрување (Пословици 12:25). Еден млад христијанин од Бразил се сеќава: „Пред девет години почина татко ми, и знам дека еден ден Јехова ќе го воскресне. Но, многу ми помогна тоа што запишував како се чувствувам. Исто така, разговарав со моите пријатели што се христијани“. Дали имаш некој ‚вистински пријател‘ на кој можеш да му се довериш? (Пословици 17:17, NW). Тогаш, искористи ја таа помош што ти ја дава со љубов! Не плаши се да плачеш или да ги искажеш своите чувства. Па и самиот Исус во една прилика ‚почнал да рони солзи‘ поради трагичната загуба на еден пријател! (Јован 11:35).
Библијата нѐ уверува дека еден ден ќе бидеме ‚ослободени од ропството на распадливоста‘ и дека ќе ја имаме „славната слобода на Божјите деца“ (Римјаните 8:21). Дотогаш ќе страдаат уште многу добри луѓе. Нека те теши тоа што знаеш зошто има страдање — и дека нема да трае уште долго.
[Фусноти]
a Некои имиња се променети.
b Види ја серијата статии „Храброст наспроти катастрофа“ во изданието на Разбудете се! од 8 април 2002.
[Слика на страница 14]
Ќе биде добро да ја искажеш својата болка