ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • w03 1/1 стр. 4-7
  • Утеха за оние што страдаат

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Утеха за оние што страдаат
  • Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2003
  • Поднаслови
  • Сличен материјал
  • Како започнало страдањето?
  • Решавање на спорното прашање
  • Крај на страдањето
  • Утеха за оние што страдаат
  • Зошто има зло и страдања во светот?
    Радувај му се на животот засекогаш — интерактивен библиски курс
  • Среќни се оние што истрајуваат кога страдаат
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2007
  • Човечкото страдање — зошто Бог го допушта?
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1994
  • Зошто Бог ги допушта страдањата?
    Што навистина учи Библијата?
Повеќе
Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2003
w03 1/1 стр. 4-7

Утеха за оние што страдаат

НИЗ вековите, прашањето за тоа зошто Бог допушта страдање збунувало многу филозофи и теолози. Некои тврделе дека штом Бог е семоќен, на крајот на краиштата, тој мора и да е одговорен за страдањето. Писателот на The Clementine Homilies (Клементински проповеди), апокрифно дело од вториот век, тврди дека Бог владее со светот со двете раце. Со „левата рака“, т.е. Ѓаволот, предизвикува страдање и мака, а со „десната рака“, или Исус, спасува и благословува.

Други, пак, не можејќи да прифатат дека Бог би можел да допушти страдање, дури и ако тој не е оној што го предизвикува, избрале да одрекуваат дека страдањето постои. „Злото е само илузија и нема никаква вистинска основа“, напишала Мери Бејкер Еди. „Ако гревот, болеста и смртта се сметаат за ништо, тогаш и ќе ги снема“ (Science and Health With Key to the Scriptures — Наука и здравје со клуч за Писмото).

Како резултат на трагичните настани од историјата, особено од Првата светска војна па сѐ до нашево време, мнозина дошле до заклучок дека Бог едноставно не е способен да го спречи страдањето. „Според мене, холокаустот го отфрла секое лесно користење на зборот семоќност како соодветна особина на Бог“, напишал еврејскиот изучувач Дејвид Вулф Силверман. „Ако Бог може на некој начин да се разбере“, додал тој, „тогаш Неговата доброта очигледно е во склад со постоењето на злото, а ова е случај само ако Тој не е семоќен.“

Меѓутоа, тврдењата дека Бог на некој начин е соучесник во страдањето, дека не е способен да го спречи или дека страдањето е само плод на нашата фантазија, не им даваат голема утеха на оние што страдаат. И, што е уште поважно, таквите верувања се чиста спротивност на праведниот, динамичен и грижлив Бог што е откриен на страниците на Библијата (Јов 34:10, 12; Еремија 32:17; 1. Јованово 4:8). Тогаш, што вели Библијата за причината зошто страдањето е допуштено?

Како започнало страдањето?

Бог не ги создал луѓето да страдаат. Напротив, тој им подарил на првите луѓе, Адам и Ева, совршени умови и тела, подготвил една прекрасна градина да им биде дом и им доделил смисловна, задоволувачка работа (Битие 1:27, 28, 31; 2:8). Меѓутоа, нивната натамошна среќа зависела од тоа дали ќе го признаат Божјето владетелство и неговото право да одлучува што е добро а што зло. Тоа исклучително право на Бог било претставено со едно дрво наречено ‚дрво за познавање на доброто и злото‘ (Битие 2:17). Адам и Ева ќе ја покажеле својата подложност на Бог ако ја послушале неговата заповед да не јадат од тоа дрво.a

За жал, Адам и Ева пропуштиле да му бидат послушни на Бог. Едно бунтовно духовно суштество, подоцна идентификувано како Сатана Ѓаволот, ја убедило Ева дека не е во нејзин интерес да му биде послушна на Бог. Всушност, Бог наводно ја лишувал од нешто многу пожелно: независност, право самата да си избира што е добро а што зло. Сатана тврдел дека ако јаде од дрвото, ‚ќе ѝ се отворат очите, и ќе биде како Бог, распознавајќи го доброто и злото‘ (Битие 3:1—6; Откровение 12:9). Заведена со можноста да биде независна, Ева зела од забранетиот плод, а набрзо и Адам го сторил истото.

Истиот тој ден, Адам и Ева почнале да ги искусуваат резултатите од својата побуна. Со отфрлањето на Божјето владетелство, тие ги изгубиле заштитата и благословите што ги имале како резултат на подложноста кон Бог. Бог ги исфрлил од рајот и му рекол на Адам: „Земјата ќе е проклета заради тебе: во мака ќе се храниш од неа сите денови на својот живот! Со пот на свето лице ќе јадеш леб, додека не се вратиш во земјата“ (Битие 3:17, 19). Адам и Ева станале подложни на болест, болка, стареење и смрт. Страдањето станало дел од човечкиот живот (Битие 5:29).

Решавање на спорното прашање

Некој можеби ќе праша: ‚Зарем не можел Бог едноставно да им прогледа низ прсти на Адам и на Ева за гревот?‘ Не, зашто тоа уште повеќе ќе го поткопало неговиот авторитет, и можеби ќе поттикнело понатамошни побуни, што на крај ќе завршеле со уште поголемо страдање (Проповедник 8:11). Освен тоа, ако Бог преминел преку таквата непослушност тоа би го направило соучесник во неисправното постапување. Библискиот писател Мојсеј нѐ потсетува: „Делото [на Бог] Му е совршено, зашто се прави сите Негови патишта. Тој е верен Бог и нема неправда, Тој е праведен и вистинит“ (Второзаконие 32:4). За да си остане на зборот, Бог морал да дозволи Адам и Ева да ги сносат последиците од својата непослушност.

Зошто Бог веднаш не ги уништил првите луѓе и Сатана, невидливиот подбуцнувач на нивната побуна? Тој имал моќ да го стори тоа. Адам и Ева немало да создадат потомство подложно на страдање и смрт како наследство. Меѓутоа, таквиот приказ на божествена моќ немало да ја докаже праведноста на Божјето владеење над неговите интелигентни суштества. Освен тоа, ако Адам и Ева умреле без деца, тоа ќе значело неуспех на Божјата намера земјата да се наполни со нивни совршени потомци (Битие 1:28). А „Бог не е како луѓето . . . Што и да вети, исполнува; ќе каже и направено е“ (Броеви 23:19, Today’s English Version).

Во својата совршена мудрост, Јехова Бог одлучил да допушти побуната да продолжи за некое ограничено време. Бунтовниците ќе имале доволно можности да ги искусат ефектите на независноста од Бог. Историјата сигурно ќе ја покажела потребата на човештвото од божествено водство и супериорноста на Божјето владеење во однос на човечкото владеење или владеењето на Сатана. Во исто време, Бог презел чекори да осигура дека неговата првобитна намера за земјата ќе се исполни. Тој ветил дека ќе дојде едно „семе“ или „потомство“ кое на ‚Сатана ќе му ја повреди главата‘, и кое ќе ја отстрани еднаш засекогаш неговата побуна и штетните последици од неа (Битие 3:15, NW).

Исус Христос бил тоа ветено Семе. Во 1. Јованово 3:8 читаме дека ‚Синот Божји се покажал . . . да ги разбие делата на Ѓаволот“. Ова го направил со тоа што го жртвувал својот совршен човечки живот и ја платил откупната цена за да ги искупи децата на Адам од наследениот грев и од смртта (Јован 1:29; 1. Тимотеј 2:5, 6). На оние што вистински практикуваат вера во жртвата на Исус им е ветено трајно ослободување од страдањето (Јован 3:16; Откровение 7:17). Кога ќе се случи ова?

Крај на страдањето

Отфрлањето на Божјиот авторитет предизвикало неописливо страдање. Според тоа, на место е Бог на посебен начин да го спроведе својот авторитет за да му стави крај на човечкото страдање и за да ја оствари својата првобитна намера со земјата. Исус ја спомнал оваа божествена подготовка кога ги поучил своите следбеници да се молат: „Татко наш, кој си на небесата . . . Нека дојде царството твое. Нека биде волјата твоја, како на небото така и на земјата“ (Матеј 6:9, 10).

Времето што Бог го допуштил за луѓето да експериментираат со сопствено владеење е при крај. Во исполнение на библиското пророштво, неговото Царство било воспоставено на небото во 1914 со Исус Христос како негов Цар.b Наскоро, тоа ќе ги разбие и ќе ги уништи сите човечки влади (Даниел 2:44).

За време на својата кратка земна служба, Исус дал претслика за благословите што обновата на Божјето владеење ќе ги донесе за човештвото. Евангелијата даваат доказ дека Исус покажувал сочувство кон членовите на човечкото општество што биле сиромашни и обесправени. Лекувал болни, хранел гладни и воскреснувал мртви. Дури и природните сили биле послушни на неговиот глас (Матеј 11:5; Марко 4:37—39; Лука 9:11—16). Замисли само што ќе постигне Исус кога ќе го употреби прочистувачкиот ефект на својата откупна жртва во корист на целото послушно човештво! Библијата ветува дека со помош на Христовото владеење, Бог „ќе ја избрише секоја солза од нивните [на луѓето] очи, и смрт нема да има веќе, ниту ќе има веќе тага ни пискот ни болка“ (Откровение 21:4).

Утеха за оние што страдаат

Колку само е охрабрувачки да знаеме дека нашиот љубезен и семоќен Бог, Јехова, се грижи за нас и дека наскоро ќе донесе олеснување за човештвото! Обично, некој тешко болен пациент спремно прифаќа лекување што ќе го излекува дури и ако тоа е многу болно. Слично на тоа, ако знаеме дека начинот на кој Бог ги води работите ќе донесе вечни благослови, тоа спознание може да нѐ поткрепи сеедно со какви привремени тешкотии се соочуваме.

Рикардо, спомнат во претходната статија, е еден од оние што научиле да извлечат утеха од библиските ветувања. „По смртта на мојата сопруга чувствував силна желба да се изолирам“, си спомнува тој, „но, наскоро сфатив дека тоа нема да ја врати назад и дека само ќе ја влоши мојата емоционална состојба.“ Наместо тоа, Рикардо се држел за својата рутина да присуствува на христијанските состаноци и да ја споделува библиската порака со другите. „Додека ја чувствував љубезната поддршка на Јехова и забележав како одговара на моите молитви во навидум малите работи, се приближив до него“, вели Рикардо. „Оваа свесност за Божјата љубов ми помогна да истраам во она што, секако, беше најтешкиот испит со кој некогаш сум се соочил.“ Тој признава: „Мојата сопруга сѐ уште ми недостига многу, но сега цврсто верувам дека ништо што Јехова допушта да се случи не може да ни нанесе трајна штета“.

Дали и ти, како Рикардо и милиони други, копнееш по времето кога сегашните страдања на човештвото ‚веќе не ќе се спомнуваат, ниту ќе ни доаѓаат на ум‘? (Исаија 65:17). Биди сигурен дека благословите на Божјето Царство ти се на дофат ако го следиш библискиот совет: „Барајте Го Господа додека може да се најде, повикувајте Го додека е близу“ (Исаија 55:6).

Од помош ќе ти биде ако читањето и внимателното проучување на Божјата реч го направиш најважна работа во твојот живот. Запознај го Бог и оној кого го испратил, Исус Христос. Настојувај да живееш во склад со Божјите мерила и на тој начин покажи дека си спремен да се подложиш на неговиот суверенитет. Таквиот начин на постапување ќе ти донесе поголема среќа сега и покрај испитите со кои можеби ќе мораш да се соочиш. А во иднина, како резултат на тоа ќе уживаш живот во свет без страдање (Јован 17:3).

[Фусноти]

a Во фуснотата за Битие 2:17, The Jerusalem Bible го објаснува ‚познавањето на доброто и злото‘ како „моќ да одлучува . . . што е добро а што зло и да постапува во склад со тоа; право на потполна морална независност со која човекот одбива да го признае својот статус како создадено суштество“. Таа додава: „Првиот грев бил напад врз Божјиот суверенитет“.

b За детална дискусија за библиското пророштво во врска со 1914 година, види ги 10 и 11 поглавје од книгата Спознание кое води до вечен живот, издадена од Јеховините сведоци.

[Рамка на страници 6 и 7]

КАКО МОЖЕМЕ ДА СЕ СПРАВИМЕ СО СТРАДАЊЕТО?

‚Сите свои тегобни грижи фрлете ги на него [Бог]‘ (1. Петрово 5:7). Чувствата на збунетост, гнев и напуштеност се сосем нормални кога трпиме страдање или кога гледаме како страда некој што го сакаме. Сепак, биди уверен дека Јехова ги разбира нашите чувства (Излез 3:7; Исаија 63:9). Како верните мажи од старо време, и ние можеме да му го отвориме срцето и да му ги изразиме своите сомневања и грижи (Излез 5:22; Јов 10:1—3; Еремија 14:19; Хабакук 1:13). Можеби тој нема да ги отстрани нашите испити на чудесен начин, но како одговор на нашите сесрдни молитви, тој може да ни даде мудрост и сила да се справиме со нив (Јаков 1:5, 6).

„Не изненадувајте се од болните испити што ги трпите, како нешто чудно да ви се случува“ (1. Петрово 4:12, New International Version). Овде Петар зборува за прогонство, но неговите зборови исто толку добро одговараат на кое и да е страдање што некој верник можеби го поднесува. Луѓето страдаат од немаштија, болести и загуба на саканите. Библијата вели дека „времето и непредвидениот настан“ им се случуваат на сите (Проповедник 9:11, NW). Таквите работи се дел од сегашната состојба на луѓето. Тоа што ќе го сфатиме ова ќе ни помогне да се справиме со страдањето и несреќите кога ќе нѐ снајдат (1. Петрово 5:9). Пред сѐ, посебен извор на утеха ќе биде ако си спомнуваме за уверувањето дека „Господовите очи ги гледаат праведните, Неговите уши го слушаат нивниот вик“ (Псалм 34:15; Пословици 15:3; 1. Петрово 3:12).

„Радувајте се во надежта“ (Римјаните 12:12). Наместо да размислуваме за изгубената среќа, можеме да медитираме за Божјето ветување да му стави крај на сето страдање (Проповедник 7:10). Оваа добро темелена надеж ќе нѐ заштити како што шлемот ја заштитува главата. Надежта ги ублажува ударите што ни ги задава животот и се грижи тие да не се покажат смртоносни за нашето ментално, емоционално или духовно здравје (1. Солуњаните 5:8).

[Слика на страница 5]

Адам и Ева го отфрлиле Божјето владетелство

[Слика на страница 7]

Бог ветува свет без страдање

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели