Човечкото страдање — зошто Бог го допушта?
НА ПОЧЕТОКОТ од човечката историја, едноставно немало солзи на жалење или болка. Не постоело човечкото страдање. На човечкиот род му бил даден совршен почеток. „И виде Бог дека е многу добро сѐ она што го беше создал“ (1. Мојсеева 1:31).
Но, некои приговараат дека ‚извештајот за Адам и Ева во Едемската градина е само една алегорија‘. За жал, многумина свештеници од т. н. христијанство го велат ова. Меѓутоа, таков авторитет каков што е самиот Исус Христос ги потврдил настаните во Едем како историски (Матеј 19:4-6). Освен тоа, единствениот начин да се сфати зошто Бог го дозволил страдањето на човештвото е да се испитаат овие настани од најраната историја на човекот.
На првиот човек, Адам, му била дадена задоволувачка работа — да се грижи за Едемската градина. Исто така, пред него Бог ја поставил целта да го прошири својот Едемски дом во една општа градина на задоволство (1. Мојсеева 1:28; 2:15). За да му помогне на Адам да ја изврши оваа огромна задача, Бог му ја дал брачната другарка, Ева, и им рекол да бидат плодни, да се намножат и да си ја подложат Земјата. Сепак, нешто друго било потребно за да се осигура успехот на Божјата намера со Земјата и човештвото. Со тоа што бил создаден според Божјиот образ, човекот поседувал слободна волја; затоа било неопходно човечката волја никогаш да не дојде во судир со Божјата. Инаку, би постоел неред во универзумот и Божјата намера да ја исполни Земјата со мирољубиво човечко семејство, немало да се оствари.
Подложноста на Божјата власт не била автоматска. Тоа требало да биде израз полн со љубов на човековата слободна волја. На пример, читаме дека, кога Исус Христос се соочил со тежок испит, тој се молел: „Оче, кога би сакал да Ме одмине оваа чаша! Но нека не биде Мојата волја, туку Твојата!“ (Лука 22:42).
Исто така, Адам и Ева требало да докажат дали сакале да се подложат на Божјата власт. За оваа цел, Јехова Бог подготвил еден едноставен испит. Едно од дрвјата во градината било наречено ‚дрво за познавање на доброто и злото‘. Тоа го претставувало Божјето право да ги одреди мерилата за исправно однесување. Едноставно кажано, Бог забранил да се јаде од ова посебно дрво. Непослушноста на Адам и Ева би довела до нивна смрт (1. Мојсеева 2:9, 16, 17).
Почетокот на човечкото страдање
Еден ден, еден духовен Божји син си зел за право да го стави под сомнение Божјиот начин на владеење. Користејќи една змија како свој гласноговорник, тој ја запрашал Ева: „Вистина ли е дека Бог рекол да не јадете од ниедно дрво во рајот?“ (1. Мојсеева 3:1). Така во умот на Ева било посеано семе на сомневање — дали Божјиот начин на владеење бил исправен.a На тоа, Ева одговорила точно, како што научила од својот сопруг. Меѓутоа, духовното суштество тогаш му се спротивставило на Бог и излажало во врска со последиците на непослушноста, велејќи: „Не, вие нема да умрете! Бог знае оти оној ден кога ќе вкусите од него, ќе ви се отворат очите, па ќе станете како богови и ќе знаете што е добро, а што зло“ (1. Мојсеева 3:4, 5).
За жал, Ева била измамена да мисли дека непослушноста ќе резултира не со човечко страдање, туку со подобар живот. Колку повеќе гледала во плодот, толку попривлечен ѝ изгледал, и почнала да јаде од него. Подоцна го наговорила и Адам да јаде. За несреќа, Адам избрал да ѝ угоди на својата жена, наместо да му угоди на Бог (1. Мојсеева 3:6; 1. Тимотеј 2:13, 14).
Со разгорувањето на оваа побуна, духовното суштество се направило себеси противник на Бог. Така, тој бил наречен Сатана од хебрејскиот збор кој значи „противник“. Тој исто така лажел во врска со Бог, на тој начин претворајќи се себеси во клеветник. Оттука, тој е наречен и Ѓавол од грчкиот збор кој значи „клеветник“ (Откровение 12:9).
Така почнало човечкото страдање. Три од Божјите суштества го злоупотребиле својот подарок на слободна волја, избирајќи себичен начин на живот во опозиција на својот Творец. Се појавило прашањето: Како ќе постапи Бог со оваа побуна на еден праведен начин кој ќе донесе сигурност за остатокот на неговите интелигентни суштества, вклучувајќи ги верните ангели на небото и идните потомци на Адам и Ева?
Божјиот мудар одговор
Некои може да приговорат дека можеби би било најдобро ако Бог веднаш ги уништел Сатана, Адам и Ева. Но, тоа не би го решило спорното прашање кое се појавило при побуната. Сатана го оспорил Божјиот начин на владеење, сугерирајќи дека луѓето би уживале подобар живот кога би биле независни од Божјата влада. Исто така, неговиот успех првата човечка двојка да ја сврти против Божјата влада, покренал други прашања. Бидејќи Адам и Ева згрешиле, дали тоа значело дека имало нешто погрешно во начинот на кој Бог го создал човекот? Дали Бог ќе има некој на Земјата кој ќе му остане верен? А што е со Јеховините ангелски синови кои биле сведоци на Сатановата побуна? Дали тие ќе ја поддржат праведноста на Неговата сувереност? Очигледно, било потребно доволно време за да се решат овие прашања. Тоа е причината зошто Бог дозволил Сатана да постои до денешен ден.
Што се однесува до Адам и Ева, на денот на нивната непослушност, Бог ги осудил на смрт. Така почнал процесот на умирање. Нивните наследници, кои биле зачнати откако Адам и Ева згрешиле, наследиле грев и смрт од нивните несовршени родители (Римјаните 5:14).
Во спорното прашање Сатана започнал со првата човечка двојка на своја страна. Времето кое му било дадено го искористил обидувајќи се да ги задржи сите Адамови потомци под своја контрола. Исто така успеал да заведе голем број ангели да му се придружат во неговата побуна. Меѓутоа, поголемиот дел од Божјите ангелски синови лојално ја поддржувале праведноста на Јеховиното владеење (1. Мојсеева 6:1, 2; Јуда 6; Откровение 12:3, 9).
Во спор биле Божјето владеење против Сатановото — спор кој бил многу жесток во деновите на Јов. Овој верен човек со своето однесување докажал дека се одлучил за Божјата праведна власт наместо за сатанската независност, како што тоа веќе го сториле богобојазливите луѓе како Авел, Енох, Ное, Авраам, Исак, Јаков и Јосиф. Јов станал предмет на еден разговор кој се одвивал на небото пред верните Божји ангели. Како поткрепа на Својата праведна влада, Бог му рекол на Сатана: „Обрна ли внимание на Мојот слуга Јов? Оти на Земјата нема таков како него: човек непорочен, праведен, богобојазлив и кој го одбегнува злото“ (Јов 1:6-8).
Одбивајќи да го признае поразот, Сатана тврдел дека Јов му служел на Бог само од себични причини, бидејќи Бог богато го благословил со материјална благосостојба. Така, Сатана нападнал: „Но пружи ја раката Своја и допри се до сѐ што е негово, ќе Те благослови ли тогаш?“ (Јов 1:11). Сатана отишол уште подалеку, оспорувајќи ја беспрекорноста на сите Божји суштества. „За животот свој човек ќе даде и сѐ што има“, напаѓал тој (Јов 2:4). Овој клеветнички напад не го вклучувал само Јов туку и сите Божји верни обожаватели на небото и на Земјата. Сатана најавил дека тие ќе се откажат од нивното пријателство со Јехова ако животот им е во опасност.
Јехова Бог имал потполна доверба во беспрекорноста на Јов. Го покажал тоа така што му дозволил на Сатана да му нанесе на Јов човечко страдање. Со својата верност Јов не само што го очистил своето име туку, што е уште поважно, ја потврдил праведноста на Јеховиниот суверенитет. Ѓаволот се докажал како лажго (Јов 2:10; 42:7).
Меѓутоа, најдобриот пример на верност под испит бил Исус Христос. Бог го пренел животот на овој ангелски Син од небото во утробата на една девица. Затоа, Исус не наследил грев и несовршеност. Наместо тоа, тој пораснал и станал совршен човек, точен еквивалент на првиот човек пред да ја изгуби својата совршеност. Сатана го направил Исус своја посебна цел, нанесувајќи му многу искушенија и неволји, кои кулминирале со понижувачка смрт. Но, Сатана не успеал да ја скрши Исусовата беспрекорност. Исус во потполност ја поддржал праведноста на Татковата власт. Исто така, тој докажал дека совршениот човек Адам немал изговор за тоа што се приклучил кон Сатановата побуна. Адам можел да остане верен под неговиот многу помал испит.
Што друго било докажано?
Од побуната на Адам и Ева поминале околу 6.000 години исполнети со човечко страдање. Во текот на ова време, Бог му допуштил на човештвото да експериментира со најразлични видови на влади. Ужасното досие за човечкото страдање докажува дека човекот не е способен да владее со себе. Всушност, денес во многу подрачја од Земјата преовладува анархија. Независноста од Бог, каква што ја пропагирал Сатана, е катастрофална.
Немало потреба Јехова да си докаже нешто самиот на себе. Тој знае дека неговиот начин на владеење е праведен и дека е од најдобар интерес за неговите суштества. Меѓутоа, за да даде задоволувачки одговори на сите овие прашања кои се појавиле при Сатановата побуна, тој им дал прилика на своите интелигентни суштества да покажат дека повеќе ја сакаат неговата праведна влада.
Наградите за љубовта што тие ја покажале кон Бог и што му биле верни, далеку го надминуваат привремениот период на страдање под Ѓаволовата рака. Случајот со Јов го илустрира ова. Јехова Бог го исцелил Јов од болеста што му ја нанел Ѓаволот. Освен тоа, „ги благослови Бог последните денови на Јова повеќе од поранешните“. На крај, живеејќи уште 140 години, „умре Јов стар и сит од животот“ (Јов 42:10-17).
Христијанскиот библиски писател Јаков го свртува вниманието на ова, велејќи: „Сте чуле за трпението на Јов и узнавте каков крај му даде Господ, затоа што Господ е многумилостив [сочувствителен, фуснота, НС]“ (Јаков 5:11).
Времето на Сатана и на неговиот свет им одминува. Наскоро Бог ќе го укине сето страдање кое Сатановата побуна го нанела врз човештвото. Дури и мртвите ќе бидат воскреснати (Јован 11:25). Тогаш, верните луѓе како Јов ќе имаат прилика да добијат вечен живот на една рајска Земја. Овие идни благослови што ќе ги излие Бог врз своите слуги, засекогаш ќе го оправдаат како праведен Суверен кој е навистина „многумилостив“.
[Фуснота]
a Еден правник и писател од почетокот на XX век, Филип Мауро, кој го разгледувал ова прашање во својата дискусија за „Потеклото на злото“, заклучил дека тоа било „причината за сите проблеми на човештвото“.
[Рамка/слики на страница 8]
СУРОВИТЕ ЧОВЕЧКИ БОГОВИ
ДРЕВНИТЕ богови честопати биле опишувани како крвожедни и похотни. За да ги смират, родителите ги изгорувале во оган дури и своите живи деца (5. Мојсеева 12:31). Од друга страна, пак, паганските филозофи учеле дека Бог немал такви чувства како што се гнев или милост.
Демонски инспирираните гледишта на овие филозофи извршиле влијание и врз Божјиот признат народ, Евреите. Еврејскиот филозоф Филон, современик на Исус, тврдел дека Бог „воопшто не поседува страст“.
Дури ни строгата еврејска секта на фарисеите не го избегнала влијанието на грчката филозофија. Ги прифатиле учењата на Платон според кој човекот се состои од бесмртна душа поставена во човечко тело. Освен тоа, според Јосиф, историчар од првиот век, фарисеите верувале дека душите на злите луѓе „страдаат од вечна казна“. Меѓутоа, Библијата не дава темел за едно такво гледиште (1. Мојсеева 2:7; 3:19; Проповедник 9:5; Језекиил 18:4).
А како е со следбениците на Исус? Дали тие си дозволиле да потпаднат под влијание на паганската филозофија? Увидувајќи ја оваа опасност, апостол Павле ги предупредил сохристијаните: „Пазете некој да не ве заведе со философија и со празна измама според човечкото предание, според стихиите на светот, а не по Христа“ (Колосјаните 2:8; види и 1. Тимотеј 6:20).
За жал, извесен број наводни христијански надгледници од вториот и третиот век го игнорирале тоа предупредување и учеле дека Бог нема чувства. The Encyclopedia of Religion наведува: „Во целина, Божјите својства повеќе биле сфаќани онака како што биле потврдувани во еврејската и филозофската мисла од тоа време . . . Идејата дека Бог Отецот може да има чувства како што е сожалување . . . општо се сметала за неприфатлива барем до крајот на дваесеттиот век“.
Така, христијанството го усвоило лажното учење за еден свиреп бог кој ги казнува грешниците на тој начин што ги принудува да страдаат од свесно мачење во вечност. Од друга страна, Јехова Бог јасно наведува во својата Реч, Библијата, дека „платата, што ја дава гревот, е смрт“, а не вечно, свесно мачење (Римјаните 6:23).
[Извори на слики]
Above: Acropolis Museum, Greece
Courtesy of The British Museum
[Слика на страница 7]
Божјата намера да ја претвори Земјата во Едемски рај мора да се исполни!