ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • g04 8/8 стр. 27-29
  • Древна заклетва со современо значење

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Древна заклетва со современо значење
  • Разбудете се! 2004
  • Поднаслови
  • Сличен материјал
  • Дали Хипократ ја напишал заклетвата?
  • Отфрлена и повторно прифатена
  • Промени во зависност од времињата
  • Вредноста на заклетвите
  • Прашања од читателите
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2003
  • Прашања од читателите
    The Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство (за проучување) 2022
  • Дали си ги одржуваш ветувањата?
    Нашиот живот и служба како христијани — работни листови (2017)
  • ,Невозможно е Бог да лаже‘
    Пејте му фалби на Јехова
Повеќе
Разбудете се! 2004
g04 8/8 стр. 27-29

Древна заклетва со современо значење

НЕКАДЕ околу 400 пр.н.е., грчкиот лекар Хипократ, кој е познат како татко на медицината, ја напишал Хипократовата заклетва. Медицинската професија сѐ уште ги следи овие благородни етички принципи. Дали и Вас Ве учеле така? Ако да, не сте само Вие. Но, дали тоа е сосема точно?

Фактите покажуваат дека Хипократ можеби не бил автор на заклетвата што го носи неговото име. Освен тоа, медицината денес не се согласува секогаш со тие принципи како што биле запишани во почетокот.

Дали знаеме кој навистина ја напишал оваа древна заклетва? А дури и да знаеме, дали таа заклетва има некакво значење за нас денес?

Дали Хипократ ја напишал заклетвата?

Има повеќе причини зошто постојат сомнежи дали заклетвата ја напишал Хипократ. Една причина е тоа што заклетвата започнува со привикување на неколку божества. Сепак, се смета дека Хипократ бил првиот човек што ја одвоил медицината од религијата и ги барал физичките, а не натприродните причини за болестите.

Понатаму, некои работи што се забранети со заклетвата не биле во судир со медицинската пракса што се извршувала во времето на Хипократ. (Видете ја рамката на 28. страница.) На пример, абортусот и самоубиството не ги осудувал ниту законот ниту повеќето верски стандарди во времето на Хипократ. Исто така, оној што ја полага оваа заклетва ветува дека хируршките интервенции ќе им ги препушти на хирурзите. Сепак, хируршките техники се дел од збирката на Хипократ, која се состои од медицински дела што честопати му се припишуваат на Хипократ и на други древни писатели.

Затоа, иако тоа прашање сѐ уште е предмет на дебати меѓу изучувачите, сосема е возможно дека Хипократовата заклетва не ја напишал Хипократ. Изгледа дека филозофијата што е изразена во оваа заклетва најмногу се совпаѓа со питагорејците од четвртиот век пр.н.е., кои се залагале за возвишени цели во врска со светоста на животот и биле против хируршки интервенции.

Отфрлена и повторно прифатена

Без оглед на тоа кој навистина е авторот на оваа заклетва, не може да се оспори нејзиното големо влијание врз западната медицина, а особено на полето на етиката. Оваа заклетва е наречена „врв на развојот на строги етички концепти во медицината“, „темел на односот пациент-лекар во развиениот свет“ и „највисок степен на професионален морал“. Во 1913, сер Вилијам Ослер, прочуен канадски лекар, рекол: „Не е толку важно дали таа е од времето на Хипократ или не . . . Дваесет и пет века таа е принцип на оваа професија, а во многу универзитети сѐ уште се полага кога се дипломира“.

Меѓутоа, во почетокот на 20⁠-тиот век оваа заклетва минала низ период на немилост, веројатно поради научниот напредок што бил во тек. Додека сѐ повеќе се ширел рационализмот, заклетвата можеби изгледала застарена и без важност. Но, дури и со напредокот на науката, сѐ уште има потреба од етички упатства. Можеби затоа оваа заклетва повторно била прифатена во последниве децении.

Полагањето заклетва повторно станало важен дел од приемот на многу доктори на медицинските факултети или при нивното дипломирање. Една анкета што била спроведена во 1993 на медицинските факултети во САД и Канада покажала дека заклетва се полага во 98 проценти од анкетираните факултети. Во 1928 тоа било случај само со 24 проценти од таквите факултети. Во Обединетото Кралство, една слична анкета покажала дека некаква заклетва или свечена изјава моментално се полага во околу 50 проценти од факултетите во кои била спроведена анкетата. И во Австралија и Нов Зеланд оваа цифра изнесува околу 50 проценти.

Промени во зависност од времињата

Но, Хипократовата заклетва не е непроменлива; низ вековите таа била менувана во склад со верувањата што биле раширени во христијанскиот свет. Некои промени биле направени кога се појавувале извесни спорни прашања како, на пример, што да се прави со жртвите од чумата. Во поново време таа е променета во склад со современата мисла.

Во многу верзии на оваа заклетва се избришани некои концепти што повеќе не се во склад со современата медицинска пракса, а додадени се други возвишени цели што се важни за современото општество. На пример, принципот за почитување на правата на пациентот можеби е главен во денешната медицинска пракса, но во древната грчка медицина немало такво начело и тоа не било дел од Хипократовата заклетва. Концептот за правата на пациентот е важен дел од многу свечени изјави што се кажуваат денес.

Освен тоа, се променил и односот лекар—⁠пациент, при што сѐ поважни стануваат концептите како што е информираната согласност. Затоа, разбирливо е што само мал број медицински факултети сѐ уште ја полагаат Хипократовата заклетва во нејзината првобитна верзија.

Можеби уште повеќе изненадуваат некои други промени во заклетвата. Во 1993, само 43 проценти од заклетвите што се полагале во Соединетите Држави и Канада содржеле свечено ветување дека лекарите се одговорни за своите постапки, додека во повеќето современи верзии на оваа заклетва не се спомнува казна за прекршување на нејзините услови. Уште поневообичаено е одбивањето да се изврши еутаназија и абортус и привикувањето на некакво божество, а заклетвата да се нема сексуален контакт со пациентите била дел од само 3 проценти од свечените изјави што се користеле во анкетираните училишта.

Вредноста на заклетвите

И покрај многуте промени што се направени во Хипократовата заклетва, често се смета дека е важно да се користат заклетви во една професија што е посветена на толку благородни и морални возвишени цели. Анкетата од 1993 што ја спомнавме погоре открила дека повеќето заклетви што се користат, главно се фокусираат на посветеноста на лекарите кон нивните пациенти, што бара идните лекари да ветат дека ќе дадат сѐ од себе во грижата за своите пациенти. Давањето таква свечена изјава го свртува вниманието на вредни морални начела што лежат во основата на медицината.

Во една уводна статија издадена во The Medical Journal of Australia, професор Едмунд Пелегрино напишал: „Можеби за многу луѓе медицинската заклетва денес е само парче од скршен антички кип. Но, доволно од тој кип останува во свеста на оваа професија за да нѐ потсети дека, ако сосема го заборавиме, тоа ќе значи дека медицината ќе стане комерцијална, индустриска или пролетерска фирма“.

Веројатно и понатаму во академските кругови ќе се дебатира за тоа дали Хипократовата заклетва или денешните свечени изјави што произлегле од неа важат и за нашево време. Но, каков и да е резултатот, и понатаму заслужува ценење тоа што лекарите се посветуваат на грижата за болните.

[Рамка на страница 28]

ХИПОКРАТОВА ЗАКЛЕТВА

Се колнам во Лекарот Аполон и во Асклепиј и Хигија и Панакеја и сите богови и божици, кои ми се сведоци, дека според мојата способност и просудување ќе се држам за оваа заклетва и ова ветување:

Оној што ме научил на оваа вештина ќе го сметам за рамен на моите родители и ќе соработувам со него, и ако му требаат пари ќе ги поделам моите со него, и на неговото потомство ќе гледам како на мои браќа по татко и без надомест и договор ќе ги учам на оваа вештина — доколку сакаат да ја научат; ќе им пренесам принципи и усмени поуки и сѐ друго што знам на моите синови и на синовите на мојот учител, како и на учениците што го потпишале овој завет и се заколнале во склад со законот на медицината, и на никој друг.

Според моите способности и просудување, ќе применувам правила на исхрана во корист на болните; ќе внимавам да не им се нанесе некоја штета или неправда.

Нема да давам смртоносно средство на никого дури и да ми побара, ниту ќе предложам такво нешто. Исто така, нема да ѝ дадам на жена средство за абортус. Ќе го чувам мојот живот и ќе ја извршувам мојата професија во чистота и во светост.

Нема да употребам нож, дури и ако некој има камен во некој орган, туку тоа ќе им го препуштам на оние на кои тоа им е работа.

Во која куќа и да влезам, ќе одам за да им помагам на болните, и ќе внимавам да не нанесам намерна неправда, некакво зло и особено да немам сексуални односи ниту со маж ниту со жена, сеедно дали се слободни или робови.

Што и да видам или да чујам во текот на лекувањето или по лекувањето во врска со животот на луѓето, што никако не би требало да се шири наоколу, ќе го задржам за себе како нешто за кое е срамота да се зборува.

Ако се држам за оваа заклетва и не ја прекршувам, тогаш да уживам во животот и во оваа професија, да стекнам слава меѓу сите луѓе во сите времиња; а ако ја прекршам и лажно се заколнам, да ми се случи спротивното.

[Слика на страница 27]

Една страница од Хипократовата збирка

[Извор на слика на страница 27]

Хипократ и страницата: Со љубезна дозвола на National Library of Medicine

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели