Зошто толку луѓе страдаат од поленска треска?
Од дописникот на Разбудете се! во Шпанија
ОЧИТЕ Ве чешаат и Ви солзат, кивате по цел ден, носот постојано Ви тече и тешко дишете. Што се случува? Можеби сте настинале. Но, ако овие симптоми Ве мачат кога во близина има полен, најверојатно имате поленска треска. Ако е така, имате големо друштво. Сѐ поголем е бројот на луѓето кај кои секоја година се дијагностицира поленска треска.
„Поленската треска не е ништо друго освен претерана реакција на нашиот организам на некоја супстанција што ја смета за штетна“, се известува во списанието Mujer de Hoy. „Имунолошкиот систем на луѓето што имаат алергија ги отфрла сите супстанции што ги смета за туѓи — вклучувајќи го и поленот — иако тие не се навистина опасни.“ А кога имунолошкиот систем претерано ќе реагира на таков начин, ги предизвикува непријатните симптоми што ги опишавме во почетокот.
Во 1819, англискиот лекар Џон Босток прв ја опишал поленската треска. Босток детално ги опишал здодевните симптоми што се јавувале кај него во одредено годишно време. Тој мислел дека симптомите биле предизвикани од штотуку покосено сено. Подоцна било откриено дека супстанциите што предизвикуваат алергиски реакции се, всушност, различни видови полен. Во почетокот на 19-тиот век, Босток открил многу малку случаи во Англија.
Но, зошто денес има толку многу луѓе што страдаат од поленска треска? Д-р Хавиер Субиса, директор на Центарот за астма и алергии во Мадрид (Шпанија), спомнува две теории што ги разгледуваат истражувачите. Според една теорија, вината лежи во дизел моторите. Се мисли дека честичките што се создаваат при согорувањето на дизел горивото можат да активираат алергени, супстанции што предизвикуваат алергиска реакција. Според алергологот д-р Хуан Котни Помер, „од поленска треска заболува 20 отсто од населението во индустријализираните земји и таа почесто се јавува во градовите“.
Една друга теорија покажува дека причината едноставно лежи во претераната хигиена. ‚Родени сме во операциона сала, јадеме стерилизирана храна, се вакцинираме против многу болести и веднаш земаме антибиотици кога ќе се разболиме. Затоа, уште од детството нашиот имунолошки систем е доведен во состојба да развие некоја алергија‘, објаснува д-р Субиса.
Ако сте жртва на ваква претерана имунолошка реакција, не очајувајте! Со исправна дијагноза и со исправно лекување, можете да ја контролирате и да ја намалите како зачестеноста така и интензитетот на здодевните симптоми на поленската треска.