Создадени да учиме вечно
„Во секоја глава има еден чудесен извор на нови идеи, мал, ефикасен орган чиј капацитет како да станува бесконечен колку повеќе учиме за него“ (ТОНИ БУЗАН И ТЕРЕНС ДИКСОН, НАУЧНИ ПИСАТЕЛИ).
КОЛКУ може да научи човечкиот мозок? Тоа прашање сѐ уште ги фасцинира и ги збунува истражувачите. Во Книга за мозокот (The Brain Book), Питер Расел пишува: „Колку повеќе учиме за човечкиот мозок, толку повеќе дознаваме дека неговиот капацитет и неговиот потенцијал ги надминуваат поранешните претпоставки“.
На пример, во поглед на меморијата, нашиот мозок има огромен капацитет. „Меморијата не е како некој сад што постепено се наполнува до врв“, вели Расел, „туку повеќе личи на дрво од кое растат куки на кои се закачуваат сеќавањата. Сѐ што ќе запамтите е само уште една гарнитура куки на кои можат да се прикачат уште нови сеќавања. Значи, капацитетот на меморијата постојано се зголемува. Колку повеќе учите, толку повеќе можете да научите“. Со ова се враќаме на нашето претходно прашање: ‚Зошто човечкиот мозок има толку големи, неискористени резерви?‘
Теоријата на еволуција не дава разумен одговор. Бидејќи главно се потпира на концептот за преживување на најспособните, еволуцијата ги збунува луѓето што размислуваат во поглед на тоа што го натерало човечкиот мозок да го развие својот огромен капацитет. Да илустрираме: Зошто Ви е голем камион ако треба да пренесете само една лопата песок?
Меѓутоа, Библијата дава освежувачки едноставно, но сепак логично објаснување. Прво, таа ни кажува дека нашите прародители — Адам и Ева — биле создадени по Божја слика, способни да ги одразуваат Божјите прекрасни особини. Второ, објаснува дека тие биле создадени за да живеат — а според тоа и да учат — вечно (Битие 1:27; 2:16, 17). Човечкиот мозок ја одразува таа Божја намера, иако во моментов на еден несовршен начин поради тоа што гревот влегол меѓу луѓето (Римјаните 5:12).
Но, Божјата првобитна намера Земјата да биде полна со совршени, богобојазливи луѓе што ќе живеат во рај ќе се оствари. Всушност, Јехова го дал својот единороден Син, Исус Христос, како откупна жртва за нас за да можеме да добиеме вечен живот (Матеј 20:28; Јован 3:16).
Најдобрата ментална храна
Јехова ни ја дал и својата инспирирана Реч, Светото писмо (2. Тимотеј 3:16; 2. Петрово 1:21). Бидејќи оваа скапоцена книга е дело на светиот дух, нема да претераме ако речеме дека во неа ја има најдобрата ментална и духовна храна за човештвото (Псалм 19:7—10). Всушност, самиот Исус рекол: „Нема да живее човек само од леб туку и од секоја изјава што излегува од Јеховината уста“ (Матеј 4:4).
Затоа, сеедно дали сте млади или стари, зошто не си одвојувате по малку време секој ден за да ги читате Божјите скапоцени изјави? Оние што го прават тоа и го применуваат она што го учат, ќе имаат корист и сега и во иднина. Да, можат да уживаат во изгледот да живеат и да учат вечно, токму онака како што била Божјата првобитна намера. Колку само прекрасна надеж е тоа! (Проповедник 3:11; Јован 17:3).
[Слика на страница 11]
Одразувајќи ја Божјата намера, човечкиот мозок бил создаден за да учи вечно
[Слики на страница 12]
Во Библијата ја има најдобрата храна за Вашиот ум