Дали со смртта завршува сѐ?
„ШТО се случува по смртта?“ Веројатно, ниедно друго прашање не ги оставило луѓето во таква недоумица толку долго време. Најгенијалните умови од сите цивилизации бараат одговор на ова прашање веќе неколку илјади години. Но, сѐ што произлегло од човечката филозофија и од научното истражување се еден куп теории и митови.
Што може да се каже за библиските учења? Некои можеби тврдат дека и Библијата не е ништо појасна кога станува збор за смртта и за задгробниот живот. Но, ако сакаме да бидеме фер, ќе мора да признаеме дека зад ваквото гледиште стојат многуте религии што ја замаглуваат чистата библиска порака со лаги и легенди. Ако ги ставиш настрана преданијата и митовите и се концентрираш на Библијата, ќе сфатиш дека таа содржи логична порака што влева надеж.
Што си бил пред да настанеш?
Пример за тоа се двете изјави на цар Соломон што беа цитирани во претходната статија. Овие стихови јасно покажуваат дека, при смртта, ниту луѓето ниту животните не се свесни за ништо. Значи, Библијата тврди дека тие се неактивни, дека не можат да почувствуваат ништо и дека не можат да размислуваат (Проповедник 9:5, 6, 10).
Звучи неверојатно? Тогаш, размисли: Во каква состојба е еден човек пред да се роди? Каде си бил пред да се соединат ситните клетки од твоите родители за да станеш она што си? Ако некој дел од луѓето ја преживува смртта, каде бил тој дел пред да бидеш зачнат? Тоа што не можеш да се сетиш на некаков поранешен живот е доказ дека пред да бидеш зачнат воопшто не си постоел — едноставна вистина.
Значи, логично е да заклучиме дека по смртта сме исто толку свесни колку што сме биле пред да се родиме. Ова го потврдуваат Божјите зборови упатени до непослушниот Адам: „Зашто си прав, и во прав ќе се вратиш“ (1. Мојсеева 3:19). Во таа смисла, луѓето не се поинакви од животните. Библијата ни ја дава следнава точна изјава во врска со состојбата на мртвите: „Човекот не е подобар од животното“ (Проповедник 3:19, 20).
Дали ова значи дека животот на луѓето мора да трае само неколку децении и на крајот да згасне засекогаш? И дали можеби има некаква надеж за мртвите? Да видиме.
Вродена желба за живот
За повеќето луѓе, смртта е непријатна тема. Тие не сакаат ни да помислат, а камоли да дискутираат за својата смрт. Од друга страна, пак, телевизијата ги преплавува луѓето со филмски сцени во кои се прикажани најразлични видови смрт, а средствата за јавно информирање изобилуваат со вести за вистински смртни случаи и снимки од такви настани.
Ова ги наведува луѓето да си мислат дека смртта на другите е најнормална појава. Сепак, кога се работи за нашите најблиски или за нас лично, смртта воопшто не е нормална. Причина за тоа е нашата длабоко вкоренета, природна желба за живот. Исто така, имаме изострен осет за време и можеме да си претставиме што е вечност. Цар Соломон напишал дека Бог „дури и вечноста им ја ставил на луѓето в срце“ (Проповедник 3:11). Под нормални околности, имаме желба да живееме вечно. Никој не сака неговиот живот да има „рок на траење“. Но, нема никакви докази дека животните имаат таква желба. Тие воопшто не се свесни за иднината.
Луѓето имаат огромен потенцијал
Освен желба да живеат вечно, луѓето имаат и потенцијал да останат активни и продуктивни засекогаш. Се чини дека луѓето имаат неограничен капацитет да учат. Се вели дека ништо во природата не е толку сложено и толку флексибилно како човечкиот мозок. За разлика од животните, луѓето се креативни и можат да размислуваат апстрактно. Научниците имаат многу скудно знаење за потенцијалот на човечкиот мозок.
Ваквиот потенцијал не се губи ни на старост. Невролозите неодамна утврдија дека повеќето мисловни способности остануваат исти и покрај стареењето. Група истражувачи од Центарот за иновации во научната настава при Институтот „Френклин“ објаснува: „Човечкиот мозок може непрестајно да се прилагодува и да се реорганизира. Дури и на старост, во него може да се оформат нови неврони. До сериозна загуба на умствените способности најчесто доаѓа поради болест, но повеќето случаи во кои се работи за губење на помнењето или на моторните способности се поврзани со неактивност и недостиг на умствен напор и стимулација“.
Со други зборови, ако постојано го храниме со информации и ако никогаш не се разболуваме, мозокот би можел вечно да функционира. „Мозокот е најсложеното нешто што досега сме го откриле во нашата вселена“, коментира молекуларниот биолог Џејмс Вотсон, еден од двајцата научници што открија каква е физичката структура на ДНК. Во својата книга, неврологот Џералд Еделман спомнал дека во дел од мозокот со големина на глава од чкорче „постојат и до неколку милијарди врски, а бројот на можни комбинации е незамисливо голем — десетка со неколку милиони нули“.
Дали ти е логично луѓето да имаат ваков потенцијал само за да поживеат неколку децении? Не звучи баш разумно, нели? Тоа е исто како некој да користи силна локомотива што влече многу товарни вагони за да премести едно зрнце песок на растојание од само неколку сантиметри! Тогаш, зошто луѓето имаат толкава креативна моќ и способност да учат? Дали тие, за разлика од животните, не требало воопшто да умираат? Дали биле создадени за да живеат вечно?
Надеж од Бог, кој го создал животот
Тоа што имаме вродена желба да живееме и огромен потенцијал да учиме нѐ наведува на еден логичен заклучок — луѓето се создадени за да живеат многу подолго отколку само 70 до 80 години. Ова нѐ води до уште еден заклучок: мора да постои некој што нѐ создал, а тоа е Бог. Непроменливите физички закони во вселената и несфатливата сложеност на животот на Земјата се доволен доказ дека постои Творец.
Но, ако Бог нѐ создал со способност да живееме вечно, тогаш зошто умираме? И што се случува по смртта? Дали Бог има намера да ги оживее мртвите? Сосема е логично тоа што овој мудар и силен Бог ни дава одговор на тие прашања. Еве неколку примери:
◼ Бог немал намера луѓето да умираат. Библијата за првпат ја спомнува смртта во контекст што укажува дека Бог немал намера луѓето да умираат. Според библиската книга Прва Мојсеева, Бог сакал да им даде можност на првите маж и жена, Адам и Ева, да покажат дека го сакаат и дека му се верни. За да ги испита, им забранил да јадат само од едно дрво. Бог рекол: „Во оној ден кога ќе каснеш од него, сигурно ќе умреш“ (1. Мојсеева 2:17). Адам и Ева ќе умреле само ако се побунеле и паднеле на овој испит. Според библискиот извештај, тие не му останале верни на Бог, па затоа умреле. На тој начин, сите луѓе станале несовршени и почнале да умираат.
◼ Библијата ја споредува смртта со сон. Во неа е спомнат изразот ‚заспивање со смртен сон‘ (Псалм 13:3, фуснота). Пред да го воскресне својот пријател Лазар, Исус им го рекол следново на своите апостоли: „Нашиот пријател Лазар заспа, но јас одам да го разбудам“. А токму тоа и го сторил! Според Библијата, на негов повик, ‚умрениот [Лазар] излегол‘ од гробот — жив и здрав исто како и порано! (Јован 11:11, 38-44).
Зошто Исус ја споредил смртта со сон? Бидејќи оној што спие не е активен. Кога ќе потонеме во длабок сон, не сме свесни што се случува околу нас или колку време поминало откако сме заспале. Не чувствуваме болка и не страдаме. Истото е случај и кога луѓето ќе умрат — не се ниту активни ниту свесни. Но има и други сличности. Оној што заспал, очекува да се разбуди. А Библијата потврдува дека мртвите имаат токму таква надеж.
Лично нашиот Творец ни ветува: „Од раката на гробот јас ќе ги откупам, од смрт ќе ги избавам. Смрт, каде ти се осилата? Гробу, каде е твојата разорна моќ?“ (Осија 13:14). Во едно друго библиско пророштво е спомнато дека Бог „ќе ја уништи смртта засекогаш и Севишниот Господар Јехова ќе ги избрише солзите од секое лице“ (Исаија 25:8). Ваквиот процес на оживување на мртвите се вика воскресение.
◼ Каде ќе живеат оние што ќе воскреснат? Како што беше спомнато и претходно, луѓето имаат природна желба вечно да живеат. Каде би сакал да живееш засекогаш? Ќе бидеш ли задоволен ако знаеш дека по смртта ќе оживееш како дел од некоја безлична животна сила, како што се учи во некои религии? Би сакал ли да оживееш како друга личност која нема да се сеќава на својот живот пред смртта. Дали едвај чекаш по смртта да станеш животно или дрво? Ако можеш, дали би одбрал да живееш во еден сосема поинаков свет во кој ќе бидеш лишен од сѐ што ти причинува задоволство како човек?
Доколку имаш совршени околности, зарем нема да посакаш да живееш засекогаш на Земјата? Токму за тоа зборува и Библијата — дека можеме да живееме вечно токму тука, на Земјата. Бог имал намера Земјата да ја населат луѓе кои засекогаш ќе се радуваат служејќи му од љубов. Затоа Библијата вели: „Праведниците ќе ја поседуваат земјата и ќе живеат на неа засекогаш“ (Псалм 37:29; Исаија 45:18; 65:21-24).
◼ Кога ќе има воскресение? Бидејќи смртта е споредена со сон, можеме да бидеме сигурни дека повеќето мртви нема да воскреснат веднаш откако ќе умрат. Меѓу смртта и воскресението има период во кој тие „спијат“. Според Библијата, еден човек по име Јов прашал: „Кога ќе умре човек, ќе живее ли пак?“ А потоа одговорил: „Ќе чекам [во гробот]... додека не дојде моето ослободување. Ќе повикаш [Боже], и јас ќе... се одѕвијам“ (Јов 14:14, 15). Кога ќе дојде тоа време, мртвите повторно ќе се сретнат со своите најблиски. Колкава радост ќе биде тоа!
Не треба да имаме претеран страв
Се разбира, библиската надеж не нѐ ослободува потполно од стравот од смртта. Сосема е природно да се плашиме од болката и од страдањето што понекогаш ги доживуваат оние што ќе го загубат животот. Воопшто не е погрешно да се плашиме од смртта на најблиските. А ако се плашиш дека тие ќе страдаат ако умреш ти, и тоа е нешто нормално.
Сепак, Библијата ни помага да немаме претеран страв од смртта бидејќи ни ја открива вистината во врска со состојбата на мртвите. Не треба да се плашиме дека по смртта ќе нѐ мачат демони во огнен пекол. Не треба да се плашиме од некаков мрачен духовен свет во кој вечно талкаат немирни души. И не треба да се плашиш дека со смртта засекогаш завршува сѐ. Зошто? Бидејќи Бог има неограничено сеќавање и ветува дека ќе ги оживее сите на кои ќе се сети, и тоа на Земјата. Во Библијата ни е дадена следнава гаранција во врска со тоа: „Вистинскиот Бог е за нас Бог кој спасува. Јехова, Севишниот Господар, може да го избави човекот од смртта“ (Псалм 68:20).
[Истакната мисла на страница 5]
„Зашто си прав, и во прав ќе се вратиш“ (1. Мојсеева 3:19).
[Истакната мисла на страница 6]
„[Бог] дури и вечноста им ја ставил на луѓето в срце“
[Рамка/слика на страница 8]
ОДГОВОР НА ТВОИТЕ ПРАШАЊА ЗА СМРТТА
Некои прашања во врска со смртта и воскресението не беа разгледани во овие статии. Многумина внимателно ја проучуваа Библијата со Јеховините сведоци и добија задоволувачки одговор на ваквите прашања. И тебе ти предлагаме да го сториш истото. Да наведеме само неколку прашања на кои ќе добиеш одговор:
◼ Што значат библиските изрази „пекол“ и „огнено езеро“?
◼ Како ќе бидат казнети злобните ако нема пекол?
◼ Според Библијата, духот го напушта телото при смртта. За каков дух станува збор?
◼ Зошто толку луѓе тврдат дека разговараат со мртвите?
◼ Што значи библискиот израз „душа“?
◼ Кога ќе бидат воскреснати мртвите во Рај на Земјата?
◼ Дали ќе воскреснат сите што умреле, сеедно како постапувале додека биле живи?
На последната страница од ова списание е објаснето како можеш да добиеш јасен, библиски одговор на овие прашања.
[Слика на страница 7]
Исус рекол дека ќе ‚го разбуди‘ Лазар
[Слика на страници 8 и 9]
Замисли си колку радосен настан ќе биде воскресението на најблиските!