Гледиште на Библијата
Дали Бог навистина се грижи за децата?
СЕКОЈА година, милиони деца се искористувани, малтретирани и тепани. Многу од нив работат скоро како робови во опасни услови. Други се грабнати и присилени да станат војници или да се занимаваат со детска проституција. Довербата на многу деца исто така е изневерена кога стануваат жртви на инцест и на други ужасни постапки на малтретирање.
Се разбира, искрените, грижливи лица се длабоко вознемирени од тешката состојба во која се наоѓаат децата. Иако признаваат дека човечката алчност и изопаченост се главна причина за таквото малтретирање, на некои сѐ уште им е тешко да прифатат дека еден Бог на љубовта би дозволувал таква неправда. Можеби мислат дека Бог ги напуштил тие деца и дека воопшто не се грижи за нив. Дали навистина е така? Дали трагичниот факт дека децата се искористувани и честопати малтретирани значи дека на Бог не му е грижа за нив? Што вели Библијата?
Бог ги осудува оние што малтретираат
Јехова Бог никогаш немал намера децата да бидат искористувани од страна на безмилосни возрасни лица. Малтретирањето на децата е една од најтрагичните последици од побуната на човекот во градината Еден. Отфрлањето на Божјата сувереност водело до тоа луѓето сурово да ги искористуваат своите ближни (Битие 3:11—13, 16; Проповедник 8:9).
На Бог му се одвратни оние што ги искористуваат слабите и беспомошните. Многу древни нации што не му служеле на Јехова принесувале деца како жртва, но Јехова рекол дека тоа ‚никогаш не го заповедал, ниту пак некогаш му паднало на ум‘ (Еремија 7:31). Бог го предупредил својот древен народ: „Ако му направиш некакво зло [на сирачето], па тоа повика кон мене, сигурно ќе го чујам неговиот повик. Мојот гнев ќе се распали“ (Излез 22:22—24, NW).
Јехова ги сака децата
Божјата грижа за децата може да се види и од мудрите упатства што тој им ги дава на човечките родители. Многу поголема е веројатноста децата што растат во безбеден дом да станат зрели, урамнотежени возрасни. Затоа, нашиот Творец го основал бракот како доживотно уредување во кое „човекот ќе ги остави татка си и мајка си, и ќе се прилепи кон својата жена; и тие ќе станат едно тело“ (Битие 2:24). Според Библијата, сексуалните односи се дозволени само во брак за да можат сите деца што ќе се родат да растат во една стабилна средина (Евреите 13:4).
Исто така, Писмото ја нагласува важноста на воспитувањето од родителите. „Синовите се дар од Господа“, вели Библијата, „Негова награда е: плодот на утробата. Стрела во раката на воинот — тоа се синовите на младоста“ (Псалм 127:3, 4). Децата се скапоцен дар од Бог, и тој сака да им биде убаво. Како што еден стрелец внимателно ги насочува стрелите кога гаѓа, така и Јехова ги советува родителите да им дадат на децата добра насока во животот. „Татковци“, советува Божјата реч, „не раздразнувајте ги своите деца, туку подигајте ги во дисциплина и во Јеховино умствено насочување“ (Ефешаните 6:4).
Друг начин на кој Јехова ја покажува својата љубов кон децата е тоа што ги поучува родителите да ги заштитат од луѓе што се слични на грабливци. Во древниот Израел, дури и на „децата“ им било заповедано да го слушаат законот, кој вклучувал прописи за тоа кое однесување е исправно а кое неисправно во врска со работи поврзани со сексот (Второзаконие 31:12; Левит 18:6—24). Бог сака родителите да направат сѐ што можат за да ги заштитат своите деца од секој што може да ги искористи или да ги злоупотреби.
Надеж за децата
Љубовта што Јехова секогаш ја чувствува кон децата, на прекрасен начин ја покажал Исус Христос, кој совршено ја одразува личноста на својот Татко (Јован 5:19). Кога неговите апостоли не им дозволиле на родителите да ги носат децата кај Исус, погрешно мислејќи дека на тој начин ќе му помогнат, тој со право се налутил и ги исправил. „Пуштете ги дечињата да доаѓаат кај мене“, рекол. Потоа ‚ги зел децата в прегратка и почнал да ги благословува‘ (Марко 10:13—16). Децата не се безначајни ниту за Јехова Бог ниту за неговиот Син.
Всушност, преку својот наименуван Цар, Исус Христос, Бог наскоро ќе дејствува за да им помогне на децата што се малтретирани. Оние луѓе во светот што алчно ги искористуваат и безмилосно ги малтретираат другите ќе бидат уништени засекогаш (Псалм 37:10, 11). А за кротките што го бараат Јехова, Библијата вели: „Тој ќе ја избрише секоја солза од нивните очи, и смрт нема да има веќе, ниту ќе има веќе тага ни пискот ни болка. Поранешните работи поминаа“ (Откровение 21:3, 4).
Во меѓувреме, Бог и сега ја покажува својата љубов така што им нуди духовна и емоционална помош на сите што се искористувани и малтретирани. „Ќе ја побарам загубената, ќе ја доведам назад заскитаната, ќе ја преврзам ранетата и ќе ја поткрепам немоќната“ (Езекиел 34:16). Преку својата Реч, својот свет дух и преку христијанското собрание, Јехова ги теши децата што се угнетувани и бедни. Каква само радост ни носи сознанието дека сега, исто како и во иднина, „Таткото на нежни милосрдија и Богот на секоја утеха . . . нѐ теши во секоја наша неволја“ (2. Коринќаните 1:3, 4).
[Извор на слика на страница 16]
© Mikkel Ostergaard/Panos Pictures