Каков татко им е потребен на децата
НА ДЕЦАТА им е потребен татко што ги сака, што има време за нив и што прави сѐ што може за да им помогне да израснат во одговорни, стабилни луѓе. Но, општо земено не се сфаќа доволно сериозно фактот дека на децата им е потребен ваков татко.
Точно е тоа дека мајките ги раѓаат децата и мора да се каже дека е многу важно да се биде добра мајка. Но, во списанието The Wilson Quarterly се забележува дека подеднакво битна улога игра и таткото. Таму пишува: „Пропустите што ги прават татковците се една од главните причини за највознемирувачките проблеми што го мачат американското општество“ — а би можеле да додадеме дека истото важи и за проблемите во целиот свет.
Бразилскиот весник Jornal da Tarde известува за едно истражување со кое се дошло до заклучок дека многу проблеми со однесувањето на младите — како што се агресивноста, своеглавоста, слабиот успех на училиште и апатијата — честопати се „резултат на тоа што таткото е отсутен од семејството“. Италијанската книга Gli imperfetti genitori (Несовршени родители) од Марчело Бернарди нагласува дека на децата идеално им се потребни двајца родители за да се развијат успешно.
Семејниот живот може да се подобри
Ако за проблемите во семејството придонела немарноста на таткото, па дури и ако тој е најмногу виновен за нив, не значи дека работите не можат да се поправат и дека семејниот живот не може да се подобри. Како? Што треба да направи таткото?
Јасно, на децата им е потребно свое место во семејството, чувство дека за сѐ води сметка некој што е заинтересиран за нив. Кога не е задоволена таа потреба, како што често е случај денес, тоа лошо се одразува врз животот на децата. Сепак, ситуацијата никогаш не е безнадежна, сеедно дали во семејството има татко или не. „Татко на сирачињата“, вели Библијата во Псалм 68:5, е „Бог во Своето свето Живеалиште“.a
Како да добиете помош
Од ситуацијата што ја опиша Лидија, девојката од Полска што ја спомнавме во претходната статија, може да се види дека е неопходна Божјата помош за да се успее и дека таа помош може да се добие. Како изгледал семејниот живот во нејзиниот дом? На кој начин семејството ја добило Божјата помош?
Францишек, татко ѝ на Лидија, признава дека го запоставил семејството кога неговите деца биле мали, како што спомна и неговата ќерка. Тој вели: „Не ме интересираше што прават нашите деца. Не покажував љубов и меѓу нас немаше никаква блискост“. Затоа, не бил свесен дека, кога Лидија имала 14 години, таа и неговите помали син и ќерка лумпувале на забави, пушеле, пиеле и се тепале.
Конечно, Францишек сфатил во каква неприлика запаѓаат неговите деца и се шокирал. Решил да стори нешто. „Го молев Бог за помош“, вели тој. Интересно е тоа што по кратко време Јеховините сведоци дошле кај него, и тој и неговата сопруга се согласиле да ја проучуваат Библијата. Со текот на времето, тие како родители почнале да го применуваат во животот она што го учеле од Библијата. Како влијаело тоа врз децата?
Францишек објаснува: „Почнаа да забележуваат дека престанав да пијам и дека станував подобар татко. Сакаа подобро да ги запознаат Јеховините сведоци. И тие почнаа да ја проучуваат Библијата и прекинаа со лошото друштво“. Неговиот син Рафал го вели следново за својот татко: „Го засакав како пријател“. Потоа додава: „Одеднаш, уличната банда воопшто не ми беше важна. Бевме зафатени со духовни активности“.
Францишек сега е христијански старешина во едно собрание на Јеховините сведоци, но сепак се грижи за своето семејство и за духовниот напредок на секој член на семејството. Неговата сопруга и Лидија се пионерки, полновремени евангелизаторки. Рафал и неговата помала сестра Силвија радосно учествуваат во семејната студија, коментираат на христијанските состаноци и им зборуваат на другите за својата вера.
Правел како што го зборувал
Размислете и за тоа што се случило со Луис, татко ѝ на Макарена. Таа е 21-годишната Шпанка, која беше цитирана во уводната статија. Луис тргнал по стапките на својот татко, кој бил алкохоличар. Како што вели Макарена, понекогаш тој заминувал некаде со пријателите и го немало со денови. Освен тоа, со својата жена постапувал како со слугинка, а не како со ценет партнер. Нивниот брак бил пред распаѓање, па затоа Макарена и нејзините помали брат и сестра доживувале многу трауми.
Меѓутоа, со текот на времето Луис се согласил да ја проучува Библијата со Јеховините сведоци. Тој објаснува: „Почнав да им посветувам време на сопругата и на децата. Разговаравме, заедно ручавме и заедно ја проучувавме Библијата. Исто така, заедно работевме низ дома и се рекреиравме“. Макарена вели: „Почнав да чувствувам дека имам љубезен татко што покажува вистински интерес за своето семејство“.
Значајно е тоа што Луис не само што го охрабрувал семејството да му служи на Бог туку и самиот правел како што зборувал. Макарена објаснува дека тој го напуштил ‚добриот бизнис затоа што работата му одземала премногу време, а сакал повеќе внимание да му посвети на семејството‘. Тоа имало извонреден ефект. „Неговиот пример ме научи како да задржам едноставно око и да ги ставам духовните работи на прво место“, вели Макарена. Сега таа служи како пионер, а мајка ѝ, брат ѝ и сестра ѝ се активни членови на христијанското собрание.
Одлуката на директорот на железницата
Јасно, на децата им е потребен татко што донесува одлуки имајќи го на ум нивното добро. Такеши Тамура, директорот од Јапонија што го спомнавме во претходната статија, имал син на тинејџерска возраст. Тој имал расипано друштво и било јасно дека ќе има неволји. Тоа било во 1986, истата година кога Такеши одлучил да се повлече од својата одговорна положба во Јапонската државна железница. Што мисли Такеши за таа своја одлука сега, по 18 години?
„Веројатно тоа е најдобрата одлука што сум ја донел во животот“, рече неодамна. „На син ми му посветував повеќе време и заедно ги правевме работите. Исто така, заедно ја проучувавме Библијата. Сето тоа имаше извонредни резултати. Се спријателивме, и тој прекина со лошото друштво и со лошото однесување“.
Сопругата на Такеши станала Јеховин сведок неколку години претходно, и токму со своето примерно однесување го поттикнала сопругот да ја испита Библијата и повеќе да му се посвети на семејството. Со текот на времето, тој, неговиот син и неговата ќерка станале Сведоци. Такеши и син му сега служат како старешини, секој во своето собрание, а неговата сопруга и ќерката се пионерки.
На татковците им е потребна помош
И покрај тоа што сфаќаат дека ги запоставуваат своите деца, многу татковци не знаат што да направат за нив. Во шпанскиот весник La Vanguardia излегла статија со следниов ударен наслов: „42 проценти од родителите [во Шпанија] признаваат дека не знаат како да ги воспитуваат своите тинејџери“. Но, истото може да се рече и за татковците што имаат деца на предтинејџерска возраст или, пак, уште помали деца. За разлика од мислењето на многу луѓе, и на овие млади им е потребно присуството и вниманието на татко што ќе им се посвети.
Што уште може да се научи во врска со тоа како да се стане добар татко? Од кои најдобри примери можат да гледаат татковците, и што може да се научи од нив? Овие прашања ќе ги разгледаме во последната статија од оваа серија.
[Фуснота]
a Ве молиме, видете го поглавјето „Семејствата со еден родител можат да бидат успешни!“ во книгата Тајната на семејната среќа, издадена од Јеховините сведоци.
[Слики на страница 7]
Татковци што им го дале на децата она што им било потребно
Францишек со своето семејство
Луис со своето семејство
Такеши со своето семејство