Среќна што можам да направам повеќе
РАСКАЖАЛА КЛЕР ВЕВИ
МАДАГАСКАР е планински остров обраснат со густа дождовна шума. Лежи на околу 400 километри од брегот на Мозамбик, кој се наоѓа во источна Африка. Јас сум родена на источната страна од овој остров, во малото село кое се вика Бетоко II. Во 1987 година, кога имав 15 години, се преселив во крајбрежното гратче Маханоро, со цел да го продолжам школувањето.
Во Маханоро живеев со мојот постар брат Селестин, кој ја проучуваше Библијата со Јеховините сведоци. Две години подоцна и јас станав Сведок. Бев решена да му служам на Јехова Бог најдобро што можам.
Работам на остварувањето на моите цели
Една од првите цели што си ги поставив беше да му помогнам на моето семејство што остана во Бетоко II да ја запознае вистината. Редовно му се молев на Јехова во врска со ова. Но, можев да ги посетам моите само за време на училишниот распуст. Патувањето беше напорно и беше долго околу 100 километри. Првите 40 километри можев да користам превоз, но останатите 60 километри морав да пешачам по тесни планински патеки.
Се искачував по многу стрмни ридови, а некои делови од нерамната патека по која пешачев беа широки само толку за да можам да стапнам на нив. Ако тргнев на пат рано наутро и одев сѐ до квечерината, обично пропешачував по 40-тина километри. На главата, на грбот и во рацете носев торби што тежеа над 15 килограми. Главно носев библиска литература, која им ја давав на роднините и на другите заинтересирани лица. Така добив прекар — „онаа со многуте торби“.
И покрај мојата воодушевеност, во почетокот членовите на моето семејство не сакаа да слушаат за мојата нова вера. Но, наскоро го сменија својот став. Поставуваа толку многу прашања што некогаш си легнувавме дури во два часот наутро.
Незаборавна посета
На 24 декември 1990 година, си дојдов дома на распуст. Моите многу се израдуваа мислејќи дека си дојдов да го прославам Божиќ со нив. Но, нивната радост спласна кога им објаснив зошто не можам да им се придружам во нивното славење. Им беше непријатно што мораа на сите да му го кажат тоа, бидејќи сите во селото сме блиски. Затоа почувствував дека јас треба да им објаснам на селаните зошто не славам Божиќ. Но, како?
Се чувствував несигурно, особено затоа што бев многу млада. Се прашував дали би било во ред да ги објаснам моите верувања следниот ден, кога сите селани се собираа в црква. Долго и горливо му се молев на Јехова, преколнувајќи го за водство. Потоа го прашав мојот постар брат Пол, кој е учител по веронаука: „Што мислиш, би било во ред да им објаснам на луѓето што ќе дојдат утре в црква зошто не го славам Божиќ?“ Пол се посоветува со другите и тие рекоа дека немаат ништо против.
Утредента ме повикаа да дојдам откако заврши мисата. Уште еднаш му се помолив на Јехова и понесов неколку библиски публикации со себе. По неколкуте уводни зборови, им заблагодарив на сите што ми помогнаа да развијам длабоко ценење за Библијата. Објаснив дека продолжив да ја проучувам откако се преселив во градот. Им реков дека открив многу библиски вистини за кои порано немав чуено.
Ја искористив таа прилика да им зборувам на присутните за библиската надеж за вечен живот на рајска земја (Псалм 37:29; Откровение 21:3, 4). Им објаснив зошто одреден број верни луѓе од Земјата ќе бидат земени на небото (Јован 14:2, 3; Откровение 5:9, 10; 14:1, 3). Потоа им кажав дека во Библијата пишува дека мртвите не се свесни за ништо и дека се наоѓаат во состојба слична на сон, па затоа не можат ни да страдаат (Проповедник 9:5, 10; Јован 11:11-14, 38-44). Освен тоа, им покажав дека првите христијани не го славеле Божиќ и дека тој празник има паганско потекло.
Кога завршив со излагањето, мнозина признаа дека тоа што го кажав е вистина. Некои од нив поставуваа и додатни прашања. Потоа им ги покажав публикациите што ги имав донесено и им објаснив дека тоа е литература што ја издаваат Јеховините сведоци и со која може да се проучува Библијата. Им реков дека сум спремна да му помогнам на секого што сака да ја проучува Библијата. Мнозина од присутните зедоа библиска литература.
Неочекувано откритие
Една жена што не ја знаев од порано ми пристапи и ми рече: „Сестра ми живее во едно друго село и таа е од вашата вера“. Изненадена од ова, ја прашав: „Каде живее таа?“
„Во Андраномафана“, одговори жената. Ова село е на околу триесетина километри од Бетоко II.
Ѝ реков на жената дека сестра ѝ најверојатно припаѓа на некоја друга религија, бидејќи Сведоците во нашиот крај се знаат едни со други. Но, жената беше упорна, велејќи дека сестра ѝ ја поучила за истите работи што ги кажав и јас додека зборував во црквата. Го побарав името и адресата на сестрата на оваа жена бидејќи сакав веднаш да отидам во нејзиното село. Но, мајка ми ме советуваше да почекам ден-два, зашто патувањето беше напорно и мораше да се пешачи цел пат. По два дена, брат ми Чарлс и јас тргнавме за Андраномафана.
Веднаш штом стигнавме, прашавме некои од селаните: „Има ли кај вас Јеховини сведоци?“ Се разочарав кога ми рекоа: „Во ова село има само католици, пентекосталци и припадници на независните евангелистички цркви“.
Тогаш се јави една жена и рече: „Ако барате Јеховини сведоци, тогаш веројатно ја барате Марселина и нејзиното семејство“. Токму тоа име ми го даде жената од моето село!
Некој отрча да ја викне Марселина. Таа набрзо дојде, но изгледаше некако уплашено. Се собра цело село бидејќи мислеа дека сме некои службеници што дошле да ја испитуваат Марселина. Подоцна разбрав дека селаните им правеле проблеми нејзе и на нејзиното семејство затоа што ѝ припаѓале на некоја „чудна вера“.
Марселина нѐ тргна малку настрана од мноштвото за да можеме да зборуваме на мира. Кога ја прашав дали е Јеховин сведок, таа рече дека е. Потоа отиде дома и ја донесе книгата Вистина која води до вечен живот, публикација што порано ја користеа Јеховините сведоци за проучување на Библијата, а донесе и неколку постари изданија на Стражарска кула. Целата литература беше стара и испокината. „Кое списание го проучувавте минатата недела?“, ја прашав.
„Ова ни се единствените списанија“, одговори таа, „и затоа секогаш одново ги проучуваме истите статии.“ Дури тогаш ѝ кажав на Марселина дека и јас сум Јеховин сведок. Беше пресреќна! Кога ѝ реков дека сакам да се запознаам со човекот што ги води нивните состаноци, ми објасни дека тој живее во друго село што се наоѓа уште подалеку од ова.
Уште едно прекрасно изненадување
Утредента Марселина и јас тргнавме да го посетиме тој човек. Кога пристигнавме кај него, беше пријатно изненаден и му беше многу мило што нѐ гледа. Дознав дека е Јеховин сведок што дошол од градот Тоамасина, кој се наоѓа на југоисточниот брег на островот, на оддалеченост од околу 200 километри. Заедно со семејството, тој бил принуден да се врати овде пред многу години затоа што одненадеж ја изгубил работата. Откако се вратил, почнал да проповеда, да ја проучува Библијата со заинтересираните и да одржува состаноци.
Тој и неговото семејство беа пресреќни кога ги видоа новите броеви на Стражарска кула што им ги донесов. Исто така им ја покажав и книгата Ти можеш да живееш засекогаш во Рајот на Земјата, со која тогаш главно се проучуваше Библијата. Никогаш порано ја немаа видено таа книга. Следната недела пак дојдов во Андраномафана за да присуствувам на состанокот. Ги поттикнав да стапат во контакт со подружницата на Јеховините сведоци во главниот град Антананариве, бидејќи браќата во подружницата не знаеја за постоењето на нивната мала група.
Од јануари 1991 година, патував скоро секој месец од Маханора до Адраномафана, и им ги носев на браќата најновите броеви на Стражарска кула и друга литература. Во секој правец морав да патувам по 130 километри. Од нив, 90 километри морав да пропешачам — да се качувам и да се спуштам по стрмни карпести ридови, да минувам низ густи шуми и, кога врнеше, да газам по лизгава почва прекриена со дебел слој кал.
Како што се зголемуваше бројот на оние што сакаа да читаат списанија и друга литература, торбите ми стануваа сѐ потешки. Сепак, на крајот од секое патување, иако бев уморна и ме болеа мускулите, чувствував длабоко задоволство и среќа, и тоа ми беше повеќе од доволна награда за она што го правев. Колку само се радував кога ќе видев колку тие браќа и заинтересирани лица се среќни секогаш кога ќе добиеја нова публикација или кога ќе видев како реагираат на библиската вистина!
Почнувам со полновремена служба
На 1 септември 1992 година, бев наименувана за пионер, како што се нарекуваат Јеховините сведоци што посветуваат поголем дел од своето време во службата на проповедање. Додека служев како пионер во Маханоро, одржував контакт со моите во Бетоко II преку писма. Со текот на времето почнав да проучувам со нив на тој начин. Потоа ме прашаа дали би се вратила дома во селото за да продолжам да им помагам. Бев спремна да го направам тоа, но најпрво сакав да се уверам дека навистина сериозно решиле да ја проучуваат Библијата и духовно да напредуваат. Затоа останав уште некое време да служам како пионер во Маханоро.
Кон крајот на 1993 година, имав предност да присуствувам на двонеделниот курс за пионери во Антананариве. Потоа добив покана да служам како специјален пионер, што значеше дека можам да добијам доделба во кој и да е дел од земјата. Но, бидејќи сакав да им помогнам на моите роднини во Бетоко II, кои живееја далеку од најблиското собрание, ја одбив поканата и продолжив со пионерската доделба во Маханоро.
Подоцна, кога нашето собрание го посети еден патувачки надгледник на Јеховините сведоци, го прашав што мисли за тоа да се вратам во своето село за да му помогнам на семејството духовно да напредува. Дотогаш веќе беше формирано собрание во Андраномафана, и тој ми предложи да одам таму за да можам да соработувам со тоа собрание а и да проповедам во Бетоко II. Така, на 1 септември 1994 година, почнав да служам на оваа нова доделба. Истиот месец, мојот брат Пол, кој пред тоа предаваше веронаука, дојде со мене на еден обласен конгрес. Наскоро во Андраномафана имаше 30 објавители што одеа во служба на проповедање, а на состанокот во недела присуствуваа просечно околу 65 лица.
Не престанувам да пешачам
Кратко откако се вратив во Бетоко II, четири од моите браќа и сестри почнаа со служба на проповедање, а наскоро и се крстија како Јеховини сведоци. По враќањето во Бетоко II редовно одев во Аносибе Анала да подигнам литература и списанија. Секој пат пешачев по 50 километри во еден правец. Иако патувањето беше многу напорно, се радував што можев да го видам духовниот напредок на тоа подрачје.
Денес во Бетоко II има собрание кое одлично напредува. На состанокот во недела има во просек по 45 лица. Сите членови на моето потесно семејство сега се Сведоци, а повеќето се општи пионери. Еден од моите помлади браќа е специјален пионер. Од 1 ноември 2001 година и јас бев наименувана за специјален пионер и добив доделба во Антанабао-Манампотси. Но, овој пат си заминав од Бетоко II со радосно срце.
Кога ја запознав библиската вистина во 1987 година, на Мадагаскар имаше помалку од 3.000 Сведоци. Сега има повеќе од 14.000. Како и многу од нив, и јас со радост вложувам додатни напори за да им помагам на другите духовно да напредуваат. Многу сум му благодарна на Јехова што го благословува мојот труд.
[Слики на страници 28 и 29]
На пат до моето село, честопати пешачев и по 60 километри, носејќи торби потешки од 15 килограми
[Слика на страница 29]
Мојот постар брат Пол
[Слика на страница 30]
Мојот брат Чарлс
[Слика на страница 30]
Со некои членови од семејството. Денес сите тие се Јеховини сведоци