Најдов вистинско богатство во Австралија
БЕШЕ април 1971 година. После седум години поминати во Австралија, неодамна се вратив во Грција за да го посетам моето семејство. Беше вечер, а јас тивко седев на една маса во една кафеана на селскиот плоштад во Кариес кога локалниот поп и претседателот на општината дојдоа и седнаа спроти мене. Беше очигледно дека сакаа да предизвикаат кавга.
Попот, не ме ни поздрави, а ме обвини дека сум се отселил во Австралија само за да спечалам пари. Да кажам дека бев изненаден би било благо речено. Одговорив колку што можев посмирено дека додека живеев во Австралија, можев да стекнам богатство далеку повредно од парите.
Мојот одговор го изненади, но потоа сакаше да знае што мислам со тоа. Одговорив дека меѓу другите работи, научив дека Бог има име. „А тоа е нешто што Вие пропуштивте да ме научите“, му реков, гледајќи го право в очи. Пред да може да ми врати, јас го прашав: „Ќе сакате ли Ве молам да ми го кажете името на Бог за кое зборувал Исус кога нѐ поучил да се молиме во примерната молитва: ‚Да се свети името Твое‘?“ (Матеј 6:9).
Веста за оваа препирка брзо се рашири по селскиот плоштад, и за десет минути се насобраа околу 200 луѓе. Попот почна да се чувствува неудобно. Не сакаше да одговори на моето прашање за Божјето име, а имаше слаби одговори и на другите библиски прашања. Неговата збунетост се гледаше по тоа што на келнерот постојано му нарачуваше узо, грчки алкохолен пијалок.
Поминаа два интересни часа. Татко ми дојде да ме бара, но кога виде што се случува, тивко седна во еден ќош и ја набљудуваше глетката. Живата дискусија продолжи сѐ до 23.30, кога еден пијан човек почна бесно да вика. Тогаш ѝ предложив на толпата да си одиме дома со оглед на доцниот час.
Што го предизвика овој спор? Зошто попот и претседателот на општината сакаа да се караат со мене? Ако малку го запознаете мојот живот во овој дел на Грција, ќе можете да разберете.
Први потешкотии
Роден сум во селото Кариес на Пелопонез, во декември 1940. Бевме многу сиромашни и, кога не одев на училиште, работев со мајка ми од изгрејсонце до зајдисонце во оризовите полиња, стоејќи до колена во вода. Кога го завршив основното училиште на 13 години, моите родители се погрижија да работам како калфа. За да добијам обука за водоинсталатер и поставувач на прозорци, родителите му дадоа на мојот работодавач 500 килограми пченица и 20 килограми растително масло, што беше скоро целиот нивни годишен приход.
Животот како калфа — оддалечен со километри од дома и често работејќи од зори до полноќ — беше многу тежок. Имаше моменти кога помислував да се вратам дома, но не можев да им го сторам тоа на моите родители. Тие толку несебично се жртвуваа за мене. Затоа, никогаш не им ги кажував моите проблеми. Си велев: ‚Мораш да издржиш, без разлика колку ќе ти биде тешко‘.
Низ годините можев одвреме навреме да ги посетувам родителите и, кога имав 18 години, конечно завршив со моето школување. Потоа одлучив да одам во главниот град, Атина, каде што изгледите за работа беа поголеми. Таму се вработив и изнајмив соба. Секој ден после работа се враќав дома, готвев и ја чистев собата, а потоа го користев она малку слободно време што го имав за да учам англиски, германски и италијански.
Ми сметаше неморалниот говор и однесувањето на другите младинци, па затоа го избегнував нивното друштво. Сепак, тоа ме правеше да се чувствувам доста осамено. Кога наполнив 21 година, бев повикан да го отслужам воениот рок, и за тоа време продолжив со моето изучување на јазиците. Потоа, во март 1964, откако ја отслужив војската, имигрирав во Австралија и се населив во Мелбурн.
Религиозна потрага во нова земја
Набргу најдов работа, се запознав со една грчка имигрантка која се викаше Александра и, за шест месеци по моето доаѓање, се венчавме. По неколку години, во 1969, една постара жена, Јеховин сведок, нѐ посети дома и ни понуди Стражарска кула и Разбудете се! Списанијата ми беа интересни, па затоа ги ставив на безбедно место и на жена ми ѝ реков да не ги фрла. По една година, двајца други Сведоци навратија и ми понудија бесплатна домашна библиска студија. Ја прифатив, и она што го научив од Библијата беше токму тоа што го барав за да ја исполни празнината што постоеше во мојот живот.
Штом мојата сосетка дозна дека проучувам со Јеховините сведоци, ме упати кај евангелистите, тврдејќи дека тие се подобра религија. Поради тоа почнав да проучувам и со еден старешина од Евангелската црква. Наскоро почнав да присуствувам на состаноци и кај евангелистите и кај Сведоците, затоа што бев решен да ја пронајдам вистинската религија.
Истовремено, од верност спрема своето православно воспитување, почнав подлабоко да ја испитувам православната вера. Еден ден отидов во три грчки православни цркви. Кога ја објаснив целта на мојата посета во првата црква, попот полека ми ја покажа вратата. Додека го правеше тоа, ми објасни дека сме грчки православци и затоа не е во ред да се дружиме ниту со Сведоците ниту со евангелистите.
Неговиот став ме изненади, но си помислив: ‚Можеби овој поп не е добар претставник на црквата‘. На мое изненадување, попот во втората црква реагираше на сличен начин. Сепак, ми кажа дека постои група за проучување на Библијата што секоја сабота навечер ја води еден теолог во неговата црква. Кога отидов кај третата црква, уште повеќе се разочарав.
И покрај тоа, одлучив да го посетам часот за проучување на Библијата кој се одржуваше во втората црква и отидов следната сабота. Ми се допадна читањето од библиската книга Дела апостолски. Кога се читаше делот за тоа како Корнилиј клекнал пред Петар, теологот го прекина читањето и истакна дека Петар на исправен начин го одбил Корнилиевиот чин на обожавање (Дела 10:24-26). Тогаш ја кренав раката и реков дека имам прашање.
„Да, што сакате да знаете?“
„Па, ако апостол Петар не сакал да биде обожаван, зошто ние ја имаме неговата икона и ја обожаваме?“
Неколку секунди владееше мртва тишина. Потоа, како да падна бомба. Се распламтија чувства и имаше извици како: ‚Од каде дојди ти?‘ Два часа се водеше горлива дебата, со многу викање. На крајот, додека си одев, ми дадоа една книга за дома.
Кога ја отворив, првите зборови што ги прочитав беа: „Ние сме Грци и нашата вера пролеала крв за да се зачува нашата традиција“. Знаев дека Бог не му припаѓа само на грчкиот народ, и затоа веднаш ги прекинав врските со грчката православна црква. Оттогаш продолжив да ја проучувам Библијата само со Сведоците. Во април 1970, мојата предаденост на Јехова ја симболизирав со крштевање во вода, а мојата сопруга се крсти шест месеци подоцна.
Контакт со селскиот поп
Кон крајот на таа година, попот од моето родно село во Грција испрати писмо и бараше пари за да се помогне поправката на селската црква. Наместо да му пратам пари, јас му ја испратив книгата Вистина која води до вечен живот, со писмо во кое објаснив дека сега сум Јеховин сведок и оти верувам дека сум ја пронашол вистината. Откако го добил моето писмо, во црквата објавил дека некој имигрант во Австралија се побунил.
Потоа, мајките кои имаа синови во Австралија го прашувале попот дали е тоа нивниот син. Мајка ми дури отишла во неговата куќа и го молела да ѝ каже. „За жал, тоа е вашиот син“, рекол тој. Подоцна мајка ми ми рече дека повеќе би сакала да ја убиел отколку да ѝ го кажал тоа за мене.
Враќање во Грција
После нашето крштевање, јас и мојата сопруга сакавме да се вратиме во Грција и на нашите фамилии и пријатели да им кажеме за добрите работи што ги научивме од Библијата. Така, во април 1971, заедно со нашата петгодишна ќерка Димитрија, се вративме на подолг одмор и престојувавме во градот Кипарисија, околу 30 километри од родното село Кариес. Нашите повратни авионски карти важеа за шест месеци.
Втората ноќ дома, мајка ми се расплака и низ солзи ми рече дека сум тргнал по погрешен пат и дека сум го обесчестил името на семејството. Со плачење и со липање ме молеше да се вратам од мојот „грешен“ пат. Потоа се онесвести и ми падна в раце. Следниот ден се обидов да поразговарам со неа, и ѝ објаснив дека само сум го зголемил спознанието за Бог, за кого таа со љубов нѐ поучила од мали. Следната вечер ја доживеав таа незаборавна средба со локалниот поп и претседателот на општината.
Двајцата мои помлади браќа, кои живееја во Атина, дојдоа дома за Велигден. Двајцата ме избегнуваа како да бев лепрозен. Но, еден ден, постариот од нив почна да слуша. После неколку часови дискутирање, ми рече дека се согласува со сѐ што му покажав од Библијата. Оттогаш натаму, тој ме бранеше пред останатите во семејството.
После тоа одев често во Атина за да го посетам брат ми. Секој пат кога ќе појдев, тој покануваше други фамилии да дојдат и да ја чујат добрата вест. На моја голема радост, тој и неговата сопруга, со три други фамилии со коишто тие водеа библиски студии, подоцна ја симболизираа својата предаденост на Бог со крштевање во вода!
Неделите брзо поминаа и непосредно пред да ни истечат шесте месеци, нѐ посети еден Сведок кој служеше во едно собрание на 70 километри од нашето село. Тој укажа на потребата од помош во проповедничкото дело во тоа подрачје и праша дали сум размислувал да останам трајно тука. Таа вечер со мојата сопруга разговаравме за таквата можност.
Двајцата се согласивме дека ќе биде тешко да останеме. Но беше очигледно дека тука има голема потреба за луѓето да ја чујат библиската вистина. На крајот, одлучивме да останеме најмалку една година или две, а мојата сопруга да се врати во Австралија за да ја продаде куќата и автомобилот и да донесе онолку предмети колку што може. Бидејќи ја донесовме нашата одлука, следното утро отидовме в град и изнајмивме куќа. Нашата ќерка ја запишавме во локалното основно училиште.
Експлозија на противење
Против нас беше објавена вистинска војна. Противењето доаѓаше од полицијата, од директорот на училиштето и од наставниците. На училиште, Димитрија не сакала да се прекрсти со рака. Училишните службеници викнале полицаец за да се обиде да ја заплаши да попушти, но таа останала цврста. Бев повикан на разговор со директорот и тој ми покажа писмо од архиепископот во кое се налагаше да ја земам Димитрија и да си одиме. Меѓутоа, по долга дискусија со директорот, ѝ беше дозволено да остане во училиштето.
Со текот на времето дознав дека имало една брачна двојка во Кипарисија која присуствувала на еден конгрес на Јеховини сведоци, и бевме во можност да го обновиме нивниот интерес. Јас и мојата сопруга поканивме Сведоци и од едно соседно село во нашиот дом за библиски студии. Но, по кратко време полицијата дојде и сите нѐ зеде во полициската станица заради испитување. Бев обвинет за користење на мојата куќа како место за обожавање без дозвола. Но бидејќи не бевме затворени, продолживме со нашите состаноци.
Иако ми беше понудена работа, веднаш штом епископот дозна за тоа, се закани дека ќе ја затвори продавницата на мојот работодавач ако тој не ме отпушти. Се продаваше една продавница за водоводни цевки и лим, и ние бевме во можност да ја купиме. Скоро веднаш дојдоа два попа со закани дека ќе ни ја затворат, и после неколку недели, архиепископот нареди нашата фамилија да биде екскомуницирана. Секој кој тогаш беше екскомунициран од грчката православна црква, се третираше како тотален отпадник. Еден полицаец беше поставен пред нашата продавница за да спречи некој да влезе внатре. Иако немавме муштерии, упорно ја држевме продавницата отворена секој ден. Нашата неприлика набргу стана тема на разговор во градот.
Уапсени и изведени пред суд
Една сабота, јас и еден друг Сведок тргнавме на мотор за да сведочиме во едно соседно гратче. Таму полицијата нѐ запре и нѐ одведе во полициска станица каде што бевме под надзор цел викенд. Во понеделникот наутро нѐ вратија во Кипарисија со воз. Веста дека сме биле уапсени се рашири, и толпа луѓе се собра пред железничката станица за да нѐ види како пристигнуваме со нашите полициски придружници.
Откако ни зедоа отисоци од прстите, бевме одведени кај јавниот обвинител. Тој започна со постапката велејќи дека на глас ќе ги прочита обвиненијата против нас, што биле собрани од селаните кои биле испитувани од полицијата. „Ни рекоа дека Исус Христос станал Цар во 1914 година“, гласеше првото обвинение.
„Од каде ви е таа чудна идеја?“ праша обвинителот воинствено.
Истапив напред и ја зедов Библијата што ја имаше на неговата маса, ја отворив кај Матеј поглавје 24 и му предложив да го прочита. За момент се мислеше, но потоа ја зеде Библијата и почна да чита. После неколку минути читање, возбудено рече: „Еј, ако ова е вистина, тогаш треба да оставам сѐ и да одам во манастир!“
„Не“, реков тивко. „Треба да ја научите вистината од Библијата, а потоа да им помогнете и на другите да ја најдат вистината“.
Пристигнаа неколку адвокати и можевме да им сведочиме на некои од нив во текот на денот. Иронично, но тоа доведе до уште едно обвинение — прозелитизам!
Во текот на таа година имавме три судски случаи, но на крајот бевме ослободени од сите обвиненија. Победата како да го скрши мразот што се однесуваше до ставот на луѓето спрема нас. Оттогаш натаму почнаа послободно да ни приоѓаат и да го слушаат она што го кажувавме за Божјето Царство.
Со текот на времето, малата студиска група во нашиот дом во Кипарисија прерасна во собрание. Еден христијански старешина беше префрлен во нашето ново собрание, а јас бев наименуван за слуга помошник. Состаноците во нашата куќа набргу ги посетуваа редовно 15 активни Сведоци.
Назад во Австралија
После две години и три месеци, одлучивме да се вратиме во Австралија. Годините овде бргу поминаа. Ќерка ми Димитрија ја одржа својата вера и омажена е за слуга помошник во едно собрание во Мелбурн. Јас сега служам како старешина во едно собрание на грчкото говорно подрачје во Мелбурн, кое го посетуваат мојата сопруга и нашата 15-годишна ќерка, Марта.
Малото собрание што го оставивме во Кипарисија сега е пораснато во многу поголемо, и многу достојни луѓе таму ги отворија срцата за библиските вистини. Во текот на летото 1991, ја посетив Грција на неколку недели и одржав библиско предавање за јавноста во Кипарисија на кое беа присутни 70 души. За среќа, мојата помлада сестра, Марија, стана слугинка на Јехова и покрај противењето од фамилијата.
Благодарен сум што во Австралија ја имав можноста да стекнам вистинско богатство — спознание и разбирање за нашиот Творец, Јехова Бог, и за владата на неговото Царство. Мојот живот сега има вистинска цел, и јас и моето семејство ја очекуваме блиската иднина да ги видиме благословите распространети по целата Земја под Божјата небесна влада (Раскажал Јоргос Кацикаронис).
[Слика на страница 23]
Кипарисија, каде што живеевме по нашето враќање од Австралија
[Слика на страница 23]
Со мојата сопруга Александра