„Наместо злато, најдов дијаманти“
РАСКАЖАЛ МИХАЛИС КАМИНАРИС
По пет години престој во Јужна Африка, каде што бев отишол во потрага по злато, се враќав дома со нешто многу повредно. Дозволете ми да ви раскажам за богатството кое сега го поседував и кое сакав да го споделам.
РОДЕН сум во 1904 година на грчкиот остров Кефалонија во Јонското Море. Обата мои родитела умреа кратко по тоа, и затоа пораснав како сираче. Копнеев за помош, па затоа честопати му се молев на Бог. Иако редовно одев во Грчката православна црква, бев во потполно незнаење за Библијата. Не најдов никаква утеха.
Во 1929 година, одлучив да емигрирам и да барам подобар живот. Напуштајќи го мојот јалов остров, отпловив за Јужна Африка преку Англија. После 17 дена на море, стигнав во Кептаун (Јужна Африка), каде што веднаш ме најми еден земјак. Меѓутоа, не најдов утеха во материјалното богатство.
Нешто поскапоцено
Скоро две години бев во Јужна Африка кога еден Јеховин сведок ме посети на моето работно место и ми понуди библиска литература на грчки јазик. Тоа беа џебните брошури Where Are the Dead? (Каде се мртвите?) и Oppression, When Will It End? (Угнетување — кога ќе престане?). Добро се сеќавам на ревноста со која ги читав, дури ги научив и напамет сите цитирани библиски стихови. Еден ден, на еден колега му реков: „Го најдов она што го барав сиве овие години. Дојдов во Африка по злато, но наместо злато, најдов дијаманти“.
Радоста беше голема кога дознав дека Бог има лично име — Јехова, дека неговото Царство веќе е воспоставено на небесата и дека ние живееме во последните денови од овој систем на ствари (Осија 12:5; Даниил 2:44; Матеј 6:9, 10; 24:3—12; 2. Тимотеј 3:1—5; Откровение 12:7—12). Колку само беше возбудливо да се дознае дека Јеховиното Царство ќе им донесе бескрајни благослови на сите раси од човештвото! Друг факт што ме импресионира беше тој дека овие скапоцени вистини се проповедаат ширум светот (Исаија 9:6, 7; 11:6—9; Матеј 24:14; Откровение 21:3, 4).
Набргу ја пронајдов адресата на канцеларијата на подружницата на Watch Tower Society во Кептаун и добив уште литература. Особено ми беше драго што добив личен примерок од Библијата. Она што го прочитав, ми отвори желба да сведочам. Почнав на тој начин што им испраќав библиски публикации на моите роднини, пријатели и познаници во моето родно место Ликсурион. Преку моите проучувања постепено сфатив дека, за да му угодиш на Јехова, треба да му го предадеш својот живот. И така, веднаш го сторив тоа во молитва.
Во една прилика, присуствував на еден состанок на Јеховините сведоци, но бидејќи не знаев англиски, не разбрав ниту збор. Кога дознав дека во Порт Елизабет живеат многу Грци, се преселив таму, но не успеав да најдам ниту еден Сведок кој зборува грчки. Затоа, одлучив да се вратам во Грција за да станам полновремен евангелизатор. Се сеќавам како си велев: ‚Ќе се вратам во Грција, па ако треба и полугол‘.
Полновремена служба во Грција
Во пролетта 1934 година се наоѓав на палубата на италијанскиот прекуокеански патнички брод Дуиљо. Стигнав во Марсеј (Франција) и, по десетдневен престој таму, се качив на патничкиот брод Патрис и заминав за Грција. Додека бевме на море, бродот имаше механички проблеми и, во текот на ноќта, беше издадена наредба спасувачките чамци да бидат спуштени в море. Тогаш се присетив на моите мисли во врска со одењето за Грција полугол. Меѓутоа, конечно пристигна еден италијански реморкер и нѐ шлепуваше до Неапол (Италија). Подоцна, конечно стигнавме до Пиреа (Пиреј, Грција).
Оттаму, се упатив кон Атина каде што ја посетив канцеларијата на подружницата на Watch Tower Society. Во еден разговор со Атанасиос Каранасиос, надгледникот на подружницата, замолив да добијам доделба за полновремено проповедање. Утредента, бев на пат кон Пелопонез, во јужниот дел од грчкото копно. Целата оваа област ми беше доделена како лично подрачје!
Со неизмерна одушевеност, почнав со делото на проповедање, одејќи од град до град, од село до село, од фарма до фарма и од една изолирана куќа до друга. Наскоро ми се придружи Михаел Триантафилопулос, кој ме крсти во летото 1935 година — после повеќе од една година откако бев почнал со полновремената служба! Немаше на располагање никаков јавен превоз, па затоа насекаде одевме пеш. Нашиот најголем проблем беше противењето од страна на свештенството, кое правеше сѐ за да нѐ запре. Како последица од тоа, наидувавме на многу предрасуди. Сепак, и покрај препреките, се даваше сведоштво, и Јеховиното име се разгласуваше надалеку и нашироко.
Поднесувам противење
Едно утро, додека проповедав во планинската област Аркадија, стигнав до селото Магулијана. После еден час сведочење, ја чув камбаната и набргу сфатив дека таа биеше поради мене! Се збра една толпа водена од еден грчки православен архимандрит (црковен достоинственик, по ранг понизок од епископ). Брзо ја затворив мојата актовка и тивко му се помолив на Јехова. Архимандритот, со една толпа деца што го следеше, се упати право кон мене. Почна да вика: „Тоа е тој! Тоа е тој!“
Децата формираа тесен круг околу мене, а свештеникот истапи напред и почна да ме турка со својот голем истурен стомак, велејќи дека не сака да става рака на мене ‚бидејќи можеби сум бил заразен‘. Врескаше: „Удрете го! Удрете го!“ Но, токму тогаш се појави еден полициски службеник и обајцата нѐ одведе во полициската станица. Свештеникот беше изведен на суд поради предводење толпа и беше казнет со 300 драхми, плус судските трошоци. Јас бев ослободен.
Кога ќе пристигневме во некое ново подрачје, избиравме некој поголем град како база за нашата активност, а оттаму го обработувавме целото подрачје што беше на оддалеченост од четири часа одење пеш. Тоа значеше дека заминувавме наутро додека уште беше темно, а се враќавме откако ќе се стемнеше, главно посетувајќи по едно или две села секој ден. Откако ќе ги обработевме околните села, проповедавме во градот-база, а потоа заминувавме понатаму. Честопати бевме апсени затоа што свештенството ги подбуцнуваше луѓето против нас. Во регионот Парнас, во централна Грција, полицијата ме бараше три месеци. Меѓутоа, никогаш не ме фати.
Еден ден, брат Триантафилопулос и јас проповедавме во селото Мурики, во областа Беотија. Селото го поделивме на два дела, и јас почнав да ги обработувам стрмните падини, бидејќи бев помлад. Одеднаш чув крикови одоздола. Додека трчав удолу, си помислив: ‚Го тепаат брат Триантафилопулос‘. Селаните се беа собрале во локалната кафеана, а свештеникот чекореше горе-долу како некој разлутен бик. „Овие луѓе нѐ нарекуваат ‚семе на Змијата‘ “ — извикуваше тој.
Свештеникот веќе го беше скршил својот бастун од главата на брат Триантафилопулос, кому по лицето му течеше крв. Откако ја исчистив крвта, успеавме да побегнеме. Пешачевме три часа додека стигнавме во градот Теба. Таму, во една клиника ја санираа раната. За настанот ја известивме полицијата и беше поднесена тужба. Меѓутоа, свештеникот имаше врски и на крајот беше ослободен.
Додека работевме во градот Левкас, следбениците на еден политички лидер во тоа подрачје нѐ „уапсија“ и нѐ одведоа во селската кафеана, каде што бевме обвинети пред еден импровизиран народен суд. Политичкиот лидер и неговите луѓе наизменично нѐ надлетуваа и ни држеа говори — секогаш одново зборувајќи бомбастично — и заканувајќи ни се со своите стиснати тупаници. Сите беа пијани. Нивните тиради против нас траеја од пладне до зајдисонце, но ние останавме сталожени, постојано смешкајќи се додека изјавувавме дека сме невини и тивко молејќи му се на Јехова Бог за помош.
При квечерината, двајца полицајци нѐ ослободија. Нѐ одведоа во полициската станица и добро се однесуваа со нас. За да ги оправда своите постапки, утредента дојде политичкиот лидер и нѐ обвини за ширење пропаганда против кралот на Грција. Така, придружувани од двајца мажи, полицијата нѐ испрати во градот Ламија заради натамошно испитување. Седум дена нѐ држеа во притвор и со лисици на рацете нѐ одведоа во градот Лариса на судење.
Нашите христијански браќа во Лариса, кои беа однапред известени, го очекуваа нашето доаѓање. Големата наклоност што ја покажаа кон нас, беше извонредно сведоштво за стражарите. Нашиот адвокат, Јеховин сведок и поранешен потполковник, беше добро познат во градот. Кога тој се појави на судот и аргументираше за нашиот случај, обвиненијата против нас се покажаа лажни, и ние бевме ослободени.
Општиот успех во проповедањето на Јеховините сведоци доведе до засилување на противењето. Во 1938 и 1939 година беа донесени закони кои забрануваа прозелитизам, а Михаел и јас бевме вклучени во десетици судски случаи по ова прашање. Подоцна, канцеларијата на подружницата нѐ посоветува да работиме одвоено за да се свртува помалку внимание на нашата активност. Ми беше тешко што немав придружник. Сепак, со доверба во Јехова, пеш ги обработив областите Атика, Беотија, Фтиотис, Евбеја, Атолија, Акарнанија, Евританија и областа на Пелопонез.
Она што ми помогна во текот на овој период беа прекрасните зборови на псалмистот кој ја изразил својата доверба во Јехова: „Ти ќе ме избавиш од искушенијата, и со мојот Бог, и ѕид ќе прескочам. Бог е Оној Кој ме препашува со сила и ми поставува непорочен пат; ми ги прави нозете како на елен и ме поставува на височини“ (Псалм 17:29, 32, 33).
Во 1940 година, Италија ѝ објави војна на Грција, а набргу потоа германската војска ја нападна земјата. Беше прогласена воена диктатура, и книгите на Watch Tower Society беа забранети. Тоа беа тешки времиња за Јеховините сведоци во Грција; меѓутоа, нивниот број драматично порасна — од 178 Сведоци во 1940 година, на 1.770 до крајот на II светска војна во 1945 година!
Служење во Бетел
Во 1945 година бев поканет да служам во канцеларијата на подружницата на Јеховините сведоци во Атина. Бетелот, што значи „Божји дом“, тогаш беше сместен во една изнајмена куќа на улица Ломбарду. Канцелариите беа на првиот кат, а печатницата во подрумот. Таа се состоеше од една мала преса и еден нож за обрежување. Персоналот на печатницата отпрвин се состоеше само од две лица, но наскоро и други доброволци почнаа секојдневно да патуваат од своите домови за да помогнат во работата.
Контактот со главното седиште на Watch Tower Society во Бруклин (Њујорк) беше обновен во 1945 година, и таа година повторно почнавме редовно да печатиме Стражарска кула во Грција. Потоа, во 1947 година, нашата подружница ја преселивме на улица Тенеду 16, но печатницата остана на улица Ломбарду. Подоцна, печатницата беше преселена од улица Ломбарду во една фабрика што му припаѓаше на еден Сведок, која беше на оддалеченост од околу пет километри. Така, едно време одевме и се враќавме помеѓу тие три локации.
Се сеќавам кога уште пред зори заминував од нашиот стан што се наоѓаше на улица Тенеду и патував до печатницата. Откако ќе работев до 13 часот, одев во улица Ломбарду, каде што ги носевме табаците хартија што ги имавме отпечатено. Потоа овие табаци ги превиткувавме во облик на списанија, ги зашивавме и рачно ги обрежувавме. Потоа, готовите списанија ги носевме во поштата, ги качувавме на трети кат, му помагавме на персоналот да ги сортира и лепевме марки на пликоата за испраќање.
До 1954 година, бројот на Сведоците во Грција порасна на повеќе од 4.000, па беа потребни поголеми простории. Затоа, се преселивме во еден трикатен Бетел во деловниот центар на Атина, на улица Картали. Во 1958 година бев замолен да се грижам за кујната, и тоа беше моја одговорност сѐ до 1983 година. Во меѓувреме, во 1959 година се оженив со Елефтерија, која се покажа како лојална помошничка во Јеховината служба.
Повторно поднесувам противење
Во 1967 година, воената хунта ја презеде власта во свои раце и повторно беа наметнати ограничувања врз нашето проповедничко дело. Меѓутоа, поради нашето претходно искуство во соочувањето со забрани на нашите активности, брзо се прилагодивме и успешно продолживме да делуваме во тајност.
Нашите состаноци ги одржувавме во приватни домови и бевме претпазливи во нашата служба од врата до врата. Меѓутоа, нашите браќа редовно беа апсени, а судските парници се множеа. Нашите адвокати нон стоп беа ангажирани околу судењата кои се одржуваа во различни делови од земјата. И покрај противењето, мнозинството Сведоци останаа редовни во својата проповедничка активност, особено во текот на викендите.
Во саботите или неделите, откако ќе го завршевме нашето проповедање за тој ден, правевме проверка за да видиме кој недостасува од нашите групи. Обично, оние кои недостасуваа беа задржувани во најблиската полициска станица. Затоа, им носевме ќебиња и храна и ги храбревме. Исто така, ги известувавме нашите адвокати, кои потоа во понеделникот се појавуваа пред обвинителот за да ги бранат оние кои беа притворени. Радосно се соочувавме со оваа ситуација затоа што страдавме поради вистината!
За време на забраната, нашите печатарски погони во Бетелот беа затворени. Затоа, куќата во која живеевме Елефтерија и јас, во предградието на Атина, стана еден вид печатница. Елефтерија чукаше примероци од статии на Стражарска кула, користејќи една тешка машина за пишување. Ставаше по десет листови хартија наеднаш во машината и мораше да притиска многу силно за да се отпечатат буквите. Потоа јас ги собирав страниците и ги подврзував. Секоја вечер ова траеше сѐ до полноќ. На катот под нас живееше еден полицаец, и сѐ уште се чудиме зошто никогаш не се посомнева.
Радост поради натамошното ширење
Во 1974 година, во Грција беше обновена демократијата, па така нашето проповедничко дело повторно се вршеше поотворено. Сепак, во текот на седумте години ограничувања на нашето дело, се радувавме на еден прекрасен пораст од над 6.000 нови Сведоци, достигнувајќи вкупен број од преку 17.000 објавители на Царството.
Исто така, повторно започнавме со нашата редовна печатарска активност во просториите на подружницата. Како резултат од тоа, бетелските објекти на улица Картали набргу станаа премали. Затоа, во атинското предградие Маруси беше купено едно парче земја од 1 хектар. Беа изградени нови бетелски простории со 27 спални, фабрика, канцеларии и други објекти. Тие беа свечено отворени во октомври 1979 година.
Со текот на времето ни беше потребен уште поголем простор. Затоа беа купени 22 хектари земја на 60-тина километри северно од Атина. Местото е во Леона, на една падина со поглед на планини и добро наводнувани долини. Во април 1991 година, таму свечено отворивме еден многу поголем објект, кој опфаќа 22 куќи, со можност во секоја од нив да се сместат по осум души.
Откако поминав над 60 години во полновремената служба, јас сѐ уште сум благословен со добро здравје. За среќа, ‚продолжувам да успевам во текот на седоста‘ (Псалм 92:14, НС). Особено сум му благодарен на Јехова што доживеав со свои очи да го видам огромниот пораст во бројот на неговите вистински обожаватели. Пророкот Исаија прорекол таков пораст: „Твоите порти секогаш ќе бидат отворени, нема да се затвораат ни дење, ни ноќе, за да се принесува при тебе имотот на народите“ (Исаија 60:11).
Колку само е прекрасно да се видат милиони луѓе од сите нации како се слеваат во Јеховината организација и се поучуваат за тоа како да преживеат низ големата неволја и да влезат во Божјиот нов свет! (2. Петрово 3:13). Можам вистински да речам дека полновремената служба за мене се покажа повредна од што и да е друго што може да го понуди овој свет. Да, најдов не богатства од злато, туку духовни дијаманти кои неизмерно го збогатија мојот живот.
[Слики на страница 23]
Михалис и Елефтерија Каминарис
(Десно) Печатницата на улица Ломбарду