Да се служи под Јеховината љубезна рака
РАСКАЖАЛ ЛАМПРОС ЗУМПОС
Бев соочен со еден пресуден избор: да ја прифатам понудата на мојот богат чичко и да станам управител на неговиот огромен неподвижен имот — решавајќи ги на тој начин финансиските проблеми на моето семејство — или, пак, да станам полновремен слуга на Јехова Бог. Дозволете ми да ви објаснам кои фактори влијаеја врз одлуката што ја донесов.
РОДЕН сум во 1919 година, во градот Волос (Грција). Татко ми продаваше машка облека и уживавме материјална благосостојба. Но, како последица на економската криза во доцните 1920-ти години, татко ми беше принуден да банкротира, поради што го изгуби својот дуќан. Секојпат кога ќе го видев очајничкиот израз на неговото лице, чувствував тага.
Извесно време моето семејство живееше во крајна беда. Секој ден го напуштав училиштето еден час порано за да чекам ред за храна. Сепак, и покрај нашата сиромаштија, ние се радувавме на спокоен семеен живот. Ми беше животен сон да станам лекар, но во средината на моите тинејџерски години морав да го напуштам училиштето и да почнам да работам за да му помогнам на моето семејство да опстане.
А тогаш, за време на II светска војна, Германците и Италијанците ја окупираа Грција, поради што завладеа суров глад. Честопати гледав како по улиците умираат од глад мои пријатели и познаници — ужасна глетка што нема никогаш да ја заборавам! Еднаш, нашето семејство издржа 40 дена без леб, кој беше основна храна во Грција. За да преживееме, мојот постар брат и јас отидовме во блиските села и набавивме компири од пријателите и од роднините.
Болеста станува благослов
Во почетокот на 1944 година се разболев од еден вид плеврит. Во текот на мојот тримесечен престој во болницата, еден братучед ми донесе две брошурки и ми рече: „Прочитај ги овие, сигурен сум дека ќе ти се допаднат“. Брошурките Кој е Бог? и Заштита, беа издадени од Библиското и трактатно Друштво Стражарска кула. Откако ги прочитав, нивната содржина им ја пренесов и на другите пациенти.
Кога излегов од болницата, се поврзав со собранието на Јеховините сведоци во Волос. Меѓутоа, еден цел месец лежев дома како надворешен пациент, па затоа шест до осум часа дневно читав постари изданија на Стражарска кула, како и други публикации издадени од Друштвото Стражарска кула. Како резултат на тоа, мојот духовен напредок беше прилично брз.
Едвај успевавме да се спасиме
Еден ден во средината на 1944 година, јас си седев на една клупа во паркот во Волос. Наеднаш, една паравоена група што ја поддржуваше германската окупаторска армија го опколи местото и ги уапси сите што беа таму. Околу 24 од нас бевме носени низ улиците сѐ до седиштето на Гестапо, сместено во една куќа за складирање тутун.
По неколку минути слушнав како некој го изговара моето име и името на оној со кој разговарав во паркот. Еден грчки воен офицер нѐ повика и ни рече дека, кога еден мој роднина видел како војниците нѐ спроведуваат, му рекол дека ние сме Јеховини сведоци. Тогаш грчкиот офицер ни рече дека можеме слободно да си одиме дома и ни ја даде својата службена карта за да ја употребиме во случај да нѐ уапсат повторно.
Следниот ден дознавме дека Германците ги погубиле повеќето од оние кои беа уапсени, како одмазда за тоа што грчките борци на отпорот убиле двајца германски војници. Освен тоа што можеби бев спасен од смрт, во таа прилика научив колку вреди христијанската неутралност.
Есента 1944 година, своето предание на Јехова го симболизирав со крштавање во вода. Во текот на следното лето, Сведоците направија подготовки да се поврзам со собранието Склитхро, горе на планините каде што потполно ми се поврати здравјето. Тогаш во Грција беснееше граѓанската војна што следеше по завршувањето на германската окупација. Селото каде што престојував служеше како база за герилските сили. Локалниот свештеник и еден друг злобен човек ме обвинија за шпионирање на владините сили и ме дадоа на сослушување пред еден самоназначен герилски воен суд.
На лажното судско сослушување беше присутен и водачот на герилските сили во тоа подрачје. Откако ја објаснив причината зошто престојувам во селото и откако покажав дека, како еден христијанин, јас сум потполно неутрален во граѓанската војна, водачот им рече на другите: „Ако некој го допре овој човек, тој ќе си има работа со мене“!
После тоа се вратив во мојот роден Волос, многу појак во верата отколку во физичкото здравје.
Духовен напредок
Кратко после тоа бев назначен да служам како благајник во локалното собрание. И покрај тешкотиите поради граѓанската војна, вклучувајќи ги и бројните апсења поради обвиненијата за прозелитизам што беа поттикнати од свештенството, учеството во христијанската служба ми причинуваше голема радост и мене и на другите од нашето собрание.
Потоа, на почетокот од 1947 година, имавме посета од еден патувачки надгледник на Јеховините сведоци. Тоа беше прва таква посета после II светска војна. Тогаш нашето напредно собрание во Волос беше поделено на две собранија, а јас бев наименуван за претседавачки надгледник на едното од нив. Во тоа време паравоените и националните организации ширеа страв меѓу луѓето. Свештенството ја искористи таа ситуација. Тоа ги сврте властите против Јеховините сведоци, ширејќи лажни гласини дека ние сме биле комунисти или приврзаници на левичарските групи.
Апсења и затворања
Во текот на 1947 година бев апсен десетина пати и имав три судски сослушувања. Во сите случаи бев ослободен од оптужбата. Пролетта 1948 година бев осуден на четири месеци затвор поради прозелитизам. Казната ја одлежав во затворот во Волос. Во меѓувреме, бројот на објавителите на Царството во нашето собрание се удвои, а срцата на браќата беа исполнети со радост и среќа.
Во октомври 1948 година, додека имав состанок со уште шестмина кои преземаа водство во нашето собрание, пет полицајци се втурнаа во куќата и нѐ уапсија, вперувајќи ги револверите во нас. Нѐ одведоа во полициската станица без да ни ја објаснат причината за апсењето, а таму бевме тепани. Со тупаници по лицето мене ме удираше еден полицаец кој порано бил боксер. Потоа нѐ фрлија во една ќелија.
После тоа, службеникот што беше задолжен ме викна во својата канцеларија. Кога ја отворив вратата, тој фрли по мене со едно шишенце со мастило, но тоа ме промаши и се скрши од ѕидот. Тој го стори тоа со цел да ме заплаши. После тоа ми принесе лист хартија и пенкало и ми нареди: „Запиши ги имињата на сите Јеховини сведоци во Волос, а утре сабајле донеси ми го списокот. Ако не го сториш тоа, знаеш што те чека!“
Јас не одговорив, но кога се вратив во ќелијата, со другите браќа му се молев на Јехова. На хартијата го напишав само моето име и чекав да бидам повикан. Но, повеќе не слушнав ништо од службеникот. Во текот на ноќта, противничките воени сили дошле и тој ги повел своите луѓе против нив. Во престрелката што следела тој бил сериозно ранет, а едната нога требало да му се ампутира. Конечно, нашиот случај дојде на сослушување и ние бевме обвинети дека одржуваме илегални состаноци. Сите седуммина бевме осудени на пет години затвор.
Бидејќи одбив да присуствувам на Неделната миса во затворот, ме пратија во самица. Третиот ден побарав да зборувам со управникот на затворот. „Многу ми е жал“, му реков, „но изгледа бесмислено да се казни некој кој е спремен да помине пет години в затвор поради својата вера.“ Тој сериозно размисли за тоа и на крајот ми рече: „Од утре ти ќе работиш овде, покрај мене во мојава канцеларија“.
Со текот на времето добив работа како помошник на затворскиот лекар. Како резултат на тоа, научив многу за здравствената нега, а тоа ми беше од голема корист подоцна. Додека бев в затвор, имав многу прилики да проповедам, па така тројца прифатија и станаа Јеховини сведоци.
Откако одлежав речиси четири години в затвор, конечно бев условно ослободен во 1952 година. Подоцна морав да се појавам пред судот во Коринт поради прашањето за неутралност (Исаија 2:4). Таму, кратко време бев држен во воениот затвор и започна уште еден круг малтретирање. Некои службеници беа многу инвентивни со своите заканувања, велејќи: „Ќе ти го исецкам срцето на парчиња со нож“ или „Немој да мислиш дека ќе умреш брзо, само со шест куршуми“.
Еден поинаков испит
Меѓутоа, наскоро се вратив дома, повторно служејќи со собранието во Волос и работејќи световна работа со скратено работно време. Еден ден добив писмо од канцеларијата на подружницата на Друштвото Стражарска кула во Атина, со кое бев повикан да добијам двонеделна обука, а потоа да започнам да ги посетувам собранијата на Јеховините сведоци како покраински надгледник. Во исто време, еден мој чичко кој немаше деца и имаше огромен неподвижен имот, побара да управувам со неговите поседи. Моето семејство сѐ уште живееше во сиромаштија, а ова вработување ќе ги решеше нивните економски проблеми.
Го посетив чичко ми за да му се заблагодарам за понудата, но му соопштив дека одлучив да прифатам една посебна задача во христијанската служба. На тоа тој стана, сериозно ме погледна и нагло излезе од собата. Се врати со еден великодушен паричен подарок кој можеше да го издржи моето семејство неколку месеци. Тој рече: „Земи ги и прави со нив што сакаш“. Дури и денес не можам да опишам какви чувства имав во тој момент. Тоа беше како да го слушнав гласот на Јехова кој ми вели: ‚Ти направи добар избор. Јас сум со тебе‘.
Со благослов од моето семејство, во декември 1953 година заминав за Атина. Иако само мајка ми стана Сведок, другите членови на семејството не се противеа на мојата христијанска активност. Кога отидов во канцеларијата на подружницата во Атина, ме очекуваше уште едно изненадување. Таму имаше телеграма од сестра ми, со која таа ме известуваше дека двогодишната борба на татко ми да добие социјална пензија, тој ден завршила со среќен исход. Што уште можев да барам? Се чувствував како да имам крилја, подготвен да летнам високо во Јеховината служба!
Дејствување со претпазливост
Во првите години од мојата покраинска служба морав да бидам многу внимателен бидејќи Јеховините сведоци беа жестоко прогонувани од страна на религиозните и политичките власти. За да ги посетам нашите христијански браќа, особено оние кои живееја во малите гратчиња и села, многу часови пешачев под закрилата на ноќта. Браќата, кои ризикуваа да бидат уапсени, ќе се собереа во некоја куќа и стрпливо ќе чекаа да дојдам. Колку само добра размена на охрабрување претставуваа овие посети за сите нас! (Римјаните 1:11, 12).
За да избегнам да бидам откриен, понекогаш се маскирав. Еднаш се облеков како пастир за да поминам низ еден блокиран пат и да стигнам до местото каде што беа собрани браќа на кои сериозно им беше потребно духовно пастирење. Во една друга прилика, во 1955 година, еден друг Сведок и јас се преправивме дека сме продавачи на лук за да избегнеме да предизвикаме сомневање кај полицијата. Нашата задача беше да стапиме во контакт со некои христијански браќа кои станале неактивни, во малото гратче Аргос Орестикон.
Ја изнесовме нашата стока на јавниот градски пазар. Меѓутоа, еден млад полицаец кој беше на должност во тоа подрачје, се посомнева и секојпат кога ќе поминеше, тој љубопитно зјапаше во нас. На крајот ми рече: „Ти не личиш на продавач на лук“. Во тој момент три млади жени се приближија и се заинтересираа да купат лук. Покажувајќи на моите производи, јас извикнав: „Овој млад полицаец јаде лук како што е овој, па погледнете колку е силен и убав!“ Жените го погледнаа полицаецот и се насмејаа. И тој се насмевна, а потоа исчезна.
Кога си замина, јас искористив прилика да отидам до кројачкиот дуќан во кој работеа нашите духовни браќа. Го замолив едниот од нив да ми го сошие копчето од палтото. Додека го правеше тоа, јас се наведнав и прошепотив: „Дојдов од канцеларијата на подружницата за да ве видам“. На почетокот браќата беа уплашени, бидејќи со години немале контакт со други Сведоци. Ги охрабрив колку што можев најдобро и се договоривме подоцна да се сретнеме кај градските гробишта за да разговараме повеќе. За среќа, посетата беше охрабрувачка и тие повторно станаа ревни во христијанската служба.
Добивам верен партнер
Во 1956 година, три години откако започнав со патувачката служба, се запознав со Ники, една млада христијанка која имаше голема љубов кон делото на проповедање и која сакаше да го помине својот живот во полновремената служба. Се засакавме и се венчавме во јуни 1957 година. Се прашував дали Ники ќе може да им излезе во пресрет на барањата за патувачката служба под неповолните услови за Јеховините сведоци, кои тогаш преовладуваа во Грција. Со Јеховина помош таа успеа и така стана првата жена во Грција која го придружуваше својот сопруг во покраинската служба.
Десет години бевме заедно во патувачката служба, служејќи во повеќето собранија во Грција. Многу пати се маскиравме и, со куфери в раце, со часови пешачевме под закрилата на ноќта за да стигнеме до некое собрание. И покрај големото противење со кое често се соочувавме, бевме восхитени кога од прва рака го гледавме спектакуларниот пораст на бројот на Сведоците.
Бетелска служба
Во јануари 1967 година, Ники и јас бевме повикани да служиме во Бетелот, како што е наречена канцеларијата на подружницата на Јеховините сведоци. Поканата нѐ изненади обајцата, но ја прифативме, уверени дека Јехова ги води работите. Како што одминуваше времето, сфативме колкава голема предност е да се служи во овој центар на теократската активност.
Три месеца откако започнавме со бетелската служба, воената хунта ја презеде власта, па затоа Јеховините сведоци требаше да го продолжат своето дело на еден понезабележителен начин. Почнавме да се собираме во мали групи, одржувавме конгреси во шумите, проповедавме претпазливо и во тајност печатевме и дистрибуиравме библиска литература. Не беше тешко да се привикнеме на овие околности, бидејќи ние едноставно ги обновивме методите на извршување на нашите активности што ги користевме во минатите години. И покрај ограничувањата, бројот на Сведоците се зголеми од нешто помалку од 11.000 во 1967 година, на повеќе од 17.000 во 1974 година.
После речиси 30 години бетелска служба, Ники и јас и понатаму уживаме во нашите духовни благослови, и покрај ограничувањата поради здравјето и возраста. Повеќе од десет години живеевме во просториите на подружницата што беа сместени на улица Картали во Атина. Во 1979 година беше свечено отворена новата подружница во Маруси, едно предградие на Атина. Но, од 1991 година се радуваме на широките објекти на новата подружница во Елеона, 60 километри северно од Атина. Овде служам во бетелската амбуланта, каде што многу ми користи обуката што ја добив како помошник на затворскиот доктор.
Во текот на повеќе од четири децении во полновремена служба, јас, исто како Јеремија, ја сфатив вистинитоста на Јеховиното ветување: „Тие ќе војуваат против тебе, но нема да те победат; зашто Јас сум со тебе, за да те избавувам — вели Господ“ (Јеремија 1:19). Да, Ники и јас се радувавме на една чаша која се прелеваше со благослови од Јехова. Постојано се радуваме на неговата изобилна, љубезна грижа и незаслужена доброта.
Моето охрабрување за младите во Јеховината организација е да се стремат кон полновремена служба. На тој начин ќе можат да го прифатат Јеховиниот повик да испитаат дали тој ќе биде вистинит на своето ветување ‚да ги отвори отворите небески за да излие благослови врз нив, па да има и на претек‘ (Малахија 3:10). Од лично искуство можам да ве уверам вас, млади, дека Јехова навистина ќе ве благослови сите вас кои имате потполна доверба во него.
[Слика на страница 26]
Лампрос Зумпос и неговата сопруга Ники