ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • w96 1/11 стр. 22-27
  • Повеќе од 50 години ‚преминување‘

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Повеќе од 50 години ‚преминување‘
  • Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1996
  • Поднаслови
  • Сличен материјал
  • Одговори на моите прашања
  • Уапсен
  • Смртна казна
  • Повоени активности
  • Повеќе не сум сам
  • Јеховиниот богат благослов
  • Да се служи под Јеховината љубезна рака
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1996
  • Му го дадов на Јехова она што го заслужува
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1999
  • Стрпливо чекајќи на Јехова уште од својата младост
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1997
  • Од политички активист до неутрален христијанин
    Разбудете се! 2002
Повеќе
Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1996
w96 1/11 стр. 22-27

Повеќе од 50 години ‚преминување‘

РАСКАЖАЛ ЕМАНУЕЛ ПАТЕРАКИС

Пред деветнаесет векови, апостол Павле добил еден необичен повик: „Премини во Македонија и помогни ни!“ Павле спремно ја прифатил оваа нова прилика да ‚го проповеда Евангелието‘ (Дела 16:9, 10). Иако повикот што јас го добив не датира толку одамна, сепак поминаа 50 години откако се согласив да ‚преминам‘ на нови подрачја во духот на Исаија 6:8: „Еве ме мене, испрати ме мене!“ Поради моите бројни патувања, го заработив прекарот Вечен турист, но моите активности имаа мала сличност со туризмот. Не еднаш, откако ќе стигнев во мојата хотелска соба, ќе паднев на колена и ќе му благодарев на Јехова за неговата заштита.

РОДЕН сум на 16 јануари 1916 година во Иерапетра, на Крит, во многу религиозно православно семејство. Уште од најрано детство, мајка ми во недела нѐ водеше мене и моите три сестри в црква. Што се однесува до татко ми, тој повеќе сакаше да остане дома и да ја чита Библијата. Јас му се восхитував на татко ми — чесен, добар човек кој простуваше — и неговата смрт, кога јас имав девет години, длабоко ме погоди.

Се сеќавам дека, кога имав пет години, во училиштето прочитав еден текст што гласеше: „Сѐ околу нас го објавува постоењето на Бог“. Додека растев, бев апсолутно уверен во ова. Затоа, кога имав 11 години, избрав да напишам еден состав, чија тема беше Псалм 103:24: „Колку се многубројни делата Твои, Господи! Сѐ си направил премудро; земјата е полна со Твои созданија“. Бев фасциниран од чудата на природата, дури и од работите што се толку едноставни како што се семињата кои се опремени со мали крилца за да можат со ветрот да бидат однесени од под сенката на родителското дрво. Следната седмица откако го предадов составот, мојот учител го прочита пред целото одделение, а потоа пред целото училиште. Во тоа време, учителите се бореа против комунистичките идеи и им беше драго да ја чујат мојата одбрана за постоењето на Бог. Што се однесува до мене, едноставно ми беше драго да го изразам своето верување во Творецот.

Одговори на моите прашања

Сѐ уште живо се сеќавам на мојата прва средба со Јеховините сведоци во почетокот на 1930-тите години. Емануел Лионудакис проповедаше по сите градови и села на Крит. Јас зедов повеќе џебни брошури од него, но ми падна в очи токму онаа со наслов Where Are the Dead? (Каде се умрените?). Имав таков морбиден страв од смртта што дури и не влегував во собата во која беше умрел татко ми. Додека ја препрочитував оваа џебна брошура и дознав што учи Библијата за состојбата на умрените, почувствував како мојот суеверен страв исчезнува.

Еднаш во годината во текот на летото, Сведоците го посетуваа нашиот град и ми донесуваа уште литература за читање. Малку по малку, моето разбирање на Писмото порасна, но јас и понатаму одев во Православната црква. Меѓутоа, книгата Deliverance (Ослободување) беше пресвртница. Таа јасно ја покажуваше разликата меѓу Јеховината организација и онаа на Сатана. Оттогаш па натаму, почнав поредовно да ја проучувам Библијата и сѐ друго од литературата на Watch Tower Society што ќе ми дојдеше под рака. Поради тоа што Јеховините сведоци во Грција беа под забрана, тајно проучував ноќе. Сепак, бев толку одушевен од она што го учев, што не можев да се воздржам а да не зборувам со секого во врска со тоа. Не помина долго време кога полицијата почна да се интересира за мене, правејќи редовни посети во секое доба од денот и ноќта за да бараат литература.

Во 1936 година, за првпат присуствував на еден состанок, на 120 километри оддалеченост, во Хераклион. Толку се радував да ги сретнам Сведоците. Повеќето од нив беа едноставни луѓе, главно фармери, но тие ми помогнаа да се уверам дека ова е вистината. Моето предание на Јехова беше токму тогаш и токму таму.

Моето крштавање е настан што нема никогаш да го заборавам. Една ноќ во 1938 година, во потполн мрак, брат Лионудакис нѐ одведе мене и двајца мои библиски ученици на плажата. Откако кажа молитва, нѐ подрони во водата.

Уапсен

Првиот пат кога отидов да проповедам, најблаго речено, беше возбудлив. Сретнав еден стар школски пријател кој беше станал свештеник, и имавме извонредна заедничка дискусија. Но, потоа тој објасни дека, во склад со наредбата од епископот, мора да направи да ме уапсат. Додека во канцеларијата на градоначалникот чекавме да пристигне полицијата од соседното село, надвор се собра една толпа. Така, зедов еден грчки Нов завет што беше во канцеларијата и почнав да им држам говор темелен на Матеј, поглавје 24. Отпрвин, луѓето не сакаа да слушаат, но свештеникот интервенираше. „Пуштете го да зборува“ — рече тој. „Тоа е нашата Библија.“ Бев во можност да зборувам час и половина. На тој начин, мојот прв ден во службата беше и приликата за моето прво јавно предавање. Со оглед на тоа што полицијата уште не беше пристигната кога завршив, градоначалникот и свештеникот одлучија една група луѓе да ме набркаат од градот. На првата кривина од патот почнав да трчам колку што можам побрзо за да ги избегнам камењата што тие ги фрлаа.

Следниот ден, двајца полицајци, придружувани од епископот, ме уапсија на работа. Во полициската станица бев во можност да им сведочам од Библијата, но поради тоа што мојата библиска литература го немаше печатот од епископот што се бараше со закон, бев обвинет за прозелитизам и за дистрибуирање неовластена литература. Бев ослободен до судењето.

Моето судење се одржа по еден месец. Во мојата одбрана истакнав дека не правам ништо друго освен што ја слушам Христовата заповед да проповедам (Матеј 28:19, 20). Судијата саркастично одговори: „Дете мое, Оној кој ја дал таа заповед бил распнат. За жал, јас немам власт да ти одредам тебе слична казна“. Меѓутоа, еден млад адвокат, кого не го знаев, стана да ме брани, велејќи дека опкружени со толку многу комунизам и атеизам, судот би требало да се гордее што има млади луѓе кои се спремни да ја бранат Речта Божја. Потоа пријде и срдечно ми честиташе за мојата писмена одбрана што беше во моето досие. Импресиониран од тоа што бев толку млад, тој ми понуди да ме брани бесплатно. Наместо минималните три месеци, бев осуден на само десет дена затвор и глоба од 300 драхми. Таквото противење само ја зајакна мојата одлука да му служам на Јехова и да ја бранам вистината.

Во една друга прилика кога бев уапсен, судијата забележа со каква леснотија јас ја цитирав Библијата. Тој го замоли епископот да ја напушти неговата канцеларија, велејќи: „Вие го сторивте Вашето. Јас ќе се погрижам за него“. Потоа ја извади својата Библија и разговаравме за Божјето Царство цело попладне. Таквите настани ме охрабрија да продолжам и покрај тешкотиите.

Смртна казна

Во 1940 година, бев повикан во војска, па јас напишав едно писмо, објаснувајќи зошто не би можел да се согласам да бидам регрутиран. По два дена, бев уапсен и сурово тепан од страна на полицијата. Потоа бев испратен на фронтот во Албанија, каде што бев изведен пред воен суд поради тоа што одбив да се борам. Воените власти ми рекоа дека не се толку заинтересирани да дознаат дали сум во право или не сум, колку за впечатокот што мојот пример можеби го оставил кај војниците. Бев осуден на смрт, но поради една правна грешка, на мое големо олеснување, оваа казна беше ублажена на десет години робија. Следните неколку месеци од мојот живот ги поминав во еден воен затвор во Грција под многу тешки околности, од кои сѐ уште имам телесни последици.

Но, затворот не ме спречи да проповедам. Далеку од тоа! Беше лесно да се започнат разговори, бидејќи мнозина се прашуваа зошто еден цивил е во воен затвор. Еден од овие разговори доведе до библиска студија со еден искрен младич, што ја водевме во затворскиот двор. Триесет и осум години подоцна, на еден конгрес повторно го сретнав овој човек. Тој ја прифатил вистината и служел како собраниски надгледник на островот Левкас.

Во 1941 година, кога Хитлеровите војски ја нападнаа Југославија, ние бевме префрлени подолу на југ во еден затвор во Превеза. За време на патувањето, нашиот конвој беше нападнат од германски бомбардери, па така нам затворениците не ни беше дадена храна. Кога заврши и она малку леб што го имав, му се молев на Бог: „Ако е твоја волја да умрам од глад откако ти ме спаси од смртна казна, тогаш нека се исполни твојата волја“.

Следниот ден, еден офицер ме викна настрана за време на прозивката и, откако дозна од каде сум, кои ми се родители и зошто сум в затвор, ми рече да го следам. Ме одведе во офицерската менза во градот, ме упати кон една маса со леб, сирење и печено јагнешко и ми рече да се послужам. Но, јас објаснив дека, поради тоа што останатите 60 затвореници немаат ништо, мојата совест не би ми дозволила да јадам. Офицерот одговори: „Јас не можам да го нахранам секого! Татко Ви беше многу дарежлив кон мене. Имам морална обврска кон Вас, но не и кон другите“. „Во тој случај, јас се враќам“ — одговорив. Тој размисли за момент и потоа ми даде една голема торба за да ставам храна колку што можам.

По враќањето во затворот, ја спуштив торбата наземи и реков: „Господа, ова е за вас“. Случајно, вечерта пред тоа, бев обвинет дека сум одговорен за тешката состојба на другите затвореници поради тоа што не сум се придружил во нивните молитви до дева Марија. Меѓутоа, еден комунист застана во моја одбрана. Сега кога ја виде храната, на останатите им рече: „Каде е вашата ‚дева Марија‘? Рековте дека ќе умреме поради овој човек, а токму тој ни носи храна“. Потоа се сврте кон мене и рече: „Емануел! Ела да се помолиш“.

Кратко потоа, напредувањето на германската војска ги натера затворските чувари да побегнат, отворајќи ги вратите на заробеништвото. Јас отидов во Патрас за да најдам други Сведоци пред да тргнам за Атина кон крајот на мај 1941 година. Таму бев во можност да набавам нешто облека и чевли и да се избањам за првпат по повеќе од една година. Сѐ до крајот на окупацијата, Германците редовно ме запираа додека проповедав, но никогаш не ме уапсија. Еден од нив рече: „Во Германија ги стреламе Јеховините сведоци. Но овде би сакале сите наши непријатели да се Сведоци!“

Повоени активности

Како на Грција да не ѝ беше доволно борење, па таа понатаму беше раскината од граѓанска војна од 1946 до 1949 година, предизвикувајќи смрт на илјадници. На браќата им беше потребно многу охрабрување за да останат цврсти во едно време кога самото присуствување на состаноците можеше да доведе до апсење. Повеќе браќа беа осудени на смрт поради нивниот неутрален став. Но, и покрај ова, многу луѓе се оѕвиваа на пораката на Царството, и секоја седмица имавме по едно—две крштавања. Од 1947 година, почнав дење да работам во канцелариите на Друштвото во Атина, а ноќе да ги посетувам собранијата како патувачки надгледник.

Во 1948 година, ја имав радоста да бидам поканет да ја посетам Библиската школа Гилеад на Watchtower во Соединетите Држави. Но, имаше еден проблем. Поради моите поранешни казни, не бев во можност да добијам пасош. Меѓутоа, еден од моите библиски ученици имаше пријателски односи со еден генерал. Благодарение на овој ученик, за само неколку седмици го добив мојот пасош. Но, ме загрижи тоа што кога кратко пред да заминам, бев уапсен поради дистрибуирање на Стражарска кула. Еден полицаец ме одведе кај началникот на полицијата за државна безбедност во Атина. На мое потполно изненадување, тој беше еден од моите соседи! Полицаецот објасни зошто сум уапсен и му го даде снопчето списанија. Мојот сосед извади едно купче списанија Стражарска кула од својата маса и ми рече: „Го немам последното издание. Може да земам еден примерок?“ Колку само ми олесни кога ја видов Јеховината рака во ваквите работи!

Во 1950 година, 16-тиот клас на Гилеад беше едно збогатувачко искуство. На крајот од школата бев доделен на Кипар, каде што набргу открив дека противењето на свештенството беше исто толку жестоко како во Грција. Честопати моравме да се соочуваме со толпи од религиозни фанатици чиј бес беше разгорен од страна на православни свештеници. Во 1953 година, не ми беше обновена визата за Кипар и јас бев предоделен во Истанбул (Турција). И овде мојот престој беше краток. Политичките тензии меѓу Турција и Грција значеа дека, и покрај добрите резултати во делото на проповедање, јас морав да заминам на друга доделба — Египет.

Додека бев в затвор, на ум ми доаѓаше Псалм 54:6, 7. Таму Давид изразил копнеење да побегне во пустината. Никогаш не сум си замислувал дека еден ден ќе бидам токму таму. Во 1954 година, после едно повеќедневно заморно патување со воз и со речен брод по Нил, конечно стигнав на моето одредиште — Картум во Судан. Сѐ што сакав да сторам беше да се истуширам и да си легнам. Но, заборавив дека беше пладне. Водата, складирана во еден танкер на покривот, ме изгоре, обврзувајќи ме неколку месеци да носам една тропска шапка сѐ додека скалпот не ми оздраве.

Таму често се чувствував изолиран, осамен среде Сахара, преку илјада километри далеку од најблиското собрание, но Јехова ме одржа и ми ја даде силата да продолжам. Охрабрувањето понекогаш доаѓаше од најнеочекувани извори. Еден ден, го запознав директорот на Музејот на Картум. Тој беше отворен човек и имавме една убава дискусија. Откако дозна дека сум со грчко потекло, ме замоли ако може да му направам услуга да појдам во музејот за да преведам некакви натписи на артефакти што биле пронајдени во една црква од шести век. По пет часа поминати во еден задушлив подрум, најдов една тацна што го носеше Јеховиното име — тетраграматонот! Замислете си ја мојата радост! Во Европа не е реткост да се наиде на божественото име во црквите, но среде Сахара тоа е крајно необично!

После меѓународниот конгрес во 1958 година, бев доделен како зонски надгледник да ги посетувам браќата во 26 земји и подрачја на Средниот и Блискиот Исток и околу Медитеранот. Честопати, не знаев како ќе излезам од некоја незгодна ситуација, но Јехова секогаш даваше некој излез.

Секогаш ме импресионираше грижата што Јеховината организација ја покажува спрема Сведоците кои се изолирани во извесни земји. Во една прилика, се запознав со еден брат Индиец кој работеше на нафтоносно поле. Изгледаше дека тој беше единствениот Сведок во земјата. Во своето шкавче имаше публикации на 18 различни јазици, кои им ги даваше на своите соработници. Дури и овде, каде што сите странски религии беа строго забранети, нашиот брат не ја забораваше својата одговорност да ја проповеда добрата вест. Неговите колеги беа импресионирани кога видоа дека е испратен претставник на неговата религија за да го посети.

Во 1959 година ги посетив Шпанија и Португалија. Во тоа време, обете земји беа под воени диктатури, а делото на Јеховините сведоци беше под строга забрана. Во еден месец, бев во можност да водам повеќе од сто состаноци, охрабрувајќи ги браќата да не се предаваат и покрај тешкотиите.

Повеќе не сум сам

Преку 20 години му служев на Јехова во полновремената служба како самец, но наеднаш се почувствував уморен од моите постојани патувања без постојано живеалиште. Отприлика во тоа време ја запознав Ани Бјанучи, специјален пионер во Тунис. Се венчавме во 1963 година. Нејзината љубов кон Јехова и кон вистината, нејзината оддаденост кон службата, заедно со нејзината уметност на поучување и нејзиното познавање на јазиците, се покажаа вистински благослов во нашето мисионерско и покраинско дело во северна и западна Африка и во Италија.

Во август 1965 година, мојата сопруга и јас бевме доделени во Дакар (Сенегал), каде што ја имав предноста да ја организирам локалната канцеларија на подружницата. Сенегал беше земја значајна по својата религиозна толеранција, несомнено поради нејзиниот претседател Леополд Сенгор, еден од неколкуте африкански државни водачи кои му пишаа на Банда, претседателот на Малави, заради поддршка на Јеховините сведоци за време на ужасното прогонување што се случуваше во Малави во 1970-тите.

Јеховиниот богат благослов

Во 1951 година, кога од Гилеад заминав за Кипар, патував со седум куфери. Кога заминав за Турција, ги намалив на пет. Но, со оглед на тоа што патував толку многу, морав да се навикнам на ограничувањето на багаж од 20 килограми, во кои спаѓаа моите списи и мојата мини машина за пишување. Еден ден, на брат Нор, тогашниот претседател на Watch Tower Society, му реков: „Ти ме штитиш од материјализам. Ти правиш да живеам со 20 килограми, и баш ми е добро“. Никогаш не се чувствував лишен затоа што немам многу ствари.

Мојот главен проблем за време на патувањата беше влегувањето и излегувањето од земјите. Еден ден, во една земја каде што делото беше забрането, еден цариник почна да претура по моите списи. Тоа претставуваше ризик за Сведоците во земјата, па затоа од моето палто извадив едно писмо од мојата сопруга и на цариникот му реков: „Гледам дека сакате да читате пошта. Дали би сакале да го прочитате ова писмо од мојата сопруга, кое не е во списите?“ Посрамен, тој се извини и ме пушти да поминам.

Од 1982 година, мојата сопруга и јас служиме како мисионери во Ница, на југот од Франција. Поради сѐ послабото здравје, повеќе не можам да правам толку многу како што правев. Но, тоа не значи дека нашата радост се намалила. Видовме дека ‚нашиот труд не е залуден‘ (1. Коринтјаните 15:58). Ја имав радоста да видам голем број луѓе со кои сум имал предност да проучувам низ годините, како и повеќе од 40 членови на моето семејство кои верно му служат на Јехова.

Воопшто не жалам за жртвите што ги носеше со себе мојот живот на ‚преминување‘. Најпосле, ниедна жртва што ние ја правиме не може да се спореди со она што го направиле за нас Јехова и неговиот Син, Исус Христос. Кога ќе помислам на изминатите 60 години откако ја знам вистината, можам да речам дека Јехова изобилно ме благослови. Како што вели стихот од Изреки 10:22, „благословот Господов — збогатува“.

Без сомнение, Јеховината ‚милост е подобра од животот‘ (Псалм 62:3). Како што неудобностите на староста се умножуваат, во моите молитви честопати се спомнувани зборовите на инспирираниот псалмист: „На Тебе Господи, се надевам, да не останам посрамен вечно. Зашто ти си моја надеж, Господи, моја сигурност од младоста моја. Боже, Ти ме поучуваше од младоста моја, а јас сѐ досега ги објавував чудесата Твои. И во староста, па и кога ќе престареам, Боже, не напуштај ме“ (Псалм 70:1, 5, 17, 18).

[Слика на страница 25]

Со мојата сопруга Ани денес

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели