Домат — многу корисен зеленчук
ОД ДОПИСНИКОТ НА РАЗБУДЕТЕ СЕ! ВО БРИТАНИЈА
„ШТО би правела без домати!“ — извикнува една домаќинка од Италија. Со неа би се сложиле безброј готвачи низ целиот свет. Всушност, доматите се неизоставна состојка на јадењата во најразлични култури. Градинарите ги одгледуваат повеќе од кое и да било друго растение. Но, дали доматот е овошје или зеленчук?
Според ботаничката дефиниција, доматот е овошје затоа што во неговиот плод има ситно семе. Сепак, повеќето луѓе би рекле дека е зеленчук бидејќи обично се јаде со главното јадење. Овој вкусен плод има многу интересно минато.
Интересна историја
Во Мексико, Ацтеките ги одгледувале доматите за храна. Во почетокот на 16 век, конквистадорите го донеле доматот во Шпанија и, позајмувајќи го зборот tomatl од јазикот нахуатл, го нарекле tomate. Наскоро жителите на шпанските колонии во Италија, северна Африка и Блискиот Исток уживале во вкусот на овој нов деликатес.
Нешто подоцна во текот на тој век доматот стигнал и во северна Европа. Во почетокот се мислело дека е отровен, па затоа се одгледувал само како украсно растение во градините. Иако спаѓа во фамилија на отровни растенија, Solanaceae, кои имаат листови со јак мирис и отровни стебла, плодот воопшто не е отровен.
Најверојатно првиот домат што бил донесен во Европа имал жолта боја бидејќи Италијанците го нарекле pomodoro (златно јаболко). Англичаните прво го викале tomate, а потоа tomato, но често се користел и изразот „јаболко на љубовта“. Од Европа, доматот повторно тргнал на долг пат за назад, преку Атлантскиот Океан, но овој пат пристигнал во Северна Америка, каде што во текот на 19 век станал важен прехранбен продукт.
Извонредно корисен и популарен
Ако прашате каква боја се доматите, најверојатно одговорот ќе биде „црвени“. Но, сте знаеле ли дека некои можат да бидат и жолти, портокалови, розови, виолетови, кафеави, бели, зелени па дури и пругасти? Освен тоа, сите не се округли. Некои се сплескани, овални или во облик на круша. Можат да бидат мали како зрно грашок и големи колку стисната човечка тупаница.
Ова омилено растение се одгледува од Исланд на далечниот север, па до Нов Зеланд на крајниот југ. Главни производители се Соединетите Држави и јужноевропските земји. Во областите со постудена клима доматите се одгледуваат во оранжерии, а во сушните подрачја се одгледуваат во хранлив раствор, без почва.
Доматот им е најомилено растение на градинарите затоа што лесно се одгледува, а од само неколку корења се добиваат толку домати што може да се прехрани едно мало семејство. Ако немате многу простор каде што би ги насадиле, би можеле да побарате од оние сорти што обично се одгледуваат на тераса или во саксии на прозорци.
Неколку корисни совети и информации
Ниските температури го расипуваат вкусот на доматите, затоа не чувајте ги во фрижидер. Ако сакате побрзо да созреат, ставете ги на прозорец или оставете ги да стојат на собна температура во чинија со зрел домат или банана. Можете неколку дена да ги чувате и во хартиена кеса.
Доматите се здрава храна. Содржат витамини А, С и Е, како и калиум, калциум и минерални соли. Научниците откриле дека тие се исто така извонреден извор на ликопен, еден силен антиоксидант, за кој се смета дека го намалува ризикот од некои болести, како што се ракот и срцевите заболувања. Содржат 93 до 95 отсто вода, и имаат многу малку калории, нешто што особено ги радува оние кои пазат на својата линија.
Вкусен во најразлични јадења
Какви домати купувате Вие? Познатите црвени, обични домати се добри за салати, супи и сосови. Ситните црвени, портокалови или жолти доматчиња се многу вкусни да се јадат свежи, бидејќи се слатки затоа што содржат висок процент на шеќер. Ако правите пица или тестенини, можеби најдобри би биле овалните домати кои се доста цврсти. Големите меснати домати се идеални за полнење или за печење. Зелените домати, кои некогаш имаат карактеристични пруги, се одлични за туршија. Всушност, доматите им даваат специфичен вкус и боја на многу вкусни јадења од зеленчук, јајца, тестенини, месо и риба. Ако не можете да ги купите свежи, сигурно ќе најдете преработени производи од домати во најблиската продавница.
Секој готвач си има свои рецепти со домати, но еве уште неколку предлози што би можеле да ги испробате.
1. Подгответе едно брзо и разнобојно предјадење така што ќе наредите резанки од домати, сирење моцарела и авокадо. Додадете им маслиново масло и бибер, и гарнирајте ги со листови од босилок.
2. Направете грчка салата така што ќе измешате исецкани домати со краставица, фета сирење, црни маслинки и тркалца од црвен кромид. Зачинете ја со сол и црн пипер, и послужете ја со маслиново масло и лимонов оцет.
3. Направете мексиканска салца со свежо исецкани домати, кромид, зелени лути пиперчиња и коријандер, измешани со лимонов оцет.
4. Направете едноставен но вкусен сос од домати за прелив на тестенини. Ставете во тавче исецкани домати од конзерва, малку шеќер (или кечап), малку маслиново масло, столчена главица лук и зачини, како босилок, ловоров лист или оригано, и сол и бибер. Целата смеса нека зоврие, а потоа нека крчка дваесеттина минути додека сосот не се згусне. Прелијте ги со него тестенините што пред тоа сте ги свариле и исцедиле.
Доматот е само едно од многуте хранливи растенија што се создадени за да уживаме во нивниот вкус.