Набљудување на светот
Одолговлекувањето и здравјето
„Одолговлекувањето може да Ве разболи“, вели едно истражување спомнато во весникот Vancouver Sun. Како што беше изнесено на една неодамнешна конференција на Американското здружение на психолозите што се одржа во Торонто (Канада), едно истражување на 200 канадски студенти „откри дека оние кои одолговлекуваат се ставаат себеси под толкав притисок со одложувањето да дејствуваат што страдале од повеќе болести поврзани со стрес отколку другите . . . Кога наближува датумот на испитот, нивото на стрес кај оние што одолговлекувале се зголемило. Нивниот безгрижен став бил заменет со повисок степен на главоболки, болки во грбот, настинки, проблеми со спиењето и алергии. Имале повеќе проблеми со дишењето, инфекции и мигрени“.
Среќни и здрави на 100 години
Според еден извештај во весникот Yomiuri Shimbun, „80 проценти од луѓето што имаат над 100 години се чувствуваат здрави и добро секој ден“. Бројот на стогодишници во Јапонија првпат надмина 1.000 во 1981, и достигна 13.000 во 2000. Неодамна, јапонската фондација за здравје и физичка кондиција спроведе едно истражување на повеќе од 1.900 стогодишници, очигледно најголемото истражување што некогаш било спроведено за „квалитетот на животот“ на лица постари од 100 години. „Поголем број од мажите, 43,6 проценти, за разлика од жените, 25,8 проценти, велат дека ‚имаат смисла во животот‘ “, известил весникот. Повеќето стогодишници ги спомнале „семејството“, „долгиот живот“ и „доброто здравје и среќниот живот“ како нивна смисла во животот. Затоа, Yomiuri Shimbun сугерира дека „тоа што ќе имате за што да живеете, води до долг живот“.
Ризиците од пасивното пушење
„Само 30 минути изложеност на чад од туѓа цигара може да го оштети срцето на здрав непушач“, вели канадскиот Globe and Mail во еден извештај на едно неодамнешно истражување во Јапонија. Користејќи нова технологија со ултразвук, истражувачите на Универзитетот во Осака успеале директно да ги измерат штетните ефекти од туѓото пушење врз ендотелните клетки што ги обложуваат срцевите шуплини и крвни садови. Кога се здрави, овие клетки унапредуваат добра циркулација на крвта помагајќи да се спречи таложење на наслаги врз ѕидовите на крвните садови и да се засирува крвта. Истражувачите откриле дека протокот на крв во срцето на непушачите „бил околу 20 проценти подобар отколку кај пушачите. Но, по изложеноста на туѓа цигара само 30 минути“, протокот на крв кај нив опаднал на ниво на пушачите. Според истражувачот д-р Ријо Оцука, „ова е директен доказ за штетното влијание на пасивното пушење врз коронарната циркулација кај непушачите“.
Современа реставрација на мермерот
„Научниците откриле една револуционерна техника што им овозможува да добијат мермер од бактериите во просторот за само неколку дена“, наведува The Times од Лондон. Од многу ситни калциногени бактерии, кои природно се наоѓаат во почвата, се создаваат колонии во лабораторија и тие се множат во течна средина што содржи пектин. Кога ќе се потроши резервата на храна од минерали, бактериите умираат и создаваат чист калциум карбонат — мермер — во растворена форма. Овој раствор, кога ќе се попрска на скулптурите и на други мермерни површини што се оштетени од старост или од изложеноста на временските непогоди, создава еден тенок слој што навлегува под површината и го држи каменот компактен. Џон Ларсон, одговорен за зачувување на скулптурите во Државните музеи и галерии во Мерсејсајд (Англија), вели дека поради намалените резерви на високо квалитетен мермер, предноста на оваа нова техника е тоа што е брза и со неа се добиваат големи количества раствор многу ефтино без додатни штетни последици.
Таа толку важна насмевка
„Една обична насмевка е најдобар начин да се стекнат пријатели и да се влијае врз луѓето“, известил The Times од Лондон. Една државна анкета спроведена за Кралската пошта открива дека првата работа што ја забележуваат повеќето луѓе кај некого е неговата или нејзината насмевка. Речиси половина од анкетираните рекле дека не би воделе бизнис со некого што изгледа непријателски настроен. Жените менаџери особено се посклони да унапредуваат вработени што се насмевнуваат. Брајан Бејтс, коавтор на The Human Face (Човечкото лице), вели: „Ова истражување покажува колку е важно насмевнувањето во општеството. Честопати спремно би ги споделиле нашите доверливи работи, надежи и пари со оние што се насмевнуваат“. Насмевнувањето го зголемува производството на аналгетичките ендорфини во телото, додава тој, и луѓето што спонтано се насмевнуваат „имаат поуспешен приватен и професионален живот“.