Можете да најдете помош
‚ЧЕТИРИЕСЕТ И ДЕВЕТ апчиња за спиење во една чаша. Да ги испијам или не?‘ се прашувал еден 28-годишен човек од Швајцарија. Неговата сопруга и децата го напуштиле и тој западнал во длабока депресија. Но, откако ги испил, си рекол: ‚Не. Не сакам да умрам!‘ За среќа, преживеал за да ни го раскаже ова. Суицидните нагони не завршуваат секогаш со смрт.
Алекс Крозби од Американските центар за контрола и превенција на болестите го рекол следново во врска со обидите за самоубиство кај тинејџерите: „Ако можете да го одложите дури и за само неколку часа, тогаш ќе можете и да го спречите. Ако интервенирате, можете да спречите голем број лица да извршат самоубиство. Можете да им го спасите животот“.
Додека работел во Центарот за спасување животи и укажување прва помош на јапонскиот медицински колеџ, професор Хисаши Куросава им помогнал на стотици луѓе склони кон самоубиство повторно да добијат волја за живот. Да, со некаква интервенција, можат да се спасат животи. Каква помош е потребна?
Соочување со скриените проблеми
Како што беше забележано во претходната статија, истражувачите велат дека 90 проценти од оние што извршиле самоубиство имале психички пореметувања или проблеми со зависност од супстанции. Затоа, Ив К. Кошички од Американскиот државен институт за ментално здравје вели: „Најголема надеж да се спречи самоубиството кај сите старосни групи е да се спречат менталните болести и болестите на зависност“.
За жал, мнозина што страдаат од такви заболувања не се склони да бараат помош. Зошто не? „Затоа што во општеството има големи предрасуди“, коментира Јошимото Такахаши од токискиот градски институт за психијатрија. Тој додава дека, како резултат на тоа, дури и луѓето што донекаде се свесни дека не се чувствуваат добро се двоумат дали веднаш да појдат да се лекуваат.
Но, некои не дозволуваат да ги спречи срамот. Хироши Огава, познат телевизиски најавувач што имал свое шоу во Јапонија 17 години, јавно признал дека страда од депресија и дека бил на работ на самоубиство. „Депресијата е слична на обична настинка на умот“, рекол Огава. Секој може да ја добие, објаснил тој, но може да се излечи.
Разговарајте со некого
„Кога некој е сам со својот проблем, тогаш обично го гледа несразмерно голем и го смета за нерешлив“, вели Бела Буда, унгарскиот здравствен работник цитиран претходно. Ова забележување ја подвлекува мудроста на една древна библиска пословица: „Оној кој се изолира себеси, ќе ги бара своите сопствени себични копнежи; ќе букне против секаква практична мудрост“ (Пословици 18:1, NW).
Послушајте ги овие мудри зборови. Не дозволувајте да се борите сами во морето од лични проблеми што Ве преплавуваат. Побарајте некого во кого можете да имате доверба и кому што можете да му се доверите. ‚Но‘, можеби ќе речете, ‚немам кому да му се доверам.‘ Според специјалистот за ментално здравје д-р Наоки Сато, мнозина мислат дека е така. Сато забележал дека пациентите можеби избегнуваат да им се доверуваат на другите затоа што не сакаат да ги откријат своите слабости.
Каде можете да се обратите за да бидете сослушани? На многу места може да се побара помош од некој центар за превенција на самоубиства или СОС телефонски линии или да се најде реномиран лекар што се занимава со емоционални проблеми. Но, некои специјалисти признаваат уште еден извор на помош — религијата. Како може да помогне таа?
Да се пронајде потребната помош
Марин, инвалид од Бугарија, имал силна желба да се самоубие. Еден ден случајно го нашол религиозното списание Стражарска кула, публикација на Јеховините сведоци. Одговорил на повикот во списанието лично да го посетат Јеховини сведоци. Марин објаснува до што довело тоа: „Од нив дознав дека животот е дар од нашиот небесен Татко и дека немаме право да си наштетуваме себеси или намерно да си го одземеме животот. Затоа, мојата претходна желба да се самоубијам се промени и повторно го засакав животот!“ Марин добил поддршка и љубов и од христијанското собрание. Иако сѐ уште е инвалид, тој вели: „Сега моите денови се радосни и спокојни и исполнети со пријатни работи — дури и повеќе отколку што имам време да ги правам! Сето тоа им го должам на Јехова и на неговите Сведоци“.
На младиот Швајцарец спомнат во почетокот исто така му помогнале Јеховините сведоци. Денес тој коментира за „љубезноста на едно христијанско семејство“ што го примило во својот дом. Тој додава: „Подоцна, членовите на собранието [на Јеховините сведоци] постојано ме канеа на оброци. Не ми помогна само нивната гостољубивост туку и тоа што можев да разговарам со некого“.
Овој човек бил многу охрабрен од она што го проучувал од Библијата, особено кога дознал за љубовта што вистинскиот Бог, Јехова, ја чувствува кон човештвото (Јован 3:16). Навистина, Јехова Бог има отворено уво да Ве сослуша кога ‚го излевате срцето‘ пред него (Псалм 62:8). „Зашто Господ гледа со своите очи по целата земја, за да се охрабрат оние на кои срцето им е искрено кон Него“ (2. Летописи 16:9). Јехова нѐ уверува: „Не бој се, зашто Јас Сум со тебе; не обрнувај се исплашено, зашто Јас Сум твој Бог. Јас те крепам и ти помагам, те потпирам со победничка десница“ (Исаија 41:10).
Во врска со Божјето ветување за еден нов свет, човекот од Швајцарија рекол: „Тоа многу ми го олесни товарот од фрустрацијата“. Оваа надеж, која е опишана како „котва за душата“, го вклучува ветувањето за вечен живот во Рај на земјата (Евреите 6:19; Псалм 37:10,11, 29).
Вашиот живот им е важен на другите
Навистина, можеби ќе се соочите со ситуации во кои ќе се чувствувате сосема осамени и ќе мислите дека Вашата смрт нема да му биде важна никому. Но, запомнете: Постои голема разлика меѓу тоа да се чувствувате осамени и да бидете осамени. Во библиски времиња, пророкот Илија дошол до еден кризен момент во својот живот. Тој му рекол на Јехова: „Ги погубија со меч Твоите пророци. Останав сам“. Да, Илија се чувствувал сосема сам — и тоа не било без причина. Биле убиени многу други пророци. Бил соочен со смртна закана и бегал за да си го спаси животот. Сепак, дали навистина бил сам? Не. Јехова му кажал дека имало околу 7.000 лојални луѓе кои, исто како него, верно се труделе да му служат на вистинскиот Бог во тие мрачни времиња (1. Царства 19:1—18). Но, како стојат работите со Вас? Дали можеби и Вие не сте толку осамени колку што се чувствувате?
Има луѓе на кои им значите. Можеби ќе помислите на родителите, на сопружникот, на децата или на пријателите. Но, има и други. Во собранието на Јеховините сведоци можете да најдете зрели христијани што се заинтересирани за Вас, што ќе Ве сослушаат и ќе се молат заедно со Вас и за Вас (Јаков 5:14, 15). Па дури и ако Ве разочараат сите несовршени луѓе, има Некој што никогаш нема да Ве напушти. Цар Давид од старо време рекол: „Ако татко ми и мајка ми ме остават, Господ ќе ме прими“ (Псалм 27:10). Да, Јехова „се грижи за вас“ (1. Петрово 5:7). Никогаш не заборавајте дека сте скапоцени во Јеховините очи.
Животот е дар од Бог. Точно е дека понекогаш животот може повеќе да личи на товар отколку на подарок. Но, можете ли да си замислите како би се чувствувале кога би му подариле скапоцен подарок некому и тој потоа би го фрлил пред да го употреби? Ние како несовршени луѓе едвај сме почнале да го користиме дарот на животот. Всушност, Библијата покажува дека животот што го живееме токму сега не е ни „вистинскиот живот“ во Божји очи (1. Тимотеј 6:19). Да, во блиска иднина животот ќе ни биде далеку поисполнет, побогат и посреќен. Како?
Библијата вели: „[Бог] ќе ја избрише секоја солза од нивните очи, и смрт нема да има веќе, ниту ќе има веќе тага ни пискот ни болка. Поранешните работи поминаа“ (Откровение 21:3, 4). Обидете се да си замислите каков ќе Ви биде животот кога ќе се исполнат овие зборови. Не брзајте. Обидете се да си создадете целосна, жива слика во мислите. Таа слика не е само фантазија. Додека медитирате за тоа како Јехова постапувал со својот народ во минатото, Вашата доверба во него ќе расте и таа слика ќе Ви станува сѐ пореална (Псалм 136:1—26).
Можеби ќе треба да помине време пред целосно да Ви се врати желбата за живот. Продолжете да му се молите на „Богот на секоја утеха, кој нѐ теши во секоја наша неволја“ (2. Коринќаните 1:3, 4; Римјаните 12:12; 1. Солуњаните 5:17). Јехова ќе Ви ја даде силата што Ви е потребна. Тој ќе Ве поучи дека животот вреди да се живее (Исаија 40:29).
[Рамка/слика на страница 9]
Како да му помогнете на некој што изгледа склон кон самоубиство?
Што да направите кога некој ќе Ви се довери дека сака да се самоубие? „Бидете добар слушател“, советува Американскиот центар за контрола и превенција на болестите (CDC). Нека се искаже како се чувствува. Но, во многу случаи лицето што мисли на самоубиство е повлечено и некомуникативно. Не одрекувајте ја реалноста на болката или безнадежноста што ја чувствува. Ако љубезно му спомнете некои конкретни промени што сте ги забележале во неговото однесување, можеби ќе го поттикнете да се отвори и да Ви се довери.
Додека слушате, покажете соживување. „Важно е да се нагласи дека неговиот живот е важен за Вас и за другите“, вели CDC. Нека знае колку ќе Ве сруши Вас и другите неговата смрт. Помогнете му да увиди дека неговиот Творец се грижи за него (1. Петрово 5:7).
Специјалистите исто така препорачуваат да се отстрани сето она што лицето може да го искористи за да се самоубие — особено огнено оружје. Ако ситуацијата изгледа сериозна, можеби ќе сакате да го охрабрите да побара помош од медицинско лице. Во екстремни случаи можеби нема да имате друг избор освен Вие лично да повикате некоја медицинска служба за прва помош.
[Рамка на страница 11]
‚Дали Бог ќе ми прости што се чувствувам вака?‘
Поврзаноста со Јеховините сведоци им помогнала на мнозина да ги совладаат мислите за самоубиство. Сепак, денес никој не е имун на стресните настани во животот или на депресијата. Христијаните што размислувале да си го одземат животот честопати се бореле со длабоки чувства на вина заради таквите мисли. Вината може само да им го зголеми товарот. Затоа, како може да се совладаат таквите чувства?
Вреди да се забележи дека некои верни мажи и жени од библиски времиња изразиле силни негативни чувства кон животот. Ревека, сопругата на патријархот Исак, во една прилика била толку несреќна заради некој семеен проблем што рекла: „Ми здодеа мојот живот“ (Битие 27:46). Јов, кој ја доживеал загубата на своите деца, на здравјето, на богатството и на општествениот статус, рекол: „На мојата душа животот ѝ се смачи“ (Јов 10:1). Во една прилика Мојсеј извикал кон Бог: „Подобро убиј ме“ (Броеви 11:15). Илија, Божји пророк, еднаш рекол: „Веќе ми е доста од сѐ, Господи! Земи ја мојата душа“ (1. Цареви 19:4). А пророкот Јона постојано велел: „Подобро ми е да умрам, отколку да живеам“ (Јона 4:8).
Дали Јехова ги осудил овие луѓе заради нивните чувства? Не. Тој дури ги зачувал нивните зборови во Библијата. Но, битно е да се забележи дека ниту еден од овие верни луѓе не дозволил чувствата да го натераат да изврши самоубиство. Јехова ги ценел; тој сакал да живеат. Факт е дека Бог е заинтересиран дури и за животот на злобните. Тој ги поттикнува да ги променат своите патишта ‚и да живеат‘ (Езекиел 33:11). Колку ли повеќе сака да продолжат да живеат оние што се заинтересирани да ја добијат неговата наклоност!
Бог ја обезбедил откупната жртва на својот Син, го обезбедил христијанското собрание, Библијата и предноста на молитвата. Оваа линија на комуникација со Бог — молитвата — никогаш не е „зафатена“. Бог може да ги чуе и ќе ги чуе сите што му пристапуваат со понизно, искрено срце. „Затоа, да пристапуваме со слобода на говорот кон престолот на незаслужената љубезност за да добиеме милосрдие и да најдеме незаслужена љубезност за помош во право време“ (Евреите 4:16).
[Рамка на страница 12]
Дали се самоубил некој што Ви е драг?
Кога некој ќе изврши самоубиство, членовите на семејството и блиските пријатели доживуваат страшен ментален немир. Мнозина се обвинуваат себеси за трагедијата. Тие велат: ‚Само да бев со него повеќе време тој ден‘, ‚Само да внимавав што зборував тогаш‘, ‚Само да направев нешто повеќе за да му помогнам‘. Импликацијата е: ‚Само да направев вака или онака, мојот сакан сѐ уште ќе беше овде‘. Но, дали е разумно да се преземе вината за нечие самоубиство?
Запомнете, многу е лесно да се препознаат знаците на суицидни чувства откако ќе се изврши самоубиството. Но пред тоа, работите стојат поинаку. Библијата вели: „Срцето ја познава својата душевна мака, и неговата радост не може да ја дели никој друг“ (Пословици 14:10). Понекогаш едноставно е невозможно да се согледа што мисли или чувствува другиот. Многу луѓе склони кон самоубиство едноставно не можат соодветно да им ги пренесат на другите своите најдлабоки чувства, дури ни на блиските членови на семејството.
Книгата Giving Sorrow Words (Да се искаже тагата) го вели следново во врска со знаците дека некој можеби е склон кон самоубиство: „Факт е дека обично не е лесно да се препознаат таквите знаци“. Истата книга додава дека дури и ако сте препознале некои знаци, тоа не е гаранција дека ќе сте можеле да го спречите самоубиството. Наместо да се измачувате, можете да се тешите со зборовите на мудриот цар Соломон: „Живите барем знаат дека ќе умрат, а мртвите не знаат ништо“ (Проповедник 9:5). Вашиот сакан не се мачи во некаков огнен пекол. А менталната и емоционалната болка што го навеле на самоубиство завршиле. Тој не страда, едноставно мирува.
Можеби сега е најдобро да се сосредоточите на благосостојбата на живите, вклучувајќи се и себеси. Соломон продолжил: „Што и да имаш намера да правиш, направи го додека можеш“, додека сѐ уште си жив (Проповедник 9:10). Бидете уверени дека идните изгледи за живот на оние што извршиле самоубиство се во рацете на Јехова, „Таткото на нежни милосрдија и Богот на секоја утеха“ (2. Коринќаните 1:3).a
[Фуснота]
a Ќе најдете урамнотежено гледиште за идните изгледи на оние што извршиле самоубиство во статијата „Гледиште на Библијата: Самоубиства — воскресение?“ во англиското издание на Разбудете се! од 8 септември 1990.
[Слики на страница 8]
Разговарајте со некого
[Слика на страница 10]
Вашиот живот им е важен на другите