Светски проблем
„Самоубиството е сериозен проблем во здравствената заштита“ (Дејвид Сачер, министер за здравство на САД во 1999).
СО ОВАА изјава за првпат во историјата еден министер за здравство во Соединетите Држави го покрена пред јавноста прашањето за самоубиството. Денес во оваа земја е поголем бројот на луѓето што се самоубиваат отколку бројот на луѓето што се убиени од други луѓе. Не е чудно што американскиот Сенат објавил дека превенцијата на самоубиства е државен приоритет.
Сепак, стапката на самоубиства во Соединетите Држави, која во 1997 изнесуваше 11,4 на 100.000 жители, е под глобалната стапка објавена од Светската здравствена организација во 2000 — 16 на 100.000 жители. Стапките на самоубиства во светот се зголемиле за 60 проценти во изминативе 45 години. Сега, само во една година, околу еден милион луѓе во светот си го одземаат животот. Тоа е рамно на приближно еден смртен случај секои 40 секунди!
Меѓутоа, статистиките не можат да ја кажат целата приказна. Во многу случаи семејството негира дека смртниот случај бил самоубиство. Освен тоа, се проценува дека на секое извршено самоубиство, има околу 10 до 25 обиди за самоубиство. Една анкета открила дека 27 проценти од средношколците во Соединетите Држави признале дека во текот на претходната година сериозно размислувале за самоубиство; 8 проценти од анкетираните рекле дека се обиделе да извршат самоубиство. Други истражувања откриле дека 5 до 15 проценти од возрасното население некогаш помислиле на самоубиство.
Разлики во културата
Луѓето имаат различни гледишта за самоубиството. Некои го сметаат за кривично дело, други за кукавичко бегство, а трети, пак, за чесен начин за да се признае некоја грешка. Некои го сметаат за благороден начин да се унапреди некоја цел. Зошто има толку различни гледишта? Главна улога игра културата. Всушност, The Harvard Mental Health Letter укажува дека културата може дури и „да влијае врз веројатноста да се изврши самоубиство“.
Да размислиме за една земја во централна Европа — Унгарија. Д-р Золтан Рајмер вели дека високата стапка на самоубиства во таа земја е „тажна ‚традиција‘“ на Унгарија. Бела Буда, директор на унгарскиот државен институт за здравство, забележал дека Унгарците извршуваат самоубиство премногу спремно, дословно од секоја причина. „Тој има рак — тој знае како да ѝ стави крај на таа состојба“, според Буда, е вообичаена реакција.
Во Индија порано имаше еден религиозен обичај наречен сати. Иако овој обичај, при што вдовицата се фрла на погребната клада на својот сопруг, долго време бил забранет, сѐ уште не е сосема искоренет. Кога се чуло дека некоја жена извршила самоубиство на ваков начин, мнозина од локалните луѓе ја величале оваа трагедија. Според India Today, во таа област на Индија „речиси 25 жени изгореле на кладата на своите сопрузи во период од 25 години“.
Треба да се забележи дека во Јапонија самоубиствата одземаат трипати повеќе животи отколку сообраќајните несреќи! „Традиционалната јапонска култура, која никогаш не го осудувала самоубиството, е позната по еден многу ритуализиран и регулиран облик на сечење на стомакот (сепуку или харакири)“, вели Japan—An Illustrated Encyclopedia (Јапонија — илустрирана енциклопедија).
Во својата книга Bushido—The Soul of Japan (Бушидо — душата на Јапонија), Иназо Нитобе, кој подоцна станал заменик генерален секретар на Лигата на народите, објаснува зошто во оваа култура постои фасцинираност од смртта. Тој напишал: „Како изум на средниот век, [сепуку] бил процес со кој воините можеле да платат за своите злодела, да се извинат за грешките, да избегаат од срамот, да им надоместат на пријателите или да ја докажат својата искреност“. Иако овој ритуален облик на самоубиство обично веќе е минато, некои сѐ уште го практикуваат за да остават впечаток во општеството.
Од друга страна, пак, во христијанскиот свет самоубиството долго време се сметало за кривично дело. Во шестиот и во седмиот век, римокатоличката црква ги екскомуницирала оние што ќе извршеле самоубиство и ги лишувала од погребните обреди. На некои места, религиозниот жар создал чудни обичаи во врска со самоубиствата — вклучувајќи и обесување на мртвото тело, па дури и прободување колец низ срцето.
Парадоксално е тоа што оние кои ќе извршеле обид за самоубиство можеле да си навлечат смртна казна. Заради обидот да се самоубие со пресекување на вратот, еден Англичанец од 19 век бил обесен. Со тоа властите го направиле она што човекот не успеал да го направи. Иако казната за обид за самоубиство се менувала низ годините, дури во 1961 Британскиот парламент објавил дека самоубиството и обидот за самоубиство повеќе не се кривични дела. Во Ирска се сметале за кривично дело сѐ до 1993.
Денес, некои автори охрабруваат на самоубиство како на една опција. Една книга издадена во 1991 во врска со помагање во самоубиствата на смртно болни лица предложила начини да му се стави крај на животот. Подоцна, сѐ поголем број луѓе што не биле смртно болни користеле еден од препорачаните методи.
Дали самоубиството навистина е решение за проблемите? Или, пак, постојат добри причини да се остане во живот? Пред да ги разгледаме овие прашања, прво да испитаме кои фактори водат до самоубиство.
[Истакната мисла на страница 4]
Само во една година, околу еден милион луѓе во светот си го одземаат животот. Тоа е рамно на еден смртен случај речиси секои 40 секунди!