Пази се од труење со риба!
ОД ДОПИСНИКОТ НА РАЗБУДЕТЕ СЕ! НА ФИЏИ
„Да јадам или да не јадам?“ — се мислел Аребонто. Знаел дека е опасно да се јаде таа риба, но бил гладен. А од рибата што била печена на скара се ширел неодолив мирис. Гладот го победил стравот. Но, кога почнало да му се гади и да чувствува силни болки во стомакот, проследени со повраќање и дијареја, посакал воопшто да не ја ставел рибата в уста.
КОГА пријателите конечно успеале да го однесат Аребонто во болницата на неговиот мал пацифички остров, тој веќе бил во полусвест и дехидриран, а имал и болки во градите, опасно низок крвен притисок и слаб пулс. Следните неколку дена, покрај главоболката, вртоглавицата и уморот, чувствувал и отрпнатост во нозете, болка кога одел по мала нужда и чудна перцепција на ладното како жешко а на жешкото како ладно. По осум дена, пулсот му се стабилизирал, но отрпнатоста и уморот му траеле со недели.
Аребонто станал жртва на многу силни природни отрови кои ги загадуваат тропските риби што живеат покрај коралните гребени и кои обично можат да се јадат. Оваа состојба, позната како труење со риба, се јавува во тропските и суптропските делови на Индискиот и Тихиот Океан, како и на Карибите. Во овие области, рибите што ги фаќаат локалните рибари се главен извор на храна за населението.
Оваа болест не е ништо ново. Всушност, таа била чума од која се плашеле европските поморски истражувачи. И многу денешни туристи настрадале од нејзините тешки последици. Се разбира, оваа болест наметнува ограничувања на рибната индустрија и на туризмот на многу острови. Освен тоа, меѓународната трговија со жива и замрзната риба која се лови покрај коралните гребени придонесува болеста да се рашири и на други места каде што не може лесно да се дијагностицира.a
Зошто рибите што живеат покрај некои корални гребени стануваат отровни? Може ли по нешто да се препознаат дека се отровни? Да видиме што откриле истражувањата што се спроведуваат повеќе децении.
Кој е виновникот?
Еден микроорганизам од групата на планктони Dinoflagellata обично се смета за извор на токсини што го предизвикуваат труењето.b Овој микроб живее на мртвите корали и се прилепува за алгите. Малите рипчиња се хранат со алгите и така ги внесуваат токсините — наречени цигуатоксини — што ги создава планктонот. Поголемите риби се хранат со овие мали рипки, а тие, пак, се храна на уште поголемите риби, и на тој начин токсините се таложат уште погоре во синџирот на исхраната. Сепак, се чини дека овие токсини не им наштетуваат на самите риби.
Цигуатоксините се најсмртоносните познати биолошки супстанции. За среќа, „се смета дека само неколку видови риби предизвикуваат труење кај човекот“, се вели во еден австралиски весник што го издава владата. Цигуатоксините не го менуваат изгледот, мирисот или вкусот на рибата и не можат да се уништат со готвење, сушење, солење, чадење и маринирање. Во случајот со Аребонто, немало ништо посебно во врска со рибата што би го навело да се посомнева дека е опасна, сѐ додека не почувствувал тешки гастроинтестинални, кардиоваскуларни и невролошки симптоми.
Дијагноза и лекување
Моментално не постојат никакви лабораториски тестови што можат да го откријат присуството на оваа болест кај луѓето. Дијагнозата се дава на темел на различните симптоми што обично кај лицето се јавуваат неколку часа откако јадело риба, а може да се потврди така што ќе се испита дали има токсини во она што останало од неа. (Види ја рамката на другата страница.) Ако се сомневаш дека си добил вакво труење, добро е веднаш да побараш лекарска помош. Иако не е познат никаков противотров, лекувањето може да ги ублажи симптомите, кои по неколку дена ќе се повлечат. Сепак, ова труење може да предизвика многу тешки последици, и навременото лекување може да спречи тие да станат хронични.
Јачината на симптомите се разликува и зависи од многу фактори. Меѓу другото, зависи од токсичноста на рибата, од количината и од деловите што биле изедени, од нивото на цигуатоксините што веќе биле присутни кај пациентот, а зависи дури и од географското потекло на рибата, бидејќи се чини дека отровите се разликуваат од едно место до друго. Наместо да станат имуни на овие отрови, луѓето стануваат уште поосетливи, па секое следно труење е уште поопасно! Симптомите можат да бидат појаки доколку си пиел алкохол. За да не се врати болеста повторно, пациентот не треба да јаде риба три до шест месеци откако имал труење, се објаснува во една публикација што зборува за оваа честа болест.
Потешките случаи можат да траат со недели или со месеци, а понекогаш дури и со години, и можат да бидат проследени со симптоми слични на синдромот на хроничен замор. Во ретки случаи, може да дојде и до смрт од шок, откажување на белите дробови или срцето, или од дехидрираност. Но, ваквите случаи обично се поврзани со консумирање на делови од рибата каде што има поголема концентрација на токсини, како што се главата или внатрешните органи.
Мистеријата останува неразрешена
Скоро сите риби што живеат покрај коралните гребени, како и нивните предатори, се потенцијално цигуатоксични. Но, мистеријата е во тоа што риби од еден корален гребен можат да бидат многу токсични, додека истиот вид риби фатени на друго место во близина може да бидат сосема во ред. Рибите што обично ја предизвикуваат оваа болест во еден дел од светот можат да се јадат без проблеми во друг дел од светот. Бидејќи планктонот dinoflagellata испушта отрови непредвидливо, не може да се предвиди ни количината на потенцијално токсичните риби.
Проблемот се усложнува со тоа што не постои евтин, проверен тест за испитување на отровите кај рибите. Најдоброто што здравствените стручњаци можат да го понудат денес е да ги информираат луѓето кои риби да не ги јадат и каде обично се фаќаат — според податоците од местата каде што се јавува оваа болест. Меѓу најсомнителните видови се баракудата, гргечот, водомарот, рибите од видот Lutjanus bohar, оние што живеат на каменото дно, рибите од видот Lutjanidae, како и мурената. Обично поризично е да се јадат поголеми и постари риби. Во некои места законот забранува да се продаваат риби што можат да бидат отровни. Сепак, обично не е опасно да се јадат морски риби што не се хранат со рибите кои живеат покрај корални гребени, како и рибите од морињата со умерена температура.
Се предвидува дека ќе се зголемат случаите на вакво труење со риба. Една причина за ова е што изумрените корали создаваат поволни услови за раст на токсичниот планктон, а од извештаите се гледа дека сѐ поголем број на корални гребени се заболени или изумираат.
И покрај тоа што ова труење не може да се предвиди, можеш да го намалиш ризикот да го добиеш ако се држиш за некои основни начела. (Види ја рамката горе.) Аребонто за малку ќе плател со живот затоа што не ги следел овие упатства. Тој ја изел главата и месото на една локална риба што живее во карпи иако знаел дека е многу опасна. Имал јадено таква риба порано и немал никакви лоши последици, па како и многу други островјани, станал премногу самоуверен.
Дали сето ова значи дека не треба да јадеш морска риба кога, на пример, ќе одиш на одмор во некој тропски предел? Во никој случај. Најмудро ќе биде да внимаваш на предупредувањата и добро да ја избираш рибата што ќе ја нарачаш.
[Фусноти]
a Бидејќи честопати не може да се даде точна дијагноза на болеста, а многу случаи и не се пријавуваат кај лекар, не е познато колку точно оваа болест е раширена во светот. Различни извори проценуваат дека годишно има околу 50.000 вакви случаи во светски рамки.
b Планктонот dinoflagellata припаѓа на родот Gambierdiscus toxicus.
[Рамка/слика на страница 21]
Вообичаени симптоми
◼ Дијареја, гадење, повраќање, грчеви во стомакот
◼ Треска, потење, вртоглавица, главоболка, чешање
◼ Здрвеност и трпнење околу устата, и на рацете или стапалата
◼ Сетилата регистрираат обратно — ладното го чувствуваш жешко, а жешкото ладно
◼ Болка во мускулите и зглобовите, како и при мала нужда
◼ Забавен пулс, низок крвен притисок, исцрпеност
[Рамка/слика на страница 21]
Намали го ризикот
◼ Распрашај се во локалното риболовно друштво или кај стручњаци за рибарење кои риби не смеат да се јадат и во кои области обично се фаќаат отровни риби.
◼ Немој да јадеш риби фатени во области каде што во последно време имало труење со риба.
◼ Немој да јадеш постари, големи риби фатени покрај подводни гребени.
◼ Немој да ги јадеш главата, црниот дроб или други внатрешни органи.
◼ Веднаш штом ќе фатиш риба во подрачје на подводен гребен, исчисти ја темелно.
[Слики на страници 20 и 21]
Најсомнителни видови
(ВООБИЧАЕНИТЕ НАЗИВИ МОЖЕ ДА СЕ РАЗЛИКУВААТ)
Баракуда
Гргеч
Риба што живее во карпи
Lutjanus buccanella
Водомар
Мурена
[Слика на страница 20]
Планктонот „dinoflagellata“, извор на токсините
[Извори на слики на страница 20]
Сите риби освен мурената: цртежи од Diane Rome Peebles — добиени од Florida Fish and Wildlife Conservation Commission, Division of Marine Fisheries Management; мурена: фотографија на John E. Randall; dinoflagellate: слика од D. Patterson and R. Andersen, добиена со љубезна дозвола на microscope (http://microscope.mbl.edu)
[Извор на слика на страница 21]
Рибите во заднина: цртежи од Diane Rome Peebles — добиени од Florida Fish and Wildlife Conservation Commission, Division of Marine Fisheries Management