Како може сонцето да свети на полноќ?
„КАКО може сонцето никогаш да не зајде?“ Јас сум мисионер од Финска а служам во Папуа Нова Гвинеја и често ми поставуваат вакви прашања. Во тропските предели, во текот на годината должината на денот и ноќта речиси и не се менуваат. Затоа, на оние што живеат овде им е тешко да сфатат дека на Арктикот сонцето не заоѓа со месеци. А кога се обидов да им објаснам дека во зима сонцето никогаш не изгрева, само уште повеќе се збунија.
Но, како свети сонцето на полноќ? Оваа необична појава е поврзана со фактот дека, додека Земјата кружи околу Сонцето, нејзината оска на ротирање во однос на вертикалата е навалена под агол од 23,5 степени. Затоа, кога на северната хемисфера е лето, северниот пол е навален кон Сонцето, а во текот на зимата е навален на спротивната страна. Бидејќи Земјата се свртува околу својата оска еднаш дневно, на Северниот поларен круг, една ноќ во годината — околу 21 јуни — сонцето не заоѓа. Слично на тоа, еден ден во годината — околу 21 декември — сонцето не изгрева, иако на пладне имате впечаток дека зората само што не почнала да самнува.
Всушност, колку посеверно одите од Северниот поларен круг, толку повеќе летни ноќи ќе бидат украсени со сонце на полноќ, а толку повеќе зимски денови нема ни да го видат сонцето. На половите, и денот и ноќта траат по шест месеци.a
Како луѓето што живеат во поларните области спијат во лето, и како издржуваат во текот на долгите зимски ноќи? Во некои култури луѓето порано спиеле двапати подолго зиме отколку лете. Меѓутоа, со современиот начин на живот, кај мнозина таа разлика се намалила. Сепак, долгите летни денови сѐ уште ги исполнуваат жителите на северните краеви со вишок енергија. „Кога во 23.00 часот е како на сред бел ден, едноставно не ми се легнува да спијам“, вели Патрик, кој живее на Алјаска. „Понекогаш излегувам и ја косам тревата или работам нешто друго.“
Од друга страна, пак, месеците кога сонцето не заоѓа или кога воопшто не изгрева можат да бидат и многу исцрпувачки — и физички и психички. Затоа некои луѓе се обидуваат во лето потполно да ги затемнат собите, а во зима вклучуваат јаки светла. Сето тоа го прават за да имаат урамнотежен сон, да не се исцрпат и да не паднат во депресија. Но, и покрај овие тешкотии, и тамошните жители и посетителите се согласуваат дека незаборавно искуство е да се види сонцето на полноќ (Приложено).
[Фуснота]
a Истото важи и за Антарктикот, но кога на Антарктикот е лето на Арктикот е зима.
[Графикон/слики на страница 31]
(Види во публикацијата)
Поради наклонот на Земјината оска, во лето половите се постојано изложени на сонце, а во зима постојано се во темнина (Овој приказ важи за северната хемисфера)
Есен ←
● ● ● ● ●
Зима ● ◯ ●
→ Пролет
● ● ● ● ●
Лето
Земјата се свртува околу својата оска еднаш дневно
[Слика на страница 31]
Фотографија на полноќното сонце направена со посебна техника
[Извор на слика]
© Paul Souders/WorldFoto