ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • g03 8/9 стр. 21-25
  • Спектакуларно патување по Патот број 1

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Спектакуларно патување по Патот број 1
  • Разбудете се! 2003
  • Поднаслови
  • Сличен материјал
  • Роден е еден поморски автопат
  • Се открива панорама
  • Полноќно сонце и поларна ноќ
  • Со брод преку врвот на светот
    Разбудете се! 2010
  • Како може сонцето да свети на полноќ?
    Разбудете се! 2005
  • Кога сонцето не сака да изгрее
    Разбудете се! 2008
  • „Во опасност по море“
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1999
Повеќе
Разбудете се! 2003
g03 8/9 стр. 21-25

Спектакуларно патување по Патот број 1

ОД ДОПИСНИКОТ НА РАЗБУДЕТЕ СЕ! ВО НОРВЕШКА

СЕКОЈА вечер, во текот на целата година, по еден брод поаѓа од градот Берген, на југозападниот брег на Норвешка, и се упатува на север на 11-дневно патување долго околу 4.500 километри. Тој плови покрај илјадници острови и низ многубројни фјордови и мореузи додека минува покрај градови, гратчиња и села по должината на карпестиот и прекрасен норвешки брег.

Иако многумина сметаат дека поморската рута на норвешкиот Крајбрежен експрес е најубавото патување на светот, Крајбрежен експрес има и практична улога — да превезува стоки, пошта и патници сѐ до крајното пристаниште во Киркенес, длабоко во Северниот поларен круг.

Како пловат бродовите по овие поларни води, особено в зима, кога мразот затвора многу бродски премини што водат до Арктикот? Поради својата положба, Норвешка е под влијание на топлите води на северноатлантската струја и благите западни ветрови. И струјата и ветровите ја ублажуваат норвешката клима и ја прават поблага отколку што би очекувале со оглед на големата географска ширина. Всушност, во пристаништата во Норвешка речиси нема мраз, дури ни в зима.

Роден е еден поморски автопат

Кон крајот на 19 век, кога се размислувало за тоа дали населението што живее на бреговите на оваа земја да се поврзе по копнен, железнички или морски пат, вагата натежнала на поморската рута. Меѓутоа, во тоа време дури и тој пат претставувал проблем бидејќи, иако морето не замрзнувало, било опасно да се плови ноќе и по лошо време.

Главно благодарение на фантазијата и решителноста на капетанот Рикард Вит, на 2 јули 1893 била воведена редовна бродска линија. Тој ден, првиот Крајбрежен експрес тргнал од Тронјем и се упатил кон крајната дестинација Хамерфест, најсеверниот град на Европа. И покрај лошите предвидувања, оваа бродска линија била успешна. Всушност, подоцна била проширена и вклучувала 34 пристаништа од Берген до Киркенес — кои се крајни станици до денешен ден. Можеби најголемо сведоштво за успехот — и важноста — на овој поморски автопат се гледа во неофицијалното име што му го дадоа луѓето што живеат крај брегот, имено, Пат број 1.

Денес, по Патот број 1 плови флота од 11 современи бродови што поаѓаат на секои 24 часа. Но, поради една многу подобрена мрежа на патишта и железници што поврзува многу градови по должината на брегот, Крајбрежниот експрес сѐ повеќе се ориентира на туризмот, а тоа може да се види и по изгледот на бродовите.

Се открива панорама

Бродовите пловат по курс што ги носи главно низ заградени води. Значи, патниците уживаат 11 дена во некои од најубавите глетки што може да ги понуди Норвешка — симпатични селца сместени меѓу бујни пасишта, рибарски крајбрежни села, глечери, фјордови, планини прекриени со снег, карпи на кои слетуваат безброј морски птици, прекрасни водопади, па дури и китови.

Но, тоа не е сѐ. Кога бродот ќе се закотви на пристаништето, патниците слободно можат да слезат од него и да ја разгледаат околината. Градот Молде, на пример, нуди величествена глетка на 87 врвови прекриени со снег на Ромсдалските Алпи. Во Олесунд и Тронјем, посетителите имаат време дури и за кратка екскурзија, која може да вклучува прошетка по улиците порабени со карактеристична локална архитектура. Во некои градови патниците изнајмуваат автомобил и потоа повторно се враќаат на бродот на следното пристаниште што служи како станица.

Откако заминува од градот Боде, Крајбрежен експрес минува крај Западниот Фјорд и се упатува кон Лофотските Острови, архипелаг долг 175 километри со многубројни планински врвови и симпатични рибарски селца. Некои од најзафрлените Лофотски Острови се нешто поголеми од гребени, карпести островчиња и карпи што се издигаат од океанот — кои понекогаш се означени со светилник или голем рефлектор. Овој архипелаг е дом и на некои од најголемите колонии морски птици во светот, вклучувајќи и галеби, вртимушки, патки, пуфини, гилмоти, корморани, атлантски тропски галеби, нурки и, понекогаш, бурници. Бројот на птиците достигнува милиони.

Секоја зима морето околу Лофотските Острови живнува од рибарските бротчиња што излегуваат на море за да ловат скреј, односно бакалар. Ова подрачје е познато и по китовите. Колку само се восхитени патниците кога од бродот можат да ги видат овие џиновски цицачи кога прават скокови и исфрлаат млаз вода!

На лето, Крајбрежниот експрес скршнува и во Трол Фјорд. Влезот во овој фјорд е толку тесен и карпите се толку стрмни што имате чувство дека можете да ја подадете раката преку оградата на бродот и да ја допрете стрмната површина на карпата. Овде кормиларот не ја користи бродската сирена за да не предизвика одрон на карпите! Со планински врвови прекриени со снег во далечината, овој дел од брегот е сон за секој фотограф!

Откако ќе застанат уште во неколку града и рибарски села, бродовите свртуваат на исток, упатувајќи се кон еден дел од брегот што за многу посетители е кулминација на ова патување. На пример, од пристаништето Хонингсвог патниците можат да направат екскурзија до Северниот ’рт, каде што карпите се издигнуваат речиси вертикално од Северното ледено море во височина од околу 300 метри, и нудат прекрасни глетки.

Крајбрежен експрес пристигнува во Киркенес, неговата последна станица на север, и останува само неколку часа пред да тргне назад за Берген. Патувањето на југ им овозможува на патниците да уживаат во пејзажите што можеби ги пропуштиле додека спиеле кога патувале на север. На пример, на Северниот поларен круг може да се види огромната ледената плоча Свартисен, која има површина од околу 370 квадратни километри. Потоа бродовите крстосуваат покрај прекрасниот планински ланец наречен Седум сестри и покрај Торгхатен, „клекната“, заоблена планина со голем природен тунел што минува баш во средината, така што планината личи на шешир со дупка на темето. Помеѓу градовите Молеј и Флоре, експресот минува покрај планината Хорнелен, која е висока 860 метри и толку стрмно се издига од морето што и овде кормиларот не ја користи бродската сирена за да не предизвика одрон на карпите.

Полноќно сонце и поларна ноќ

Туристите што патуваат на лето имаат непрекинат ден речиси во текот на целото патување. Всушност, голем дел од Патот број 1 е во „земјата на полноќното сонце“, северно од Северниот поларен круг. Овде летното сонце грее и во текот на ноќта. На Северниот ’рт, на пример, сонцето не заоѓа речиси 12 седмици!

Оние што патуваат на зима го имаат спротивното — долга поларна ноќ. Но, зимата си има своја убавина кога небото, океанот, планините и снегот се капат во нежните бои на квечерината додека сонцето се приближува кон хоризонтот, но не се крева над него. Освен тоа, зимското небо претставува совршена заднина за една од највеличествените глетки — прочуената аурора бореалис, односно поларна светлина. Кога ветровите што носат електрично наелектризирани сончеви честички ќе навлезат во поларното небо, восхитувачки ленти и завеси од зелена и жолто-зелена светлина, која понекогаш вклучува и нијанси на црвена боја, танцуваат на ѕвезденото небо и се извиваат како лакови, треперат и се брануваат по нивниот сопствен космички ритам.

Се разбира, не мора да бидете на Крајбрежниот експрес за да уживате во многу од овие величествени глетки. Благодарение на разгранетата мрежа од патишта и железници, во голем дел од Норвешка може да се ужива и низ прозорецот на автомобилот или возот. За оние што имаат поплиток џеб може да биде поекономично да ги користат овие превозни средства. Сепак, независно од тоа кој пат ќе го изберете, едно е сигурно — никогаш нема да се изморите од глетките што на секој километар и во секое годишно време ќе се менуваат пред Вашите очи по должината на спектакуларниот норвешки брег.

[Карта на страница 21]

(Види во публикацијата)

ФИНСКА

ШВЕДСКА

НОРВЕШКА

ОСЛО

Морски пат

▿ ▵ Берген

▿ ▵ Флоре

▿ ▵ Молеј

▿ ▵ Олесунд

▿ ▵ Молде

▿ ▵ Тронјем

СЕВЕРЕН ПОЛАРЕН КРУГ

Споменик на Северниот поларен круг

▿ ▵ Боде

▿ ▵ Лофотски Острови

Трол Фјорд

▿ ▵ Тромсе

▿ ▵ Хамерфест

▿ ▵ Хонингсвог

▿ ▵ Киркенес

[Извор на слика]

Врз основа на мапата: Hurtigruten

[Слика на страница 23]

Во Трол Фјорд, опкружен со алпски врвови

[Извор на слика]

TO-FOTO AS, Harstad

[Слики на страница 23]

Лофотските острови се дом на многу морски птици вклучувајќи и галеби, гилмоти и пуфини

[Слика на страница 24]

Патот број 1 започнува во Берген

[Слика на страница 24]

Споменик на Северниот поларен круг

[Слика на страница 24]

Полноќно сонце

[Извор на слика]

TO-FOTO AS, Harstad

[Слика на страници 24 и 25]

Седумте сестри

[Извор на слика]

Per Eide

[Слика на страница 25]

Крајбрежно село во зимска ноќ

[Слика на страница 25]

Аурора бореалис, поларна светлина

[Извор на слика]

© TO-FOTO AS, Harstad

[Слика на страница 25]

Патувањето завршува во Киркенес

[Извор на слика]

Hallgeir Henriksen

[Извор на слика на страница 21]

Nancy Bundt

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели