Обиди да се нахранат милијарда луѓе
СЕКОЈ ден, милијарда луѓе немаат доволно храна за да се прехранат. Сепак, според Обединетите нации, оваа ужасна состојба не би требало да постои.
„Рековте дека најважно нешто ви е да се искорени крајната сиромаштија.“ Ова го изјави генералниот секретар на Обединетите нации, Кофи Анан на 8 септември 2000 година на еден собир на највлијателните мажи и жени во светот. Тие се собраа за Милениумскиот самит на Обединетите нации, во текот на кој неколкумина од тие водачи отворено коментираа за проблемите што ги имаат сиромашните во светот. „Крајната сиромаштија е навреда за човештвото“, рече потпретседателот на Бразил. Премиерот на Велика Британија отиде уште подалеку кога рече: „Развиените земји имаат мрачно досие на неуспеси во Африка кои ја шокираат и ја срамотат нашата цивилизација“.
Овие двајца говорници јасно ставија на знаење дека нациите се осрамотиле со тоа што не успеале да сторат сѐ што можат за да ги нахранат прегладнетите луѓе. Како доказ дека сакаат да ги подобрат условите за живеење на целата Земја, присутните на самитот во една резолуција со осум точки се заветија дека ќе преземат нешто, меѓу што и следново: „Нема да штедиме напори за да ги ослободиме мажите, жените и децата од мизерните и нечовечни услови на крајна сиромаштија, во кои моментално се наоѓаат преку милијарда луѓе . . . Понатаму, решени сме: До 2015 година да го намалиме за половина бројот на луѓе во светот кои имаат приходи помали од еден долар на ден и бројот на луѓе што гладуваат“.
Каков напредок е направен од септември 2000 година кон остварувањето на оваа благородна цел?
Делата кажуваат повеќе од зборовите
Во 2003 година, Иницијативата за глобална управа при Светскиот економски форум почна да проценува што е направено за да се постигнат целите наведени во Милениумската декларација на Обединетите нации. Во официјалниот извештај, објавен на 15 јануари 2004 година, се вели: „Во поглед на сите поважни цели, светот сосема потфрли да ги направи потребните напори“. Во врска со гладот, во извештајот се вели: „Проблемот не е во тоа што има недостиг од храна во светот — има доволно храна за секого. Проблемот е во тоа што храната што е на располагање не стигнува до оние што немаат пари“.
Во врска со целокупниот проблем со сиромаштијата, во извештајот се вели: „Одговорноста за неубедливото исполнување на ветувањето сега ја сносат главно владите, и богатите и сиромашните. Но, глобалниот економски систем што го креираат богатите, честопати работи против најсиромашните. Богатите земји, и покрај многуте убави зборови, покажуваат мал интерес за реформи во тој систем или за тоа вистински да ја зголемат помошта за развој на најсиромашните земји“. И покрај овој прекор, политичарите и понатаму дебатираат наместо да преземат нешто, а владите и понатаму манипулираат, секоја за своја корист. Во меѓувреме, сиромашните во светот и понатаму се со празен стомак.
Во еден извештај од Светскиот економски форум со наслов „Од желба до чин“, се предупредува дека „огромни региони ќе се соочат со уште поголем глад доколку не се смени меѓународната трговска политика, доколку националната политика не се сосредоточи на проблемот со гладот и доколку нема сѐ повеќе напори што се успешни“. А кој треба да ја подобри политиката и да прави „напори што се успешни“? Истите оние влади што во 2000 година јавно изјавија дека се решени да ја подобрат ситуацијата на целото човештво.
Едно неисполнето ветување води до разочарување; неколку неисполнети ветувања водат до недоверба. Со тоа што не си стојат на зборот да се грижат за сиромашните, светските влади наидуваат на недоверба. Една мајка на пет деца што живее во една сиромашна земја на Карибите, може да обезбеди само еден оброк дневно за своето семејство. Таа вели: „Важно ми е само дали ќе имаме за јадење. Не е важно кој е на власт. Никогаш не сме добиле ништо, сеедно кој е на власт“.
Библискиот писател Еремија вели: „Знам, Господи, дека патот на човекот не е во неговата власт, дека човекот, кој што оди не може да ги управува своите чекори“ (Еремија 10:23). Неуспехот на човечките влади да ги решат проблемите на сиромашните ја потврдува оваа вистина од Библијата.
Но, има еден Владетел кој има и моќ и желба да ги реши проблемите на луѓето, а Библијата ни кажува кој е тој. Кога тој Владетел ќе ја преземе власта, никој повеќе нема да гладува.
Темел за надеж
„Очите на сите се свртени кон Тебе, Ти им даваш храна во право време“ (Псалм 145:15). Кој е тој што се грижи за потребата на човекот од храна? Нашиот Творец, Јехова Бог. Иако човечкиот род веќе илјадници години трпи глад и други проблеми, Јехова секогаш бил заинтересиран за луѓето. Тој гледа дека човечките влади се неуспешни, а неговата непогрешлива Реч, Библијата, покажува дека тој наскоро ќе ги замени со своја влада.
Јехова вели: „Јас го поставив Мојот Цар над Сион, на Мојата Света Гора“ (Псалм 2:6). Оваа објава од оној што има највисока власт во универзумот е причина за надеж. Додека човечките владетели честопати не успеваат да им помогнат на своите поданици, Исус Христос, како Цар поставен од Бог, ќе овозможи благослови какви што најсиромашните луѓе на Земјата никогаш не виделе.
Преку овој Цар, Јехова ќе ги нахрани гладните. „И Господ . . . ќе стави врз таа планина за сите народи трпеза со добри јадења“, се вели во Исаија 25:6 во преводот Свето писмо — издание на Светиот архијерејски синод на Македонската православна црква. Под Божјето Царство во рацете на Христос, луѓето секогаш ќе имаат добра храна, сеедно каде живеат. За Јехова, Библијата вели: „Ти ја отвораш Твојата рака, и наситуваш желбата на сѐ живо“ (Псалм 145:16).
[Истакната мисла на страница 13]
„Развиените земји имаат мрачно досие на неуспеси во Африка кои ја шокираат и ја срамотат нашата цивилизација.“
(Тони Блер, премиер на Велика Британија)
[Слика на страница 12]
ЕТИОПИЈА: Во оваа земја, околу 13 милиони луѓе зависат од помош во храна. Детето што е прикажано погоре е едно од нив
[Слика на страница 12]
ИНДИЈА: Овие ученици добиваат храна на училиште
[Извори на слики на страница 12]
Горе: © Sven Torfinn/Panos Pictures; долу: © Sean Sprague/Panos Pictures