Младите прашуваат . . .
Зошто ме привлекуваат погрешни луѓе?
„Знаев дека не треба да станам премногу блиска со него, но дозволив да се случи тоа. Не ми се веруваше дека некој маж ќе сака да биде со мене“ (Ненси).a
„Отпрвин, сам одев на теренот за возење ролери но, набрзо почнав редовно да се дружам со ‚пријателите‘ што таму ги запознав. Многу брзо и јас почнав да живеам неморален живот“ (Ден).
И НЕНСИ и Ден отпрвин добро стоеле во духовен поглед. Ненси пораснала во богобојазливо семејство и почнала да им ја пренесува својата вера на другите кога имала девет години. Ден стапил во полновремена служба како тинејџер. Сепак, и двајцата претрпеле сериозен неуспех во својот духовен живот. Зошто? Се дружеле со погрешни луѓе.
Дали некогаш си забележал дека те привлекува некој кој, длабоко во себе, знаеш дека лошо ќе влијае врз тебе? Тоа можеби е некој школски другар што се интересира за исти работи како и ти — или дури и некој од спротивниот пол кон кого те привлекуваат романтични чувства.
Веројатно си се сетил на советот од Библијата: „Лошите друштва ги расипуваат корисните навики“ (1. Коринќаните 15:33). Но, зарем сите луѓе што не го обожаваат Јехова се лошо друштво? Што ако некои имаат пријатни, па дури и многу убави особини? А што ако некој е соверник а сепак остава лош пример во духовен поглед? Пред да одговориме на овие прашања, да разгледаме како и зошто може да дојде до таква привлечност.
Што се крие зад привлечноста?
Бидејќи сите луѓе се создадени според Божјиот лик, може и да се очекува дека некои што не го познаваат Јехова сепак да имаат убави особини. Како резултат на тоа, можеби сметаш дека некои луѓе се пристојни, па дури и пријатни, иако не го обожаваат вистинскиот Бог. Дали треба тие луѓе сосема да ги избегнуваме само затоа што не ја знаат библиската вистина? Не, никако. Кога Библијата нѐ советува „да им правиме добро на сите“, тука спаѓаат и оние што не ги делат нашите христијански верувања (Галатите 6:10). Значи, ако внимаваш кога избираш кои ќе ти бидат блиски пријатели, не значи дека треба да се однесуваш како да си подобар од другите (Пословици 8:13; Галатите 6:3). Таквото однесување ќе фрли лошо светло врз твоите христијански верувања.
Меѓутоа, некои млади христијани отишле подалеку отколку само да бидат учтиви; станале многу блиски со лица што малку или воопшто не се интересираат за духовни работи. Ден, кој беше спомнат претходно, станал многу добар во возењето ролери. Луѓето со кои почнал редовно да се дружи на локалниот терен за возење ролери не биле христијани. Малку по малку и Ден, заедно со своите нови „пријатели“, почнал да постапува неморално и да експериментира со дрога. Свесен дека неговиот живот повеќе не е во склад со христијанските верувања, Ден ја оставил службата и престанал да оди на собраниските состаноци. Му требале неколку години за повторно да собере сила и да ги направи потребните промени за да се врати во вистинското обожавање.
На Мелани многу ѝ се допаѓала една соверничка што не стоела добро во духовен поглед. „Ми кажаа дека ѝ треба малку охрабрување и така почнав да се дружам со неа“, објаснува Мелани. Се разбира, Библијата ги поттикнува христијаните да ги ‚поддржуваат слабите‘ (1. Солуњаните 5:14). Но, Мелани почнала да оди со својата нова пријателка по барови, а тамошното друштво ја вовлекло во недолично однесување.
Улогата на семејството
Ситуацијата во семејството може да влијае врз тоа кои луѓе ќе те привлекуваат. Мишел се прашувала зошто секогаш ја привлекуваат момчиња што се емоционално ладни и бесчувствителни. Дошла до заклучок дека ја потсетуваат на татко ѝ со кого никогаш не била блиска и кој никогаш немал време за неа. Таа смета дека толку се навикнала да бара одобрување и внимание од тешко пристаплив маж што несвесно ја привлекувале такви врски.
Спротивно на тоа, некоја млада личност што израснала со родители христијани можеби е љубопитна за тоа како живеат другите, сметајќи дека нејзините родители премногу ја штитат. Сеедно дали е така или не, дали решението е да надоместиш со тоа што ќе се дружиш со ‚пријатели од светот‘? (Јаков 4:4). Да разгледаме што му се случило на Бил.
Иако мајка му уште од дете го поучувала за Библијата, Бил одлучил да не му го предаде животот на Јехова, зашто сметал дека тоа ќе му ја ограничи слободата. Сакајќи самиот да се увери каков е животот надвор од вистинското христијанство, почнал да се дружи со една банда. Се вплеткал со дрога, насилство и криминал. При една потера од полицијата, бил повреден и долги месеци останал во кома. Лекарите мислеле дека најверојатно нема да преживее. За среќа, закрепнал. Но, останал слеп и инвалид. Ја научил лекцијата на потешкиот начин и сега е предаден христијанин. Но, сфатил и дека ако учиш на потешкиот начин, може да имаш последици за цел живот.
Други влијанија
Понекогаш забавните медиуми им даваат идеи на младите каков треба да биде идеалниот пријател. На пример, многу често во книгите, телевизиските програми, во филмовите и музичките спотови јунакот е прикажан како човек што во почетокот е груб или циничен, но кој всушност има многу помеко срце. Се остава впечаток дека луѓето кои изгледаат бесчувствителни и себични, всушност се чувствителни и грижливи. Исто така, преку медиумите може да се нагласи дека еден добар пријател, честопати некој од спротивниот пол, е токму она што е потребно за да ги изнесе таквите особини на површина. Точно, ваквите приказни носат пари. Но, што мислиш, колку често ваквите романтични фантазии се вистина во вистинскиот живот? За жал, некои млади паднале на таквите штетни фантазии и станале пријатели — па дури и се венчале — со себичен, агресивен човек и потоа залудно чекале да се „преобрази“ во чувствителна душа.
Да разгледаме уште една причина зошто некои се привлечени од погрешни луѓе: За себе мислат дека не се привлечни и затоа го прифаќаат речиси секој на кој што изгледа дека му се допаѓаат. Ненси, која беше спомната претходно, знаела дека Библијата вели да се стапува во брак „само во Господ“ (1. Коринќаните 7:39). Сепак, отсекогаш мислела дека не е привлечна и затоа ѝ ласкало кога еден колега, кој немал исти верувања како нејзините, покажал дека е заинтересиран за неа. Почнала да излегува со него и за малку ќе направела сексуален неморал.
Како што покажуваат овие искуства, има многу причини зошто еден млад христијанин можеби ќе биде привлечен од луѓе што лошо влијаат на него — а изгледа има и исто толку многу начини да си најде изговори зошто да склучи блиски пријателства со тие лица. Сепак, таквите пријателства неизбежно имаат тажни, па дури и катастрофални последици. Зошто?
Влијанието на пријателствата
Факт е дека стануваме исти како нашите пријатели. Така оние со кои го минуваме времето имаат силно влијание врз нас. Стихот во Пословици 13:20 покажува дека ова влијание може да биде или добро или лошо: „Дружи се со мудрите, и ќе станеш мудар, а кој другарува со безумниците станува лош“. Како двајца што се возат во ист автомобил, и блиските пријатели неизбежно одат во ист правец и стигнуваат до истото одредиште. Затоа запрашај се: ‚Дали патот по којшто оди мојот пријател води каде што сакам и јас да одам? Дали ќе ме одведе поблизу до моите духовни цели и желби?‘
Мораме да признаеме дека не е лесно да се направи едно такво искрено самоиспитување. Можеби се работи за силни чувства. Но, дали можеш да се потпреш само на чувствата кога избираш пријатели? Можеби си го чул советот што многу често се кажува: „Слушај си го срцето“. Но, во Пословици 28:26 се вели: „Безумен е кој се надева на своето срце“. Зошто? Затоа што „поизмамливо од сѐ е срцето, и е страшно болно“ (Еремија 17:9; Броеви 15:39). Измамливо значи нелојално, неискрено, неверно. Би му верувал ли на некој што е познат како измамник и предавник? Нашето фигуративно срце може да биде лукаво. Според тоа, не мора да значи дека некоја врска е добра за нас само затоа што мислиме дека е.
Многу посигурен водич е Божјата реч. За разлика од твоето несовршено срце, библиските начела никогаш нема да те изневерат или да те разочараат. Како можат да ти помогнат библиските начела да одлучиш дали некој ќе биде добар пријател? И како можеш да спречиш да не направиш катастрофална грешка при изборот на доживотен пријател — брачен другар? Овие прашања ќе бидат одговорени во следниот број на ова списание.
[Фуснота]
a Имињата се сменети.
[Слика на страница 28]
Медиумите можат да влијаат врз тоа како го замислуваме идеалниот пријател