Прекумерно пиење — општествена катастрофа
ПИЕЊЕТО алкохолни пијалаци има две лица: едно весело и едно жално. Умереното пиење може да го весели срцето, вели Библијата (Псалм 104:15). Но, Библијата исто така предупредува дека прекумерното пиење може да нанесе штета, па дури да биде и смртоносно, како каснување од отровна змија (Пословици 23:31, 32). Да ја разгледаме малку подетално високата цена на прекумерното пиење.
„Во саботата, еден пијан возач прегази 25-годишна мајка и нејзиното двегодишно синче . . . Младата жена, која беше во шестиот месец од бременоста, почина во неделата. Нејзиното синче, кое претрпе тешки повреди на главата, е во критична состојба“, извести весникот Le Monde. За жал, ваквите извештаи воопшто не се ретки. Веројатно и Вие познавате некого што бил вклучен во несреќа што се случила поради прекумерно пиење. Секоја година, илјадници луѓе умираат или се повредени во несреќи предизвикани од пијани возачи.
Бројот на жртвите
Низ целиот свет, цената од прекумерното пиење, пресметана во човечки жртви, е огромна. Во Франција, прекумерното пиење е причина број три за смрт, веднаш после ракот и коронарните срцеви заболувања, и од него, директно или индиректно, умираат околу 50.000 луѓе годишно. Според еден извештај направен од француското Министерство за здравје, тоа се „исто толку жртви како кога секоја седмица би се рушеле два до три џамбо-џета“.
Бројот на жртвите од алкохолот е особено голем меѓу младите. Според еден извештај на Светската здравствена организација објавен во 2001 година, алкохолот е главната причина за смрт меѓу европската машка популација на возраст од 15 до 29 години. Се предвидува дека наскоро во некои источноевропски земји, секој трет маж ќе умре од прекумерно пиење.
Насилство и сексуален напад
Алкохолот е причинител и на насилно однесување. Со пиењето човек може да изгуби контрола над себеси и може да почне погрешно да гледа на постапките на другите, со што е посклон да реагира насилно.
Алкохолот е значаен фактор што придонесува за семејно насилство и сексуален напад. Едно истражување спроведено меѓу затворениците во Франција покажа дека алкохолот бил вклучен во две третини од случаите на силување и на непристојно однесување. Списанието Polityka вели дека истражувањата покажуваат дека во Полска, 75 проценти од жените на алкохоличари биле изложени на насилство. Авторите на едно истражување проценуваат дека „пиењето алкохол е поврзано со отприлика двапати поголем ризик од убиство во склоп на сите старосни групи и дека [дури] и луѓето што не пијат а живеат со луѓе што пијат се во поголема опасност да бидат убиени“ (Американско медицинско здружение, Совет за научни работи).
Цената што ја плаќа општеството
На човек му се стемнува пред очи кога ќе се пресметаат финансиските трошоци што општеството ги плаќа за здравствена нега и осигурување, и губитоците поради намалената продуктивност поради несреќи, болест или предвремена смрт. Се вели дека прекумерното пиење ги чини четирите милиони Ирци најмалку една милијарда долари годишно. Изворот што е цитиран во The Irish Times наведува дека оваа сума е еднаква на „цената што треба да се плати за да се изградат една нова болница, еден спортски стадион и да се купи авион за секој владин министер“. Во 1998 година, весникот Mainichi Daily News извести дека економскиот учинок од прекумерното пиење во Јапонија бил „преку шест билиони јени [43 милијарди евра] годишно“. Во еден извештај до Американскиот конгрес стои: „Проценето е дека економскиот трошок од прекумерното пиење само за 1998 година изнесува 184,6 милијарди долари, или приближно 638 долари на секој маж, жена и дете што живееле во Соединетите Држави таа година“. А што е со психолошките трауми со кои се плаќа поради растурените семејства или семејствата што изгубиле некој и поради прокоцканите шанси за образование или кариера?
Не е тешко да се види колкава цена плаќа општеството поради прекумерното пиење. Дали Вашите навики за пиење го доведуваат во опасност Вашето здравје и здравјето на другите? Ова прашање ќе биде разработено во следната статија.