Да се скинат прангите на прекумерното пиење
„Татко ми беше алкохоличар, а и јас тргнав по неговите стапки. На 12 години, веќе пиев. Кога се оженив, секој ден се опивав. Бев насилен; полицијата честопати му доаѓаше на помош на моето семејство. Си го нарушив здравјето. Алкохолот предизвика крвавење во стомакот, кое одвај го преживеав. Потоа добив цироза и анемија. Сакајќи да се откажам од алкохолот, одев во групи за самопомош, но попусто. Се чувствував како да сум фатен во мрежа од која нема излез“ (ВИКТОР,a АРГЕНТИНА).
ПОСТОЈАНО слушаме вакви приказни од луѓе што се фатени во замката на алкохолот. Како Виктор, тие чувствуваат дека се во безизлезна ситуација. Можат ли да се надминат, па дури и да се избегнат, проблемите што ги носи прекумерното пиење? Ако може, како?
Да се признае проблемот
Најпрво, многу е важно лицето што пие и неговите блиски да признаат дека го има тој проблем. Зависноста е само еден мал дел од проблемот. До зависност доаѓа кога подолго време и од навика се пие количина што порано можеби била умерена. Интересно е тоа што поголемиот дел од несреќите, насилството и проблемите во општеството за кои причинител е алкохолот, не ги предизвикуваат луѓе што се зависни од алкохол. Видете што вели Светската здравствена организација (СЗО): „Најдобар начин да се намали бројот на проблемите во општеството што се поврзани со алкохолот е ако напорите се сконцентрираат на тоа да се ограничи пиењето на лицата што пијат умерено, а не на оние што пијат прекумерно“ (Курзивот е од нас). Дали со пиењето ги пречекорувате границите што ги препорачуваат стручњаците на полето на здравјето? Дали пиете во ситуации во кои е потребно да бидете потполно внимателни и брзо да реагирате? Дали Вашите навики на пиење Ви создаваат проблеми дома или на работа? Навистина „најдобар начин“ да се избегнат сериозни проблеми подоцна е ако човек си признае дека количината алкохол што ја пие може да биде опасна и ако потоа ја намали. Многу е потешко да направи промени откако ќе стане зависен.
Вообичаена реакција кај оние што пијат прекумерно е одрекувањето. Тие тврдат: „Јас пијам колку и сите други“ или „Можам да прекинам кога сакам“. „Иако алкохолот за малку ќе ме убиеше, никогаш не се сметав себеси за зависник, затоа никогаш не ни презедов чекори за да прекинам“, вели Константин од Русија. „Многупати се обидов да престанам“, си спомнува Марек од Полска, „но, всушност не си признавав себеси дека сум алкохоличар. Не им придавав значење на проблемите што беа поврзани со алкохолот.“
Како може да му се помогне некому да признае дека има проблем со пиењето и потоа да преземе чекори за да го реши тој проблем? Прво, мора да признае дека проблемите што ги има се последица од прекумерното пиење и дека ако не пие ќе има подобар живот. Како што се вели во La Revue du Praticien—Médecine Générale, тој мора да го промени начинот на размислување — наместо да мисли: „Пијам затоа што жена ми ме остави и затоа што ја изгубив работата“, треба да почне да размислува: „Жена ми ме остави и ја изгубив работата затоа што пијам“.
Ако сакате да му помогнете на еден зависник од алкохол да ја направи оваа промена во мислењето, добро е да ги следите овие предлози: Слушајте внимателно, поставувајте отворени прашања што му дозволуваат слободно да си ги искаже чувствата, покажете сочувствителен став од кој ќе сфати дека некој го разбира, охрабрувајте го дури и ако само малку напредува, немојте да го критикувате или да имате став со кој ќе го спречите да се отвори и да побара помош. Од помош може да биде и ако го замолите да направи два списока — на едниот да ги напише одговорите на прашањето ‚Што ќе се случи ако продолжам да пијам?‘, а на другиот одговорите на прашањето ‚Што ќе се случи ако престанам?‘
Да се побара помош
Ако некој почне прекумерно да пие, тоа не значи дека е безвреден или дека му нема спас. Некои успеваат дури и сами да прекинат со таа навика. Меѓутоа, на некои зависници од алкохол можеби ќе им треба професионална помош за да прекинат.b Кај некои успева амбулантско лекување, но кога симптомите на апстиненцијата се многу јаки, можеби ќе треба да бидат хоспитализирани. Откако ќе поминат физичките симптоми на апстиненција — за што треба од два до пет дена — може да се препише лек што ќе ја намали желбата за алкохол и ќе ја продолжи апстиненцијата.
Меѓутоа, програмите за детоксификација не се гаранција за успех. Лекувањето е само привремена мерка, а не лек. Ален, од Франција неколкупати бил на детоксификација. „Штом ќе излезев од болница, веднаш почнував пак да пијам затоа што се дружев со истите другари со кои пиев заедно. Во суштина, немав исправен мотив за да прекинам“, вели тој.
Да се пополни празнината
Всушност, мнозина не успеваат затоа што апстинирањето од алкохол остава празнина, како да изгубиле близок пријател. „Постојано мислев на пиење“, вели Василиј од Русија. „Денот што ќе ми поминеше без пијалак ми беше бесмислен.“ На еден зависник сите други активности му се подредени на тоа да ја задоволи желбата за алкохол. „Смислата во животот ми беше да пијам и да најдам пари за да пијам“, си спомнува Јиржи од Полска. Очигледно, за да прекине со пиењето, неопходно е алкохоличарот што се лекува да најде нова смисла во животот.
Еден прирачник со совети за оние што се обидуваат да ги променат своите навики на пиење, издаден од СЗО, нагласува дека за да не се вратат повторно на пиењето, многу е важно да имаат смисловни активности. Еден предлог што е даден како пример е да се вклучат во религиозни активности.
Ако човек е зафатен со духовни активности, тоа може да му помогне да се ослободи од стисокот на алкохолот. На пример, откако по трет пат лежел в затвор поради престапи поврзани со пиењето, Ален почнал да ја проучува Библијата со Јеховините сведоци. Тој вели: „Проучувањето на Библијата ми даде смисла во животот и ми помогна да издржам. Мотивацијата не ми беше само да прекинам со пиењето туку и да му угодам на Јехова“.
Справување со криза
Советниците од полето на прекумерното пиење истакнуваат дека за алкохоличарот што се лекува, многу се важни поддршката и поттикот. Мнозина ги изгубиле семејството и пријателите поради нивната бедна состојба. Ако се изолираат поради тоа, можат да паднат во депресија, па дури и да посегнат по својот живот. Прирачникот што беше спомнат претходно го дава следниов совет за оние што му помагаат на некој што има проблем со пиењето: „Трудете се да не го критикувате оној на кого му помагате, дури и ако со своето однесување Ве изнервира или Ве налути. Не заборавајте дека никогаш не е лесно да се променат навиките. Сигурно ќе има и добри и лоши седмици. Потребни му се од Вас охрабрување, поддршката да го намали пиењето или воопшто да не пие и креативни идеи“.
„Она што ми помогна“, раскажува Хиларио, кој пиел речиси 30 години, „беа љубовта и грижата од страна на пријателите од локалното собрание на Јеховините сведоци. Имав многу кризи, но тие секогаш беа покрај мене за да ме храбрат и да ми дадат навремени библиски совети.“
Ако се борите за да се ослободите од стисокот на алкохолот, не заборавајте дека најверојатно ќе имате кризи и дека треба да ги сметате за дел од патот до оздравување. Не се предавајте! Анализирајте што довело до кризата и тоа сознание искористете го за да спречите кризи во иднина. Препознајте кои конкретни ситуации ја поттикнуваат во Вас желбата за алкохол. Дали можеби тоа е досадата, депресијата, осаменоста, кавгите, стресот или, пак, настани и места каде што другите пијат? Откако ќе ги препознаете таквите ситуации, избегнувајте ги! „Научив да ги увидувам и да ги препознавам чувствата што ме тераат да пијам“, вели Јиржи на кого му требале две години за потполно да се откаже од алкохолот. „Сега ги избегнувам сите ситуации што би ме предизвикале да пијам. Не одам на места каде што луѓето пијат алкохол. Не јадам ништо што содржи алкохол, дури избегнувам и производи за нега на телото или лекови што содржат алкохол. Исто така, не гледам реклами за алкохол.“ Мнозина увиделе дека молитвата упатена до Бог за ‚сила која ја надминува нормалната‘ е од основна важност за да го совладаат нагонот за алкохол (2. Коринќаните 4:7; Филипјаните 4:6, 7).
Слобода!
Иако тоа може да биде тешка задача, сепак е можно да се скинат ланците на зависноста од алкохол. Сите лица што беа спомнати во оваа статија успеале во тоа. Сега се поздрави и жнеат благослови и во семејството и во професионален поглед. Ален вели: „Сега сум слободен од стисокот на алкохолот“. Константин изјавува: „Со тоа што го запознав Јехова, си го спасив семејството. Сега имам смисла во животот. Мојата среќа не зависи од алкохолот“. Виктор коментира: „Се чувствувам како слободен човек. Си го повратив достоинството“.
Човек може да направи промени, сеедно дали е во опасност од несреќа поради пиење, дали трпи проблеми поради прекумерно пиење или затоа што е зависник од алкохол. Ако пиењето претставува закана за Вашето здравје и среќа, не колебајте се да ги направите потребните промени. Тоа може да биде за Ваше добро и за доброто на оние што Ве сакаат.
[Фусноти]
a Некои имиња се променети.
b Има многу центри за лекување, болници и програми за лечење од зависности што можат да помогнат. Јеховините сведоци не се залагаат за некое конкретно лекување. Мора да се биде претпазлив за човек да не се вмеша во работи со кои би ги прекршил библиските начела. Но, на крајот на краиштата, секој ќе треба сам да си одлучи какво лекување му треба.
[Слика на страница 10]
Прв чекор е да се признае проблемот
[Слика на страница 11]
На мнозина им е потребна професионална помош за да прекинат
[Слика на страница 12]
Молитвата може да помогне
[Слика на страница 12]
Можете да најдете сила да не пиете