Дојдете со нас да береме печурки!
Од дописникот на Разбудете се! во Република Чешка
МОЖЕБИ многупати сте уживале во нив — можеби на пица или во салата, во супа или во некој сос. Или, пак, сте уживале во нивниот необичен изглед, кој привлекува многу уметници што се специјализирани во правењето илустрации за детски приказни. Но, дали некогаш сте се прашале што е всушност печурката? Што ѝ помага да расте? Кој бере печурки, и како? Да разгледаме.
Обично, печурките лесно се препознаваат. Немаат лисја, немаат цветови, ниту, пак, хлорофил од кој би биле зелени. Затоа, честопати се во впечатлив контраст со зеленилото околу нив. Многу од нив имаат голема шапка сместена на дршката. Но, ги има во разни облици и бои. Има дури и печурки што растат во темно. Печурката е еден вид на габа. Меѓутоа, има различни видови габи што не се навистина печурки, но обично спаѓаат во иста група. На пример, има габи што личат на морски корали. Други видови растат на дрвјата и личат на минијатурни полици за книги.
Што е печурката?
Долго време научниците мислеле дека печурката е посебен и, по малку чуден, вид на растение. Денес, повеќето биолози ги групираат печурките во повисок облик на мувла. Ги издвојуваат како независна група на организми, наведувајќи ги како причина за тоа нивната необична градба на телото, растот и начинот на кој ја примаат храната. Голем број печурки можат да се јадат, а некои имаат дури и лековити својства. Но, некои од нив се халуциногени или, пак, отровни. Научното име за печурките е Mycota или Mycetes. Затоа, научната гранка што ги изучува габите како што се печурките се нарекува микологија.
Чудесната печурка
Како се размножуваат печурките? За науката, тоа долго време било мистерија. Денес, знаеме дека возрасните печурки расфрлаат микроскопски спори, кои потоа ги разнесуваат воздушните струења. Во почвата спорите се претвораат во густа мрежа од влакна наречени мицелиум. Од оваа мрежа расте плодното тело на печурката. Тоа е делот што сме навикнати да го гледаме и да го береме.
За да преживеат, на печурките им требаат разни органски материи. Природно живеалиште на печурките главно се шумите, градините и тревните површини. Главна храна им се болните или мртви дрвја, а на тој начин печурките имаат важна улога во чистењето на шумите. Бидејќи се хранат со остатоците од растенијата, лисјата и гранчиња, помагаат во создавањето на природниот хумус кој ја збогатува почвата. Некои печурки живеат во симбиоза со здравите дрвја; мицелиумот на печурката ги апсорбира водата и хранливите материи и дел од нив пренесува во растението. Растението, пак, ѝ возвраќа на печурката така што ја храни.
На печурките им треба и влага и топлина. Затоа никнуваат по летен дожд. Во поволни услови, некои видови можат преку ноќ да ја достигнат својата максимална големина. На еден вид му требаат само 10 до 14 дена за да достигнат дијаметар од 50 сантиметри. Други видови се истакнуваат со својот животен век. Мицелиумот од кој расте телото на печурката може да живее со векови. А, според некои податоци, габите што образуваат лишаи можат да живеат и до 600 години.
Посебна карактеристика на некои видови печурки или на некои од нивните роднини — тартуфите, на пример — е нивниот јак мирис. Затоа кучињата можат да ги намирисаат на оддалеченост од 6 метри, иако целото плодно тело расте под земја.a
Кој бере печурки?
Со векови луѓето берат печурки на многу места. Денес, во некои региони во западна Европа и во Северна Америка берењето печурки е работа само на професионалци кои потоа им ги продаваат на трговците. За разлика од таму, аматерското берење печурки е популарна традиција во централна и источна Европа. За печурките не се интересираат само луѓето што живеат на село. Многу жители од градовите сакаат да ги минуваат викендите во шумите берејќи печурки. Тоа го прават за да се опуштат и физички и умствено — а и за да си го подобрат менито. Како се берат печурки?
Берачите обично почнуваат рано наутро, кога печурките се свежи. Полека се движат низ шумата и бараат низ тревата, мовта или дрвјата на кои обично растат печурките. Носат отпорна облека и издржливи чевли или чизми, а во ранецот си носат мантил за дожд во случај ненадејно да заврне. Берачите на печурки ја почитуваат природата и затоа се трудат да не ја оштетат околината, па дури и се трудат да бидат што е можно потивки за да не ги вознемират животните.
Гледајте! Еден берач најде печурка. Се наведнува и без да ја допре ја испитува за да види дали се јаде. Ги испитува само целосно развиените печурки зашто само за нив може да биде апсолутно сигурен од кој вид се. Откако ќе се увери, нежно ја фаќа за дршката — но никогаш за шапката — и ја искорнува од земјата. Веднаш ја чисти од налепената земја или ѓубре и ги отсекува сите оштетени делови или деловите што се нагризани од црви. Сѐ што ќе исече од печурката го покрива со мов или со почва. Исчистената печурка ја става во својата кошница. Не ги става печурките во најлонско ќесе, ниту во кутија, зашто во тој случај ќе почнат да ферментираат и ќе се расипат уште пред да ги однесе дома.
Берењето печурки може да биде и убава групна активност. Еден христијански проповедник вели: „Прво одиме во служба како група, но кога ќе завршиме, сакаме да сме заедно и да се дружиме. Понекогаш едноставно одиме во блиската шума и береме печурки заедно. Додека ги бараме, си раскажуваме што ни се случило во службата и сите си поминуваме убаво“.
Приготвување на печурките
Печурките се користат за разни намени во готвењето. Некои се многу вкусни и можат да бидат важен дел од оброкот. На пример, многу луѓе сакаат да ја испржат шапката од големата портобело печурка и да ја јадат како бифтек, или сакаат да исечкаат обични печурки и да ги пропржат заедно со зеленчук. Лутникавите видови печурки можат да се користат за да го подобрат вкусот на многу јадења. Ако доволно се исушат на топлина, печурките можат да се користат и како диетална или здрава храна. Некои видови се ценети поради протеините, витамините и минералите што ги содржат.
Печурките лесно се расипуваат. Затоа, треба да се приготват дента кога се набрани. Според стручњаците, доколку не се чуваат исправно, печурките за јадење можат да станат прилично отровни. Ако не сакате веднаш да ги јадете печурките, можете да ги исушите или да ги стерилизирате. На тој начин, преку целата година ќе можете да ги користите за да си ја зачините храната. Повеќе детали можете да најдете во книгите за берење печурки.
Потребна е претпазливост
Ако никогаш не сте береле печурки, а сакате да пробате, многу е важно да почнете со внимателно истражување. Дознајте кои неотровни а кои отровни печурки растат во околината каде што живеете. Научете да ги препознавате. Можеби ќе биде добро и да се посоветувате со некои стручни лица, на пример со фармацевт, аптекар или миколог. Никогаш немојте да берете печурка само затоа што е убава или затоа што мириса убаво. Ако не сте сосем сигурни за некоја печурка, не берете ја! Доволна е само една отровна печурка за да го расипе јадењето, па дури да го направи и опасно. Ако, откако сте јаделе јадење со печурки, почне да Ви се лоши или ако почне да Ве боли главата, веднаш посоветувајте се со лекар.
Сеедно дали ќе пробате да берете печурки или не, секогаш можете да ѝ се восхитувате на нивната убавина. Таа можеби ќе Ве потсети дека овие сложени, важни и чудесни творби не дошле тука случајно. Како и другите чуда на природата, и тие даваат доказ за постоењето на еден мудар Творец полн со љубов (Битие 1:11-13; Псалм 104:24).
[Фуснота]
a Во ловот на тартуфи се користат специјално обучени кучиња и свињи. Во споредба со обичните печурки, тартуфите се многу скапи.
[Слика на страница 19]
Смрчка
[Слика на страница 19]
Шиитаке
[Слика на страница 19]
Портобело
[Слика на страница 19]
Кремини