Ја дознав библиската вистина во Романија
РАСКАЖАЛА ГОЛДИ РОМОЧИЈАН
Во 1970 година, за првпат после скоро 50 години ги посетив членовите на семејството во Романија. Луѓето живееја под еден угнетувачки комунистички режим, а јас постојано бев предупредувана да внимавам што зборувам. Тогаш, додека стоев во месната канцеларија во нашето родно село, службеникот ме натера веднаш да ја напуштам земјата. Пред да објаснам зошто, дозволете ми да кажам како ја дознав библиската вистина во Романија.
РОДЕНА сум на 3 март 1903 година во селото Ортелек во северозападна Романија, близу градот Залау. Живеевме во една прекрасна околина. Водата и воздухот беа чисти. Сами си ја произведувавме храната и ништо не ни недостигаше во материјален поглед. Во моите рани години, земјата беше во мир.
Луѓето беа многу религиозни. Всушност, нашето семејство припаѓаше на три различни религии. Едната моја баба беше ортодоксна католичка, другата адвентистка, а моите родители беа баптисти. Поради тоа што не се сложував со ниедна од нивните религии, моето семејство рече дека јас ќе станам атеистка. ‚Ако има еден Бог‘ — си мислев — ‚треба да има само една религија, а не три во едно семејство.‘
Работите што ги видов во религијата ме вознемируваа. На пример, свештеникот ги посетуваше домовите за да собира црквена такса. Кога луѓето немаа пари за да му дадат, тој како надоместок ги земаше нивните најдобри волнени ќебиња. Во Католичката црква ја набљудував баба ми како клечи за да се моли пред една слика на Марија. ‚Зошто да се моли на една слика?‘— си мислев.
Немирни времиња
Во 1912 година, татко ми отиде во Соединетите Држави да заработи пари за да отплати еден долг. Кратко потоа избувна војна и мажите од нашето село заминаа да се борат — останаа само жени, деца и старци. Едно време, нашето село се најде под унгарска власт, но потоа романските војници се вратија и повторно го освоија селото. Ни наредија веднаш да заминеме. Меѓутоа, во трчаницата и збрката да ги спакуваат пљачките и да ги стават малечките во една воловска кола, мене ме оставија. Знаете, бев најстара од петте деца.
Отрчав кај еден сосед, еден стар човек кој беше заостанал, и тој рече: „Оди дома. Да ја заклучиш вратата и да не пушташ никого“. Јас брзо послушав. Откако јадев малку пилешка супа и сарма, што беа оставени во итањето пред заминување, клекнав до мојот кревет и се помолив. Набргу, цврсто заспав.
Кога ги отворив очите, беше дење и си реков: „О, ти благодарам Боже! Жива сум!“ Ѕидовите беа полни со дупки од куршуми, бидејќи имало пукање цела ноќ. Кога мајка ми увидела дека не сум со нив во соседното село, го испратила младиот Жорж Ромочијан, кој ме пронајде и ме зеде назад. Набргу, можевме да се вратиме во нашето родно село и да продолжиме да живееме таму.
Мојата желба за библиската вистина
Мајка ми сакаше да бидам крстена како баптистка, но јас не сакав да го сторам тоа, бидејќи не можев да верувам дека еден Бог полн со љубов засекогаш би ги горел луѓето во пекол. Обидувајќи се да ми објасни, мајка ми рече: „Па, ако се лоши“. Но, јас одговорив: „Ако се лоши, убиј ги, ама немој да ги мачиш. Јас не би мачела ни куче ни маче“.
Се сеќавам дека еден прекрасен пролетен ден, кога имав 14 години, мајка ми ме испрати да ги одведам кравите на паша. Додека лежев на тревата покрај една река, со шума во позадината, погледнав во небото и реков: „Боже, знам дека ти си таму; но, не сакам ниедна од овие религии. Ти мора да имаш една добра“.
Навистина верувам дека Бог ја чу мојата молитва, бидејќи истото тоа лето во 1917 година, во нашето село дојдоа двајца Истражувачи на Библијата (како што тогаш беа наречувани Јеховините сведоци). Тие беа колпортери, односно полновремени министри, и дојдоа во баптистичката црква додека се одржуваше служба.
Библиската вистина се шири во Романија
Неколку години пред тоа, во 1911, Карол Сабо и Јосиф Кис, кои станале Истражувачи на Библијата во Соединетите Држави, се вратиле во Романија за да ја претстават таму библиската вистина. Се населиле во Тиргу-Муреш, скоро 160 километри југоисточно од нашето село. За неколку години, дословно стотици луѓе се оѕваа на пораката за Царството и започнаа со христијанската служба (Матеј 24:14).
И така, кога двајцата млади Истражувачи на Библијата дојдоа во баптистичката црква во нашето село Ортелек, Жорж Ромочијан, иако имаше само 18 години, ја водеше службата и се обидуваше да го објасни значењето на стихот од Римјаните 12:1. Најпосле, еден од младите колпортери стана и рече: „Браќа, пријатели, што се обидува апостол Павле да ни каже овде?“
Кога го чув тоа, бев толку восхитена! Си помислив: ‚Овие луѓе сигурно знаат да ја објаснат Библијата‘. Но, повеќето од присутните извикаа: „Лажни пророци! Знаеме кои сте вие!“ Уследи врева. Но, тогаш стана татко му на Жорж и рече: „Замолкнете сите! Каков е овој дух — дух кој потекнува од шише? Ако овие луѓе имаат нешто да ни кажат а вие нејќете да слушате, јас ги поканувам кај мене дома. Секој кој сака да дојде е добредојден“.
Восхитена, отрчав дома и ѝ кажав на мајка ми што се случило. Јас бев една од оние кои ја прифатија поканата во домот на Ромочијан. Колку само бев возбудена таа вечер кога дознав од Библијата дека не постои огнен пекол и кога во мојата сопствена романска Библија го видов Божјето име — Јехова! Колпортерите договорија еден Истражувач на Библијата секоја недела да го посетува домот на Ромочијанови за да нѐ поучува. Следното лето, кога имав 15 години, се крстив во знак на моето предание на Јехова.
Со текот на времето, практично целото семејство Продан, како и семејството Ромочијан, ја прифатија библиската вистина и му ги предадоа своите животи на Јехова. Многу други од нашето село го сторија истото, вклучувајќи ја и младата брачна двојка чијшто дом претходно служеше како баптистичка црква. Потоа, домот го претворија во место за состанување на Истражувачите на Библијата заради проучување. Библиската вистина брзо се ширеше во блиските села, а до 1920 година, во Романија имаше околу 1.800 објавители на Царството!
Кон Соединетите Држави
Бевме желни она што го имавме научено да го споделиме со татко ми, Петер Продан. Но, за чудо, пред да можеме да му пишеме, самите добивме писмо од него во кое ни кажуваше дека станал крстен слуга на Јехова. Проучувал со Истражувачите на Библијата во Акрон (Охајо) и сакаше сите ние да му се придружиме во Соединетите Држави. Меѓутоа, мајка ми одби да ја напушти Романија. И така, во 1921 година, со помош на парите што ми ги беше испратил татко ми, јас му се придружив во Акрон. Жорж Ромочијан и брат му веќе се беа преселиле во Соединетите Држави претходната година.
Кога пристигнав со брод на островот Елис (Њујорк), службеникот за имиграција не знаеше како да го преведе на англиски моето име Аурелија, па рече: „Ти си Голди“. Оттогаш, тоа е моето име. Кратко потоа, на 1 мај 1921 година, Жорж Ромочијан и јас се венчавме. По околу една година, татко ми се врати во Романија и во 1925 година ја доведе во Акрон мојата помлада сестра, Мери. Потоа татко ми се врати во Романија за да биде со мајка ми и со останатите од семејството.
Нашата рана служба во Соединетите Држави
Жорж беше многу лојален, оддаден слуга на Јехова. Помеѓу 1922 и 1932 година, бевме благословени со четири слатки ќерки — Естер, Ен, Голди Елизабет и Ајрин. Во Акрон беше основано романско собрание, и во почетокот состаноците се одржуваа во нашиот дом. На крајот, еден претставник од светското главно седиште на Истражувачите на Библијата во Бруклин (Њујорк) го посетуваше нашето собрание на секои шест месеци и притоа престојуваше кај нас.
Многу недели посветувавме по цел ден на делото на проповедање. Ги пакувавме нашите ташни и ручекот, ги качувавме девојчињата во нашиот Форд модел Т и го поминувавме денот проповедајќи во селско подрачје. Потоа, навечер присуствувавме на студијата на Стражарска кула. Нашите девојчиња го засакаа делото на проповедање. Во 1931 година бев присутна во Колумбус (Охајо) кога Истражувачите на Библијата го усвоија своето карактеристично име — Јеховини сведоци.
Исправка што ми беше потребна
Неколку години подоцна, му се налутив на Џозеф Ф. Ратерфорд, тогашниот претседател на Watch Tower Bible and Tract Society. Еден нов Сведок мислеше дека братот Ратерфорд постапил неправедно спрема него со тоа што не го ислушал до крај. Мислев дека брат Ратерфорд не беше во право. И така, една недела дојдоа да нѐ посетат сестра ми Мери и нејзиниот сопруг Дан Пеструи. Откако вечеравме, Дан рече: „Ајде да се спремиме за на состанок“.
„Ние повеќе не одиме на состаноци“ — реков јас. „Лути сме му на брат Ратерфорд.“
Дан ги прекрсти рацете отпозади и чекореше ваму-таму, па рече: „Дали ти го познаваше брат Ратерфорд кога се крсти?“
„Се разбира дека не“ — одговорив. „Знаеш дека сум крстена во Романија.“
„Зошто се крсти?“ — праша тој.
„Затоа што дознав дека Јехова е вистинскиот Бог, и сакав да му го предадам својот живот за да му служам“ — одговорив.
„Никогаш да не го заборавиш тоа!“ — одговори тој. „Што ако брат Ратерфорд ја напушти вистината, дали и ти ќе ја напуштиш?“
„Никогаш, никогаш!“ — реков јас. Тоа ме освести, и реков: „Сите да се спремат за состанок“. И оттогаш не сме престанале. Колку само му бев благодарна на Јехова за исправката полна со љубов што ја добив од зет ми!
Да се излезе на крај за време на Депресијата
За време на Депресијата во 1930-тите години, времињата беа тешки. Еден ден, Жорж си дојде дома од работа многу потиштен, известувајќи ме дека е отпуштен од својата работа во фабриката за гума. „Не грижи се“ — реков јас — „имаме богат Татко на небото, и тој нема да нѐ остави.“
Истиот ден, Жорж се сретнал со еден пријател кој имал голема кошница со печурки. Кога Жорж дознал каде неговиот пријател ги набрал, си дојде дома со еден ваган печурки. Потоа ги потроши нашите последни три долара на помали кошнички. „Како само можеше да го сториш тоа“ — прашав — „кога имаме девојчиња на кои им треба млеко?“
„Немај гајле“ — одговори тој — „само прави како што ти велам.“ Следните неколку седмици имавме мала фабрика во нашата куќа, чистејќи и пакувајќи печурки. Им ги продававме на подобрите ресторани и донесувавме дома по 30 до 40 долари дневно — вистинско богатство за нас во тоа време. Фармерот кој ни даде дозвола да ги собираме печурките од неговото пасиште, рече дека таму живее 25 години и дека никогаш немал видено толку многу печурки. Набргу, фабриката за гума го повика Жорж назад на работа.
Ја одржуваме нашата вера
Во 1943 година, се преселивме во Лос Анџелес, а четири години подоцна се населивме во Елсинор. Таму отворивме бакалница, и целото наше семејство наизменично работеше во неа. Во тоа време, Елсинор беше мало гратче со околу 2.000 жители и моравме да патуваме 30 километри до еден друг град на нашите христијански состаноци. Колку само бев среќна кога во 1950 година видов како во Елсинор се формира едно мало собрание! Сега во истото подрачје има 13 собранија.
Во 1950 година, нашата ќерка Голди Елизабет (која повеќето ја знаат како Бет) дипломираше на Библиската школа Гилеад на Watchtower во Саут Ленсинг (Њујорк) и беше доделена во Венецуела како мисионерка. Во 1955 година, нашата најмала ќерка Ајрин беше среќна што нејзиниот сопруг беше поканет да служи како патувачки министер во покраинското дело. Потоа, во 1961 година, откако во Саут Ленсинг (Њујорк) ја посетија Школата за служба за Царството, беа испратени во Тајланд. Понекогаш толку многу ми недостигаа моите ќерки што плачев, но тогаш ќе си помислев: ‚Токму тоа и сакав да го сторат‘. И така, ќе ја грабнев мојата ташна и ќе отидев во делото на проповедање. Секогаш се враќав дома среќна.
Во 1966 година, мојот драг сопруг Жорж имаше мозочен удар. Бет, која се беше вратила од Венецуела поради здравствени проблеми, помагаше околу грижата за него. Следната година Жорж почина, а јас бев утешена од фактот дека тој му остана верен на Јехова и дека ја доби својата небесна награда. Потоа, Бет замина за Шпанија за да служи таму каде што потребата од проповедници на Царството беше поголема. Мојата најстара ќерка, Естер, се разболе од рак и умре во 1977 година, а во 1984 година Ен умре од леукемија. Целиот свој живот обете му беа верни слугинки на Јехова.
Пред да умре Ен, Бет и Ајрин се беа вратиле од своите странски доделби за проповедање. Тие помагаа околу грижата за своите сестри, и сите ние длабоко жалевме. После некое време, на моите девојки им реков: „Во ред, доста беше! Ги тешевме другите со скапоцените библиски ветувања. Сега мораме да си дозволиме и самите да бидеме утешени. Сатана сака да ни ја одземе радоста во службата за Јехова, но не смееме да му го дозволиме тоа!“
Нашето верно семејство во Романија
Во 1970 година, сестра ми Мери и јас го направивме тоа незаборавно патување за да го посетиме нашето семејство во Романија. Една од нашите сестри беше умрена, но можевме да ги посетиме нашиот брат Џон и нашата сестра Лодовика, кои сѐ уште живееја во селото Ортелек. Уште пред нашата посета, татко ми и мајка ми беа умрени, останувајќи му верни на Јехова. Мнозина ни рекоа дека татко ми бил столб во собранието. Дури и некои од неговите правнуци во Романија сега се Сведоци. Посетивме и многу роднини од страната на мојот сопруг кои беа останале непоколебливи во библиската вистина.
Во 1970 година, Романија беше под суровиот комунистички режим на Николае Чаушеску, а Јеховините сведоци беа злобно прогонувани. Флоре, синот на брат ми Џон, како и други мои роднини, поминале многу години во концентрациони логори поради својата христијанска вера, меѓу кои и Габор Ромочијан, прв братучед на мојот сопруг. Не е ни чудо што, кога ни доверија да пренесеме пошта до главното седиште на Јеховините сведоци во Њујорк, нашите романски браќа рекоа дека нема да седат мирни сѐ додека не чујат дека безбедно сме излегле од земјата!
Кога сфативме дека ни истекле визите, отидовме во месната канцеларија во Ортелек. Беше петок попладне и имаше само еден службеник на должност. Кога дозна кого сме го посетувале и дека нашиот внук бил во концентрационен логор, рече: „Госпоѓи, излегувајте оттука!“
„Но, денес нема воз“ — одговори сестра ми.
„Тоа не е важно“ — рече тој непопустливо. „Земете автобус. Земете воз. Земете такси. Одете пешки. Само излегувајте оттука што побргу!“
Кога тргнавме да си одиме, нѐ викнаа назад и нѐ информираа дека некој непланиран воен воз поминувал во 18 часот. Каква само среќа беше тоа! На еден редовен воз, нашите документи често би биле проверувани, но бидејќи овој воз носеше воен персонал, а ние бевме единствените два цивила во возот, никој не ни ги побара пасошите. Можеби си претпоставуваа дека сме баби на некои од офицерите.
Следното утро пристигнавме во Темишвар и, со помош на пријателот на еден роднина, можевме да ги добиеме нашите визи. Следниот ден бевме надвор од земјата. Дома со нас донесовме многу драги и незаборавни спомени од нашите лојални христијански браќа и сестри од Романија.
Во годините по нашата посета во Романија, слушавме малку детали за проповедничката активност зад Железната завеса. Сепак, бевме уверени дека нашите христијански браќа и сестри ќе му останат лојални на нашиот Бог — макар што и да биде. И тие секако останаа лојални! Колку само беше радосно да се дознае дека во април 1990 година, Јеховините сведоци беа законски признаени како религиозна организација во Романија! Следното лето бевме восхитени од извештаите во врска со конгресите што се одржаа во Романија. Па, во осум градови присуствуваа преку 34.000 лица и се крстија 2.260! Сега во Романија има над 35.000 лица кои учествуваат во делото на проповедање, а минатата година на Меморијалот на Христовата смрт присуствуваа 86.034 лица.
Вистината сѐ уште ми е драгоцена
Неколку години бев престанала да земам од симболите на Меморијалот. Набљудував многу способни браќа кои не земаа, па си мислев: ‚Зошто Јехова мене би ми ја дал предноста да бидам сонаследник со неговиот Син на небото кога другите се такви речити говорници?‘ Но, кога не земав, се чувствував многу вознемирено. Беше исто како да отфрлам нешто. После многу проучување и преколнување во молитва, повторно почнав да земам. Мирот и радоста ми се вратија и никогаш не ме напуштија.
Иако повеќе не можам да читам, секој ден слушам касети со Библијата и со списанијата Стражарска кула и Разбудете се! Исто така, сѐ уште учествувам во делото на проповедање. Обично, секој месец давам меѓу 60 и 100 списанија, но во минатиот април, кога имавме посебна кампања со списанието Разбудете се! дадов 323. Со помошта на моите ќерки, во можност сум да учествувам во Теократската школа за проповедање. Среќна сум што можам и понатаму да ги охрабрувам другите. Скоро сите во Салата на Царството ме викаат „Бабо“.
Кога ќе се осврнам на скоро 79 години оддадена служба на Јехова, секој ден му благодарам што ми дозволи да ја дознам неговата драгоцена вистина и да го употребам својот живот во неговата служба. Толку сум благодарна што го доживеав исполнувањето на прекрасните библиски пророштва кои го претскажале собирањето на Божјите лица слични на овци во овие последни денови (Исаија 60:22; Захарија 8:23).
[Слика на страница 23]
Сестра ми Мери и татко ми стојат, јас, Жорж и нашите ќерки Естер и Ен
[Слика на страница 24]
Со моите ќерки Бет и Ајрин, сопругот на Ајрин и нивните две момчиња, кои сите верно му служат на Јехова